СЕЛОТО ЗАБРЧАНИ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ И НЕПОБЕДЛИВИОТ ФУДБАЛСКИ КЛУБ „КАДИЦА“

Пелагон е портал кој се занимава со историјата и културата на Пелагонија, Мариово и Прекурид, но и на Македонија и Медитеранот. Темите поврзани со спортот, особено фудбалот не се наша преокупација, но бевме предизвикани да проследиме еден спортски настан од Пелагонија, односно, натпреварот меѓу два фудбалски клубови, „Кадица“ од селото Забрчани и фудбалскиот клуб „Црвена Ѕвезда“ од селото Сенокос. Предизвикот следеше по добивањето на информацијата дека оваа година „Кадица“ е неприкосновена екипа во општинската А-лига, односно, до денес нема загубено ниту еден натпревар, а до крајот ѝ останува уште еден дуел со екипата на „Ултрас“ од Прилеп.

КРАТКИ ИСТОРИСКИ БЕЛЕШКИ ЗА СЕЛОТО ЗАБРЧАНИ И ОБЛАСТА ВО КОЈА Е РАСПОЛОЖЕНО

            Ќе започнеме со неколку пократки информации со кои располагаме за селото Забрчани, денес во општина Долнени. Тоа е оддалечено 14 километри од Прилеп, се наоѓа северозападно од градот, а до него се доаѓа преку селата Мажучиште и Мало Мраморани. Ако се продолжи по истиот пат се стигнува до селото Дупјачани, па до селото Небрегово и на крај селотоДреновци. Десно од селото Дупјачани, по неколку километри земјен пат, се стигнува до Горно Село. Целиот простор во кој се распоредени споменатите села го „обележува“ високиот и шилест Златоврв, во чие подножје е расположено старото светилиште, со денешниот храм „Успение на Пресвета Богородица  Трескавец“, а во околината ја заобиколуваат помалите ридови, дел од големата планина Бабуна, врвот Липа, врвот Единак, планината Мукос, врвот Лута, кои се од југоисточната, источната и северната страна, како и ридот Негрее од јужната страна. Малку повнатре, се ридот Голем и Мал Сурун и Орлов Камен, кои се на потегот меѓу двете села, Горно Село и Дупјачани. Просторот кон запад е отворен со широка рамнина.

Полето меѓу селата Забрчани и Горно Село со Златоврв

            Селото Забрчани се наоѓа на северозападната страна на ридот Негрее или Мраморски Рид и на западното подножје на помалиот рид Ричката, од кој еден дел е познат како „Попоа Капица“, на кој биле забележани остатоци од стара култура, па и остатоци од тврдина. (Археолошка карта на Република Македонија) Според нашите податоци, најстаро споменување на селото се наоѓа во Кодикот на манастирот „Трескавец“,кој потекнува од 16 до 18 век. Во него Забрчани е споменато на повеќе места, со имиња на дарители на манастирот од ова село. Овие податоци говорат дека селото постои, веќе неколку векови, а сведоци за тоа се и двата локалитети, еден со остатоци од црква и еден локалитет познат како Манастириште. (Археолошка карта на Република Македонија) На едно место во кодикот се споменуваат имињата: Афета, Јована, Степан и Младен. (Славица Николовска, Кодикот на манастирот Трескавец, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, Том 4, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 232) На второ место селото Забрчани се споменува 4 пати и притоа се запишани поголем број имиња на жители на селото, како и тоа што подариле на манастирот за помен или за здравје. Меѓу подароците се споменуваат: шилеже, овца, коза, јунче, пченица, вино и други слични подароци. (Славица Николовска, Кодикот на манастирот Трескавец, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, Том 4, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 280, 281)

Ритчето познато како „Ричката“ кај Забрчани

            Иако има уште многу то да се пишува за историјата и културата на селото Забрчани, како и за жителите, односно, семејставата кои живеат, живееле или потекнуваат од ова село, овде ќе споменеме само уште еден голем настан од Велигден 1903 година. Тое е една голема битка на чета од 16 комити на чело со војводата Христо Оклев – Попето со 2200 турски аскер. Четата дошла на гости кај семејството Апостоловци, кои биле соработници на Организацијата и од него имало и комити. Четата била предадена и приморана на битка. Битката била водена на ридот, Ричката, од источната страна на селото каде биле лоцирани комитите, а кој бил заобиколен од аскерот. За чудо, ниту еден од комитите не загинал и сите успеале де се провлечат низ обрачот оставајќи зад себе голем број убиени турски војници. (Тренчо Димитриоски, Една голема битка на војводата Христо Оклев – Попето кај селото Забрчани, општина Долнени, pelagon.mk, 9 април, 2020)

ДУЕЛОТ МЕЃУ „КАДИЦА“ ОД ЗАБРЧАНИ И „ЦРВЕНА ЅВЕЗДА“ ОД СЕНОКОС – НАЈСТАРИОТ ФУДБАЛЕР ОД ОВОЈ ПРОСТОР И НАЈДОБРИОТ ГОЛМАН

            Со помала екипа од Прилеп, на 13 ноември Пелагон беше дел од навивачите и го проследивме натпреварот на стадионот во селото Забрчани со „Црвена Ѕвезда“ од Сенокос, кој заврши со победа на „Кадица“ од 4:0. Натпреварот се одигра во релативно спортска атмосфера, со повеќе возбудливи моменти, особено кога играчите на едната или другата екипа беа пред головите на нивниот ривал. Гостите од Сенокос, иако имаа неколку успешни пробиви до голот на „Кадица“, не успеаја да ја затресат мрежата, додека фудбалерите на „Кадица“, кои се покажаа многу подобри во меѓусебната соработка на теренот, како и во фудбалските вештини, постигнаа 4 гола, и тоа, два во првото и два во второто полувреме.

