ЏЕПАРОШИ
Темата се чини маргинална, неважна и можете да помислите дека е губење време. Сепак, мислам дека е постојано актуелна и дека има зафатено длабок корен во нашето општество, дотолку, што се наметнува како една од главните теми. Не се работи за обични, мали и вешти џепароши по пазарите, по автобуските и железничките станици и на местата со голема циркулација на луѓе, туку за многу пософистицирани „џепароши“, кои на општеството му се наметнати како фактори. Од нив зависи добар дел од популацијата на една заедница, односно, тие се лица, кои се поставувани на високи функции во системот, па така, својата „џепарошка“ дејност ја остваруваат во привилегирани позиции. Како такви, мора да имаат посебни „квалитети“, односно, да ги поседуваат основните карактеристики на „џепарош“ со големи „џепарошки“ апетити. Тоа подразбира, главно, психолошки и морални квалитети, кои се основа на таквата „дејност“. Коренот на таквите квалитети се крие во подлабоките сфери на свеста, па треба да имате познавања од психоанализа, да го консултирате Зигмунд Фројд, Карл Јунг, Ерих Фром, Вилхелм Рајх и други од таа област, но и антрополози, како Клод Леви Строс, Маргарет Мид, Рут Бенедикт и други. Секако, треба да се консултираат и стручни лица од областа на Социологијата, зашто дејноста на овие „џепароши“ има сериозни социолшки импликации. Особено треба да се позанимавате со „его“ и „ид“, односно, свесното и несвесното во човекот, рационалното и задумното, особено, со биолошките аспекти на функционирањето на мозокот и нивното влијание на карактерот, постапките и активностите на личноста. Сметаме дека, токму, биолошките фактори на функционирањето на мозокот, односно, на инстинктите се основа на ваквите „џепароши“. Другото е надградба, интелигенција, вештина и, сето тоа, зачинето со соодветни (не)морални особини.
Овде секако, немаме намера да се занимаваме со вообичаените џепароши кои, главно, се условени од општествено-социјалните услови и девијации. Всушност, во голема мерка, појавата на вообичаените џепароши е условена од бројот и надградбата на софистицираните „џепароши“, кои за жал, изгледа се во нагласен број и со замашна надградба. Потеклото на ваквите „џепароши“ треба да се бара уште во устоличувањето на политичкие елити, односно, уште во самото кадровско екипирање на почетокот од доаѓањето на власт. Токму тогаш се покажуваат способноста за препознавање на вистинските кадри, за препознавање на способноста и неспособноста, чесноста и нечесноста, за препознавање на амбициите на избраните личности, за нивната лакомост или нелакомост, скромност или нескромност, достоинство и принципиелност или беспринципиелност и отсуство на срам, коруптивност и некоруптивност. Нема да анализираме и да морализираме околу тоа кој се тие кои препознаваат и не препознаваат, односно, кои се повикани за тоа. Се знае, тие кои високо ги кренале знамињата на победата и кои се токмат да го пресоздадат, односно, да го обноват, преуредат и доизградат системот на владеење и раководење и да се обидат да извршат позитивно влијание на системот на вредности и на воспоставувањето објективни критериуми. Токму тие, со ист елан треба да продолжат во конципирањето на стручните тимови и раководните кадри, зашто внатре ќе им се „протнат“ голем број самоповикани и самозаслужни за „големата победа“, долгогодишни „борци“, „надразумни“, „единствени“ и „надзнајни“ па, без проверка, можат да се најдат на опредлени позиции, а потоа, се знае – ќе проработат вистинските инстинкти и ќе дојдат до израз вистинските амбиции. Тоа значи дека „вирусите“ и „загадувачите“ на идниот систем на власт се „инфилтрираат“ уште во самиот почеток на воспоставување, екипирање и кадровско опремување.
