КУЛТУРНО-ИСТОРИСКИ И МИТОЛОШКИ ВРСКИ НА ДРЕВНИОТ ГРАД ТРОЈА И МАЛА АЗИЈА СО ПРОСТОРОТ НА ДЕНЕШНА МАКЕДОНИЈА (2)

ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ, БОЖЕСТВА И ЛИЧНОСТИ КОИ ГИ ПОВРЗУВААТ ДВАТА ПРОСТОРА

            Опишувајќи ја војната под градот Троја, како и народите и јунаците чии војски се наоѓале на едната или другата страна, споменува голем брои имиња на народи како и имиња на јунаци, кои потекнуваат од просторот на денешниот Балкан, особено, од просторот на етничката територија на Македонците. Ако се проследи списокот на четите, кои учествуваат во војната на страната на градот Троја, се добива впечаток дека голем број од нив се дојдени од просторот на подоцнежната територија на Македонија или од нејзиното блиско опкружување. Се добива впечаток дека етничките заедници од тој простор биле во заемна врска со етничките заедници од делот на Мала Азија од околината на градот Троја, односно, културно и родствено биле поврзани, а таквата врска е причина за да бидат на иста страна во војната за градот. Некои од нив, како што веќе нагласивме и во првиот дел од овој наслов, се среќаваат на двете страни на Хелеспонт. Такви се Дарданците, кои се присутни на Балканот, но и во Мала Азија. Меѓу нив е и војската која ја води еден од најпознатите јунаци на Тројанска страна, Енеј, кого Хомер го споменува како водач на Дарданците:

Синот на Анхис Енеј на Дарданците им беше водач

Вредниот син – Афродита на Анхис му го роди красната.1

            Фактот што Дарданците се споменуваат и како дел од самиот град Троја, односно, негови создавачи преку нивниот предок Дардан, ја зацврстува позицијата на оваа етничка заедница во Мала Азија и го потенцира нивното старо потекло на овој простор.

 

            На страната на Троја своја чета испратиле и Пелазгите, едно од најстарите племиња на Балканот чии траги се среќаваат во разни форми и во делата на подоцнежните автори. Во Илијада, Хомер потенцира дека тие под Троја дошле од областа на градот Лариса во Тесалија, кого го нарекува грудестиот.

Хипотој водач на племето на Пелазгите копјеносни им беше

Кои околу градот Лариса живееле грудестиот;

Водач им беше Хипотој и Пилеј од лозата на Арес,

На таткото синовите од Лета Пелазг, на Теутам синот.2

План на градот Троја – Хисарлик

            Освен наведувањето на имињата на племињата од кои доаѓале четите, Хомер ги опишува и местата од кои доаѓаат, географски и по нивното опкружување и особини. За Тракијците, кои дошле во одбрана на Троја, тој вели дека водачи им биле „витезот Пирој и Акамас“, а дека доаѓаат од простор кој го „опкружува водата хелеспонтска, која силно струи“3 и, на тој начин, нѐ доближува до просторот кој го населувале и од кој доаѓале.

            Особено прецизно го лоцира просторот од кој доаѓала четата на Пајонците, чиј водач бил Пирајхме (Пирехмо) и кои ги нарекува „криволаки“. За нив вели дека доаѓаат од Аксиј (Вардар), односно од градот Амидон, кој се наоѓал на оваа река, која ја нарекува широка и со најубави бранови.4 Археолозите се обидуваат да го лоцираат местото на кое се наоѓал градот Амидон, но до денес има само претпоставки. Неговата локација се бара во долниот тек на Вардар, каде што биле стационирани Пајонците, а Хамонд се обидел да го идентификува со истражуваниот локалитет Вардаровца,5 во околината на градот Кукуш, во близина на левиот брег на Вардар. Случајно или не, ова село и денеска се наоѓа во Пајонија, односно во општината именувана како Пајонија.

