ОСТАТОЦИ ОД ЗНАЧАЈНА ТВРДИНА, ЧУВАР НА ДОЛИНАТА НА ВАРДАР, НА ДОМИНАНТНИОТ РИД „ГРАДОТ“ КАЈ СЕЛОТО ГОРНИ ДИСАН, НЕГОТИНСКО

На висок рид со големо и рамно плато, кое доминира со околниот простор, на 15 километри јужно од Неготино и на 2,5 километри југоисточно од селото Горни Дисан, се наоѓа локалитет со импресивни остатоци од утврдена населба од римскиот период и доцната антика познат како „Градот“. Ридот е само дел од еден полукружен планински „венец“, во чија топла внатрешност се сместиле двете села, Долни и Горни Дисан. Токму така и се вика таа мала, но живописна планина, Венецот, формирана пред неколку стотици милиони години, од специфичен геолошки „материјал“, со многу каолински состав кој, веројатно, е главен „виновник“ што тука се сочувале вредни остатоци од далечниот биолошки и растителен свет на земјата, па денес делови од мамути, мастодонти, камили, жирафи и тропрсни коњи ги красат витрините на Природонаучниот музеј во Скопје.

Поглед кон „Градот“ од север 2

            Локалитетот „Градот“, со остатоците од стара населба со утврдување, кое заштитувало површина од 4,5 ha1 бил внимателно одбран рид, еден од повеќето специфично оформени делови од средно големата планина Венецот. Тврдината била изградена од камен и малтер, со цврсти кули со квадратна форма на неколку страни (најмалку 3), кои биле прилепени до оградниот ѕид од неговата надворешна страна. Една таква кула е откриена од археолозите на југозападната страна на тврдината, заедно со дел од ѕидот во должина од десетина метри, која и денес е зачувана во нејзината основа, а слична кула е откриена и на југоисточниот агол од тврдината. Според она што може да се види на површината на платото, северната страна на тврдината, лево од пристапниот пат од страната на селото Горни Дисан, се наоѓала уште една таква кула.

Кулата на јужната страна со дел од заштитниот ѕид

            Северозападната страна на локалитетот немало потреба да се заштитува со ѕид бидејќи е природно заштитена, односно, таа е непристапна поради високите карпи со вертикални форми, високи стотина и повеќе метри, па дури и поглед фрлен од нивниот раб внесува непријатно чувство во набљудувачот. На површината на големото плато се среќаваат голем број грамади камен од поголеми градби, а се насетуваат и остатоци од ѕидови. Целата површина е богата со остатоци од керамички материјал, односно, фрагменти од тегули, имбрекси, питоси, како и фрагменти од разновидни форми помали и поголеми керамички садови, предмети од камен, како рачни мелници и сл. За археолошката наука се познати и две монети од доцната антика – на Јустинијан I и на Јустин II.2

Вертикалните карпи од северозападната страна

            На источната страна на платото, во близина на заштитниот ѕид, археолозите отвориле и една поголема градба со неколку простории, чии под бил поплочен со камени плочи, а во нејзината внатрешност, како и околу неа се затекнати голем број фрагменти од тегули и имбрекси, како и од разновидни керамички садови. Градбата, според формата и некои од камените елементи, имала посебен карактер во населбата и, веројатно, е од типот базилика. Централната просторија, која е целосно отворена, била на поткренато ниво и поплочена, а на предниот дел имала најмалку два камени столба, на што упатуваат две основи за столб затекнати на нивното место. Едната од основите за столб е од мермер, а другата од поинаков камен со бели и црвеникави делови. Сосема е веројатно дека поголем број архитектонски елементи од камен кој е донесен на самото место од подалечни наоѓалишта биле однесени од локалитетот по напуштањето на населбата од жителите и распаѓањето на градбите.

