ВИСТИНСКИ МУЗЕЈ ОД КАМЕНИ СПОМЕНИЦИ ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД – ЛАПИДАРИУМ ВО СЕЛОТО ПАШИНО РУВЦИ, ПРИЛЕПСКО
Селото Пашино Рувци се наоѓа на околу дваесет километри југозападно од Прилеп во рамната Пелагонија. Неговата местоположба е на слично растојание, од по неколку километри од двете села, Чепигово и Бучин каде се наоѓале два антички градови во Пелагонија, Стибера и Алкомена. Всушност, просторот кој денес му припаѓа на ова село, имал „блиска“ комуникација со овие два града и, веројатно е дека тој имал особено значење во времето на нивното активно живеење, особено во македоснкиот и римскиуот период. Токму поради тоа во Пашино Рувци се среќаваме со значајни археолошки остатоци од периодот во кој овие градови биле во полна сила, односно првите векови на новиот милениум. Може да се каже дека во ова село се соочивме со вистински „Музеј“, односно, збирка од од камени споменици – лапидариум. Најмногу такви споменици се среќаваат во кругот на селската црква „Св. Атанас“, каде можат да се видат и такви експонати, кои поретко се среќаваат на поширокиот простор. Уште при самиот влез, од десната страна, пред една од помошните градби се среќава капител со интересна релјефна претстава и привлечна естетика. На него е изработен релјеф со флорални мотиви – со специфичен и хармонизиран концепт на формите и нагласена естетска изработка.

Поголем број интересни споменици се поставени пред самата црква, меѓу гробовите. Таму се соочуваме со импресивен, добро сочуван, коринтски капител со познатиот релјеф на кој се изработени листови од акантус. Капителот е поставен на поголем мермерен елемент, блок со профилирана страна, веројатно, дел од некоја поткровна конструкција – венец на престижна античка градба.

Веднаш до нив е поставен еден постамент со четириаголна форма, на кој е поставен интересен споменик со натпис. Се работи за поголема плочеста форма од мермер, делумно оштетена, на која во средината во посебна ниша бил изработен коњаник пред кој стои дрво со неколку гранки. Натписот е двојазичен, латински и т.н. коине. На натписот се среќава име на дослужен војник од XIII Шпанска кохорта и се датира во 112/3 година од нашата ера. Се среќаваат две имиња, едно на дослуженикот, Тит Флавиј Капитон и второто на оној кој го подготвил споменикот и посветата, Тит Флавиј Херм.1

Неколку мермерни споменици се среќаваат и непосредно до западниот ѕид на црквата или вградени во некои од аглите. Покрај западниот агол на северниот ѕид е поставен дел од мермерен столб со пречник од околу 0,50 m, а на аголот десно од влезната врата се наоѓаат уште три мермерни споменици. Еден, кој е делумно закопан во земјата веднаш до ѕидот, во форма на жртвеник и еден столбест камен блок со четири агли со проширен дел при врвот, како и едно прозорско мено. Додека поголемиот број од спомениците упатуваат на првите векови од новиот милениум, прозорското мено упатува на раното христијанство, но не нѝ е познато дали потекнува од самото место или е донесен од некоја друга локација, каде, веројатно има остатоци од црква од тој период. Два други архитектонски елементи од мермер се среќаваат и во просторот на апсидата, каде олтарот е оформен со една плочеста четириаголна мермерна форма и една форма на жртвеник искористен како постамент. Столбот е во голема мерка закопан во земјата и тешко може да се забележи релјефот изработен на предната страна, коњаник, а на спротивната жена.2

Од ова село потекнуваат уште неколку други споменици, од кои два со натписи: еден во форма на ара, на кој се споменува извесна победа и градовите Хераклеја и Бероја од Македонија, како и Неапол од Италија и еден друг споменик со натпис – декрет на императорот датиран во империјалниот период.3

Од истото село потекнува и една скулптура на жена без главата, која била откршена и која во времето на археологот Никола Вулиќ се наоѓала, исто така, во дворот од селската црква,4 а денес, претпоставуваме дека се наоѓа во Музеј на Македонија во Скопје, но немаме сигурна информација за тоа. Скулптурата, исто така, од мермер, според естетиката, веројатно, потекнува од античкиот град Стибера кај селото Чепигово. Вулиќ споменува уште два споменика од ова село, како една плоча со две букви АП и со розета, која е уништена, како и една ара со димензии 0,96х058 m, која на горната страна поседувала отвор со четириаголна форма, на предната страна имала гирланда во која биле изработени и два лика до појасот, а на левата и десната страна, повторно гирланда во која бил изработен круг.5 На локалитетот Чука – Браненици е пронајден и еден дорско-римски капител за кој се претпоставува дека бил донесен од Стибера кај Чепигово.6
Низ селото Пашино Рувци можат да се сретнат и други слични споменици, како неколку обработени мермерни блокови и сл. Според познатиот македонски и српски географ и антрополог, Јован Трифуноски, кој бил по потекло од Вруток, Тетовско, во селото имало остатоци од населба од римскиот период што констатирал според наоди на гробови, керамика и друг археолошки материјал.7
Во околината не селото се регистрирани неколку локалитети: Тумба – Чаир, со остатоци од бронзениот период, локалитет 2,5 km јужно од селото,8 како и Селиште – Могилани, со остатоци од населба од римскиот период, на 1,5 km североисточно од елото.9 На местото на денешниот манастир „Св. Ѓорѓи“, во 1991 година била открина стара градба, веројатно стара црква, за која нема податоци од кога потекнува. Според раскажување на жители на селото, во манастирот била донесена и извесна плоча од мермер со натпис, која потекнувала од локалитетот „Копачина“ во потегот кон селото Чепигово, каде по површината излегувале фрагменти од керамички садови и сличен археолошки материјал.
Селската црква „Св. Атанасие“ е постара градба и поседувала живопис до 19 век, но тој бил сосема уништен и денес е во фаза на изработка нов живопис. Постар живопис се среќава само во ниши на западниот ѕид од надворешната страна – еден над влезната врата со претстава на патронот на црквата, св. Атанасие и десно од него, св. Богородица со Исус. Во нишата над вратата на јужниот ѕид, исто така, од надворешната страна, има претстава на св. Димитрија.
На западниот ѕид има и два понови живописа со претстави на Исус Христос и Крштението на Исус Христос, изработени во 2015 година.
1 Фанула Папазоглу, Милена Милин, Маријана Рицл, Inscriptiones graecae, Epiri, Macedoniae, …, Gualterus de Gruyter, Berolini . Novi Eboraci MIM, 1999, 144 и Tabula XLIII, 309. Овој споменик го регистрирале и Мргарит Димица од Охрид, како и Никола Вулиќ (Никола Вулиќ, Споменик, Српска Краљевска академија, Београд 1931, 178).
2 Никола Вулиќ, Споменик, Српска Краљевска академија, Београд 1931, 179.
3 Фанула Папазоглу, Милена Милин, Маријана Рицл, Inscriptiones …, 143, 144.
4 Никола Вулиќ, Споменик, 179.
5 Исто.
6 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, том I, Македонска цивилизација, Скопје 2001, 420.
7 Јован Ф. Трифуновски, Битољско – Прилепска котлина, Антропогеографска проучавања, Београд 1998.
8 Димче Коцо, Археолошка карта на Република Македонија, МАНУ, Скопје 1996, 306.
9 Исто, 305.






