Претстава на кралот Пријам

            Едно од племињата на страната на Тројанците биле и Меонците или Мајонците. Тие се дел од оние етнички заедници, кои се среќаваат на двете страни на Хелеспонт, а некои автори ги сметаат за дел од Пајонците, кои се населиле во Мала Азија и се нарекле Меонци.6 Според Херодот, Меонците подоцна се нарекле Лидијци, според нивниот предок Лид,7 а познато е кралството Лидија во Мала Азија. Диодор, Меон го посочува како стар крал на Лидија и Фригија, а некои од научниците сметаат дека Меонците се Фригијци.8 На тој начин, и во случајот со Меонците,  повтроно Фригијците се појавуваат како етникум, кој е „испреплетен“ во голем број етнички заедници ширум Медитеранот.

            Кај Хомер, овде, се објаснува местото во Мала Азија од кое тие доаѓаат за одбрана на Троја:

Меонскиот народ во бој го поведоа Местло и Антиф,

(Гигејското Езеро нив двајцата на Телемон му ги роди)

Од под Тмол тие Меонците ги поведоа во бој.9

КРАЛЕВИ, ВОДАЧИ И ЈУНАЦИ И НИВНИТЕ ВРСКИ СО МАКЕДОНСКОТО ТЛО

            Според податоците кај најстарите автори, Бригијците, односно Фригијците во Мала Азија биле присутни и пред војната за градот Троја. На тоа упатуваат стиховите во Илијада од Хомер. Имено, во некои од нив се посочуваат настани, кои се случиле во времето пред оваа војна. Во еден таков настан учествувал и кралот на Троја, Пријам, а за то самиот известува во еден разговор со Агамемнон, кого го нарекува „син на Атреј“10:

Некогаш појдов во лозоплодната фригиска земја

И ја видов фригиската сила на јунаците со коњи брзи,

Таа војска на Отреј и боголикиот Мигдон го видов,11

            Овде се забележува дека Фригијците располагале соземја која е плодна за одгледување на винова лоза, дека се одгледувачи на коњи, кои ги користат за војување. Тука е и името на еден познат Фригиец, Мигдон, кое не потсетува на посебното племе Мигдонци и на нивната земја Мигдонија, која ја споменува Херодот во врска со походот на Персијците на Балканот под водство на кралот Ксеркс. Херодот упатува на тоа дека Мигдонија граничи со Ботиаја, областа околу денешниот град Воден.12 Мигдонците, заедно со Едонците биле дел од племињата од бригиската група, во која спаѓаат и Пајонците, Крестонците, Ситонците, Тирсените и др.13

Смртта на Пријам – Лувр

            Преку своите стихови, Хомер ни пренесува дека градовите на Фригијците и Меонците биле развиени и, особено, полни со жителство:

Вреди некогаш да ме мамиш во градови со жители полни,

Што или Фригија ги има или земјата Меонска мила,14

            Дека Меонците се многу присутни при крајот на бронзеното време и дека, веројатно, биле значаен дел од етничкиот и културниот развој на Медитеранот, упатуваат големиот број споменувања кај Хомер, како етничка група или споменувањето на имиња на Меонци, учесници во тогашните настани.

Тогаш Фест го уби Идоменеј, на Бор Меонецот

Синот, кој од Тарна дојде од грутчестата. Копјаникот славен15

            Во Илијадата, во врска со војната под градот Троја, се споменува уште еден тракијски водач, Акасам, кој е карактеризиран како брз:

Напасникот во тројанските чети влезе, да ги храбри зеде,

Со лик на Акасама человодачот тракиски брз;16

            Дека во создавањето на градот Троја учествувале и Дарданците упатуваат споменувањата на дарданска врата, пред која често се воделе битки:

Додека доаѓаше Ахил прекрасниот во борба,

Дотогаш пред дарданската врата Тројанците никогаш не се17

            Претходно споменатиот Акасам, тракискиот водач, го среќаваме и при неговата погибија, каде е окарактеризиран како најдобриот јунак на Тракијците, способен и висок, а во овие стихови кај Хомер се споменува и неговиот татко, Ејсор:

Одбраната ахајска Ајант; – на другарите спас тој им донесе,

Бидејќи најдобриот меѓу Тракијците јунак го згоди,

Способниот Акамас и висок, на Ејсора синот.18

            Додека Тракијците испраќаат свои чети во одбрана на градот Троја, нивните противници, односно, чиј водач е Агамемнон, се снабдуваат со вино, токму, од Тракија, за што не информира Хомер, упатувајќи на развината култура на одгледување винова лоза и производство на вино кај Тракијците уште во боронзеното време. Оттаму се снабдува со вино самиот крал Агамемнон, што упатува на квалитено производство, прочуено пошироко на Балканот.

