НАЈСТАРИОТ ДОКУМЕНТ ВО КОЈ СЕ СПОМЕНУВА ИМЕТО НА ЛЕГЕНДАРНИОТ КРАЛ МАРКО Е НАТПИСОТ НА ЦРКВАТА „СВ. ДИМИТРИЈА“ ВО СЕЛОТО ДРЕНОВО, КАВАДАРЕЧКО

Еден натпис над вратата на јужниот ѕид на црквата „Св. Димитрија“ во селото Дреново, Кавадаречко е најстар документ во кој се споменува името на кралот Марко, заедно со Никола Станевиќ, кој бил војсководач во војската на царот Стефан Душан.1 Натписот се наоѓа во сводестиот дел на нишата во која е насликан Архангел Михаил, над јужната врата на раскошната стара градба на црквата. Иако е познат во науката, овој натпис до денес не е доволно искористен како документ од времето на кралот Марко, па дури и не е сосема идентификувана неговата содржина. Во литературата се среќаваат само делови од него, главно делот во кој се споменуваат имињата на двата историски лика, а другиот дел е расчитан само делумно. Натписот говори за годината на живописување на црквата и во него се споменуваат повеќе имиња од тоа време. Еден дел од натписот ни го предава Р. Грујиќ, кој го датира во 1356 година.2 Неговото читање се однесува на вториот дел од натписот и гласи: „при државе Николе и Марка по смрти стороднаго цара Стефана“.3 Споменатите имиња во овој дел од натписот, Ѓ. Радојчиќ ги идентификува како Никола Станевиќ, голем војсководач на царот Стефан Душан и вториот, синот на кралот Волкашин, Марко.4 Ваквото идентификување целосно го прифаќа и Коста Аџиевски во неговата книга „Пелагонија во средниот век“.5 Делот кој го прочитал Р. Груиќ е помалку од половина од натписот, односно, тој е приближно една третина од него. Предтходниот текст, кој започнува од левата страна на сводот, во близина на основата, има подолга содржина во која се наведува за активноста која е преземена во храмот споменатата година, односно за зографисувањето на црквата, кое го направил зографот Димитар.6 Во почетокот на текстот, стои „Димитар зограф“, а според следниот текст јасно е дека и натписот е негово дело. Некаде кон средината се чита дека зографот Димитар дошол во храмот и го „испишал“ односно го насликал. Натписот има поголем број оштетувања, некои од знаците се сосема избришани и не е лесно целосно да се прочита, но веруваме дека, со соодветно познавање и повеќе труд, може да се расчита целиот текст, што би било особено корисно. Самиот натпис е значаен документ, зашто говори за конкретни историски личности и конкретно историско време.

ДОКУМЕНТ ЗА НАЈРАНАТА ПОЛИТИЧКА АКТИВНОСТ НА КРАЛОТ МАРКО

Како се нашле имињата на овие двајца благородници на црквата „Св. Димитрија“ во селото Дреново?

Нишата со натписот 2
Нишата со натписот 2

Според историчарите, овој документ е доказ за најраната политичка активност на легендарниот Крал Марко, кој овде го среќаваме како управител на област7 во кралството на неговиот татко Волкашин. Оваа должност ја обавувал заедно со искусниот и познат војсководител на царот Стефан Душан, Никола Станевиќ. Има историчари и кои го оспоруваат овој документ, односно, го отфрлаат Дреновскиот натпис како извор за политичката активност на Марко, тврдејќи дека на натписот не се работи за Марко, синот на Волкашин, туку за некој друг со исто име. Оспорувањето го прави рускиот историчар Евгениј Наумов, кој како аргумент за тоа го користи датумот на раѓање на синот на Волкашин, тврдејќи дека Марко во 1356 година би имал само 15 години и, толку млад, не би можел да биде поставуван за управител на област во кралството.8  Од друга страна, годината на раѓање на Марко не е потврдена со сигурни извори и разликата во датирањето се среќава и до десет години.9 Исто така, во изворите од тоа време,  не е потврдено постоење благородници со вакви имиња,10 што значи дека, натписот, сепак, треба да се земе за веродостоен извор за дејноста на легендарниот јунак и крал.