Градба од источната страна на „Градот“ – базилика

            Според првичните согледувања на теренот, населбата на „Градот“ зафаќала завидни димензии, односно била расположена на поширок простор. Освен на највисокиот дел на „Градот“, односно, на утврденото плато, културни содржини се среќаваат и на просторот надвор од тврдината, особено по сртот на ридот од северната страна каде се среќаваат видливи остатоци од градби, обработени камени блокови, како и фрагменти од керамички садови, тегули, имбрекси и питоси. Токму на таа страна, малку подалеку, од двете страни на патот кон селото Вешје, на локалитетот „Двата Гроба“, регистриран е и локалитет со остатоци од вила рустика (селска вила), а на истиот локалитет е лоцирана и некропола со гробови од типот циста, остаток од ѕид висок и до 1,5 m, како и споменик со натпис.3

 

            Доминантната позиција, која ја зафаќа локалитетот „Градот“ е фасцинантна, со контрола на добар дел од Вардарската долина, и со „близок“ поглед на Демиркаписката клисура. Археолозите сметаат дека на овој локалитет се наоѓал опидум, утврдена населба, од урбан или предурбан карактер, со цврсто утврдување и населба, која играла значајна улога во одбраната. По долината на реката Вардар се движела една од главните сообраќајници од најстари времиња, која го поврзувала северниот дел од Европа со југот и Средоземјето.4 Веруваме дека

Поглед на Демир Капија и Просек

во населбата од „Градот“ имала извесно стратешко значење во перидот во кој била изградена силна тврдина со голем број други градби во тврдината, од кои и денес се забележуваат видливи остатоци. Оваа тврдина, секако, била дел од системот за контрола и одбрана на долината, заедно со големиот број други утврдени населби од поблиската и подалечната околина, особено населбите кај Демир Капија, чии остатоци ги среќаваме од двете страни на реката Вардар. Во археолошката наука се познати неколку локалитети од блискиот простор на Демир Капија, особено средновековниот град Просек или Стрезов Град, кој се поврзува со средновековните македонски благородници Добромир Хрс и Стрез.5 Градот Просек бил расположен на двете страни на реката, а главната тврдина се наоѓала на левиот брег, на рамниот дел од карпестиот рид од таа страна. Овој локалитет е во чиста визуелна комуникација со локалитетот „Градот“ за кој овде станува збор и, веројатно, бил во стратешка врска со него во извесни периоди. Во постариот период ова место се споменува под името Стенае, а според археолозите, тука се пронајдени наоди уште од 4-3 век пред н.е.6  Освен тоа, на тој локалитет се пронајдени и културни остатоци од доцната антика,7 а во тој период, археолозите ги датираат и наодите од „Градот“, што упатува на тоа дека двата локалитети биле со активен живот во тој период.

Селото Вешје од југоисточната страна

            Во околината на Демир Капија се среќаваат и други локалитети со култура од повеќе периоди. Овде ќе ги споменеме уште два – Рамниште, со остатоци од утврдување од железното време и раната антика, како и подалечниот „Горни Краставец“ на кој се среќава утврдување и археолошки наоди од раната антика.

            Во поблискиот простор на л. „Градот“ кај селото Горно Дисан, археолошки наоди од градби и извесна населба се среќаваат и на делови од пониските ридови, кои се спуштаат северно од „Градот“, но и голем број други локалитети со археолошки наоди од различни периоди во атарите на двете села, Горни и Долни Дисан. Во атарот на селото Долни Дисан се пронајдени и остатоци од праисториски животни, како што се мамути, мастодонти, жирафи, камили, тропрсни коњи стари и до 10 милиони години. Познат локалитет со такви наоди е локалитетот Змијавец, кој се наоѓа на 500 m источно од селото.

 

1 Цветан Грозданов, Димче Коцо, Археолошка карта на Македонија, МАНУ, Скопје 1996, 226.

2 Исто.

3 Исто, 231.

4 Виктор Лилчиќ, Доцноантички комуникации и тврдини во регионот на средното Повардарје, I. Регион на Велес, Македонско наследство година III, бр. 7, Македонска цивилизација, Скопје 1998, 17.

5 Одбрани четива за историјата на македонскиот народ, составил Љубен Лапе, Државно книгоиздателство на НР Македонија, Скопје 1951, 91 – 97.

6 Роберт Михајловски, Орданчо Петров, Нови наоди од тврдината Просек, Демир Капија: печатот на Георги Инеот, севаст и паракимомен, 1198 година, ПАТРИМОНИУМ.МК, година 10, бroj 15 / 2017, УДК: 903.26 (497.714) “1189“, 227.

    7 Орданчо Петров, Претходен извештај од археолошките истражувања на           локалитетот Кале – Стрезов Град,    с. Челевец – Демир Капија, 2015 – 2017, 135 – 141.

ОД АМБИЕНТОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ

АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