Полни се со вино шаторите кај тебе, што бродовите

По морето широко ти го возат од Тракија секој ден,19

            Преку описот на војските, кои учествуваат во војната за градот Троја, особено, оние во неговата одбрана, добиваме значајни информации за народите кои живееле во Мала Азија, но и оние на Балканот. Пајонците, речиси секогаш се нарекувани „криволаки“, а покрај нив се споменуваат Карците, кои се старо племе, споменувани како постари жители на Крит, потоа Лелезите, сродни со нив, а Пелазгите се карактеризираат како „прекрасни“, Мизите како „Лути“, Меонците како коњаници, а Фригијците како витези. Овие особини, секако, упатуваат на племиња со развиена култура во тоа време, со особини со кои биле истакнати во поширокиот простор во Медитеранот.

Крај морето Пајонците криволаки се и со нив Карците,

Уште Лелелзите и прекрасните Пелазги, потоа Киконците,

Лутите Мизијци и Ликијците под градот Тимбар,

Тука се и коњаниците добри Меонци и витезите Фригијци20

            Во известувањето на Долон, Тракијците добиле најголемо внимание украсено со неверојатни описи на нивните квалитети. Тие само што стигнале под Троја на чело со својот крал Рес, син на Ејонеј. Со нив носат коњи, „бели како снег“, големи и брзи како ветар. Колата на кралот е украсена со злато и сребро, а оружјето, кое е од злато, не „му приличи на луѓето смртни“, туку „на боговите вечни“. Во тие неколку стихови, Тракијците се опишани како мајстори за одгледување на најдобри коњи и на украси од злато и сребро, како и на оружје. Интересно е дека умешноста во одгледувањето на коњи Тракијците ги поврзува со Бригијците и Меонците, за кои Хомер, исто така, вели дека се вешти со коњи и ги користат во војна.21 Од друга страна, нив ги поврзува и просторот во кои живеат или живееле, односно, сите тие се присутни од двете страни на Хелеспонт и имаат меѓусебни контакти, што е и причина за нивните културни блискости.

Последни Тракијците се новодојденци на страната,

Кралот е меѓу нив синот на Ејонеј, Рес му е името,

Коњите негови многу красни и големи ги видов,

Побели се од снегот, во трк се ко ветар.

Со злато е накитена и со сребро неговата кола,

Со оружје златно и големо дошол, што е красота

Да го видиш тоа оружје; не им личи на луѓето смртни,

За да го носат тие, туку на самите богови вечни.22

            Кралот Рес немал среќа во својата намера да им помогне на Тројанците во одбраната на градот Троја, бидејќи уште првата ноќ по неговото пристигнување во неговиот логор успеваат да се вовлечат двајцата јунаци, Одисеј и Диомед и притоа го убиле кралот и уште тринаесет Тракијци и им ги украле убавите бели коњи.23

Ликовна претстава со пророчицата Касандра од градот Неапол во Италија

            Интересно е тоа што во стиховите од Хомер и еден од синовите на Антенор, роднина на Пријам се тврди дека бил роден во Тракија, кој овде ја нарекува грутчеста и матица на овци. Се работи за Ифидамас, кој е „убав и голем“ и паднал од копјето на Агамемнон.24

