СИЛНИКОТ МУСА МУСЛИОСКИ – ПЕЛИВАНОТ ОД МУСИНЦИ (2)

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово 1856 – 1950Автор: Томе Велјаноски

Подготвил за печат: Тренчо Димитриоски)

МУСА МУСЛИОСКИ ВО ПОДМОЛ

Откако силум бил истеран од Лопатица Муса Пеливанот со неговата замисла за убав живот се наседелил во Подмол. Муса уште од младите години ги познавал подмолци, и од нив како и од лопатичани порачувал јадења какви што ќе му се присакало, ама поретко. По нападувањето од Лопатица, тој во Подмол се чувствувал побезбеден и поради тоа станал постојан несакан гостин во ова село. Овде ја избегнал доминацијата која во Лопатица ја имале Толепашовци, до Подмолско не допира планината и шумата, а во Подмол турската власт имала добиено една куќа како станица за турските заптии и Муса имал повеќе контакти со Турци што го правело посигурен. Кога се префрлил во Подмол Муса таму ги затекнал лопатичаните Шутаковци на кои во Лопатица им изгорел целиот имот. Муса и Шутаковци не се „примале“ и Шутаковци се иселиле во Прилеп, а тој загосподарил со Подмол како што си замислувал. Кога ќе му паднело на умот Муса ќе појдел во Подмол, ќе си го порачал саканото јадење, ќе се провртел кај заптиите, ако биле тука, кај ковачите, кај анџијата, кај воденичарите, кај чешмата на сред село се додека не било готово јадењето, ќе си го земел и ќе си заминел дома за Мусинци. Кога ќе му завршело јадењето што го зел Муса повторно доаѓал во Подмол за да си порача ново јадење. Тој обезбедувал јадење од Подмол за целото свое семејство и затоа брзо го трошел, та понабргу доаѓал да порачува ново јадење. Најомилено јадење на Муса му биле мрсните питулици пржени во тава во врела овчка маст. Подмолци по природа се мајтапчии, па на Муса му ставиле прекар „Питуличарот“.