Се чини како своевидна практика, при секое менување на гарнитурите на власт, да се местат кадри по клуч на активност околу политичките кампањи, односно, по принципот на лепење плакати или активност на социјалните мрежи, но и помала или поголема агресивност во докажувањето пред првенците за сопствените заслуги за победата и, аналогно на тоа, барање за соодветен надоместок во идниот систем на владеење. Пример: во сѐ уште актуелниот систем кадрите се поставуваа според заслугите при фрлање боја по јавните објекти и споменици (барем некои за кои знаеме), а потоа ги видовме нивните елементарни животински инстинкти и амбиции за себезадоволување од сите аспекти, не само материјално, туку и за задоволување и на определени биолошки потреби. Некои од нив, тоа го правеа толку сурово, што нам, на простосмртните ни беше дури неразбирливо како е можно човечко суштество на кое заедницата му дала посебно значење и позиција да се однесува на таков начин, раководено од елементарните биолошки инстинкти и, притоа, да дејствува на разни полиња во различни простори, секаде вешто создавајќи услови за лични придобивки. Просто, надземно однесување!!! Ова, се разбира, не важи само за изминатите неколку години, туку за многу подолг период на владеење и менување на системи на владеење. Особено несфатливи се постапките при кои извлекувањето на лична корист одела дотаму, што, користејќи ја позицијата, извлекувале и од најсиромашните, притоа не обѕрнувајќи се дека то се човечки суштества, па дури и нивни пријатели, без воопшто да помислат дека дишеме заеднички воздух и опстануваме од исти хранливи ресурси. За таквите постапки и однесување, нам ни личи дури и невкусно овде да ги истакнуваме, па дури ни изгледа како нагрдување на оваа скромна анализа. Се разбира, зачудувачко е и трпењето и молчењето на жртвите на ваквите „џепароши“ и однесувањето како да е тоа нормална законска постапка и процедура. За жал, ете, тоа е реалност, која сѐ уште е присутна. Замислете, повисоките од ваквите „џепароши“, односно, нивните надредени и устоличувачи не успеале да ги согледаат ваквите апетити, „способности“ и „амбиции“ на почетокот, а иако потоа имале можност од неколку години тоа да го забележат, не успеале ниту да се посомневаат. Или е нешто друго во прашање? Можеби систем на субординација на „џепароши“? По тој принцип, најголемите од нив „располагаат“ со најдлабоките џебови на народните пари. За ефикасноста на органите на прогонот, до кои не дошол глас за ваквите девијантни појави и да не говориме!!!
Да нема недоразбирање, овде сакаме да укажеме на овие состојби независно која политика била на власт, зашто „џепарошите“ се реалност со подолга традиција. Доаѓале на разни начини, некогаш со истакнување на сопствените „заслуги“ или на сопствените „способности“, другпат по принципот на полжавот.
И што сега? Ќе ги препрочитаме ли погоре споменатите автори и нивните стручни психолошки, антрополошки и социолошки анализи и сознанија за да се оспособиме во изборот на кадрите и тимовите кои треба да го поведат системот во објективна надградба или се ќе остане во рамките на старите принципи, па ќе им надоместиме на „големите тркачи“ и на „заслужните“ за победата? Се разбира дека не е лесно соочувањето со таквите состојби и принципи, не само од аспект на „препознавање“, туку и од аспект на смелост на спротиставување и укажување на вистинските „траси“ на кои целиме. Се разбира, ред е и да се запрашаме до каде стигнала „заразата“, односно, дали „вирусот“ на „џепараштвото“ не е доволно навлезен во порите на нашето општество, па успева да завладее при секоја нова ситуација!?
Во целиот контекст на ваквите состојби, должни сме да истакнеме и тоа дека најчесто има и моќна позадина на истакнати, но „подзаскриени“ сили, кои своите амбици ги остваруваат во секој систем и при секоја промена. За нив нема лош систем, ниту лоши лидери, а „џепарошите“, веројатно, повеќе им се во расположение!