КАКО Е УНИШТЕН ЕДЕН ОД НАЈЗНАЧАЈНИТЕ ГРАДОВИ НА МАКЕДОНИЈА, ВОЛШЕБНИОТ ДОЈРАН

Македонскиот град Дојран во повеќемилениумското постоење доживеал вистинска епопеја со недобројни погроми и страдалништво на неговите жители. Последниот и, можеби, најголем погром, овој светол македонски град го доживеал за време на Балканските војни и Првата светска војна, кога е сосема разрушен и раселен. Така, од еден светол и напреден град, денес се соочуваме со една мала населба, од само 363 жители – Стар Дојран, а на околу 5 km од него, по погромот, никнал Нов Дојран, со околу 1100 жители. На македонска страна на езерото се наоѓа и селото Николич со 541 и селото Сретеново со 315 жители. На грчкиот брег на Дојранско Езеро се наоѓа и селото Дојран, со 183 жители. Зад долгата епопеја на подигнување и падови на Дојран, во различните периоди на историјата, останале видливи остатоци од материјалната култура, како сведоци на неговото светло минато и невидените погроми.       

ОД ВРЕМЕТО НА ПАЈОНЦИТЕ           

            На местото на денешниот Стар Дојран постоел убав и значаен град, чија историја е долга со милениуми. Областа во која настанал и живеел овој град, односно, Дојранското Езеро, го споменува уште Херодот, опишувајќи ја инвазијата на Блаканот од страна на Персијците и нивниот цар Дариј, кој за командант на неговата војска во Тракија го поставил војсководачот, Мегабаз.1 Херодот, езерото го именува како Прасијадско, односно Прасијада и пренесува дека жителите околу ова езеро, кои биле Пајонци, како и оние околу планината Пангеј, не паднале под власта на Мегабаз и Персијците, иако се обидел да ги освои.2 Живеалиштата на овие жители се наоѓале во водата од езерото поставени на скеле, кое било поставено на дрвени колци. Секој жител на тоа скеле имал по една колиба во која живеел. Во секоја колиба имало и по еден отвор кој водел до езерото. Малите деца ги врзувале за нога со јаже и на тој начин ги заштитувале од паѓање во водата.3 За да ја одржат платформата на која ги поставувале своите живеалишта жителите на населбата имале обичај секој, кој од нив земал жена морал да донесе по три колци од планината Орбел (планина меѓу реките Струма и Места, која денес се вика Перин Даг) и да ги постави под скелето. Секој човек кај нив, пак, се женел по многу пати. Езерото било многу богато со риби, па било доволно само да се пушти кошница во водата и по кратко време дасе извлече полна со риби. Езерото било толку богато со риба, што жителите на овие места ги хранеле со неа, дури и коњите и говедата. Во езерото имало два вида риби од кои едната се викала „папракс“, а другата „тилон“.4

Мотив од Дојран од почетокот на 20 век

            Богатството со риба на езерото Прасијада или Прасијадско Езеро, веројатно, е главна причина за атрактивноста на овој простор за населување и живеење. За постариот период, односно, раната антика – времето на кралството Македонија и македонската империја, некои од авторите споменуваат постоење на град со име Добер или Доберус, а неговата локација се поврзува со локалитетот Топлец. Според сознанијата, во римскиот период егзистирала градска населба со име Тауријан. Таа била расположена на локалитетот на кој се констатирани остатоците и од претходниот град, односно, на Топлец, кој располагал со извори со топла вода, а се наоѓа во Нов Дојран, каде се констатирани значајни археолошки наоди, остатоци од античкиот град. Локалитетот се наоѓа на 4 km од населбата, на северозападниот брег од езерото. Меѓу остатоците од стариот град се констатирани и остатоци од стара бања, на местото на тамошните топли извори, а констатирани се и столбови и капители од мермер, градежен материјал и фрагменти од керамички садови.5 Некои од авторите изнесуваат за фасцинантни археолошки наоди од стариот град, „гробници с надписи и ритуални знаци“. Од тој период датира и старата патна врска Сердика (Софија) – Солун, а која минувала преку Тауријан со што овој град добил особено значење. Тоа е, можеби, моментот од историјата на овој град од кој започнува неговиот милениумски од низ бурна историја на растежи и падови.

