ГРОЗДАН ГРУЈОВ ШИЈАКОСКИ ОД ЛОПАТИЦА СИМНАТ ОД БЕСИЛКА ВО БИТОЛА – СТРАДАЊАТА НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО СРПСКИТЕ ЗАТВОРИ 1924 -1925 ГОДИНА

Претставникот на комитетот на ВМРО од Лопатица, Прилепско Гроздан Шијакоски бил осомничен и приведен од српската власт меѓу првите. Власта го товарела Гроздан со големи политички гревови како претставник на комитетот на ВМРО, како најблизок соработник на „бугароманот“, војводата Петре Ацев, како негов соработник за време на турнејата, како пропагатор и водич на четата на војводата Петре Ацев, при основањето на комитетите. Татко му на Гроздан, Грујо Шијак, учителот бил комита во четата на Толе Паша. Самиот Толе Паша имал изјавено дека е Македонец и дека ќе се бори против туѓите пропаганди. Исто така и Грујо Шијак, кој бил учител, се борел против сите странски пропаганди, па и против српската. Тоа го знаела српската власт од своите кодоши србомани и оваа можност ја искористила да се одмазди место на Грујо, на син му Гроздан.

Откако ја донесле пресудата за Гроздан Шијак му соопштиле на неговите најблиски да појдат да го посетат и да се простат од него пред бесењето. Времето за бесење веќе било одредено. Гроздановите роднини, браќа му Марко и Никола и сестра му Неда со нивните семејства, како и други роднини отишле на простување, а на Гроздан веќе му била ставена ортомата околу вратот. Неговите најблиски, жената, децата, браќа му и сестра му виделе најгрда слика. Само што се изредиле роднините со простувањето стигнала наредба казната на Гроздан Шијак од смртна да се замени со затворска. Гроздан одлежал повеќе од две години в затвор. Неговата смртна казна била заменета со затворска под притисок на меѓународната комисија која била присутна на судењето. Сите затвореници биле осудени без откриени документи како докази. Поради тоа се спротивставиле меѓународните претставници и затоа имало испратено делегација по селата во кои имало колонисти за да ги испитаат дали тие имале некој проблем, провокации или напади и сл. од некој од организацијата што се вика ВМРО. Доселениците тврделе дека дотогаш немале никакви проблеми со таква организација, ниту пак слушнале дека постоела таква организација. Доселениците тврделе дека кај староседелците (тие не ги викале Македонци, туку староседелци) има многу добри луѓе и семејства со кои стекнале и пријателство. Меѓународните претставници велеле дека можеби постои таква организација (ВМРО), но таа е родена на овие простори, од овој народ и таа досега никого нема нападнато, ниту од власта, ниту од доселениците. Тие велеле дека постои група од одреден број луѓе со исти мислења и ставови, но тоа не значи дека се работи за политичка организација и неправедно е да им се суди без докази за направени политички дела.

Протестите на меѓународните претставници не им помогнале многу на затворениците. Судскиот процес завршил, им ги прочитале казните на затворениците и ги поделиле во групи за издржување. Осудениците кои имале да одлежат уште по три месеци останале казната да ја издржуваат во битолскиот затвор, а оние кои биле осудени на подолги казни биле натоварени на воз во Неготино и однесени во затворот во Пожаревац во Србија. До Пожаревац со возот патувале четири дена. Тоа било во февруари 1924 година. Времето било многу студено, во возот многумина настинале и се разболеле и никогаш не стигнале да ја одлежат казната, умреле уште по патот и никој не знае каде исчезнале телата на умрените затвореници.

Кога стигнале во затворот во Пожаревац затворениците биле сместени во некои коњушници. Немало никакви услови и затворениците фатиле тифус и туберкулоза, посебно кога дошол април, преку денот – топло, а ноќта дувал студен ветар откај реката Дунав и имало многу настинки, тифус, вошки, маларија од комарците. Храната била слаба, речиси никаква, устите им испукале, многумина за кратко време оќелавеле и повторно имало умирање. Косата на дедо ми Ристе му беше попадната по темето, местото скраставено и тој така неизлечен си умре. Затворениците во Пожаревац немале прибор за јадење, на тројца им давале по една лажица. Марулците јаделе четворица со една лажица три месеци. Лажицата, што се вели, се чувала како очите, зашто се краделе. Немало ни сапун за затворските алишта, со нив се бришеле лице, со нив работеле и со нив спиеле.