Еден споменик од атарот на селото Мусинци

Често кога Муса одел на лов порачувал јадење во Подмол за себе и за своето семејство и на враќање доаѓал повторно во селото, ручал и земајќи го останатото порачано јадење заминувал дома во Мусинци. Се случувало да доаѓа и со другари и да порачува ручек и за другарите и за нивните семејства. Кога ќе се врателе од лов со другарите доаѓале во куќата каде имал порачано ручек и за време на ручекот им се фалел пред своите другари ловџии како во Подмол сите му се пријатели и на која куќа да тропне вратата му била отворена. Притоа за потврда го прашувал домаќинот дали е така, а тој, од немајкаде, одговарал потврдно. Додека Муса со својата ловечка дружина ручале во куќата каде што имал порачано ручек, често Муса наоѓал некој од селото да му ги исчисти загарите од калта, да му ги исчисти цигарлаците (чибуците) и да му завитка цигари, а лулињата да ги исчистат и да ги наполнат со тутун дробен на аван. По ручекот се да биде подготвено и да си одат дома. За ваквите работи Муса имал голема доверба во домаќинот Иван Николоски и затоа често бил повикуван за да ги заврши. Иван Николоски бил земен раненик откај Кеновци и по името на очувот Никола го завикале Иван Николоски. Иван Николоски (Кеноски) по природа бил многу немирен и палав човек. Кога ќе го повикале Муслиовци и кога времето било убаво за да работи надвор, тој земал едно ќебе, го постилал крај реката, потоа ќе ги забришел загарите, ќе ги исчистел цигарлаците и лулињата, ќе ги наполнел со тутун, ќе завиткал и цигари, а потоа сите лулиња и цигарлаци со устинките ги поминувал под опашките на загарите и така ќе ги наредел на ќебето.Кога агите ќе завршеле со ручекот, ќе дотрчале и веднаш се фаќале за цигарлаците, лулињата и цигарите и само што ќе ги запалеле и ќе тргнеле од чадот им станувало сомнително нешто со вкусот па велеле: „Ај, анасана, зошто го палит тутунов?“ Пак ќе тргнеле од чадот и повторно ќе речеле: „Го палит!“ Ќе ги разменеле цигарлаците и лулињата меѓу себе, ќе тргнеле и пак повторувале: „Го палит тутунов“ – ќе завртеле со главите и си зборувале самите: „Го палит, не го палит кога го сакат душата и устата, носот ако не го сакат нека не го мириса!“ – па ги собирале своите работи и заминувале за Мусинци, а често меѓу другарите на Муса имало ловџии и од околните села. А тоа со цигаралаците и лулињата Иван Николоски секогаш кога ќе го повикале им го правел како на погоре опишаниот начин. Домашните секогаш го карале: „Немој Иване, ќе те сетат, ќе те отепаат!“, ама Иван, како Иван, си терал по свое и велел: „Море, верата нивна, јас немам моја работа, не сум стока (добиток) со мене да си играат играчки. Тоа можам, тоа им го правам за да им наштетам, а кога ќе се роди некој појунак од мене и главите ќе им ги отсече“. И навистина така станало. Муса Муслиоски – Пеливанот, наречен уште и Питуличарот, си замислил дека е вистински господар на Подмол, дека сѐ е под негова контрола и дека може да прави сѐ што ќе посака.Можеби бил охрабруван и од турската власт преку заптиите во Подмол за да ја притиска рајата, за да биди потчинета и да има страв од неа. Често се случувало, Муса да претресува пазарџии, разни патници кои поминувале низ Подмол и гости на сретсело, кај чешмата. Посебно им ги претресувал торбите на пазарџиите од Лопатица кои патот ги водел низ Подмол. Ако нешто му се допаднело тој го задржувал за себе и го носел дома, а се правдал со зборовите: „А бе, чорбаџи, жими верата мој, ова го треба мене, не е голем, скап работа, ти пак ќе одиш на пазар, пак ќе го купиш, ама тој мојот жената, анамата, ногу лош, катиљ е, ако не однесам вечер мене ни жив, ни умрен не пушти дома. Ако треба ќе платам само сега немам парите, не заборавам, ќе платам.“ И така сѐ со ветување и ќе завршело. Ова на лопатичани Муса им го правел за одмазда затоа што го избркале оттаму или да ја покаже својата моќ пред незаштитеното христијанско население.

Уште кога ќе влезел во Подмол Муса застанувал на сретсело, кај чешмата и чекал. Кој прв ќе наминел од подмолците го запирал и им заповедал; „Да одиш чорбаџи кај филјанкишија домаќин, да носиш поздрав од мене да го направи јадење и да дојдиш назад овде да ми кажиш дали го најде дома и што направи со порачката“. И така, Муса ги држел подмолци во „ножици“, во незгодна ситуација, да одат по туѓите куќи да се срамат и да порачуваат јадење за него. Ако времето врвело и никој не доаѓал кај чешмата Муса самиот со себе си разговарал, односно, се прашувал и си одговарал каде да порача јадење: „Да одам кај Тасевчето, убав куќата и убав јадењето што го правит. Ама многу е далеку, да одам кај Најдовчето, седит кај вакавот. Да одам кај Цоцевчето, е другпат ќе одам, да одам кај Кржевчето, многу домус го шетат на дворот, од домусот го палит и дворот и куќата. Е, ќе одам кај Кеновчето, и тој го правит убав и мрсен питулица. Ама другиотпатќе одиме да правиме мрсен питулица со маст кај Котевчето.“ Ќе ја „испеел песната“ Муса и ќе влезел некаде каде ќе му фател акалот да порача јадење. Кога го земал порачаното јадење Муса се правел многу милозлив и љубезен, ги фалел „ѓаурките“ дека се добри домаќинки и знаат да направат јадење, а неговата анамка не знаела да прави такво убаво јадење и ако не биле тие, „ѓаурките“, неговите деца ќе умреле од глад. „Жими мојот вера!“ – велел Муса.

