ЧУДО ВО МАНАСТИРОТ „СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН“ НА ВРВОТ ПАНДЕЛЕ, КАЈ СЕЛОТО ПОЛЧИШТЕ, МАРИОВО ПРИЛЕПСКО

Жителите на селото Полчиште во Мариово, Прилепско, оние малкумина, кои сè уште живеат во селото и поранешните, кои не ги забораваат своите корени, последниве децении постигнуваат чуда на врвот Панделе каде, на надморска височина од 1344 метри е лоциран манастирот „Св. Пантелејмон“. Иако до манастирот води лош планински пат, тие усепаја да изградат објекти, кои можат да се споредат со слични и во градовите. Во почетокот, пред неколку децении, на врвот носеа материјал со добиток и изградија една зграда со приземје и кат, а во следниот период изградија уште една зграда, која денес претставува сала за пречекување на гостите, со капацитет од 200 и повеќе гости. Ги обновија и двете црковни градби, ги опремија со живопис и продолжуваат со уредување на просторот во дворот на манастирот и околу градбите. Оваа година го поплочија целиот простор меѓу црквите и зградите и го прославија празникот „Св. Пантелејмнон“ на комплетно уреден простор. 

„Панделе“ од запад

                Имајќи ги предвид природните услови во кои се наоѓа манастирот, со споменатата надморска височина, како и планинскиот пат, кој води до местото, ваквите успеси на Одборот на манастирот и на жителите од ова село се вистинско чудо. Се разбира, ова чудо тие му го припишуваат на нивниот заштитник, св. Пантелејмон, кој им дава сила и слога, но и сè друго што е потребно за постигнување на ваквите резултати.

Од амбиентот на прославата на празникот „Св. Пантелејмон“

                Оваа година, членовите на Одборот, како и верниците – гости, кои дојдоа на прославата на празникот, кој е на 9 август, беа сведоци на уште едно, своевидно чудо. Имено, на традиционалната празнична лицитација, меѓу подароците се најдоа и две тегли мед од непознат пчелар (веројатно од овој крај). Дарувањето мед е, вообичаена работа и, секако не е чудо, но присутните беа сведоци на еден несекојдневен настан, кога лицитаторот ја извади првата тегла мед и ја понуди за откуп. Цената на теглата мед многу брзо растеше, со појавување на голем број „лицитатори“ и достигна, неверојатни, 55.000,оо денари. По таа цена беше продадена првата тегла мед, а бидејќи беше достигната таква цена, по иста цена беше откупена и втората. На тој начин, две тегли мед беа продадени за неверојатни 110.000,оо денари.

Една од теглите со мед 3

                Првата тегла ја откупи, Симон Журов, гостин од Австралија, кој има потекло, токму од селото Полчиште, а втората тегла мед ја откупи гостин од селото Лагово, Прилепско, кој бил учесник и во активностите за уредување на манастирот.

Една од теглите со мед

Високи цени беа постигнати и за други подароци, како на проимер, еден литар масло за 600,оо ден., но вистинското чудо беше постигнато со теглите мед. Членовите на Одборот и ова чудо му го припишуваат на својот заштитник, св. Пантелејмон, а тоа им дава дополнителна верба и сила за да продолжат со натамошната изградба и уредување на целиот простор со кој располага манастирот. За тоа дека овој манастир е еден од ретките со ваква местоположба и е редок божји дом, ќе се уверите и самите уште со првата посета.

Калин Чапоски, еден од постарите старешини на Одборот во манастирот

Самиот престој на ова место е, исто така, своевидно чудо и задоволство, кое не може да се опише со обични зборови. Ние, на ова место, ќе ви понудиме да проследите уште два прилога, кои му ги посветивме на манастирот и самиот врв, Панделе, кој се наоѓа западно од повисокиот врв Козјак, расположен меѓу двете македонски области, Мариово и Меглен, денес на линијата на разграничување меѓу нашата држава Македонија и Грција. Еве ги линковите за двата прилога:  (https://www.pelagon.mk/2020/06/27/ и https://www.pelagon.mk/2019/08/11/)

Најмладите беа присутни на прославата