ОСТАТОЦИ ОД РАНОХРИСТИЈАНСКИ ХРАМ НА ЛОКАЛИТЕТОТ ТРЕСКАВЕЦ КАЈ ПРИЛЕП

Нe постои прекин на светоста на просторот под Златоврв наречен Треска­вец. Сo еволуцијата на мислата се менуваат и идеологијата и свеста за просторот и сфаќањето на светот, но светоста останува како непрекинлива нишка која ги преживува сите катаклизми и идеолошки промени. Тоа се случува и со светоста на просторот под врвот Златоврв, висок 1422 m. Златоврв е централниот свет објект – центарот на светот, околу кој се развиле голем број свети објекти во различни периоди и го обележале светиот простор на Светата планина.

Култниот Златоврв доминира со околниот простор на Пелагонија

          Светите градби од некогашната античка населба Колобаиса се урнале, но на нивно место изникнувале нови свети градби, сѐ до денес. На местото на старите светилишта доаѓале нови посветени на актуелните богови. Како самите богови, преку човечката свест, да се борат за престиж и, во таа борба, едни паѓаат, а други остануваат како победници да владеат со светот и со луѓето. Така се случува сѐ до доаѓањето на самиот божји син на земјата, Исус Христос, со кого религијата запливала во сосема нови води, со нова свест за божественоста и со нова идеологија која била најприфатлива за нивото на свест кај современиот свет. Таа, еве, трае до денес, па под врвот под кој некогаш се наоѓало самото „седиште“ на античките богови израснал, повторно, свет објект – христијански храм посветен на мајката божја, „Успение на Пресвета Богородица“.

Манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ со Златоврв

          Од археолошките истражувања е познато дека на местото на античкиот храм, во првите векови на новата ера, била изградена ранохристијанска базилика чии траги се пронајдени под денешната црква1. Археолозите сметаат дека таа била изграден во V или VI век на нашата ера што, од своја страна, се совпаѓа со светлиот период на христијанството во Македонија, односно, сновањето на познатата архиепископија во новиот центар Јустинијана Прима формиран од царот Јустинијан во 535 г., некаде на теритиријата на Скопје.2

          Co изградбата на ранохристијанската базилика на Трескавец, веројатно, завршило и владеењето на древните богови на овој простор. Co тоа престанале и жртвувањата во нивна чест, кои често биле толку големи што според некои антички извори им биле принесувани како

Ранохристијански споменик со крст и симбол – влез во рајот

жртви стотици, па и илјадници грла говеда и друг добиток, со посебни ритуали и песни кои биле нарекувани пајани. Следните жртвувања, кои се сосема различни и бескрвни, им биле посветувани на единствениот Бог кој сам надвладеал со светот и со човечката свест.

          Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во своето постоење до­жи­ву­вала поголем број растежи и падови. Тоа недвосмислено го пока­жу­ва­ат и археолошките истражувања вршени од страна на прилепските кул­турни и научни институции од областа на археологоијата и музеоло­ги­јата. Градбата според нив доживеала дури 5–6 фази градење низ вековите.3 Тоа посебно го отежнува датирањето на денешната градба која е поставена на старите свети градби. Факт е само дека и оваа градба е подигната на старите темели на ранохристијанската базилика која настрадала во некој од последните векови на првиот милениум на новата ера. Иако за денешната убава трикорабна црква се смета дека потекнува од времето на царот Стефан Душан, токму од документите издадени од него, се насетува дека таа има уште постаро потекло. Имено, од една грамота од овој крал од 1335 г. се дознава дека поранешни ктитори на црквата биле „грчки и бугарски“ владетели, односно, „ромејски (византиски) и бугарски“.4

Над влезната порта во манастирот од запад св. Богородица ги благословува царевите Андроник II и Михаил IX

          Периодот на раното христијанство како и периодот на античките храмови на Треска­вец не е разјаснет ниту со археолошките истражувања. Раководителите на истражувачката активност повеќе внимание му посветиле на подоцнежнот период на црквата, односно на српските владетели и ктиторства на оваа црква чии траги се очигледни како во внатрешниот дел што се гледа од натписи на самиот живопис, така и на надворешниот дел од некои споменици пронајдени на самиот ѕид на денешната градба. Неколку гробови пронајдени при истражувањето на потпорите на црквата со потекло од X до XII век, сепак, се споменуваат.5 Археологот Б. Бабиќ претпоставува дека тие ѝ припаѓаат на постара црква, која не е откриена за време на истражувањата. Во секој случај ваквите наоди се во прилог на тврдењето дека на ова место имало света градба континуирано уште од античкиот свет.

Ранохристијански споменик

          Најстариот живопис, според Б. Бабиќ е регистриран од времето на веќе споменатиот цар Стефан Душан, односно, од 1334 и 1343 година. Според овој живопис се прават и датирањата на самата црковна градба, која и денес е во својата првобитна форма. Црквата низ вековите доживуваа повеќе рушења што е констатирано со извршените архитектонски анализи. Констатирано е дека при крајот на XIV век таа доживеала големо распаѓање. Повторното заживување се поврзува со 1430 год. и подолг перод на време во XV век кога постојано се доградувала и живописувала што е утврдено со извршеното датирање на одделни делови од живописот. Во врска со тоа позната е една специјална наредба на султанот за ослободување на црквата од даноци. Позната е и повелбата, исто така, од султанот за доделување на манастирот како сопственост (мулк) на митрополитот Давид.6

Ранохристијански споменик со симбол – влез во рајот

          Меѓу XV век и 1570 година манастирот доживеал уште едно рушење при што бил урнат источниот дел на црквата заедно со апсидата. Во тој период се случила и познатата Мариовска буна против Турците што го наведува Б. Бабиќ уривањето на црквата да го поврзе токму со овој настан, притоа имајќи го предвид фактот што меѓу водачите на побунетите имало и христијански свештеници. Во 1570 год., според еден натпис за сликањето и уредувањето на олтарот кој, како што стои на натписот го овозможил извесен Стојан Хранчев со неговата жена. На натписот се забележани и имињата на тогашните црковни старешини, игуменот Пахомије и епископот Григориј. Од периодот на XVI век потекнуваат вредни христијански и уметнички дела создадени во манастирот. Пред се, тоа се древната врата на влезот од егзонартексот во припратата и опковот на кориците на Евангелието со релјеф на кој е претставено слегувањето во адот (пеколот). Во 1866 год. манастирот настрадал во силен пожар, а обновувањето е извршено од прилепските еснафи и траело до 1871 год.7

 

1 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, Институт за истражување на старословенска култура – Прилеп, Скопје 1981, 38.

2 Се смета дека таа се крие некаде на подрачјето на денешниот град Скопје, а родното место на Јустинијан било на локалитет кај денешното село Таор, Скопско.

3 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец … .

4 Исто.

5 Исто.

6 Исто.

7 Б. Бабиќ, Г. Трајчев, Град Прилеп и др.