            Во истата битка, паднал и братот на Ифидамас, Коон, кој откако видел дека неговиот брат паднал во бојот, со копје го ранил Агамемнон, но не смртно, па потоа самиот загинал од синот на Атреј.25 Токму овој Антенор бил определен да преговара за мир со Агамемнон и, притоа, се сложил да му го предаде градот на Одисеј ако го добие половина од кралството и богатството на Пријам.26 По паѓањето на градот Троја и освојувањето од страна на Ахајците, Антенор, со дел од својот народ заминал од Мала Азија и се населил на северниот дел од Јадранското крајбрежје, во денешна Италија. Пристаништето и областа каде што се населиле го добиле името Нова Троја, а тие подоцна се познати како Венецијанци (всушност Венети, з.м.).27

БОЖЕСТВА И ЈУНАЦИ

            Просторот кој го населувале македонските племиња и подоцнежниот простор на македонското кралство го „врзуваат“ и божествата. Опишувајќи едно интересно патешествие на божицата Хера од Олимп до Лемнос, Хомер споменува неколку македонски области и племиња. Меѓу другото, се споменува и полуостровот Атос, односно „Атоската гора“:

Во куќата на Ѕевс тогаш Афродита божицата појде,

Хера од главицата, пак, заминувајќи на Олимпската гора

Дојде во Пиериската земја, во Ематските краеви мили;

Потоа на снежните ридови на коњогојните Траки се вивна,

На највисоките врвови, но со нозете земјата не ја допре;

Од Атоската гора таа во брановитото зачекори море,

Во лемноскиот град дојде на божескиот крал Тоас.28

            Ако се следат стиховите на Хомер, може да се извлечат и извесни сознанија за религијата во времето на Тројанската војна. Имено, според некои од неговите пеења, во тоа време „владеел“ врховниот бог Ѕевс Пелазгиски, кој се поврзува со најстарото светилиште и пророчиште на овој бог, кое се наоѓало во Додона, во Епир, па затоа Хомер го нарекува и Додонски. Од ваквите стихови, може да се заклучи и тоа дека ваквиот култ, односно, култот на Ѕвес Додонскиот или Пелазгискиот во тоа време „владеел“ и во Мала Азија.

„Ѕевсе, пелазгиски кралу и додонски, кој далеку

Во во Додона владееш, во студената! … .“29

            Водачот на Пајонците во војната за Троја, Пирајхме, загинал од копјето на најдобриот другар на Ахил, Патрокло, а пеејќи за тоа, Хомер, повторно напоменува дека тој дошол од Амидон, градот на реката Аксиј, односно, на денешниот Вардар, значи од просторот на Македонија.

Го собори јунакот Пирајхма – Пајонци коњаници тој

Водеше од Амидон, од Аксиј со широка вода;30

            Од Пајонците, Хомер го опишува и загинувањето на уште еден јунак, Аписаон кој, по двајцата нивни првенци, Пирајхме и Астеропај бил најдобар меѓу нив. Него, поетот, го нарекува „пастир“, што значи бил еден од старешините во војската на Пајонците, а кажува и тоа дека бил син на Хипас.

Со него Аписаона, на луѓето пастир, син на Хипас,

Во жолчката под срцето го рани и колената му ги разглоби:

Тој од грутчестата земја Пајонија, беше дошол,

По Астеропеја знаеше да предничи во бојот.

Падна, и убојниот Астеропеј тогаш го сожали него31

            Кога се работи за религијата, интересно е споменувањето на едно божество, кое било присутно како култ на Балканот, во Македонија, Бојотија, Аркадија и други области. Се работи за култот на Лин, кој се поврзуа со производството и обработката на ленот. Блискоста меѓу македонското име за ова растение, „лен“ и името на култот Лин е видлива.