Марулчанката Анѓа Павлеска, мажена за Ристе Кеноски во Подмол била бестрашна жена, ја сакала правдината и на Муса Пеливанот му велела: „Ага, Муса ефенди, ние ѓаурките, велиш правиме убави јадења, ручеци и вечери, прстите да си ги изедиш од сладина и во која куќа да влезиш во нашето село секаде ќе најдиш убави јадења. А ти, ага Муса, кога пак ќе идиш во нашето село за да порачуваш јадење, ај ти ага Муса донеси ја твојата анама, жената ти, ем ќе се видиме, ќе се запознајме, ќе се разговориме ние жените заразни јадења. Ако твојата жена не знај да ги прави нашите јадења ќе ѝ покажиме како се прават за да види и ќе се научи и дома да ти прави исти вакви јадења, ем за децата, ем за вас двајцата. Зошто ти, ага, да доаѓаш и да се мачиш по горештината дури во Подмол по јадење кога можиш дома да го имаш истото јадење. Ако твојата анама не се научи еднаш, нека поседи една–две недели овде кај нас на наш мастраф и ќе се научи да прави јадење.“ Муса одговарал: „Е, ти Ристејце го правиш голем грев за жената мој, тој жената мој на туѓа куќа да седи неубав работа, срамота и греота е.“ „Муса–ага – му одвраќала Анѓа – ако твојата жена не сака да седи во нашата ѓаурска куќа, тогаш нека седи во анот на Трајан Балтоски.“ „Охоо, уште полош работата го кажа ти – одговарал Муса – таму, на тој ано на Балтовци само ѓаури го вртат внатре и јас да пуштам жената мој таму, верувај Ристејце, жената мој ќе го онеми. Еее, Ристејце, голем грев ќе пишит тебе господ, жими верата мој, знам, во ќатипот наш лошо ќе го пиши на душата твој.“ „Море, оган силен да ми те изгори, треба работа, треба мастраф, брашно, мрсно, оган, а ти и твојата анама на готово, месено, печено, зготвено, само ќе се налапате и ќе си легните. Баш нашите деца ќе ги умриме од глад поради вас, ама кога се нема спас ќе си ведиме ничкум главата“ – си велела за себе и пред своите Анѓа марулчанката. Истата, му велела на сина си Видана: „Синко, чедо, ако овој ѕвер продолжи вака ќе ни го запусти селото, барајте чаре, некој спас од него!“ „Е, мори мајко – велел Видан – и внук ти Стојан (Павлески од Марул) од брата ти Анѓелета се обиде да го одбрани татка си од ќотекот на полјакот Тоската, ама за дваесет лири го отепаа Стојана во долчето кај чешмата Шопур во Чумоечкото. Сигурно и за Муса Питуличарот ќе се најде некој појунак од него само не му е дојденденот и саатот.“