Според податоците кои ги добивале по тајни канали дедо ми Ристе бил 4111-ти политички затвореник од Вардарска Македонија, а уште колку имало по него не знаеше да каже. Бројот на секој политички затвореник му бил запишан на неговата лажица. Кога ги пуштиле затворениците во април 1925 година, дедо ми успеал лажицата да ја прошверцува и ја донесол дома. Неа и денес ја чуваме како спомен од дедовиот затворски живот од 1923 до 1925 година на минатиот век.

При мобилизацијата на Македонците српските воени власти барале и товарен добиток

Затворениците во Пожаревац биле распоредени по групи и формирале работни единици. Ги терале на работа според нивната струка. Земјоделските работници и воените и цивилните затвореници ги терале по шталите да го собираат арското ѓубре и да го носат по нивјето, режеле овошки и лозја, саделе, орале, копале, поправале патишта и сл. Затворениците кои имале занает работеле по затворските работилници и по занаетчиските работилници во градовите. По четири месеци работа добиле сосема мала сума пари, колку да си купат лажица за јадење, а за бричење место жилети собрале пари и купиле ножици да си ги потстрижуваат брадите. Иако стара држава Србија била со многу низок стандард како во градовите, така и во селата. Политички српскиот народ бил поделен на две крила, Караѓорѓевци и Обреновиќи. Во истиот затвор со македонските затвореници имало и затвореници приврзаници на Обреновиќите. Имало и политички противници на српскиот режим од новоприклучените територии кон Србија по Првата светска војна, како што бил Пиротскиот крај, кој дотогаш бил во рамките на Бугарија. По кажувањето на затворениците Македонци, Србите не го сакале македонскиот народ и ги навредувале Македонците како народ со ниска култура, како необразовани, дека се мешавина од Турци, Бугари, Арнаути и цигани, а се фалеле дека тие биле победници и затоа ја пееле понижувачката песна:

 

Зора се зори, дан се руди–румени–црвени

Србија од сан се буди

Устајте и ви бугараши, робијаши

Е..м ви у д..е матер вашу

Хоќе да се ради, Србија се гради.

 

Ко на Балкану против Србе аташе

Биќе у саставу бугараше, робијаше

Србин данас хоќе да јаше

Истрошио се у рату, неќе пешке,

А сада и опанке су му тешке.

 

С једном руком пуне флаше

С другом само маше

Пије, пјева, весели се

И гледа како на српско имање

Данас црнче бугараше, робијаше.

 

Хоќе краљ да вас посети

И да мало вас просвети

Неќе више Вилхем Кајзер да вам каже – лаже

Да је Србија остала без маже.

 

Кад српски шмајзери запуцаше

Вилхем Кајзер уплаши се, побегаше

Побегаше у мишине рупе

У мишине рупе испод холандске луке.

 

Карактеристично е што во песнава Србинот е претставен како јунак, весел човек, но сиромав. Македонските затвореници ја слушале на разните средби со Србите, кога тие ја пееле.

 

МНОГУ МАКЕДОНЦИ УМРЕЛЕ ВО ПЛЕВАТА ОД ВРШАЧКАТА

 

За време на жетвата затворениците цело време оделе да помагаат по селата во Пожаревачкото поле, жнееле по цел ден, а навечер се враќале во затворот на спиење. Откако завршила работата со жетвата во полето се преминало на вршење на житото. Во тие краишта се вршело со моторни вршачки. Снопјето од житото ги собирале на одредено место и вршачката одела по куќите и ги вршела снопјето. Затворениците оделе на работа и за време на вршидбата и така цело лето биле по полето. За тогашните вршачки требало повеќе работна рака. Некои ја хранеле вршилицата со снопје, други ја правеле копата со слама, трети го собирале и го носеле житото итн. На затворениците кои ги правеле копите со слама им било најтешко. Затвореникот качен на копата за да ја ѕида сламата, а вулата–цевката од вршачката навртена право во копата ја терала плевата во луѓето, таа паѓала на нив и се наоколу било прашина. Затворениците кои физички биле послаби не можеле да издржат и се задушувале од прашината и плевата на копата со слама и умирале. Србите ќе речеле „бојкотира, не сака да работи” и до завршувањето на вршидбата, како што раскажуваше дедо ми, половината од Македонците изумреле. Србите само ќе речеле „бојкотирао, мајку му бугарашку“, ќе ги тргнеле телата на умрените и ќе порачале нова група. Каде ги носеле мртвите тела на затворениците не им било познато.