Красно со ѕвонлива форминга и песна мила на Лин

пееше со нежен глас, а тие по неговата песна

играјќи, извикувајќи, ијукаќи и скакајќи го следеа него.32

            Во митологијата се споменуваат неколку личности со името Лин. Еден од нив, според, преданието бил син на божицата Уранија и синот на Посејдон, Амфимар. Тој стекнал голема слава во музиката во неговото време, па богот Аполон го убил бидејќи бил рамен на него во музичката умешност.33 По неговата смрт, неговиот култ се раширил меѓу варварите, па стигнал дури и до Египет, каде била создадена песна, позната како песна на Лин. Неа во Египет ја нарекувале Манерос.34 Токму за оваа песна знаел и Хомер и затоа ја споменува во своите стихови, пеејќи дека неа Хефест ја прикажал на штитот на Ахил. Песната зборувала за мачеништвото на Лин.35 Жителите на градот Теба тврделе дека Лин бил погребан во нивниот град и дека македонскиот крал Филип II, по победата на Атињаните во битката кај Херонеја, поради некој сон, кој го сонувал, ги зел коските на Лин и ги однесол во Македонија но, повторно, поради некаков сон ги вратил во Теба. Со тек на времето, гробот на Лин исчезнал.36

Кралот Пријам со мртвиот Хектор

            Митографите сметаат дека култот на Лин произлегол од производството и обработката на лен, кој по жнеењето се обработувал со чукање со стапови и сечење со метални сечила. За Лин се раскажуваат повеќе преданија, особено за неговото потекло, а па во едно од нив се вели дека тој бил поет, кој бил син на Тракиецот Ојагар и музата Калиопа, со што тој се појавува како брат на Орфеј.37 Се раскажува и тоа дека Лин компонирал балади за Дионис и другите стари херои и божества, а подоцна баладите биле запишани со буквите на Пелазг, кој испеал и еп за создавањето на светот. Всушност, за Лин се вели дека ги измислил ритамот и мелодијата, бил сестрано надарен и мудар и дека им бил учител на Тамириј и Орфеј.38

Музејот на градот Троја

            Во Илијадата од Хомер се споменуваат голем број лица, учесници во војната за градот Троја на страната на Торјанците. Меѓу нив се и Ригмо и неговиот другар Ајретој, кои загинуваат од копјето на Ахил. Опишувајќи го загинувањето на Ригмо, Хомер споменува уште еден Тракиец, таткото на Ригмо, Пиреј.39

Збирка археолошки предмети ознати како трезорот на Пријам

            Еден од најдобро опишаните јунаци на страната на Тројанците, кој има потекло од просторот на Македонија, односно, од долината на реката Аксиј (Вардар) е Пајонецот Астеропај, кој е и водач на четата Пајонци под Троја. Пеејќи за него и за земјата од која доаѓа, Хомер поврзува повеќе македонски области, поврзани со родот на Астеропај и неговото потекло. Притоа ја споменува и мајката на неговиот татко Пелегон (Пелагон), Перибоја, најстарата ќерка на Акесамен, кој бил крал на македонската област Пиерија. Перибоја го родила Пелагон откако ја обљубил богот на реката Аксиј.

Тогаш Пелеевиот син држејќи го долгнавестото копје

Скокна на Астеропеја сакајќи да го убие, а тој

На Пелегон му беше син, а Пелегон широкиот Аксиј

Со Перибоја го роди, – од ќерката на Акесамен

Таа најстара беше, а ја обљуби богот Аксиј40

            За своето потекло раскажува и самиот Астеропај пред да ја започне борбата со Ахил. Тој му се обраќа на својот противник со зборови со кои сака да му предочи дека потекнува од познат и висок род, од долината на реката Аксиј, од Пелегона, кого го нарекува „горд копјеносец“ и дека самиот е водач на Пајонците под Троја.41

            Откако Ахил го убива Астеропаја, ги напаѓа и другите Пајонци кои, исплашени по паѓањето на нивниот водач, се повлекуваат. Притоа Хомер ги наведува имињата на Пајонците кои паднале од раката на Ахил. Тоа се Терсилох, Астипил, Мидон, Трасиј, Мнес и Офелест.42 Со тоа добиваме уште неколку имиња на Пајонци, кои ни даваат слика на за традицијата на ставањето имиња на лица кај оваа етничка заедница, која има значајно место во културата на Балканот уште од подлабоката праисторија, а нејзиното постоење можеме да го следиме до римскиот период.