Муса Пеливанот си работел смислено, тактички. Оние кај кои не одел, не навикнал да оди или не му се бендисувале во домаќинлакот ги терал да му порачуваат јадење од кај тие кајшто одел и на тој начин правел закачки и омраза меѓу домаќинствата во Подмол. Оние кај кои не одел им префрлале на другите дека имаат постојано гости, а на тие кај кои одел не им било пријатно да слушаат префрлања, брецкање и разни непријатни муабети од своите соседи и сл. Тие сакале да се ослободат од Муса и да го нападат за да не им биде чест гостин, а оние другите се плашеле да не се навикне да оди и кај нив и да не можат да го отпадат несаканиот гостин, Муса Пеливанот. Еден бестрашен млад човек кој се решил да го напади Муса од својата куќа бил Куле Кеноски. Куле бил земен раненик кај Кеновци од Доламовци од Путурус. Куле отворено настапувал против Муса Пеливанот – Питуличарот. Дома се расправал со своите да не му приготвуваат никакво јадење и постојано ја поддржувал стрина му Ристејца (Анѓа) дека таа е во право. Самиот се заканувал дека ќе излезе на патот и ќе му се спротивстави на Муса да не доаѓа повеќе во нивната куќа, ниту, пак, во нивното село Подмол. Куле ги фалел лопатичани дека се решителни мажи и го нападиле Муса. „А ние, подмолците, сме неединствени и неспособни и ќе го носиме на нашиот грб тој гороглед Турчин, тој не е никаква власт, тој е обичен и прост насилник. Ние дома ќе трпиме и ќе постиме, а Муслија Питуличарот ќе го мрсиме и гоштеваме. Тој ќе седи распашан крај нашите огништа, а ние ќе се туткаме во јаслите. Ако не сме способни ние да го нападиме, ќе го порачаме Толе Паша со неговата чета, нема да не одбие, туку ќе го протера Муса и преку Мусинци. Лопатичани дадоа двајца комити, ама селото си го чуваат од арамии. Ние работиме дома за Муса Пеливанот – Питуличарот“ – зборувал Куле Кеноски пред своите подмолци.

Муса си терал по свое. Неканет, окантарен гостин во Подмол. Било во работен ден, било во празник, било во стриг (на овците). Тој ги познавал сите подмолци и си правел испрати–пречекај на чешмата кај сретсело, кај анот, кај ковачницата, кај воденичарите, кај заптиите. И така си ги поминувал деновите. Кога било невреме, Муса останувал и да преноќева во некоја куќа во Подмол. Не сакал да преноќева во анот за да не плаќа. И за ова Куле Кеноски многу се бунел. „Ене го анот, нека преноќева и нека си плати. Кај го храни селото, му спрема јадење, па и за ноќевање да му мисли“ – се бунел Куле. Муса се чувствувал силен, а можеби сметал и дека не е штетен со неговото однесување, којзнае?

Подмолците кои си имале доверба меѓу себе постојано планирале како да се ослободат од постојаниот несакан гостин Муса. Обрачот на Муса му се стегал. Насила наметнатото пријателство кај подмолци се губело. Тајно планираното убиство на Муса било извршено од тие кои Муса многу добро ги познавал. Како што ми кажуваше тетка Калина Кеноска Тошеска, 80-годишна жена која пораснала во куќата на Кеновци како ќерка на Видан Кеноски кој бил син на Анѓа марулчанката, последните питулици на Муса Пеливанот – Питуличарот му биле токму во нивната куќа. На првиот ден на Велигден во 1902 година Муса Пеливанот навратил кај Видан Кеноски во Подмол за да си ги земе, порачаните, пресно пржени во маст, и сѐ уште топли питулици. Питулиците кои биле околу еден шиник биле подврзани во две шамии и ги донесол домаќинот Видан Кеноски. Носејќи ги в раце шамиите со питулиците Видан Кеноски зел да го испраќа Муса Питуличарот надолу по брежето (ритчето). Одејќи Муса со пушката на рамо и цигарата де в уста, де в рака си правеле муабет сѐ за питулиците. Муса му кажувал на Видан како неговите деца многу ги сакаат и ги јадат мрсните питулици и кога ќе ги изедел пак ќе дојдел да порача во Подмол. Ги фалел подмолските домаќинки дека знаат да прават убави јадења, а дека неговата анама не знаела. Рекол дека сакал да остане на сретсело и да го погледа орото, но дека се брзал за дома, за да ги однесе питулиците за да ги јадат децата додека се топли. Кога наближиле до патчето кое водело кон Лопатичка Река, кај местото Мерата забележале двајца луѓе кои доаѓале по другото патче од Подмол и застанале да ги почекаат. Тие двајца биле Куле Кеноски и Ристе Цоцески кои доаѓале накај нив со по едно стапче во рацете. Се сретнале четворицата, си го честитале празникот Велигден и се прашале кој каде тргнал. Видан рекол дека никаде не оди и дека само го испраќа гостинот, а Ристе Цоце и Куле Кеноски рекле дека мислат вечерта да одат во Путурус кај роднините на Куле, а следниот ден да останат на гости за Велигден во долните села, но во кое село точно ќе решат откако ќе преноќеваат во Путурус. Со тоа тие ја изнесле нивната намера тој ден да излезат од Подмол. Тоа било околу 13 часот.

