ГОЛЕМАТА ИЛИНДЕНСКА БИТКА НА МАРГАРА КАЈ МАРИОВСКОТО СЕЛО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО 1903 – 2022

Непосредно пред Илинденското Востание, еден од најголемите македонски револуционери и идеолози на Македонската револуционерна организација, Ѓорче Петров, се наоѓал во Бугарија и таму наголемо се подготвувал да дојде со чета и да земе учество во престојната борба за ослободување на македонскиот народ. Според пишувањето во неговите спомени, тој во Македонија тргнал со силно вооружена чета. Тој верувал дека востанието во татковината веќе се разгорело и бил решен активно да се вклучи во ослободителната борба. Меѓутоа, само што ја преминал бугарската граница и влегол во источна Македонија, доживеал разочарување бидејќи наишол на сосема мирна ситуација. Помислил дека востанието, сигурно се разгорело во делот на Македонија, западно од реката Вардар, но преминувајќи ја најголемата река во татковината, повторно бил непријатно изненаден од фактот дека и во овој дел не наишол на распламтена борба за ослободување на македонскиот народ од турското ропство. Токму поради тоа продолжил кон Прилепско, цврст во намерата со која тргнал од Бугарија. Во Прилепско пристигнал околу 10 август. Во неговата чета се наоѓал и Лука Иванов, резервен поручник. Тие најпрво застанале во селото Степанци, кое се наоѓа на велешката страна пред превојот Дервен. Во Степанци ги пречекал Темелко, кој подолго време бил во контакт со револуционерните сили во овој крај и бил верен работник на Организацијата. Тука дошол и Петар Ацев со околу 50 души комити за да ја пречекаат четата на Ѓорче Петров. Со нив бил и Пере Тошев, кој со својата чета, исто така, престојувал во Прилепско.1 Овде Ѓорче Петров сериозно се разочарал во востанието зашто неговите очекувања за разгорена борба на поширокиот простор на Македонија не биле исполнети.2 Од Степанци четите дошле во селото Ореовец кое се наоѓа на околу 8 km североисточно од Прилеп. Во ова село четите биле добро пречекани и Ѓорчевата надеж дека, сепак, нешто може да се направи се вратила. Четата на Ѓорче Петров броела 45-46 комити, кои со себе носеле големи количества муниција, динамит и пеколни машини уште од Бугарија. На тргнувањето од Бугарија секој од 130-те комити, кои ги водел Ѓорче Петров, носел по еден килограм динамит, а носеле и околу 200 бомби, 6-8 пеколни машини (експлозиви со часовници) и изобилство од фишеци.3 Ѓорче Петров се надевал дека ова силно оружје и муницијата ќе бидат употребени во вооружени акции во Прилепско.

СРЕДБА СО КОСТУРСКИТЕ ЧЕТИ И ПЛАНИРАЊЕ НА НОВА АКЦИЈА ВО ЛЕРИНСКО

Лошиот пречек во Прилепско имал и негативно влијание кај собраните комити. Многумина од четниците на Ѓорче Петров останале разочарани и сакале да го остават и да се вратат во Бугарија. „Некои момчиња буквално боси одеа“ – истакнува Петров во своите спомени.

Ѓорче Петров
Ѓорче Петров

На тој начин еден дел од неговата чета (25-26 четници) на чело со војводата Андон Ќосето го напуштиле и со Петров останале само 14 момчиња.4 По извесно време од овие случувања од Костур во Прилепско пристигнала една чета од 130 души, која ја воделе Лазар Поп Трајков и Иван Попов. Тие биле разбиени во Костурско и за да се спасат бегале пред гонителите за Прилепско преку Мариово. Имале намера да пребегаат во Бугарија. Ѓорче Петров со сожалување пишува за состојбата на овие костурски комити. „Грозно впечатление ми направија, што сите беа окапани, голи, боси, како цигани, и насекаде гонети од војската, изгладнети беа како волци. Од 300-400 души, што тргнале од костурско, беа останале до 130 души, а другите се одделувале на групи и си оделе во своите родни места. Но, спрема прилепските четници, предизвикаа восхитеност во нас. Споредувањето беше што беа херои спрема нашите баби“ 5 – пишува Петров. Под негово влијание, Лазар Поп Трајков се премислил и наместо во Бугарија решил четите да се вратат назад во Костурско со план да ја срушат пругата од Лерин до Воден и да изведат други акции. Неможејќи да се помири со лошата организација во Прилепско и Битолско Ѓорче Петров решил воениот материјал, кој го носел со себе, по секоја цена да го искористи во испланирана вооружена акција.

