ДОЛИНА НА ТИШИНАТА

Во долината на тишината

Заспивам со тревите

Со мирисот на раѓањето.

Скриен во боите се стопувам

Со звукот на скакулците,

На штурците и славеите.

Ги слушам времињата

Како шепотат

На таен говор со карпите,

А заробен дух во земјата

Ме скокотка низ смеа.

Самнеам, трпнам и копнеам

Пред силна мисла

Да се слеам

во мирот под тревите

на бујните ливади.

Ветерот танцува со пролетта

Околу храмот

Заборавен на височинка

Замаен, сонувам лудост

Слушајќи песна за искон.

Љубов скриена во молк

Трепери за вечност

Со подземните скелети

Од човечки суштества

Замрени во времето.

Мојот корен е во смртта

На донечињата и

прозрачните желби.

Бескрајна нишка

Ме влече кон фаталноста.

Почвата на долината

Мириса на мене,

На моите коски,

На моето тело,

На мојата љубов,

На мојата мисла.

Вознесен, кликнувам

Под раскошните крошни

И распнат меѓу небото и земјата

Станувам вселена или

Зрак кој го пронижува логосот,

Ги преплетува воздухот и земјата

И станува крик

Претворен во птица,

Во растение, во инстинкт,

Станува шепот, молк или

Звук на змија

Кој фрла во стреш,

Па поткрева и

Станува порив

За живот во сè,

Засекогаш.

Во грамадните карпи,

Во коските на мртвите суштества,

Во искршените садови на постанокот,

Во сувиот раскош на природата.

Самнеам полн со постоење,

Одсекогаш и засекогаш.

Долината пее злокобна песна

Со глас, кој смирува,

Бодри и заплашува,

Привлекува со фатум

На немерлива смрт.

Пече небесен жар,

Зуе силно живот крај кладенците

И ја подгрева тишината

Претворајќи ја во осаменост.

Каде од овој свет,

Во каква заблуда?

Останувам и самнувам,

Пеам нечујно со тишината,

Ноќевам и денувам,

Претворен во сон,

Во инстинкт на природата,

Доживувам вознесение.

Животот замре во древен дух,

Се воомјази стравот,

Стивна во немоќ и

Се појави како зелена тишина,

Во ноќта се спотна надеж

За татковината и грмна зло.

Да се згроми злото

Со молња и гром,

Во долината на тишината

Да завладее радост, бескрајна.