САРКОФАГ ОД МЕРМЕР ОД УГЛЕДЕН АНТИЧКИ ГРАЃАНИН НА ЛОКАЛИТЕТОТ „РУПКА“ КАЈ СЕЛОТО ЦРНИЧАНИ, БИТОЛСКО

Пелагонија е една од областите во Македонија, која важи за еден од просторите на Балканот, кој е ретко богат со остатоци од материјална култура, преполна со археолошки локалитети датирани од неолитот до антиката, па и средниот век. Веројатно е дека како простор со плодни земјоделски површини и други природно-географски услови отсекогаш го привлекувал вниманието на човекот и нудел услови за опстанок и развој. Првата археолошка карта на Пелагонија ја составил српскиот археолог Никола Вулиќ кој, соочувајќи се со голем број археолошки локалитети во неа, особено од античкиот период, ја ставил во редот на најнаселените области на Балканот,1 а тој број на археолошки локалитети, во однос на денес познатите, секако бил многу мал, односно, 10-20 проценти.2

Локалитетот „Рупка“

Во изминатите децении или, подобро, во периодот од 1,5 века наназад во оваа област се направени разновидни истражувања од разни археолози од Балканот, претежно од Србија и Бугарија, собрани се и транспортирани разновидни споменици на културата и голем број од нив се наоѓаат во нивните музеи. Денес, на голем број локалитети се среќаваат поскромни остатоци од ваквите споменици, но археолошкиот материјал со кој се соочуваме, сепак, го открива богатството на старите населби во овој простор. И покрај таквата состојба, на некои од локалитетите останале и фасцинантни споменици на културата, кои нè упатуваат на значењето и богатството на населбите кои егзистирале на нив.

Саркофагот од локалитетот „Рупка“

Со еден таков споменик кој, за жал во голема мерка е уништен, се среќаваме и на локалитетот „Рупка“, кој се наоѓа меѓу селата Дедебалци и Црничани. Според археолошката карта на Македонија, овој локалитет се простира на околу 2 ha површина и содржи населба и некропола од римскиот период.3 Тој се наоѓа на околу 500 m западно од селото Црничани, а на него се откриени остатоци од градби градени со камен и малтер, еден мермерен столб со натпис, гробови со конструкции од камени плочи, купишта градежен материјал, фрагменти од керамички садови и питоси.4  Археологот Томе Јанакиевски,, изнесувајќи ја предноста на овој локалитет, односно, неговата положба „во средишниот дел на областа Пелагонија, покрај плодната рамнина …“, го предлага како можна локација на неубицираниот антички град Пелагонија.5

Саркофагот од локалитетот „Рупка“ – предна страна

Денес, во централниот дел на локалитетот, кој е расположен од двете страни на патот, кој ги поврзува селата Дедебалци и Црничани, Битолско, на една падина во подножјето на Селечка Планина, освен грамади камења од старите градби и наоди на фрагменти од керамички садови, се наоѓа и еден импресивен остаток од саркофаг изработен од мермер, со голем број релјефни украсувања од надворешната страна. Капакот на саркофагот сосема исчезнал, а оштетено е и телото, односно, мермерниот ковчег. Сепак, неговата основа и дел од ковчегот се зачувани заедно со поголем број украсни елементи, главно розети, односно цветни форми. Тие се симболи, кои го претставуваат рајот, односно, задгробниот живот во рајската градина. Саркофагот, секако, му припаѓал на некој истакнат граѓанин во населбата на локалитетот „Рупка“. Тој, заедно си другите археолошки наоди, упатува на значајна населба на овој локалитет, кој се наоѓа во опкружување од бројни други локалитети со значајни археолошки наоди. Саркофагот упатува на реална претпоставка дека се наоѓал во некоја поголема гробна конструкција која, веројатно, била во близина на местото на кое се наоѓа неговиот остаток денес. Иако е во голема мерка уништен, сепак, и денес претставува своевидна културна атракција на локалитетот.

Саркофагот од локалитетот „Рупка“ – со грамада од камен

На исток од „Рупка“ е располижен локалитетот „Тврди Град“ со остатоци од утврдување направено од камен и малтер, како и остатоци од керамички садови и друг археолошки материјал.6 Јужно од „Рупка“, на околу 1 km источно од селото Дедебалци, на трасата за гасоводот во изградба, на низок рид, се појавуваат голем број фрагменти од керамички садови, особено фрагменти од тегули и градежен материјал, а на два километри североисточно, кон селото Мојно археолозите пронашле остатоци од непознат антички град, кој е констатиран со бројни наоди на скулптури на божества, скулптури на угледни граѓани, други видови камени споменици, како и наоди од керамички предмети и монети.7 Заедно со уште неколку археолошки локалитети од атарот на селото Црничани, меѓу кои и „Клепач“, „Крсто“, „Св. Петка“8 и други, како и два споменика од мермер со натпис,9 културната слика на овој простор добива покомплетна димензија. Едниот од спомениците со натписи е жртвеник (ара), а другиот надгробен споменик (стела). Во натписот од првиот споменик се среќава името Ајлиј Филетајрос и Ајлија Космиа, а на вториот споменик натписот е во голема мерка оштетен и тешко читлив.10

1 Иван Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза – од егејске сеобе до Августа, Археолошко друштво Југославије – Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1966, 2, 3.

2 Исто.

3 Археолошка карта на Република Македонија.

4 Исто.

5 Томе Јанакиевски, Прилог кон прашањето за убикација н градот Пелагонија во античкиот период, МАА бр. 15, 190, 191.

6 Археолошка карта на Република Македонија.

7 Иван Микулчиќ, Непознат антички град кај Мојно, Годишен зборник на Филозофскиот факултет, бр 22, Скопје 1970, 325 – 352.

8 Археолошка карта на Република Македонија.

9 Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skyithiae, Consilio et auctoritate academiae scientiarum Berolinensis et Brandenburgensis, Berolini – Novi Eboraci, MIM, 83.

10 Исто.