Дел од натписот - „..... Димитар зограф .... храм .....“
Дел од натписот – „….. Димитар зограф …. храм …..“

Во овој натпис го среќаваме само името на кралот Марко, без титула. Тоа значи дека во 1356 година, тој немал титула, туку само бил назначен за управител на областа меѓу Пелагонија и реката Вардар, која ја управувал заедно со споменатиот војсководач Никола Станевиќ. Со титула го среќаваме на еден ктиторски натпис во црквата „Св. Недела“ во Призрен, каде тој е титулиран како млад крал.11 Натписот е прецизно датиран меѓу 1-ви септември 1370 и 31 август 1371 година и јасно упатува на времето кога Марко бил прогласен за млад крал, односно престолонаследник.12 Всушност, неговиот татко Волкашин, оваа титула му ја дал извесно време пред битката на Марица, каде и загинал заедно со неговиот брат Јован Углеша.

Дел од натписот - „зограф .... храм .....“
Дел од натписот – „зограф …. храм …..“

Во подоцнежните документи и натписи, тој веќе е титулиран како крал. Трет натпис, кој е познат и во историската литература, се наоѓа на црквата во манастирот „Св. Архангел Михаил“ кај Прилеп и во него Марко се појавува со титулата крал – „Во Христа бога верен крал Марко“.13 Во оваа црква е документиран уште еден натпис, кој го забележал Љубиша Стојановиќ. Тој е пронајден во урнатините на старата црква и зачувани се само делови од натписот во кои се зачувал дел со „крал Марко“.14

Дел од натписот - „исписах при државе Николе и Марка по смерти Ст.“
Дел од натписот – „исписах при државе Николе и Марка по смерти Ст.“

Петиот натпис е од Марковиот манастир кај Скопје, на сликарсската претстава на кралот Марко, на свитокот кој кралот го држи во левата рака, каде се потврдува дека кралот Марко бил ктитор на манастиорт, за неговата изградба и живописување. Во истиот манастир стои уште еден натпис, ктиторскиот, во кој се споменува дека манастирот почнал да се гради во времето на Стефан Душан и кралот Волкашин, а дека бил завршен во времето на кралот Марко.15

Дел од натписот - „по смртта на светородниот Стефан..“
Дел од натписот – „по смртта на светородниот Стефан..“

На просторот на кој се протегало кралството на Марко се среќаваат уште неколку документи и натписи во кои се споменува името на кралот Марко. Еден таков запис среќаваме во минејот бр. 163 од Хлудовата збирка, кој бил составен од дијакот Добре од селото Маргари, општина Долнени, каде се опишува времето кога Марко се смирил со својата прва сопруга Елена и со нејзиниот татко Радослав Хлапен, феудален господар од Костур.16 Името на Крал Марко се среќава и на натпис од црквата „Св. Богородица – Перивлепта“ во Охрид на надгробниот споменик на неговиот роднина, охридскиот властелин Остоја Рајковиќ Уграрчиќ, како и на во запис на празничен Минеј, пронајден во Скопје.17

Нишата со натписот и Архангел Михаил
Нишата со натписот и Архангел Михаил

Кралот Марко, заедно со неговиот татко, кралот Волкашин, го среќаваме и на запис од манастирот „Св. Преображение“ во Зрзе, денес општина Долнени. Тој бил создаден меѓу 1395 и 1402 година,18 значи по загинувањето на кралот Марко во битката кај Ровине. Се споменуваат уште два натписа во кои се споменува името на кралевите Волкашин и Марко, еден од манастирот „Св. Никола“ кај Шишево, Скопско и уште еден од дебарскиот манастир „Св. Јован Претеча“.19 Веројатно е дека слични натписи постојат и на други места и дека во иднина ќе бидат пронајдени од истражувачите. Сите тие заслужуваат посебно внимание, бидејќи ја кријат вистината за историската и политичката улога на овој легендарен крал на Балканот.