Мотив од Дојран со гимнаијалното училиште пред уништувањето

            Овде, мораме да изнесеме едно наше забележување, односно, видливата морфолошка блискост на античкото име на овој град, Таоријана (Тауријан) со подоцнежното Дојран. Тоа ни дава индиции дека е можна извесна модификација на истото име, па со преминување на знакот „Т“ во знак „Д“, како и инверзија на некои од знаците во средината на старото име, името на овој град да ја добие современата форма, Дојран. Тоа би значело дека континуитетот на тоа име е со многу долга традиција, чии корени се во антиката.               

ДОАЃАЊЕТО НА ТУРЦИТЕ И БРОЈНИТЕ ПРЕДАНИЈА ЗА ДОЈРАН И НЕГОВИТЕ ПОСТАРИ ИМИЊА 

               Не е познато до кога постоел градот Тауријан (Таоријана), но во средниот век населбата ја среќаваме покрај брегот на Дојранското Езеро, а името на градот го среќаваме како Полин, Поленин,6 Полјанин, Пулин и како Дојран. Според преданието, постарото име важело пред турското освојување на градот, а со освојувањето од страна на Турците тој бил наречен Дојран. Преданието за овој момент од историјата на градот пренесува:

            „Било зима. Полињата и горите лежеле оковани во силен мраз. Езерските води спиеле под дебела кора од мраз. Во целата област со денови беснееле снежни виулици. Во градот било пусто. Народот трпнел пред ужасната вест за турското надоаѓање. Немало кој да го заштити градот. По битката кај Черномен (на реката Марица, з.м.) христијанските сили на Балканот не биле во состојба да се спротистават на анадолските напаѓачи. Градот не бил утврден и претставувал лесен плен за завојувачите.

            Еден ден, во зорите, злокобна тревога ги дигнала на нозе жителите на Дојран. Нешто ужасно се шептело од уста на уста, за да не слушнат децата. Растреперени раце тивко ги поткревале дрвените капаци на прозорците и уплашени погледи се насочувале кон далечината. Хоризонтот на исток бил во огнена светлина. Големи пожари беснееле кон превојот на Дуатепе и ги осветлувале Круша и Беласица. Доаѓајќи откај Струма, турската коњица го префрлила превојот Дуатепе и ги запалила селата околу источниот брег на езерото.

            Веќе асамнувало. Сјајот на пожарите се загубил во светлината на денот. Недалеку од брегот на езерото, откај Круша Планина, сред бурата, во долга колона се двеижела турската војска. Тогаш Турците не знаеле за карти и компаси, а се движеле по насока. По оснежените полиња не било можно да се распознае ниту пат, ниту патека. Не знаејќи за постоењето на езерото, турските војски тргнале по мразот. Во магловитоста, замрзнатата и покриена со снег површина не се разликувала од обиколните брегови.  Никакво нишање, никакво крцкање не давале повод за сомневање. Во бурата блескале зелените, црвени и шарени знамиња на акинџиите (нередовни припадници на турската коњаница, з.м.), на спахиите и јаничарите, се вееле коњските опашки пред групата на командувачот.  Набрзо, пред очите на напаѓачите, сред бурата, се открила силуетата на градот. Акинџиите веднаш ги пуштиле коњите и ги зазеле градските влезови.

            Кога стигнал Евренос беј во градот, останал збунет, кога разбрал дека војските му поминале по мразот. Сметајќи дека Алах ги заштитил при тоа преминување, тој наредил граѓаните да им дадат богата гозба на неговите војски при тој настан. Несреќното население било принудено да даде сѐ со што располагало за да ги нахрани османлиите. Јаделе, пиеле и лумпувале ненаситните анадолци до преситување. Затоа во нивното сознание споменот за градот останал тесно поврзан со чувството на прејадување „дојаран“ (на турски). Оттука, видоизменето, дошло и името на градот – Дојран. Така беше прифатено и од самото население.7

            Ова предание е пренесено и од познатиот турски патеписец, Евлија Челебија. Во преданието се додава дека во спомен на преминувањето на турските војски преку замрзнатото езеро, Турците ја изградиле и кулата со часовник во турското маало.8