Лазар поп Трајков
Лазар поп Трајков

Набрзо костурските чети, во кои се здружила и четата на Ѓорче, во вкупен број од околу 140 души,6 тргнала низ Мариово кон Леринско за да ги изврши планираните акции. Петар Ацев и Пере Тошев со четите и понатаму останале во Прилепско. Групата која се упатила кон Леринско на чело со Ѓорче Петров, Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Лука Иванов и Циле Кономладски сметала дека низ Мариовско, Битолско и Леринско ќе собере уште чети и ќе постигне бројка од 400-500 души. За планот бил информиран и Даме Груев од кого се барало да уреди костурските и леринските чети да тргнат едновремено и да се сретнат некаде на линијата Лерин-Воден, околу селото Сорович, каде што била планирана големата битка, при што едните, костурските чети да мавнат лево од линијата, а леринските десно од неа, со што аскерот би бил зафатен, а во меѓувреме групите одредени за саботажа би ја разрушиле пругата до Воден. Истовремено биле испратени писма со покана за слични акции и кај други војводи, но некои од нив се исмеале со таквите предлози.7 Даме Груев и Борис Сарафов дошле до заклучок дека и тие треба да преминат кон организирање терористички акции зашто веќе се разочарале во способноста на четниците да водат големи битки. По остварениот контакт Борис Сарафов решил да тргне низ Битолско, Леринско и Костурско за да се заврши планираната акција таму.8 Во меѓувреме се создале нови услови. Преку конзулите во Битола дошла вест дека ќе има амнестија и пред да тргне Сарафов на планираниот пат, во името на штабот, со Даме Груев решиле да се распуштат четите, а оружјето да се складира во складови подготвени за таа намена.9 Костурските чети, сепак, решиле да продолжат според планот кон селото Сорович. Патот ги водел низ Мариово. Прво стигнале во селото Гудјаково на левиот брег на Црна Река каде се сретнале со четата на Ѓеле, кој тука дошол со намера да се скрие гонет од силни потери од Тиквешко, каде условите за востание, исто така, не биле добри.10 Од Гудјаково четите преминале кај селото Дуње каде преноќевале, а потоа се упатиле кон селото Чаниште каде на 2-ри октомври 1903 година се случила една од најголемите и најуспешните битки на македонските чети по пропаѓањето на Крушевската Република и Илинденското востание.

Селото Гудјаково – дел од полураспаднатите куќи

Битката кај селото Чаниште во Мариово, иако непланирана однапред, претставува исклучителен успех на македонските чети кои учествувале во Илинденското востание. Таа е дело на костурските чети предводени од Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Лука Иванов, Циле Кономладски и на Ѓорче Петров со неговата чета, која му се придружила на костурчани по средбата кај Прилеп. На патот кон селото Сурович, каде требало да се изведе голема акција, по ноќевањето кај селото Дуње тие продолжиле кон селото Чаниште. Според тврдењето на Ѓорче Петров таму четите биле предадени на Турците поради што настанала битка. Предавството, како што истакнува тој во своите спомени, настанало поради тоа што костурските чети при доаѓањето во Прилепско насила зеле десетина глави добиток, без да платат за него. За тоа разбрале Турците и извршиле голем терор во селото Чаниште. Пред доаѓањето на четите, кои биле на пат за Леринско, Турците дошле во селото, при што неколку селани биле тепани, а селото било ограбено. Турците зеле сѐ што нашле по куќите.11