Фреската со Архангел Михаил - прилог од Ризо од Книно
Фреската со Архангел Михаил – прилог од Ризо од Книно

ЗОГРАФОТ ДИМИТАР ОД НАТПИСОТ ВО ДРЕНОВО

Интересно е и тоа што среќаваме и име на извесен живописец од 14 век, Димитар, кој текстот од натписот го пишува во прво лице, односно самиот се претставува како зограф од времето на кралот Волкашин и неговиот син Марко. Малку е чуден моментот што во натписот се споменува живописување на црквата, но при проследувањето на нејзините внатрешни ѕидови, освен мали украсни траги на прозорчето од апсидата, тешко е да се забележи било каква трага од живопис. Од ѕидното сликарство на црквата, денес можат да се видат само фреската посветена на патронот, која се наоѓа над влезот на црквата, на западниот ѕид и фреската посветена на Архангел Михаил над влезот на јужниот ѕид, односно во нишата со спомнатиот натпис. Првата потекнува од првите децении на 20 век, односно од 1928 година и е подарок од тројца жители, од селото Зборско во Егесјкиот дел на Македонија, Младен Трајков, Петре Ристов и уште еден, чие име не може да се прочита. Втората фреска е подарок од Ризо Трајков од селото Книно, Кавадаречко и, исто така, потекнува од понов датум.

Остаток од стариот живопис на прозорчето во олтарот
Остаток од стариот живопис на прозорчето во олтарот

На нишата со Арахангел Михаил, освен натписот, има и траги од стариот живопис, кој бил дело на споменатиот сликар Димитар. Всушност, се работи само за украсувањето на лицето на нишата, каде во горниот дел, на сводестата површина јасно се гледаат остатоци од него. Може да се забележи дека се работи за вешт мајстор, кој создавал живопис со нагласена ликовност. На остатокот од украсувањето на нишата се забележуваат прецизни оформени елемент со квалитетни бои и нагласено естетско ниво.

Остаток од стариот живопис на прозорчето во олтарот 2
Остаток од стариот живопис на прозорчето во олтарот 2

Во слична положба црквата била и пред повеќе од еден век, кога неа во 1916 година ја посетил Антон П. Стоилов, како етнограф во Втората армија на Бигарија.20 Тоја наведува дека црквата нема живопис и тврди дека бил уништен од земјотрес.21 Колку е тоа точно, немаме потврда на друго место. Сепак, натписот од јужниот ѕид упатува на тоа дека црквата била живописана уште во 14 век. Преданието зборува дека таа е правена во исто време со црквата во Полошкиот манастир на Црна Река и дека двете цркви ги правеле двајца браќа, кои се натпреварувале кој ќе направи поубава црква. Кога црквата во Полошкиот манастир била завршена, градителот признал дека таа е убава, но е полоша од црквата во Дреново. Ототгаш и останало името Полошки манастир.22

СПОМЕНИК СО КУЛТУРНИ СОДРЖИНИ КОИ ОТСЛИКУВААТ МИЛЕНИУМСКИ КОНТИНУИТЕТ

Набљудувајќи ја црквата „Св. Димитрија“ во Дреново, како градба, јасно е дека таа е изградена со употреба на голем број архитектонски елементи од некои многу постари градби, особено од некоја ранохристијанска црква, која можеби се наѓала на истото место. Тоа би значело дека ова место има многу долг период на култно место, односно долг континуитет на место со религиска градба. На тоа упатуваат поголем број мермерни столбови во внатрешниот дел на црквата, на кои се поставени и добро оформени и украсени ранохристијански капители. Неколку од нив се со слична форма и украсување, а еден од нив се одликува со посебна форма и раскошно украсување со рајски претстави со птици – фазани, растителни форми и сл. Може да се каже дека спомениците од мермер, кои се вградени во црквата се посебнно културно богатство и документ за постоење на ранохристијанска црква со раскошна архитектура. Всушност, во црквата и нејзината околина има голем број споменици, кои упатуваат на постари времиња. Преку големиот број споменици може да се следи миленимски културен континуитет во овој простор. Дел од спомениците се остатоци од градби од градската населба, која егзистирала во близина на Дреново, позната како Евдарист или Евристон.23 Крај неа поминувала една од главните сообраќајници, која го поврзувала истокот со западот и која од Сердика (Софија) во Бугарија, минувала низ Стоби во Македонија, потоа кај Евристон кај Дреново, Керамија кај Прилеп, Стибера кај селото Чепигово, Прилепско и кај Хераклеја кај Битола се поврзувала со јадранската магистрала позната како Виа Игнациа.24

Капител со орнаментика до јужниот ѕид на црквата
Капител со орнаментика до јужниот ѕид на црквата

Значи, големото присуство на споменици од различни времиња се резултат на интересната местоположба на стариот Евристон, кој веројатно крие уште многу тајни, кои во иднина треба да се истражуваат и расветлуваат. Особено, се импресивни ранохристијанските споменици и мермерните капители од постар датум – римскиот период, кои претставуваат значајно културно и музејско богатство и претставуваат вистински атракции за развој на туризмот во овој крај.