Дел од Дојранското Езеро

                        Според друго предание, името на градот е поврзано со убавата девојка Дојрана. „Во градот Полин имало една многу убава девојка, која се викала Дојрана – висока, црноока и со кршно тело. Дојрана, со своите другарки, секоја вечер одела на чешмата, расположена во големата рамнина источно од градот. Една вечер, кога Дојрана отишла со другарките на чешмата дошол и нејзиниот сакан, убавиот Лабин. Додека Дојрана и Лабин си зборувале, другарките на Дојрана ги наполниле стомните и ѓумовите со студена вода и си тргнале за дома. Дојрана и Лабин долго време останале сами. Кога Дојрана видела дека другарките си заминале и ја оставиле сама, многу се јадосала и набрзина ги наполнила со вода своите стомни и побрзала да ги стигне, зашто веќе се затемноло и и било страв да си оди сама. Во брзањето да ги стигне другарките ја заборавила чешмата отворена. Цела ноќ од чешмата течела вода и другиот ден Полијанци виделе дека целата долина е полна со вода и место убава полјана имало езеро. Кога разбрале Полијанци дека Дојрана ја зборавила чешмата да тече цела ноќ и дека таа е виновникот за настанување на езерото, го крстиле по нејзиното име, Дојранско Езеро, а градот го нарекле Дојран9 

ПОД ТУРСКО РОПСТВО

            Според археолошките остатоци и историските сознанија, градот Дојран ја менувал својата локација низ историјата, па од локалитетот Топлец, тој се поместувал кон југ, поблиску до езерото, најпрво на една тераса крај патот за Струмица, а подоцна сосема близу до езерото, каде бил затекнат за време на Балканските војни и Првата светска војна, кога бил целосно уништен од беспоштедните воени дјства на двете завојувани страни. Во турскиот период, на повисокиот дел од просторот на градот, се населиле Турци и го формирале посебниот дел од градот познат како „Јенимале“.10 

Грчкиот премиер Елефтериос Венизелос на станицата во Дојран

            По турското освојување животот во градот станал многу потежок. Според пишувањето на некои автори, на почетокотна турското владеење, градот се запустил и од секоја куќа во градот, односно, од секое семејство снемувало луѓе. „Едни бегале по горите, други исчезнувале без трага, трети биле завлечени по турските конвои, а голем дел од рибарите се скриле по ловиштата во мочуриштата.11

            „Во тоа време од Анадолија надоаѓале цели толпи турски населеници. Во Дојран секојден пристигнувале Турци од Сарухан, Ајдин, Коња и други области на Мала Азија. Едни заседнувале во градот, други се упатувале на југ, кон нновоосвоените области. Дојран заличил на скитнички логор. Сите дворови, плоштади, бараки, градини биле преполни со Турци. Грабежите и насилствата станале секојдневна појава. Никој не смеел да излегува надвор. Дојранчани, преку оградите на дворовите пробиле мали вратнички – капиџици, за да можат да се движат од двор во двор, без да излегуваат на улиците.12 

Дојран – мотив со дел од џамија

            Бидејќи голем дел од турските напаѓачи биле јуруци, кои биле полупланински, номадски племиња од Анадолија, кога дошле во овие краишта, ги зазеле планинските превои за до го држат под контрола покореното население. Така, околината на Дојран била заобиколена со турски населеници, никнале голем број нови села населени од нив, некои од жителите на селата од опкружувањето биле потурчени, а градот останал како своевидна „оаза“. Почнале да се појавуваат новите феудалци, кои деспотски завладеале со христијаните. Голем број места во градот им биле дадени на муслиманските власти за изградба на медреси, за гробишта и слично. Старата црква „Св. Недела“ во градот Дојран била преправена во џамија, а во градот надошле и разни групи од муслиманските секти, како дервиши, бектеши и сл. Жените почнале да одат забулени од страв од насилство, а за да се заштитат, христијаните граделе и високи огради околу куќите.13

            Турците постојано доаѓале и се населувале во градот, запоседнувајќи ги повисоките места каде граделе сараи со широки дворови, хареми, градини и слично. Христијаните останале во понискиот дел на градот, поблиску до езерото, во делот познат како Варош.14 Тука се појавиле занаетчиски работилници, дуќани и меани, а турскиот дел останал само за живеалишта. Во 18 и 19 век Дојран се развил во значаен трговски град. Пред да биде изградена железничката пруга, преку овој град минувале бројни каравани од коли и камили, кои носеле стоки од Солун за Струмица, Кочани, Радовиш, Штип и други места, во Македонија како и обратно. Сведоци за важната улога на Дојран во трговијата се околу 30 анови, 10-12 куќи, кои поседувале камили и се занимавале со камиларство,15 односно, пренесувале стоки со камилите во трговските каравани, а во градот се доселиле и голем број трговци од разни градови на Македонија, како Кукуш, Крушево, Куманово, Велес, како и голем број трговци или занаетчии од Солунско и други места. Сите овие содржини биле присутни во Дојран сѐ до неговото уништување во Првата светска војна.16

