НЕ ЗАСЛУЖИЈА ДА БИДАТ СПОМЕН ВО ВРЕМЕТО

Ме фатија на препад

само што  се родив,

особено, штом проодив

и штом прозборев,

сетија дека сум наивен

и со искрена душа

па, онака, „добронамерно“

ми се наметнаа „родителски“

ме прошетаа низ животот,

ме тапкаа по рамото,

ме поздравуваа и уважуваа,

всушност, ми лицемереа

и ме ставаа во стапици,

во скудност,

па и безизлез,

и морав да се борам

сосема човечки

сосема призејмен

и притиснат,

за гол живот

опкружен со раскалашност,

сепак, не им се лутам,

не ме фаќа бес,

за каква било одмазда,

ниту помислувам,

така знаеја, кутрите

себични суштества,

се местеа на високи места,

се устоличуваа самоуверено,

јадеа и пиеја,

трошеа народно богатство

како свое,

како заслужено,

како создадено од нив,

самоубедено,

всушност, дрско

и непрокопсано

и, еве, пак сме заедно,

пак истите и пак, и пак,

со вечно „заслужните“

поради тоа што сум тука,

што сум жив,

што не застанувам

во мојот одʼ во неизвесноста,

која е моја реалност

поради нивната себичност

и мојата тврдокорност.

Не, не ги споменувам по име,

ниту ќе ги опишам по лик,

не зашто се плашам

и не зашто не сакам,

ниту зашто сакам да ги скријам,

едноставно, не дораснаа

да бидат идентификувани

и не заслужија да бидат

спомен во времето.