Основа од столб од мермер со голем пречник
Основа од столб од мермер со голем пречник

ДОКУМЕНТ ЗА ПОСЛЕДНИТЕ ДЕЦЕНИИ ПРЕД ПРОДОРОТ НА ОСМАНЛИИТЕ НА БАЛКАНОТ

Токму во таков простор, богат со култура од претходните периоди, го среќаваме и името на кралот Марко, кој заедно со постариот благородник и војсководач управувал со пошироката област, во која црквата Св. Димитрија имала значајно место и била своевидно средиште, заедно со околниот простор. Тоа е крајот на средниот век пред турското освојување на овој дел од Балканот и Македонија, односно времето на кралството Македонија25 со седиште во Прилеп, со кое владееле кралот Волкашин и неговиот син Марко. Всушност, тој е период во кој се создавала значајна култура на овој простор, а остатоци од неа имаме на целиот простор кој го владееле двајцата кралеви. Токму затоа, не се без основа ниту преданијата, кои ги поврзувааат градбите на црквите „Св. Димитрија“ од Дреново и „Св. Ѓорѓи“ од Полошкиот манастир на Црна Река, кои се наоѓаат на релативно блиско растојание една од друга.26 На своевиден начин овие споменици, заедно со големиот број други од тој период, ни ја отсликуваат културната, политичката, па и историската слика на тоа време. Овде само ќе наброиме поголем број од спомениците, кои содржат записи и документи за личности и настани од тој период во Македонија. Пред се, манастирите од Скопско, „Св. Димитрија“, „Св. Никола“ – Шишевски манстир, „Св. Андреја“ – Матка, манастирот „Св. Архангел Михаил“ над Варош кај Прилеп и многу други, во кои ги среќаваме имињата на кралот Волкашин, на кралот Марко и неговите браќа Андрејаш и Иваниш, како и постарите цареви и кралеви, Цар Душан, Цар Урош и други високи личности од тоа време.

Капител со украсување со рајска симболика - птици (фазани), растителни форми и сл.
Капител со украсување со рајска симболика – птици (фазани), растителни форми и сл.

Во овој контекст само ќе споменеме дека историчарите забележале дека при сликањето на ликовите на Марко и Волкашин во споменатите цркви, постојат видни разлики во нивните претстави и кралското достоинство во споредба со српските цареви и деспоти, односно во претставите на кралевите и владетелите во Македонија, не се присутни вообичаените претстави на светци, карактеристични за владетелите од северот.27 Тоа упатува на своевидната поиложба на кралствата во Македонија, односно на независност и посебност.

МИСТЕРИЈАТА НА ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ЖИВОПИСОТ НА ЗОГРАФОТ ДИМИТАР ОД 14 ВЕК

На крајот повторно ќе се навратиме на црквата „Св. Димитрија“ во Дреново, која претставува своевидна мистерија со фактот што на неа стои натпис за нејзино живописување во 1356 година, а трагите од живописот, речиси, ги нема. Веќе истакнавме дека малите остатоци од него упатуваат на високо естетко ниво, што не наведува на заклучок дека споменатиот црковен уметник, зографот Димитар бил еден од истакнатите уметници на тој период.

Св. Димитрија над вратата на западниот ѕид - прилог од Македонци од Зборско
Св. Димитрија над вратата на западниот ѕид – прилог од Македонци од Зборско

Што се случило со оваа импозантна црковна градба за да настрада целиот живопис и да исчезне, така речи, без трага? Дали се случил некаков погром во немирните времиња на продорот на Османлиите на Балканот или треба да му веруваме на Антон Стоилов, кој само нафрлил дека црквата настрадала од земјотрес? Тоа е навистина тешко прашање и заслужува опстојно истражување за да го добиеме вистинскиот одговор. Да се надеваме дека во иднина и тоа ќе биде направено. Денес, месното население, односно, жителите на селото Дреново, одвреме – навреме преземаат извесни активности, за да го уредат просторот околу црквата и да ја одржат градбата за да им служи за верските потреби.    