Пред да се врати назад во Подмол, Видан се поздравил со Муса и му рекол: „Ага, еве ти пријатели за по патот до Мусинци“, и со тоа сите се сложиле. На разделбата Муса повторно му напоменал на Видан дека откако ќе ги изедат питулиците пак ќе дојде. „А, бујрум ага, добре дошол“, а кога Видан му ги предавал питулиците на Муса завиткани во шамии, Ристе Цоце прашал што има во шамиите, на што Куле рекол: „Е, бре, Ристе колку си несетен, денес е Велигден, сите го правиме (празнуваме), сигурно и Муса добил нешто за празникот.“ Тогаш Муса се насмеал и одговорил: „Бравос, бре Куле, така, ете братов, чорбаџи Видан не остави мене празен, направи питулици.“ „Е, убаво ага, убаво, денешшот празник е за сите“ – потврдил Ристе Цоце. Откако Видан Кеноски се ослободил од гостинот тројцата тргнале со муабет кон Лопатичка Река. Правеле муабет за тоа како Муса купил пресен тутун од канатларските препродавачи на тутун. Се пофалил и Куле дека купил тутун од истите препродавачи и се договориле да направат починка крај Лопатичка Река и да разменат тутун од своите кожени ќесиња. Така и направиле. Штом стигнале до Лопатичка Река седнале на тревата на една лединка крај реката, ги извадиле тутун–ќесињата, се расположиле и Муса ја симнал пушката од рамо и ја положил крај него. Одморајќи зеле да виткаат цигари разменувајќи ги ќесињата за да видат кој има поарен тутун за пушење. Поседиле извесно време, одмориле и станале да се подготвуваат за да го продолжат патот. Но Куле и Ристе имале поставено задача за извршување, а овде во реката им се дала убава можност за тоа. Ако ја испуштеле можноста сега, кога ќе тргнат понатаму и наближат до селото Мусинци ќе биде тешко да се изврши задачата, а овде е далеку и во реката не се гледа и помалку се слуша. Прв станал Ристе Цоце и го зел стапот што го носел со себе. Муса сѐ уште седел и го врзувал ќесето за тутун. Тој не знаел што му се подготвува. Ристе замавнал со стапот и го удрил Муса по главата. Муса се превртел од ударот на земја, но набрзо почнал да станува и посегнал по пушката. Само што ја фатил замавнал со стапот Куле и Муса повторно паднал на земја. Замелушен од ударите го грабнале Ристе и Куле Муса и зеле да го бодат со ножевите. Тој повторно се обидел да ја земе пушката, а Ристе и Куле му ја откинале и ја фрлиле настрана. Пушката била откочена и кога паднала на земјата пукнала. Ристе и Куле како да се исплашиле од истрелот, или пак мислеле со нападот само да го заплашат Муса, а можеби помислиле дека е мртов, го оставиле да лежи на тревата и почнале да бегаат нагоре по Лопатичка Река. Само што почнале да бегаат по реката се појавил Ристе ковачот од Подмол и им свикал: „Што направивте, бре деца?“ Кога дошол до телото на Муса тој сѐ уште давал знаци на живот. Ристе ковачот си рекол во себе: „Ако преживее овој ѕвер ќе го испусти селото Подмол, ќе страдаат многу невини“, ја извадил секирата од товарот на коњот и со тилот од секирата го дотепал Муса.