ВОЛШЕБНАТА УБАВИНА НА ГРАДОТ ДОЈРАН

            Посебен опис на местоположбата и убавината на градот даваат двајцата автори, кои потекнуваат од него, Кирил Хаџидинев и Борис Д. Јанешлиев. Тие даваат бројни описи на неговиот „волшебен“ изглед. Еве еден опис од Кирил Хаџидинев: „Дојран се одликуваше со својата убава местоположба, богатата околина и прекрасното езеро. По куполестите ридови надвисната над водената шир, притиснати една до друга, амфиетатрално се редеа стотици бели куќи. Наместа, нивните црвени покриви се губеа во бујните растенија. Над нив стрчеа во синевината минарињата на неколкуте џамии, кулата со часовникот, дервишкото теќе до неа, како и десетината камени конаци на дојранските бегови. Долу, крај брегот на езерото, во водата се огледуваше убавата зграда ба бугарското прогимназионално училиште. Малку подалеку на север, недалеку од брегот, беше големото двоспратно здание на уќуматот (околиската управа). Во северозападниот крај, легната доминантно врз карпите на „Мечкин Рид“, стрчеше осамено, како древен замок, црквата „Св. Илија“. До неа и, исто така, високо над градските куќи, се издигаше митрополијата. Оддалеку не се препознаваа никакви улици. Целиот град, со куќите, брегот и градините, се сливаше во една општа панорама која, како фантастичен декор, се одразуваше во езерските води. Имено, оттука, откај езерото, градот ги откриваше целата своја убавина и својот лик, особено наутро, кога лесната магла ја прочистуваше водната широчина и првите сончеви зраци ја покриваа долината. Тогаш, сината небесна купола, зелените предели и куќите под неа трепкаа, особено, јарко во одразот на езерското огледало. Навечер водата потпримаше темносива, оловна боја. Темните облици на градот и планините земаа мистичен лик во оловните води, каде поигруваа издолжените светлини на куќите“.17

Рагледница на Дојран со гимнаијалното училиште пред уништувањето

            Градот стигнал до 1800 куќи, близу 10.000 жители, а меѓу нив имало најголем број Турци, 900 куќи, потоа следеле Македонци, над 700 куќи поделени ви бугарски егзархисти, грчки патријаршисти, српски патријаршисти, евреи, власи, роми и други.18 Според пишувањето на современиците, во градот бил постигнат добар заемен однос меѓу разновидните националности, кои биле посветени на своите занаети и дејности. Со доаѓањето на преродбата и националното, духовното и културното освестување довело до развој на поинакви процеси, односно, нагласување од потребата да се врши образование и црковно служење на сопствен јазик, бидејќи дотогаш Македонците учеле на грчки јазик, а во црквите се служело на грчки јазик.

НАЦИОНАЛНО, КУЛТУРНО И ДУХОВНО БУДЕЊЕ

            Посебно треба да се нагласи тоа дека во Дојран имало седиште на епископ (владика) на Поленијанската епархија, која ги опфаќала Дојранската и Кукушката област.19 Седиштетото на епископот, односно зградата на митрополијата се наоѓала на видно место во градот, во близина на големата градба на црквата „Св. Илија“, која била подигната 1848 година.20 Со преродбата се нагласила потребата од служење во црквите на словенски (народен, македонски) јазик, македонското население станувало се погласно за воведување народен јазик во црквите и во такви услови било издејствувано за епископ да биде поставен познатиот македонски преродбеник и црковен деец Партениј Зографски од познатото македонско село Галичник.21 Со неговото доаѓање станал виден напредок на црковен и образовен план, особено, на планот на воведување на словенскиот, односно, македонскиот народен јазик во образованието и црквата. Тоа го забележале црковните власти на Патријаршијата и брзо го преместиле од Дојран, поставувајќи го за епископ на Ниш.22 Токму во тоа врме е формирана и Црковно-народната општина во Дојран, па борбата за црковна служба и образование на народен македонски јазик продолжила.