Селото Чаниште со локалитетот „Убава Глава“ во позадина

Пред да стигнат во селото Чаниште четите не испратиле никого за да ги информира неговите жители за нивното доаѓање. Кога стигнале во близина на селото12 четите се распоредиле по ритчињата западно од него, а Ѓорче Петров со 6 души слегол во селото за да стапи во контакт со селскиот војвода, преку кого требало да обезбеди храна за комитите, да најде курири за да ја известат мариовската чета за неговото пристигнување. Како што истакнува тој во своите спомени, кметот сосила го извлекле од дома за да им каже дека не ги прима. Кметот ги свикал жителите на селото на конференција и притоа се постигнал договор четите да останат надвор од селото, а селаните ветиле рано наутро да им достават храна. Наместо храна утрото биле разбудени со узбуна дека се опколени од силен турски аскер.13

Селото Чаниште со славниот врв Маргара

Веројатно, жителите на Чаниште биле многу исплашени по теророт и грабежот кој го извршиле Турците пред тоа. Утредента четата која била распоредена по пониските ритчиња, западно од селото, била нападната од турски аскер уште во зорите. На најистурената позиција се наоѓал Црногорецот Јово Јовановиќ со 20-30 души. Тој како началник на стражата се покажал многу присебен и успеал брзо да организира одбрана од турските налети. Притоа бил повреден во окото, од што останал со едно око.14

БИТКАТА НА ВРВОТ МАРГАРА

Другиот дел од комитите од костурските чети и малата чета на Ѓорче Петров со крпи биле информирани дека се нападнати. „Бевме сосема изненадени. Ако не беше заставата, ако не беа силни момчињата во заставата и ако не беа распоредбите на Јово не ќе можевме да се спасиме. Турците прво се спуштија против заставата од каде што ни се даде знак со крпи, дека сме нападнати. Ние, додека да го прибереме багажот – моите материјали ги натоваривме на 7-8 маски и ги повлековме нагоре – борбата се беше заврзала“15 – истакнува Ѓорче Петров во своите спомени. Четите почнале да се повлекуваат кон повисоките ритчиња и кон врвот Маргара кој е висок 1016 м, кој во тој простор доминира над околината и е погоден за одбрана. Борбата, всушност, се развила на сите ридови источно од Маргара. Според Ѓорче Петров, една од чуките со силен јуриш ја зазеле војводата Циле Кономладски и дваесетина четници претекнувајќи ги Турците. Петров споменува уште една чука која ја зазеле двајца комити, но за кратко време.

Иван Попов
Иван Попов

Комитите добро се утврдиле на Маргара и успешно ги одбивале нападите на Турците. Ѓорче Петров во своите спомени истакнува: „Борбата траеше цел ден. Атаките на Турците до пладне беа силни и сите ги одбивме. Во тоа време од сите страни се згусти војска, не помалку од 4-5 илјади души. До пладне нашите момчиња добро се држеа. Попов лудачки се држеше.“16 Борбата продолжила до доцните часови. Почнало да се смрачува. Турците најпрво сметале дека на јуриш ќе ги освојат позициите на комитите и ќе ги уништат или фатат. Нивната бројност, веројатно, им влевала самодоверба која подоцна ја изгубиле. „Тие напаѓаа како бесни, се качуваа по височините, но беа сопирани од востаничките пушки. Попладнето со широки маневри успеаја да се доближат до востаничките позиции“17 – пишува Силјанов. Турците, сепак, се разочарале од своите бесцелни напади, при кои претрпувале и големи загуби. Борбата продолжила и по стемнувањето, но војската, сепак, завршниот напад го одложила за следниот ден.18