Ристе Ковачот бил ковач во Подмол и на денот на убиството на Муса се враќал од Маково од каде носел дрва за да прави ќумур за својата ковачница. Тој брзо си дошол во Подмол и му кажал на селскиот коџобашија што се случило. Тогаш коџобашија бил Лозан Кржески. Сретеселото се растурило, сите биле исплашени и се прибрале во своите домови. Пукањето на пушката го слушнале и во Мусинци, па Мусинчани се запрашале зошто пука Муса во ова време. Тие го познавале звукот на пушката од Муса. Во Подмол веќе знаеле дека ќе реагираат роднините и пријателите на Муса и го очекувале нивното доаѓање заедно со роднините и пријателите на Муса од околните села. Чекајќи го Муса да си дојде дома неговите домашни почнале да се сомневаат дека нешто се случило и тргнале по патот за Подмол. Кога дошле на местото каде што пукнала пушката го нашле Муса отепан. Загарите квичеле околу неговото тело. Сигурно и тие ја препознале пушката на Муса и дотрчале кај нивниот господар. Се вратиле назад мусинчаните, зеле запрежна кола, го товариле телото на Муса и го однесле во Мусинци.

Полето од селото Мусинци кон Подмол со селото Добрушево

Убиството на Муса бил голем удар за мусинчани. Тоа за нив било трагично и понижувачко зашто Муса им бил идол. Тој се борел за нив како пеливан на нивните празници. Отишле некои мусинчани до гарнизонот на аскерот во Битола и му јавиле дека во Подмол дошле комитите, го пречекале на патот мусинчанецот Муса и го убиле во Лопатичка Река. До ноќта аскерот дошол до Подмол и го сардисал селото. Турците довлечкале и топови. Ноќта пристигнале и заптиите од Битола. Очекувањето на Турците од Мусинци и околните села во кои Муса имал пријатели да дојдат и да се одмаздат за убиството не се исполнило. Веројатно, сите Турци не му биле пријатели на Муса, а размислувале и за тоа дека во ноќта не е толку безбедно да се оди во Подмол каде мислеле дека можат да дојдат комитски чети за одбрана, а и самите Турци ги фатил страв дека убиството на Муса значи накренување на рајата и дека постои можност да загине и некој друг од Турците.

Карпата Црвеница кај с. Лопатица, Прилепско каде што се криеле Куле Кеноски и Росте Цоце

Жителите на селото Подмол, исто така, не седеле со скрстени раце. Селскиот коџобашија Лозан Кржески отишол и го прашал Ѓорѓија Бешлакоски дали ќе може и ќе сака да појде во Битола кај Марко Нешкоски, подмолец иселен во Битола кој седел во Поп–Марковото маало за да бара помош од меѓународната комисија во Битола за да го заштити селото Подмол од грабеж и убиства и да му јави на газдата на неговото маало во селото Подмол, Евреинот Сабо дека се случило убиство и да бара заштита. Ѓорѓија Бешлакоски се нафатил иако бил спречуван од домашните поради тоа што порано му бил направен обид за убиство во синорот на селото Канатларци од тамошните Турци, при едно враќање од пазарот во Битола. Овде кратко ќе се навратам на раскажувањата за Ѓорѓија Бешлакот.

Кога во селото Могила завладеал познатиот Шефки–ага сите ѓаури кои ќе поминеле во неговиот синор не смееле да застануваат оти ги чекала парична и физичка казна. Ова не важело за Ѓорѓија Бешлакоски. Тој си врвел низ могилскиот сињор и во него си го пасел коњот. На три пати кога поминувал Шефкија го измерувал со поглед и ништо не му рекол. Шефкија се чувствувал многу понижен и збеснувал од мака што еден ѓаурин му ја „зел“ силата. Горѓија не носел со себе ластегарка, туку по себе влечкал цела „греда“. Самиот Горѓија Бешлак кажувал дека кога ќе поминел покрај Шефкија овој остро го погледнувал и си заминувал на коњот со фрчење. „Без нервоза – велел – чекав некоја реакција и одма ќе му ја ставев ластегарката“. Поради тоа Шефкиовци платиле убијци на кој било начин да го убијат Горѓија.