Букранион украсен со релјеф - гирланда и путир
Букранион украсен со релјеф – гирланда и путир

1 Коста Аџиевски, Пелагонија во средниот век, ИНИ, Скопје 1994, 237 – 240. Милан Бошкоски, Кралот Марко во епиграфските споменици и записите, Кралот Марко во историјата и традицијата – прилози од научниот собир одржан по повод 600-годишнината од смртта на кралот Марко, Прилеп, 23 – 25 јуни 1995 година, 26.

До откривањето на овој натпис, за најстаро споменување на кралот Марко се сметаше во врска со еден депозит во Дубровник, кој Марко го подигнал кон средината на 1361 година (Коста Аџиевски, Пелагонија во средниот век, 240).

2 Исто.

3 Исто.

4 Исто.

5 Коста Аџиевски, Пелагонија …, 237.

6 Исто.

7 Исто. Милан Бошкоски, Кралот Марко…25 и 26.

8 Коста Аџиевски, Пелагонија …, 238.

9 Исто, 238 и 239.

10 Исто, 238.

11 Исто, 243. Бранко Панов, Охрид и кралството на Волкашин и Марко, Кралот Марко во историјата и традицијата – прилози од научниот собир одржан по повод 600-годишнината од смртта на кралот Марко, Прилеп, 23 – 25 јуни 1995 година, 48.

12 Милан Бошкоски, Кралот Марко…, 26.

13 Исто, 26.

14 Исто.

15 Нада Ношпал – Никуљска, Марковиот манастир – монумент како документ низ историјата, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том I, Архив на Македонија, Скопје 1975, 405. Милан Бошкоски, Кралот Марко…,  27.

16 Милан Бошкоски, Кралот Марко…, 27 и 28. Бранко Панов, Охрид и кралството на Волкашин и Марко, 49 и 50.

17 Милан Бошкоски, Кралот Марко…, 28.

18 Загорка Расолкоска – Николовска, Манастирот Зрзе со црквата Преображение и Свети Никола, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том I, Архив на Македонија, Скопје 1975, 239. Милан Бошкоски, Кралот Марко…, 29.

19 Милан Бошкоски, Кралот Марко…, 29.

20 http://www.promacedonia.org/bg_1916/bg_1916_3_2.htm#4

Научна експедиция в Македония и Поморавието, 1916 г.

съст. Петър Хр. Петров, III. ДОКЛАДИ НА ЕТНОГРАФИТЕ КЪМ АРМИИТЕ 

2. Антон П. Стоилов, етнограф при Втора армия

21 Исто.

22 Исто. Според друго предание, црквите во Дреново и во Полошкиот манастир ги граделе Волкашин и Марко (Ненад Љубинковиќ, Краљевиќ Марко – историја, мит, легенда, Кралот Марко во историјата и традицијата – прилози од научниот собир одржан по повод 600-годишнината од смртта на кралот Марко, Прилеп, 23 – 25 јуни 1995 година, 126.)

23 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско време, Жива антика, посебна издања, књига I, Скопје 1957, 211. Виктор Лилчиќ, Патот Аударист – Неапол, Македонско наследство, Македонска цивилизација, друштво за издавачка дејност, истражување и развој – Скопје, година X, број 29, Скопје 2006, 49 и 50.

24 Tabula Peutingeriana

25 Некои турски автори (Исмаил Хака Узунчаршили, и Исмаил Хами Данишменд во две книги кои се предаваат на шеесетте универзитети во Турција, Воклашин го определуваат како српски крал на Македонија, а Марко како негов син. (Музафер Туфаи, Кралот Марко во некои турски извори, Кралот Марко во историјата и традицијата – прилози од научниот собир одржан по повод 600-годишнината од смртта на кралот Марко, Прилеп, 23 – 25 јуни 1995 година, 73 и 74.)

26 Антон П. Стоилов, Научна експедиция в Македония и Поморавието, 1916 г., http://www.promacedonia.org/bg_1916/bg_1916_3_2.htm#4

Ненад Љубинковиќ, Краљевиќ Марко – историја, мит, легенда, 126.

27 Милан Бошкоски, Кралот Марко…, 27.