Излегување на фудбалскиот терен

            По натпреварот следеше мала прослава во продавницата ПИСАР „Комерц“ во соседното село Дупјачани. Тука ги добивме основните информации за историјатот на фудбалскиот клуб „Кадица“, кој има долга историја на учество во фудбалот на Македонија бидејќи е формиран уште во 1965 година и, оттогаш до денес, континуирано е присутен во македонскиот фудбал и е една од попознатите екипи во општинската лига на Прилеп.

Стадионот

            Особено интересен беше разговорот со еден од најстарите жители на селото Дупјачани, Драган Белокоски, кој е роден 1936 година и играл фудбал во младите години, уште пред формирањето на клубот „Кадица“, а учествувал во формирањето и почетоците на овој клуб. Тој упатува на тоа дека во негово време, особено по педесеттите години на минатиот век, повеќе села од околината имале свои клубови и меѓусебно се натпреварувале во рамките на Долненската лига. Во 1965 година се родила инцијатива за формирање на клуб „Кадица“, како што се викала и тогашната задруга во селото, чиј директор бил Трајче Трифуновски. Тогаш го побарале Драган Белокоски да се ангажира за обезбедување фудбалери и формирање на екипата. Оттогаш започнува долгата  фудбалска историја на овој клуб, до денес, кога „Кадица“ е пред освојување на првото место во лигата.

ФК „Кадица“ со навивачи

            На почетокот од неговото формирање клубот, „Кадица“, имал свој покровител, па дури и неговото име потекнува од името на покровителот, односно, тогашната земјоделска задруга од Забрчани, „Кадица“. Драган Белокоски раскажува и предание од каде потекнува ова име. Според него, во близина, односно, кон селото Дреновци, еден од ридовите се нарекувал Кадица, кој своето име го добил по тоа што во турско време тука бил пречекан и убиен извесен кадија, кој бил многу лош човек и правел зулуми. Ете, од овој топоним го добила името задругата, а потоа и фудбалскиот клуб.

Од натпреварот 2

            Драган, и покрај подлабоката возраст, е со крепко здравје и добра меморија и е интересен соговорник и за други теми од животот. Тој е близок со книгата, добро гледа и без помош на очила, до денес чита разни книги, па и самиот пишува, па како што потврдува, има неколку необјавени книги, од кои една е монографија за неговото семејство, чие потекло било од селото Будаково, општина Могила. Долга е историјата на неговото семејство, со многу трауми и преселби, преку селата Канатларци, Лагово, Беровци, се до Дупјачани, а раскажувајќи за тоа семејно патешествие има многу интересни приказни, со трауматични моменти, карактеристични за многу македонски семејства.

Драган Белокоски – еден од најстарите жители на селото Дупјачани

            Драган извесно време бил и претседател на месна заедница за повеќе села од околината на неговото Дупјачани, а со фудбалот се занимавал и се ангажирал сѐ до поново време. Така запознал многу фудбалски активисти и новинари, кои се занимавале со овој спорт. 

            Денес во ФК „Кадица“ има фудбалери од селото Забрчани, од селото Дупјачани, од Прилеп и други места и на чело со претседателот Панче Здравески и другите од Управата, меѓу кои тренерите, Тони Котески и Томе Белокоски – син на Драган Белокоски, клубот успешно ги исполнува своите спортски обврски и се движи кон шампионска титула во својата лига. Ваквите успеси на фудбалскиот клуб „Кадица“ се уште поголеми, ако се знае дека тој нема свој покровител, а Управата на клубот и самите играчи се снаоѓаат на свој начин, па дури и со донирање на лични средства. Интересно е дека, еден од начините за собирање средства за клубот, за опрема на фудбалерите и за настапи во лигата, е собирањето балиња тутун од жителите на Забрчани и околните села. Бидејќи се работи за крај кој, во голема мерка, се занимава со производство на тутун, како што раскажуваат од клубот, ретко некој ги одбивал да им отстапи, барем по едно бале од тутунот, па така успевале да приберат определени средства, кои им се неопходни за одржување на екипата.

Тони Котески, од Управата на ФК „Кадица“ со екипа навивачи и донатори

            Како фудбалери, кои потекнуваат од Кадица, а успеале да направат повисока кариера се споменуваат Илија Димоски, кои играл во прилепска Победа, па во „Раднички“ од градот Ниш во Србија и Димо Димоски, кој од „Кадица“ продолжил во ФК „Младост“, исто така од Ниш.

            Интересен разговор направивме и со еден од постарите играчи на „Кадица“, односно, со Петре Столески – Рамче, кој бил голман во ФК „Кадица“ и до денес никој не го надминал во неговиот рекорд. Во 1971 година, тој, во девет (9) натпревари успеал да ги одбрани сите шутирања кон неговата мрежа и да не добие ниту еден гол, а неговата мрежа била затресена, со еден гол, дури во десетиот натпревар, и тоа, по педесет минути игра. Така, неговиот рекорд е во тоа што цели 860 активни минути како голман, тој не примил ниту еден гол.

Петре Столески – Рамче (во средината) со двајца актуелни фудбалери

              Од малата прослава во споменатата продавница си заминавме во убаво расположение, напуштајќи го овој убав дел од околината на Прилеп со желба ФК „Кадица“ да доживее уште многу светли моменти во својата фудбалска мисија, а селото Забрчани, заедно со целата област, многу поголем напредок во општиот живот на добронамерните жители на областа.