Не се знае точно дали било пролетта или есента 1901 година Горѓија Бешлакоски и неговиот соселанец Кочо Сиџимоски се враќале со коњите од пазарот во Битола во малку подоцно време. Кога дошле над селото Добрушево, во канатларскиот синор, доцна вечерта одеднаш згрмеле пушките на тепачите во правец на белиот коњ на кој со некој чекор поназад од Кочо Сиџимоски јавал Горѓија Бешлакоски. Во тој момент Ѓорѓија се навалил на коњот како да е отепан и тепачите мислејќи дека го погодиле престанале да пукаат. Коњите на Ѓорѓија и Кочо се исплашиле од пукањето и прснале да бегаат по патот за Подмол. Во бегањето тие се разделиле еден од друг. Коњот на Ѓорѓија заедно со него си дошол ноќта дома, двајцата живи и здрави, додека коњот на Кочо си дошол дома сам. Кочо паднал некаде по патот и се онесвестил; и освестувајќи се, од страв се вратил дома дури по три дена. Ни тој не бил погоден од – куршумите на убијците. Дедо ми Ристе ми кажуваше дека еднаш тој и Ѓорѓија Бешлак се враќале со добиците од прилепскиот пазар и застанале со товарените добици да се одморат на бунарот на пазарскиот пат во синорот на Штавица. Ѓорѓија Бешлак ја засукал ногавицата на волнените панталони „и што ќе видам – рече дедо Ристе – жилите на неговите нозе му беа дебели како прстите на моите раце, па си реков самиот за себе, затоа стрико Ѓорѓија не се плашел од ѕверот и насилникот Шефкија Могилски“. Ѓорѓија Бешлакоски сам кревал воденички камен во леглото за мелење брашно.

Ете таков бил Горѓија Бешлакоски и токму затоа ниту при овој случај со убиството на Муса Пеливанот не ги послушал домашните, туку се нафатил да оди во Битола, велејќи дека е подобро тој да загине отколку целото село да страда. Го јавнал коњот и правец во Битола кај подмолецот Марко Нешкоски.

Сестра на коџобашијата Лозан Кржески била мажена за Тале Нешкоски во Подмол. Марко и Лозан биле сватоштини. Горѓија Бешлак му раскажал на Марко за ситуацијата во Подмол и заедно отишле кај газдата на маалото Евреинот Сабо. Марко Нешкоски и Сабо преку своите пријатели во Битола стапиле во контакт со Меѓународната конзуларна комисија. Оваа комисија веднаш стапила во контакт со валијата во Битола и со штабот на аскерот во Битола и ги предупредиле дека аскерот не смее да презема постапки против недолжното население во Подмол и дека што и да се случи, од сега натаму одговараат аскерот и валијата. Валијата потврдил дека аскерот е на пат за Подмол, но дека тој оди таму да ги гони убијците, а не невиното население. Откако ја завршил оваа работа Ѓорѓија Бешлак се вратил дома во Подмол, а набрзо потоа стигнал и аскерот и го сардисал селото. Веста што им ја донесол Горѓија на подмолци им дала надеж дека ќе бидат спасени и се посмириле. Во понеделникот со пајтон стигнала и Меѓународната комисија од Битола составена од четворица членови. Комисијата стигнала претпладнето. Селото било сардисано од сите страни, а топовите навртени кон селото. Меѓународната комисија и дел од офицерскиот кадар на аскерот ги собрале селаните на сретсело и ја испитувале работата зошто станало убиството. Убијците биле откриени, обвинети и осудени со смртна казна во нивно отсуство, а нивните глави биле уценети на по педесет турски лири кои ќе му бидат исплатени на оној кој ќе ги убие или предаде на власта. Ситуацијата се посмирила и Меѓународната конзуларна комисија до вечерта си заминала за Битола. Селото останало сардисано сè до средата попладнето. Биле испитувани сите селани и тие што биле обвинети веднаш биле испратени во затворот во Битола. Само од Кеновци биле обвинети и затворени шестмина мажи. Татко ѝ на Калина, Видан Кеноски, одлежал шест години во битолскиот затвор и бил ослободен дури за време на Младотурската револуција во 1908 година.