Одеон од времето на Хадријан – Троја 9

            Хомер и натаму го споменува Астеропај, сега во врска со неговото оружје и воената опрема, кои Ахил ги зел од него откако го убил.  Одземените предмети од Астеропај, Ахил им ги давал како награда на победниците во натпреварите, кои ги организирал во чест на неговиот загинат другар, Патрокло. Така, во стиховите на Хомер, еднаш се споменува оклопот на Астеропај, кој бил од бронза и опточен со калај,43 а следниот пат неговиот меч, за кој Хомер вели дека е „убав тракиски меч“ со сребрени клинци.44

Остатоци од ѕидови – Троја 9

1 Хомер, Илијада, Второ пеење, Б. Тројанските чети. 786 – 877, 39 – стих 819, 820.

2 Исто, 39, 40 – стих: 840-843.

3 Исто, стих: 844-847.

4 Исто, стих: 848 – 850.

5 Елеонора Петрова, Пајонските племиња и Пајонското кралство, Macedonia Acta Arhaeologica, бр. 12, Скопје 1991, 29, 30.

6 Д-р Гаврил И. Кацаров, Пеонија, Географска библиотека, Софија 1921, 21.

7 Херодот, Историја I, Матица српска, Нови Сад 1988, книга прва, 10.

8 Д-р Гаврил И. Кацаров, Пеонија, 22.

9 Хомер, Илијада, 41 – стих: 864-866.

10 Исто, 45 – стих: 182

11 Исто, 45 – стих: 184 – 186

12 Херодот, II, 171.

13 Елеонора Петрова, Бриги, 144 – 156. Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua macedonica, Скопје 2997, 80 – 114.

14 Хомер, Илијада, 51 – стих: 400, 401.

15 Исто, 10. Почеток на битката. Поединечни борби. 1-83, 69 – Стих: 43 – 44.

16 Исто, ц. Арес, поттикнат од Аполон, ги охрабрува Тројанците. Енеј се враќа во бојот. 454-518, 79 – Стих: 461, 462.

17 Исто, 87 – Стих: 788, 789.

/18 Исто, 12. Ахајците надвладуваат. 1-72, 91 – Стих: 7-9.

19 Исто, 1. Собор на војската. Седум стражи. 1-88,134 – Стих: 71, 72.

20 Исто, Десетто пеење, Е. Долон го фаќаат. 338-468, 162 – Стих: 428 – 431.

21 Исто, 162 – Стих: 434 – 441.

22 Исто.

23 Исто, Ф. Одисеј и Диомед во тројанскиот логор. 469-506, 163, 164 – Стих: 469 – 506.

24 Хомер, Илијада, А. Агамемнон ранет од Коон. 218 – 283,172 – Стих: 221, 222 и 173 – Стих: 241, 242.

25 Исто, 173 – 174 – Стих: 248 – 263.

26 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд, 1999, 526.

27 Исто, 533.

28 Исто, Четиринаесето пеење, 6. Хера го омамува и заспива Ѕевс. 153-360, 226 – Стих: 224 – 230

29 Исто, А. Мирмидонците се подготвуваат за бој. 124-256, 259 – Стих: 233 – 235.

30 Исто, а. Тројанците ги потиснуваат од бродовите. 257-363, 260 – Стих: 287, 288.

31 Исто, 283 – Стих: 348 – 353.

32 Исто, ц. 2. прстен: животот во село. 541-572, 308 – Стих: 570 – 572.

33 Роберт Гревс, Грчки митови, 442. Павсанија, Водич по Хелади, Логос, Сплит 1989,470.

34 Исто. Херодот, Историја, I, 146.

35 Павсанија, Водич по Хелади, 470.

36 Исто, 471.

37 Роберт Гревс, Грчки митови, 442.

38 Исто.

39 Хомер, Илијада, Б. Ахил коли Тројанци. 455-503, 334 – Стих: 483 – 489.

40 Исто, Ц. Ахил го убива Астеропеја. 136-199, 338 – Стих: 139 – 144

41 Исто, 338, 339 – Стих: 152 – 181.

42 Исто.

43 Исто, а. Трка со коли, 377 – Стих: 558 – 562

44 Исто, е. Борба со копја, 383 – Стих: 807, 808