Лука Иванов
Лука Иванов

Комитите на чело со Лазар Поп Трајков, Ѓорче Петров, Иван Попов знаеле дека треба брзо да се извлечат од обрачот доколку не сакаат да настрадаат од многубројниот турски аскер. Следниот ден Турците ќе довлечкале и топови и положбата на комитите силно ќе се влошела. Затоа решиле да се пробијат низ турските редови. „На смрачување си зедовме збогум со еден нов експлозив, со едно кило динамит и со општа ура – па после тивко и незабележано отстапивме, ја прегазивме Црна и на брегот што беше наспроти се скривме во едно трло, каде лежевме цел ден. Крлежи ќе не изедеа. Бевме капнати, сосипани, гладни, откако бевме патувале 10 саати ноќта, а 64 саати не бевме јале“19 – пишува Ѓорче Петров, чија желба за битка конечно се исполнила иако непланирано. Во битката на Маргара бил потрошен и дел од арсеналот кој тој со својата дружина го понесол од Бугарија за да го искористи во борбените акции во Македонија, надевајќи се дека востанието е разгорено на широк простор. Таквите очекувања на Ѓорче биле попусти. Неговото разочарување било големо.

Манастирот „Чебрен“ со Црна Река во чија близина ја преминале реката комитите од битката на Маргара

Откако ја напуштиле Маргара комитите зад себе оставиле шестмина мртви другари, меѓу кои биле Јордан Варошлија и Јован Шешката од Прилеп20 и двајца од четата на Иван Попов, Христо Бапчорски и Кузо Голавода,21 кои паднале меѓу првите при заземањето на добро поставениот рид Маргара, а седум-осум ранети понесле со себе. Меѓу нив биле Лазар Поп Трајков и Црногорецот Јово Јовановиќ. Можеби поради големиот број убиени и ранети војници турскиот аскер не продолжил да ги гони костурските чети и четата на Ѓорче Петров. Според пренесените информации, на бојното поле останале мртви повеќе од двесте турски војници22 и уште толку ранети. На некои места се споменува дека една цела нива во близина на ридот Маргара кај селото Чаниште била исполнета со гробови од убиените турски војници.23

ПУКОТНИЦИТЕ ОД БИТКАТА НА МАРГАРА СЕ СЛУШАЛЕ ДО БИТОЛА

Битката на Маргара била една од најжестоките водени во Мариово и воопшто од битките кои се воделе за време на Илинденското востание и по него надвор од Крушево. Пукотниците од неа се слушале многу далеку. Христо Силјанов истакнува дека тие се слушале дури до Битола.24 Во раскажувањата пренесени од современиците на битката до поколенијата се среќаваат различни приказни кои се резултат на силната импресија од жестокиот настан. Се споменува едно буре со барут кое при пробивањето на обрачот комитите го фрлиле меѓу турската војска, а потоа се повлекле преку Црна Река. Се тврди дека експлозијата на бурето со барут била толку силна што се слушнала дури во Битола. Тоа се совпаѓа со тврдењето на Христо Силјанов, како и со пишувањето на Ѓорче Петров дека пред повлекувањето комитите се простиле со извесно количество експлозив.25 Слично истакнува и Христо Силјанов: „Во текот на ноќта одредот со динамит и со извици ’ура‘ си проби пат, борејќи се на нож, низ најтенкото место на турскиот кордон и се извлече.“26

 

[1] Георги Трајчев, Град Прилеп, историско‡географски и стопански преглед, Македонска библиотека, Софија 1925, 242. Ѓорче Петров, Спомени, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, Скопје 1950, 143, 144.

2 Ѓ. Петров, Спомени, 144. („Си замислував дека линијата меѓу Прилеп и Велес е границата, дека на запад е магла, крв, војна.“)

3 Исто, 136, 137.

4 Ѓ. Петров, Спомени, 146.

5 Исто. Костурските чети на чело со Лазар Поп Трајков, Иван Попов и Манол Розов пред доаѓањето во Прилепско Мариово имале долга одисеја од „борби, страдања и авантури“. Овие чети слегле во Леринско, ја минирале пругата, а оттука се префрлиле на планината Ниџе, каде долго талкале истоштени и гладни, додека не зеле стотина овци од едно турско стадо и на 3 септември стигнале на врвот Сокле, Воденско. Таму имале судир со 200 турски војници, при кој по двочасовна борба комитите нападнале на аскерот на нож и го избркале, но го изгубиле Манол Розов и еден 60-годишен војвода, дедо Ставре. кај местото Кравица четите повторно наишле на аскер, со кој се бореле претходниот ден, но засилен со нова војска, што ги принудила да се вратат назад.