Убиството на Муса Пеливанот сигурно било планирано долго пред да се случи. Планирањето се вршело во строга тајност во семејството на Кеновци и никој дург во Подмол не дознал за ваквиот план се додека убиството не било извршено од Куле Кеноски и Ристе Цоце. Куле и Ристе го следеле движењето на Муса кога доаѓа во Подмол и кога ќе си оди од селото. На денот на убиството тие го следеле излегувањето на Муса од селото со Видан Кеноски и се одделиле од народот и орото без да бидат забележани ниту од нивните жени. Така, по долги години и децении малтретирање кое подмолци го трпеле од Муса овие двајца храбри жители на селото решиле да го спречат натамошното малтретирање и понижување. По убиството на Муса односите на подмолци и мусинчани биле сведени на нула. Омразата пораснала и доаѓало до чести пресметки помеѓу жители на двете села. Мусинчани не можеле да се помират со фактот дека нивниот пеливан загинал од ѓаурска рака и тоа траело дури до Првата светска војна кога властите се измениле.

По убиството на Муса, Куле и Ристе се засолниле во карпестото место Црвеница во близина на Лопатица и следеле каква реакција ќе има од Мусинци. Седејќи тука преку цела ноќ помислиле што ќе се случи дома со нивните во селото. Следниот ден виделе дека нивното село е сардисано од аскерот и не можеле да забележат ниту еден подмолец во полето за да направат каков било контакт. Сфатиле дека селото е изолирано и со криење во карпите то поминале и тој ден. Вечерта во понеделникот со криење и лазење отишле во Лопатица кај Пешковци, зеле нешто за јадење и по една волнена сакма за студените ноќи и се вратиле во карпите на Црвеница и местото Ѓокоец во Подмолското. Така со криење останале дури до средата кога околу пладне ја слушнале трубата и забележале дека аскерот се собрал и се упатил кон Мусинци. Дури во четвртокот стапиле во контакт со некои од овчарите од Подмол од кои ги слушнале и првите информации за тоа што се случувало во селото. Куле и Ристе се поослободиле и имајќи на ум дека по нив може да биде испратена потера, кога едниот одмарал другиот стражарел. Зеле да планираат што ќе прават во иднина.

КУЛЕ КЕНОСКИ (ДОЛАМОСКИ) И РИСТЕ ЦОЦЕ ПО УБИСТВОТО НА МУСА ПЕЛИВАНОТ

Куле Кеноски (Доламоски) е роден во Путурус во семејството Доламоски, од каде бил даден раненик кај Кеновци во Подмол. Годината на неговото раѓање засега не е позната. Куле бил оженет и имал едно девојче по име Сика. Тој не сакал да оди комита од жал за семејството и малата Сика. Откако се смирила ситуацијата во Подмол, Куле една вечер се прибрал во селото, се поздравил со домашните и со уште некои со кои имал можност и со жената и ќерката Сика заминал за Бугарија. Оттогаш се губи секаква трага за него.

Ристе Цоце по убиството на Муса Пеливанот заминал комита и комитувал се до 1905 година кога загинал во селото Бонче. Повеќе за него по материјалот за борбата во кулата во Бонче. (https://www.pelagon.mk/2020/02/19/)

Раскажано од:

1. Трајана Степаноска, Марул

2. Ристе Јовчески, Марул

3. Калина Тошеска Кеноска, Подмол

4. Трајан Бешлакоски, Подмол

5. Благоја Талески, Подмол