Партениј Зографски како епископ на Ниш

            Со развојот на гореспоменатите дејности во Дојран започнал и развојот на трговијата. Се појавиле некои способни и крупни трговци од градот. Еден од нив бил Киро Николич, кој бил познат како „логотет“. Тој од млади години излегол од Дојран и заминал за Виена каде станал голем трговец и општественик. Тој долго време го помагал својот роден град. Меѓу другото, секоја година во Дојран пристигнувале 70 лири донација од Киро Николич за сиромашните девојки, кои не можеле сами да си обезбедат „чеиз“ (руба) за да се омажат. Дел од наследството на овој Дојранчанец добила и мајката на авторот на книгата „Расцветот и гибелта на един град“, која е посветена на градот Дојран, Кирил Хаџидинев.23

              Со развојот на занаетчиството и трговијата во градот Дојран, се создале услови и за развој на културата и образованието, па почнувајќи од 18 век следи појавата на редица познати личности, кои го одбележале своето време со значајни постигнувања, не само за Македонија и македонскиот народ, туку и за некои од околните народи, со блиска култура и јазик, како што се Бугарија и Србија. Овде, неизоставно треба да го споменеме името на Кристофер Жефаровиќ, кој со своето дело ги задолжил народите на Блаканскиот полуостров. Тој бил зограф и уметник, свештеник и монах, како и трговец со црковни предмети и книги, а самиот преведувал и работел на подготовка и создавање книги. Како монах и свештеник, направил превод и го насликал делото „Стематографија“ (грбовник) од Павле Ритер Витезовиќ (1652 – 1713), хрватски илирски хералдичар. „Стематографија“ е отпечатена 1741 година во градот Виена, а таа содржи галерија со ликови на цареви и светци од Балканот, грбовник на земјите од Источна Европа24 и белешки кон грбовниците. Покрај секој грб има и по една стихувана форма со опис на историјата и симболите на соодветната земја.

Црквата „Св. Илија“ пред уништувањето

            Од Дојран потекнува и создавачот на првата печатница за печатење книги на славјански јазик, познатиот преродбеник Теодосиј Синаитски со световно име Теохар, кој зпочнал со работа во печатницата  во Ваташа, во куќата на Даскал Камче, а подоцна, во 1838 година ја преместил во Солун, каде биле отпечатени дела на познати македонски автори од неговото време, како Кирил Пејчиновиќ, Даскал Камче и други. Оваа дејност на Теодосиј Синаитски, првиот македонски печатар, преродбеник и црковен деец, кој се борел за афирмирање и употреба на македонскиот јазик во црквите и образованието и на тој јазик и писмо печател книги, не останала незабележана од грчката власт, па неговата печатница во Солун на двапати е уништена во пожар. Тоа го принудило овој исклучителен борец за македонскиот јазик и култура, да се врати во родниот град каде го завршил својот живот како воденичар во 1843 година.25               

МАКЕДОНСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР И БОРЕЦ ЗА НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА БИЛ ЧЕСТ ГОСТИН ВО ДОЈРАН

                Интересно е дека првиот Комитет на ВМРО во Дојран е формиран од големиот македонски револуционер, Гоце Делчев. Тоа се случило 1894 година кога тој дошол во Дојран кај својот соученик од Солунската гимназија, Антон Кочов. Нему, Делчев, претходно му испратил писмо со предлог за приклучување кон ВМРО и формирање на Револуционерен комитет во Дојран.26 Гоце Делчев и Даме Груев повеќепати доаѓале во Дојран по револуционерна работа. Во 1897 година, Делчев дошол во Дојран за да организира киднапирање на извесен Амди бег, по одлука на Организацијата, за да биде казнет поради грабнувањето на девојката Руша Попкостова. Задачата му била даделена на дојранчанецот Кољо Прочков, но поради голем број причини акцијата била одложена.27