Вкупниот број комити биле околу 500 и во тоа време од Пожарско дошла група четници со три товари леб кој им бил поделен на секого по едно парче. Поради недостиг од храна востаниците морале да заколат седум од своите коњи, од чии кожи направиле опинци. Додека го печеле коњското месо, наближил аскерот и тие повторно морале да се повлекуваат. Борба, сепак, имало и траела дури 7 часа, која завршила со фрлање на извесно количество динамит меѓу аскерот, по што со громогласно „ура“ комитите тргнале во напад и го избркале аскерот без сопствени жртви. Повлекувајќи се и криејќи се пред многубројниот аскер кој постојано ги гонел, по неколку дена костурските чети се поврзале со мариовските војводи Толе Паша и дедо Кољо, кои почнале редовно да ги снабдуваат со храна. Од големите страдања и разочарување од неуспехот на востанието голем дел од комитите (околу 400) се вратиле назад во Костурско, поради што со Лазар Поп Трајков и Иван Попов останале 120 комити. Тие подоцна се сретнале со четите на Петар Ацев, Пере Тошев и Ѓорче Петров. (Христо Силјанов, Ослободителни борби на Македонија, книга I и II, Култура, Скопје 2003, 430, 431.)

6 Во оваа група биле и 7-8 комити од прилепската чета, како и една група од мариовската чета на Толе Паша под раководство на Милан Ѕвездов. Групата комити од четата на Толе Паша во Дренската планина дошла заедно со костурчани. Еве што вели за тоа Милан Ѕвездов во своите спомени: „Толе ме раздели со неколку души и со Костурци тргнавме према Дренските планини, за да се сретнеме со Петар Ацев. По неколку дни стигнавме во Дренското корито, каде што селаните ни раскажаа дека голема чета идела од Бугарија, го минала Вардар и овие дни ќе пристигнела во Прилепско. На чело бил Ѓорче Петров. Тоа многу ме израдува. Со нетрпение го следевме доаѓањето на четата.“ (Види: Д. Димески, Борбата кај с. Чаништа, 1903 г., Прилог II, спомени на Милан Ѕвездов, Современост бр. 2, Скопје 1969, 161, 162.)

7 Исто, 147.

8 Исто.

9 Исто. Борис Сарафов, Спомени, И.Х. Николов, Д. Груев, Б. Сарафов, Јане Сандански, М. Герџиков, Д-р Х. Татарчев, превод од Бугарски Цветко Мартиноски, Култура, Скопје 1995, 185, 186.

10 Ѓ. Петров, Спомени, 147.

11 Ѓ. Петров, Спомени, 148.

12 Четите кај Чаниште пристигнале на полноќ, на 20 октомври, стар стил и се лоцирале по падините на височините околу врвот Маргара. (Види: Димитар Димески, Борбата кај с. Чаништа, 1903 г., Прилог II, Спомени на Милан Ѕвездов за битката на Маргара, Современост, год. XIX, бр. 2, февруари 1969, 162, 163.

Во спомените на Иван Попов за откривањето на четите од Турците се вели: „Му пишавме на Толјо (Толе з. м.) Паша и на Дедо Колјо, со кое ги известувавме дека сме дошле, та да се сретнеме. Не знам како, нашето писмо попаднало во рацете на аскерот, којшто престојуваше во едно од соседните села. Ние, изморени од пат, се бевме нашле на падините на врвот Маргарит (Маргара, з. м.), близу до с. Крушевец (И. Попов погрешно го предава името на селото Чаниште). Утрото нашиот стражар, којшто беше на самиот врв не извести дека од сите страни сме опколени од војска.“ (Види: Д. Димески, Борбата кај с. Чаништа…, Прилог I, Спомени за битката на Иван Попов, 158, 159.)