По завршувањето на жетвата, една ноќ во затворот снемало струја и почнало да се пука од сите страни. Во затворот летале куршуми и главата не се појавувала надвор. Кога прекинало пукањето, утрото во дворот на затворот имало купишта од телата на убиени луѓе. Дошле државните власти, началникот на полицијата и војската од градот, претседателот на градот, високите личности од округот и многу други од сите видови на власта. По сите испитувања се потврдило дека ноќта избувнал бунт во затворот, но, среќа што државните органи и служби биле будни и бунтот не успеал, бил скршен. Откако комисијата завршила со испитувањето ги собрале расфрлените тела на убиените, ги товариле на коли и ги однесле на закопување во непознат правец. На македонските затвореници не им било дозволено да присуствуваат на закопувањето. Сигурно српските власти се плашеле да не ги препознаат затворениците своите другари кои умреле во плевата при вршењето. Овој настан, од српските власти наречен бунт, се случил ноќта меѓу 7 и 8 септември 1924 година. Преку тајните затворски канали се дознало дека тие денови во затворот во Белград српските џандари жив го изгореле син му на познатиот војвода Питу Гули, Никола Гули.

По настанот со божемниот бунт во затворот во Пожаревац била зајакната вооружената стража, затворениците ги фатил страв да не бидат доотепани и одморале во групи, спиеле на смена. Зајакнатата стража траела кратко време и била употребена како тактика за да се оправда божемниот бунт. Затворениците сфатиле дека тоа била тактика за да се прикрие настанот со вршачката. Телата на умрените затвореници во плевата при вршењето ги чувале во некое студено место, во некој подрум. За да ги донесат во дворот на затворот морале да ја исклучат струјата. Телата во дворот ги донесле за да видат затворениците дека при пукањето имало убиени, наводни бунтовници и така власта, ако затреба, да се правда пред меѓународните претставници за човекови права. Сепак, никој ништо не побарал, умрените – умрени, нивните роднини никогаш не ги пронашле нивните тела и не знаеле каде се закопани, ја сфатиле играта на српската власт, но не можеле ништо да сторат.

Откако се дознало дека во Бугарија е убиен војводата Тодор Александров српските власти ја искористиле можноста да го поврзат тој настан со божемниот бунт во затворот во Пожаревац. На 25.09.1924 година тие во затворот оддржале собир и истакнале: „Во Бугарија веќе е убиен Тодор Александров, тој за кого вие овде лежите во затвор, гледате и самите Бугари не го сакаат.“ Во тоа време српската политика ја поддржувала Бугарија против македонството. На собирот српските власти, исто така, рекле: „Тодор Александров е убиен на 31 август, вие во вашите затвореници имате фракции за и против Тодор Александров и затоа дошло до бунт. Вашата информативна служба дејствува многу добро овде во затворот и ве информира за сите политички настани, па така дошла и информацијата за убиството на крвникот Тодор Александров, додека ние ништо не можеме да разбереме навреме, ние си спиеме“ – рекле говорниците на собирот во затворот во Пожаревац. Со ваквиот говор српската власт сакала да внесе несигурност кај македонските затвореници, да ги раздели на две крила. „Раздели, па владеј“ – вели старата народна поговорка.

Настапила есента, затворениците оделе на орање по селата, таму каде имало потреба сечеле дрва за огрев во шумите. Наближале божикните празници, па оделе да сечат дабови дрвја за денот пред Божик, Бадник. Поминало времето за лежење во затвор и во затворот повторно бил свикан собир од власта. На собирот властите истакнале: „Според законите на државата вие сте добиле превисоки казни, но грешката не е кај вас, туку во стражарите кои не биле будни.“ Ете така. На крајот работата излегла ем тепани, ем да не сетат болка. Ем одлежале затвор за направен прекршок, ем грешката не била кај нив. Грешка направил некој друг.

Кога ги пуштиле од затворот да си одат дома на затворениците не им дале никаков документ дека лежеле в затвор. Им ветиле дека документи ќе им испратат по пошта дома за да се правдаат со нив пред општинските власти. Документи, сепак, никогаш не добиле. Подоцна властите им велеле да седат мирни зашто тоа ќе ги чини пари.

По враќањето од затворот, откако се подзаборавило, дедо ми Ристе се качил горе на куќата да види што станало со документите што ги сокрил пред да замине затвор, но од нив не останало ништо. Тие изгореле од чадот и така се искршиле и искинале, ништо не останало од нив ниту за спомен.

 

За овие настани ми раскажуваа голем број директни учесници и очевидци, но не можам да ги набројам сите. Овде ќе споменам само тројца:

  1. Вангел Ристев Јовчески, татко ми – од Марул
  2. Јован Јованоски од Марул – лежел во битолскиот затвор
  3. Ристе Јовчески, дедо ми – лежел во затворот во Пожаревац