КАКО САМИ СЕ ЛАЖАТ ИЛИ КОЈ КОГО ЛАЖЕ

(Текст од вијводата и учител Милан Ѓурлуков од селото Кривогаштани, Македонија, објавен во весникот „ИЛИНДЕН“ – Орган на бившите Македоно-одрински револуционери, година II, бр. 46, Софија, 19 ноември1922 година)

Овој текст го објавивме како прилог во текстот за војводата Милан Ѓурлуков и веруваме дека многумина и го прочитале, но со оглед на фактот дека таму беше објавен на крајот на подолг материјал за војводата, а ценејќи дека содржи особено значајни ставови на овој борец за македонската слобода и голем страдалник, заедно со целото негово семејство,сметаме дека заслужува посебно објавување. Уште повеќе, сметаме дека ставовите изнесени во овој текст ја отсликуваат положбата на македонските борци и револуционери во првите децении на дваесеттиот век, ставени во незавидна положба меѓу агресивните пропаганди на соседните држави за асимилација на македонскиот народ и присвојување на македонската територија.

 

Одењето на господин Стамболиски во Белград предизвика различни коментари во бугарскиот и српскиот печат.

Не сум дипломат за да ги коментирам изјавите кои ги направи Стамболиски, како пред  српските државни мажи, така и пред Југословенскиот печат. Политиката е лага: едно се зборува, друго се разбира. Политиката и не е моја работа, па за неа нека говорат

Војводата Милан Ѓурлукот

други Македонци.

Но за она што ги засега Македонија и Македонците јас сакам да си го кажам лафот (зборот, з.м.).

Г-н Стамболиски им кажа на белграѓаните: Јас кревам раце од Македонија и Македонците. Не ми се потребни, скапо не чинат, та аир од нив не сме виделе, евтино ги продавам, алав нека ви се, земете си ги, се откажуваме од Македонија и од сите Македонци кои живеат во Бугарија.

Тоа е многу правилно, г-н Стамболиски. Како гостин на многу гостопримливите Срби, од почит кон домаќинот, така треба да се говори.

Можеби тоа го разбира и првиот бугарски министер (премиер, з.м.).

Но, како и да е. Ние сме чуле изјави на многу бугарски дипломати по македонските работи и секогаш е исто.

Но едно не треба да го заборава г-н Стамболиски, па ни Србите: Историјата не може да се фалсификува според желбите на личностите.

Бугарското племе е поврзано со Македонија со нераскинливи врски, кои не можат да се прекинат сѐ додека суштествува бугарскиот род.

Слушајте Бугари каде и да сте и со какви политички убедувања да сте:

Татковците на бугарската азбука се Бугари од Македонија, тие се и патрон празник на целото бугарско племе.

Свети Климент, таткото на бугарската литература и патрон на нашата највисока образовна институција, Универзитетот, е Македонец од Охрид.

Таткото на новата бугарска историја, отец Пајсиј, и тој е Бугарин од Македнија.

Тие столбови се родени таму кадешто извира Дрим, кадешто течат Вардар и Струма.

Србите се големи патриоти. Јас сум уверен дека тие, додека знаат дека во нас има бугарско сознание, чувство и мисла, нема да му поверуваат на никој Бугарин, па макар и искрено да им се колне дека се откажува од Македонија, Добруџа, Тракија и Царибродско. Мислата на крадецот секогаш е тревожна, ако се има предвид дека туѓото се зема и на Великден.

Србите се такви националисти што веруваат дека и на Марс, и на месечината има вистински Срби, дека и ангелите околу Господ и тие се Срби. Колку за Македонија „таму и камењата зборуват по српски“. Што се однесува до Бугарија, тие немаат големи претензии, сметаат дека е српско само до Трново, па како изгледа, многу лесно ќе се погодите.

Во право е г-н Стамболиски дека Македонците се вистински Ирци, многу ми се допаѓа како тој тоа добро го разбрал.

Но мене повеќе ми се допаѓа во идејата за славјанска федерација на Балканот. Вие, толку долго време говорите, ја проповедате таа идеја и пак, за голема жал, никој не Ве слушна. Ете зошто, веќе, е лудост да се говори, кога нема кој да ве слушне.

Колку за вашето откажување од Македонија и Македонците, јас сум восхитен и од денес станувам најзапален приврзаник на таа идеја.

Сега останува уште една мала работа од ваша страна: да го убедите и г. Пашич да се откаже од Македонија и, тогаш, работата е завршена. Тогаш веќе ќе нема тревоги, ни во Бугарија, ни во Србија од чети и комити.

Јас сум уверен дека Пашич брзо ќе се согласи, зашто Македонија е подалечна роднина на Пашича отколку Вам.

Јас ви препорачувам да се заземете и поскоро да го убедите г. Пашича во таа идеја „вер куртул“, и без многу, многу, одлагања, зашто местото кадешто стоите, собата во која љубезно се надитрувате, е изложена на течението на црвениот ветар.

И еднаш, постигнатото согласување за откажување од Македонија, за нас ќе остане да ги приложиме мислите на прилепчани, скоро кажани на Прилепскиот српски началник: „Автономија се вика, г-н началник, вие да си одите одовде, та ние да си ја редиме како што сакаме“.