Родното село на Партениј Зографски – Галичник

            Еден интересен настан со Гоце Делчев во Дојран раскажува авторот на книгата „Дојран. Расцвет и гибелта на един град“. Како што пишува тој, при едно минување на револуционерот преку Дојран, во 1898 или 1899 година, тој престојувал во нивната куќа. Притоа се случил настан, кој отсликува интересни моменти од карактерот на Делчев, односно, зборува за неговата цврстина и присебност при појавата на опасност. „Паметам дека Делчев гостуваше во нашиот дом. Едно утро тој седеше на миндерот на отворениот тросед на нашата куќа, кој гледаше кон дворот на околиската управа која се наоѓаше во соседството. Во тој момент таму стоеше миљазимот (жандармериски офицер), Исмаил ефенди и им даваше некакви наредби на заптиите. Во тоа време Турците под дрво и под камен го бараа Гоце Делчев – Крилестиот ѓавол (Канатлишеј-тан), како го нарекуваа. Миљазимот, кога ги виде гостинот и мајка ми, која му принесуваше кафе, се загледа во нив и рече: „Аџијке! Гостин ли имате?“ Мајка ми пребледе. Чинијата со кафето и затрепери во раката. На лицето на Делчев, сепак, не трепна ниту еден мускул. Тој, со раката, мирно направи едно темане (поздрав) кон Турчинот и си го пие кафето. Таа случка долго се коментираше кај нас.28

                Од Дојран потекнуваат уште неколку познати и истакнати Македонци. Во овој град се родил и познатиот писател, историограф и публицист, Ѓорѓи Абаџиев, кој е роден 1910 година и живеел до 1963 година. Потоа познатиот драмски писател Антон Панов, кој се родил во Дојран 1905 година, а починал 1968 година, како и еден од најистакнатите македонски историчари Христо Андонов Полјански, роден 1927 година. Полјански се родил во она што останало од Дојран, односно, што било обновено по неговото уништување за време на Првата светска војна, а почина во Скопје, како професор на Филозофскиот факултет, во 1985 година. Тој во своето второ презиме го зачувал помалку познатото име на својот роден град, Полјанин.           

УНИШТУВАЊЕТО НА ГРАДОТ И ПОГРОМОТ НА НЕГОВИТЕ ЖИТЕЛИ

            Иако со голем број падови и трауми, градот Дојран опстанал повеќе милениуми и станал еден од позначајните стопански и културни центри во Македонија, но неговиот нагорен одʼ завршил со бурните настани од почетокот на дваесеттиот век, односно, за време на Балканските војни и Првата светска војна, кога по 1916 година, завршила неговата славна одисеја. „Војните од 1912-1913 г. му го нанесоа првиот удар, а малку подоцна, за време на Првата светска војна, Дојран беше целосно разурнат и навистина комплетно лишен од присуство на луѓе. Сите згради беа сринати до темел, местата обраснаа со бујни дабје и смокви. Само овде-онде остатоци од ѕидови, сронати од дождовите, и до денес стрчат меѓу урнатините.29

Англиски, француски и српски војници по пробивот на фронтот

            Голем дел од населението за време на Втората балканска војна морал да бара друго место за живеење за да се засолни од ѕверставата, кои ги правела грчката војска над турското а, особено, над мирното македонско население. Според сведоштвата на учесници во овие масакри, тие тоа го правеле со наредба од грчкиот крал во името на идејата за Голема Грција. Токму таа, 1913 година, започнал егзодусот на дојранчани и запустувањето на овој светол македонски град.30

             „Според сведоштвото на Мито Илиев од селото Аканџали, дојранско, кој есента 1913 бил со група бежанци сместен во градот Самоков, грчката војска влегла во селото на 23 јуни во пет часот попладне, веднаш собрале 60 селани, ги однеле во блиската корија и ги убиле. Истата ноќ цело село ечело од писоците на жините и девојките што грчките војници ги силувале до смрт: Со свои очи видов како ја обесчестија снаата на Стојан Поповалијата, ќерките на Стојан и Пелтек Илиеви, дванаесетгодишната ќеркичка на Коста Турбашиски. Момите и жените беа врзувани по три, беа тепани и фрлани под нозете на коњите. Следниот ден ги запалија селата Аканџали, Дурбали и Николич  – сведочи Илиев.31

Споменик од Првата светска војна во селото Дојран во егејскот дел на Македонија изграден од Англичаните