13 Ѓ. Петров, Спомени, 148.

Димитар Димески наведува дека, според тврдењето на Ј. Попов од селото Чаниште, чиј исказ е депониран во докуменатцијата на Институтот за национална историја во Скопје, било извршено предавство од страна на двајца жители на селото Чаниште – поп Ристе и Трајко Мојанецот, кои го известиле аскерот во селото Старавина.

Подоцна поп Ристе, за предавството, бил убиен од луѓе на Организацијата. (Види: Димитар Димески, Чаништа – врвен дострел на Ѓорчевата востаничка дејност, зборник Ѓорче Петров и Пере Тошев, Прилеп 1974, белешка 21, 36.)

14 Исто. Христо Силјанов, Ослободителните борби …, 432. Силјанов истакнува: „Машката одбрана на 20-тината момчиња околу Јово им овозможи на другите делови од одредот да ги заземат стратешките чуки, а на Ѓорче да излезе од селото заедно со динамитот.“

15 Исто.

16 Исто, 149. Според Христо Силјанов, преку денот Турците постојано добивале засилување и нивниот број стигнал до 5 000. (Х. Силјанов, Ослободителните …, 432.)

17 Христо Силјанов, Ослободителните борби …, 432.

18 Исто.

19 Ѓорче Петров, Спомени, 149. Милан Ѕвездов, Спомени (Д. Димески, Борбата кај с. Чаништа, 1903 г., Прилог II, спомени на Милан Ѕвездов, Современост бр. 2, Скопје 1969), 164.

Милан Ѕвездов за повлекувањето на четите од Маргара вели: „Мачно се чекореше. Ги заобикиоливме селата Орле, Маково и Рапеш, без да се сретнеме со непријателот, и дојдовме зад грбот на Турците. Пристигнавме до с. Рапеш, ја прегазивме Црна и веќе се зазори. Ги поседнавме височините ’Ероите‘ , Будимирско.“

20 Г. Трајчев, Град Прилеп, 242.

21 Х. Силјанов, Ослободителните …, 432.

За загинатите комити од својата чета, Иван Попов пишува: „Од моите четници двајца паднаа: Кузо Голавода, најхраброто момче и Христо Бапчорски, исто така храбро момче, кое во Невеска уби четворица Турци.“ (Види: Иван Попов, Спомени за битката на Маргара, 159.)

Димитар Димески тврди дека загинале четворица од комитите, Ордан Варошлија, Иван Шешката, Кузо Голавода и Х. Бапчорски. Меѓу ранетите, освен споменатите, според него бил и извесен Лука, Влав од Костур. (Види: Д. Димески, Чаниште – врвен дострел …, белешка 30, 37.)

22 Исто. Според Г. Трајчев во костурските чети и четата на Ѓ. Петров имало 4 убиени комити и 16 ранети: Г. Трајчев, Град Прилеп, 242.

Според Христо Силјанов, четите имале тројца мртви и 7‡8 ранети, а за жртвите на Турците Силјанов пишува: „На местото на битката Турците оставија многу трупови ( тие не се 400 колку што мисли Попов, ниту 200, како што кажува Ѓорче, но секако се многу).“ (Х. Силјанов, Ослободителните …, 432.)

Во спомените на Иван Попов се вели: „…Турците наспротив, во тоа сражение дадоа доста жртви; селаните од с. Крушевец (се однесува на Чаниште, з. м.) не уверуваа дека имало до 400 души убиени, коешто е многу веројатно, зашто Турците многу дрско настапуваа, та се доблужуваа дури до 5 метри, до на штик … Турците цела недела таму се движеа за да прибираат мртви и ранети.“ (Види: Иван Попов, Спомени, 160.)

23 Г. Трајчев, Град Прилеп, 242.

24 Х. Силјанов, Ослободителните …, 432.

25 Ѓ. Петров, Спомени, 149.

26 Х. Силјанов, Ослободителните …, 432.