КУЛТУРНИ ОСТАТОЦИ ОД РИМСКИОТ ПЕРИОД И РАНОХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА НА ПРОСТОРОТ НА ИСПУСТЕНОТО СЕЛО ГОЛЕМО МРАМОРАНИ
Големо Мраморани е испустено село, кое се наоѓа на десетина km југозападно од Прилеп, односно на околу 3 km западно од селото Мажучиште и околу 1 km источно од селото Мало Мраморани. Денес на овој локалитет најзабележливи се остатоците од селската црква и гробиштата од старото село. На просторот на кој било расположено селото има и бројни други траги, мали остатоци од објекти, градежен материјал, керамика, обработени форми по карпите и сл. Во делот во кој се наоѓала населбата има и помали или поголеми карпи со обработени делови за конструктивна намена или своевидни обработени форми и издлабени кружни или правоаголни јами.

На местото на црквата од селото денес се забележуваат остатоци од нејзините ѕидови, кои укажуваат дека се работи за градба од помал обем, која била вообичаено поставена во насока исток – запад. Во нејзиниот состав влегувале и елементи од постара градба, односно, градба од римскиот период и од постара црква. На тоа упатуваат некои мермерни елементи и градежен материјал, како тегули и сл. За жал, голем број од спомениците, кои ги забележале археолозите пред повеќе децении, изгледа исчезнале. Имено, тие на местото на разрушената селска црква констатирале присуство на споменици од градба од римскиот период, и тоа, „делови од столбови, архитравни греди и тимпанон од надгробен споменик“.

Спомениците од мермер, особено еден капител и неколку други конструктивни елементи од мермер, укажуваат на раното христијанство. Сосема е веројатно дека во нејзина близина или на истите темели во овој период опстојувал ранохристијански храм. Некои од камените блокови биле изработени со впечатливи димензии. Црквата била поставена на источниот раб на гробиштата, кои зафаќаат површина од околу 0,3 ha, веројатно на горната периферија од населбата. Вниманието го привлекува „планскиот“ распоред на гробишатата, кои биле поставувани во долги редици, еден покрај друг по должина. На тој начин, денес се забележуваат редици од гробови по неколку десетици метри. На вкупната површина од зачуваниот дел на гробиштата, можат да се избројат, најмалку десетина реда. Просторот на испустеното село со црквата и гробиштата, денес го „обележува“ една исправена карпа, која зазема централно место на локалитетот, како своевиден „менхир“.1
Интересно е дека во рамките на локалитетот со старата населба се среќаваат и неколку објекти во карпа, односно камени винарници, од кои два во близина на разрушената црква на запустеното село Големо Мраморани. Едното корито–винарник е со ретка големина, само првиот дел од него, коритото во кое се гмечело грозјето, е со должина од 4 m и ширина од 1 m. Може да се земе дека овој винарник во карпа е еден од поголемите по должина во Пелагонија и Мариово, каде што имаме добар увид на нивното присуство. Долниот дел на винарникот, односно малото корито во кое се цедел сокот од грозјето е значително оштетен, а големото корито е „пресечено” со патека по која поминувале луѓето и добитокот од околните села. Другиот винарник се наоѓа на педесетина метри југоисточно од остатоците на црквата од Големо Мраморани која, според мермерните споменици кои можат да се видат и денес, потекнува од доцната антика, односно од раното христијанство.2 На ваквите наоди се надоврзуваат и фрагментите од керамика од римскиот период и доцната антика, со што се потврдува дека на овој простор егзистирала населба и во тие периоди, а веќе е познато дека во турскиот период овде егзистирало селото Големо Мраморани, чии жители се преселиле, најголемиот број, во селото Бело Поле, на околу 10 km јужно одовде, а атарот од старото село го поседуваат жителите на с. Сенокос, кое се наоѓа на 2-3 km југозападно.

Интересно е да се спомене дека во поблиската околина на локалитетот на кој егзистирало селото Големо Мраморани се среќаваат голем број винарници во камен,3 кои укажуваат на развиена култура на одгледување винова лоза во тој простор, најмалку во римскиот период. Доколку се прави анализа на културата на просторот околу овој локалитет, може да се констатира дека таа овде има континуитет од повеќе милениуми. На тоа упатува блискиот локалитет “Самовилец“, кој се наоѓа на неколку стотици километри северозападно и поседува остатоци од населба од бронзениот период,4 потоа стариот манастир „Св. Богородица“, каде се соочуваме со остатоци од материјална култура од римскиот период,5 како и со помали некрополи од гробови издлабени во карпа, кои упатуваат на присуство на населба од тој период, а просторот крие и бројни други остатоци од материјална култура од различни периоди. Од овој локалитет, на само 2-3 километри источно се наоѓа локалитетот „Ридот“ во атарот на селото Мажучиште, на кој среќаваме материјална култура од повеќе периоди, односно, енеолитот, бронзеното и железното време, како и македонскиот и римскиот период.6 На слично растојание, југозападно од Големо Мраморани, во близина на селото Сенеокос, се наоѓа и еден, за археолозите, познат локалитет, „Могила“, кој крие остатоци од населба од новото камено време, односно, неолитот.6
1 Археолошка карта на Република Македонија, 294.
2 Блага Алексова, Виктор Лилчиќ, Ранохристијанските цркви во Македонија, Македонско наследство, бр. 5, Скопје 1997.
3 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 128 – 130 и 136, 137.
4 Исто, 125 – 128.
5 Исто, 135, 136.
6 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 187 – 191.
7 Археолошка карта на Република Македонија, 312.
Карпа со обработени површини и симболика Устинка од питос – керамика Дел од гробиштата со остатокот од црквата во десниот агол Винарник во карпа во близина на гробиштата со карпата – „менхир“ во позадина Винарник во карпа во близина на гробиштата Фрагмент од плоча со издлабен крст Дел од локалитетот „Самовилец„ Зарамнета карпа со столбесто оформен дел со кружна јама на врвот 2 Столбесто оформен дел со кружна јама на врвот на поголема карпа Зарамнета карпа со столбесто оформен дел со кружна јама на врвот Карпата – главно обележје на локалитетот 2 Гробиштата на Големо Мраморани „плански“ поставени во редици Дел од гробиштата Дел од гробиштата со големата карпа „менхир“ Карпата – главно обележје на локалитетот Отскриен гроб од гробиштата Зачуван гроб од селските гробишта на Големо Мраморани Голем столб од камен со остатоците од црквата Дел од гробиштата со еден голем столб од камен OLYMPUS DIGITAL CAMERA Дел од црковната градба со атарот на селото Мажучиште во позадина Елемент од мермер од постара градба Поголем блок од камен Капител од мермер со крст во релјеф 4 Крстот на капителот од мермер Капител од мермер со крст во релјеф 2 Разрушената црква пред зајдисонце Голем објект во карпа – винарник кај црквата Остатоци од црквата на Големо Мраморани, од исток Капител од мермер со крст во релјеф Погрубо обработен камен столб