            Комплетното уништување, со комплетно напуштање на градот од страна на неговите жители и беспоштедно разурнување со илјадници и милиони воени проектили на двете завојувани страни, кои за мегдан ја избрале територијата на Македонија се случило во 1916 година. Апокалипсата на овој град, како и на многу други населби и градови од поблиската и подалечна околина започнала во август 1916 година. Околу Дојран било главното упориште на централните сили – бугарските единици во командата на 11 – Германска армија, Втората Тракиска и Деветата Плевенска пешачка дивизија на кои атакувале силите на Антантата. Од страната на Грција биле распоредени 350.000 војска – 5 британски, 4 француски, 6 српски, 12 италијански и 6 руски батаљони.32 Во рововите и фортификациите за заштита биле употребувани и делови од ѕидовите на разрушените градби во градот. Меѓу нив и најголемата црква „Св. Илија“ која, исто така, била разрушена до темел.33

            Битката за пробивање на фронтот од страна на силите на Антантата започнале на 9 август 1916 година и, со прекини, траела до крајот на војната, последните месеци на 1918 година. Така завршува епопејата на градот Дојран, кој неговите жители не успеале да го обноват, иако во нивните срца останала празнина по изгорените домови, запустените огништа и изгубените блиски. Жителите на овој град се раселиле на разни страни, во поблиски и подалечни места и таму ги свиле своите нови гнезда. Не можејќи да го заборават својот корен, волшебното место на кое се наоѓал градот Дојран, како и неговото волшепство исполнето со трауми низ вековите и милениумите, но и сјајот кој го постигнале неговите вредни жители, неколку дојранчани оставиле вредни спомени во печатена форма, па така денес имаме сведоштва за овој немилосрдно уништен град во виорот на војните и бескрупулозната асимилаторска пропаганда на соседите на Македонија. Жители на Дојран се раселиле дури и во градови во Мала Азија, како и во градови и места на Бугарија, Македонија и Грција. Сведоците ги споменуваат следните места: Анадолија (Бруса и други места), Цариград, Турска Тракија, во селата од околината на Дојран, во Валандово, Струмица, Гевгелија, Петрич, Св. Врачи, Софија, Бургас, Пловдив, Горна Џумаја, Свиштов и други.34       

 

1 Херодот, Историја, Матица српска, Нови Сад 1988, книга 5, 11.

2 Исто, 12.

3 Исто.

4 Исто.

5 Археолошка карта на Република Македонија, МАНУ, Т. 2. Скопје 1996, 111.

5а Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет …, 4.

6 Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет и гибелта на един град, Издателство на националниа совет на отечествениа фронт, Софија 1960, 3.

Борис Д. Јанишлиев, Гр. Доиран (Полјанин, Пулин) и живота ни там при турското владичество до 1912 година, Печатница „Сагласие“, Софија 1936, 7.

7 Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет …, 6, 7.

8 Исто, 7.

9 Исто.

10 Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет …, 6.

11 Исто, 8.

12 Исто.

13 Исто, 9.

14 Исто, 10.

15 Борис Д. Јанишлиев, Гр. Доиран …, 14.

16 Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет … . Борис Д. Јанишлиев, Гр. Доиран … .

17 Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет …, 26, 27.

18 Исто, 30, 31. Борис Д. Јанишлиев, Гр. Доиран …, 15.

                – Според Кирил Хаџидинев во 1910 – 12 година, Дојран имал 1600 – 1650 куќи и 7.500 – 8.000 жители.

19 Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет …,13, 14. Борис Д. Јанишлиев, Гр. Доиран …, 15.

20 Исто.

21 Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет …,15.

22 Исто. Борис Д. Јанишлиев, Гр. Доиран …, 15, 16.

23 Кирил Хаџидинев, Дојран. Расцвет …,10.

24 Исто, 10, 11.

25 Исто, 11 – 13.

26 Исто, 19

27 Исто, 20.

28 Исто, 24.

29 Исто, 2.

30 Блаже Миневски, Писма на грчките војници за масакрите извршени во Егејска Македонија во летото 1913 година, antropol.mk (https://antropol.mk/2020/10/20/pisma-na-grckite-vojnici/), 20 октомври, 2020.

31 Исто.

32 Одбраната при Дойран, Димитър Зафиров, доцент д-р, полк. о.р. (https://web.archive.org/web/20090424083734/http://www.vi-books.com/vis/vis4/vis4_1/01.htm)

33 Иконом Гр. п. Димитров, Как превзехме единствената черква „Св. пророк Илија“ в гр. Диоран од гркоманите, Илустрациа „Илинден“, Софија, октомври 1938 година, книга 8 (98), 4,5.

34 Борис Д. Јанишлиев, Гр. Доиран …, 7.