ВОЈВОДАТА МИЛАН ЃУРЛУКОВ ОД СЕЛОТО КРИВОГАШТАНИ И ТРАГЕДИЈАТА НА МАКЕДОНЕЦОТ
–Милан Ѓурлуков од селото Кривогаштани е учесник во Илинденското востание со чета која припаѓала на единицата со која командувал легендарниот Питу Гули. Во 1907 година неколку членови од семејството на Ѓурлуков заедно со други жители од Кривогаштани се убиени од српските врховистички чети на свадба во селото Сарандиново. Грозоморното убиство дури на девет лица ќе остане како пример за македонската трагедија во услови на странските пропаганди. Војводата Милан Ѓурлуков, како верен член на Македонската револуционерна организација, зад себе оставил долго борбено патешествие со самостојна чета, во рамките на српската и бугарската војска во време на Балканските војни и во рамките на бугарската војска во Првата светска војна.
„Но за она што ги засега Македонија и Македонците јас сакам да си го кажам лафот (зборот, з.м.).
Г-н Стамболиски им кажа на белграѓаните: Јас кревам раце од Македонија и Македонците. Не ми се потребни, скапо не чинат, та аир од нив не сме виделе, евтино ги продавам, алав нека ви се, земете си ги, се откажуваме од Македонија и од сите Македонци кои живеат во Бугарија.“ – од прилогот на Милан Ѓурлуков, објавен во весникот Илинден од 19 ноември 1922 година.
Еден од војводите од Прилепско кој со својата активна комитска дејност посебно се истакнал е војводата Милан Ѓурлуков од селото Кривогаштани. Тој има долго и мачно патешествие на револуционерна дејност исполнета со борби, семејни трагедии, учество во Балканските војни и Првата светска војна, како и средби со високи претставници на македонските соседи и почести кои ги примал од нивна страна. Тоа му се случувало, како од бугарска, така и од српска страна. Иако некои пишувања и сведоштва можат да се сфатат како наклоност на војводата Милан Ѓурлуков кон бугарската страна, разгледувајќи го долгиот пат на борец за слобода и човечки права, како и неговите ставови во однос на политиката на Бугарија и Србија кон Македонија и Македонците, може да се констатира дека и неговата судбина е иманентна на секој Македонец ставен меѓу „чеканот и наковалната“, без сопствена авторитетна сила зад себе како што е државата, а желен за својата слобода и слободата на сопствениот народ.

Ѓурлуков е роден 1884 година во селото Кривогаштани во семејството на Ристо Нешков Ѓурлуков. Во Прилеп завршил прогимназијално училиште и во учебната 1901/2 година како учител во своето родно село тој се поврзува со Македонската револуционерна организација. Истата година, откриен од Турците, бил затворен во затворот во Прилеп. Пред Илинденското востание тој е пуштен на слобода и станал нелегален борец на Организацијата. Стапил во крушевските чети1 како комита сè до востанието, а во него влегол како војвода на чета од 120 души, која била дел од одредот на легендарниот војвода Питу Гули. Всушност, Милан Ѓурлуков ги водел членовите на собраната селска милиција од полските села во Прилепско, како од Кривогаштани, Бела Црква, Пашино Рувци, Воѓани, Обршани и др.2 Овие села пред востанието изгледа биле добро организирани во Револуционерната организација и поради тоа од нив излегле поголем број борци, кои учествувале во ослободувањето и подоцна во одбраната на Крушево. Од селото Бела Црква, кое броело 60 куќи, во востанието во Крушево се вклучиле дури педесетина борци, а значителен број имало и од другите села во овој крај.3
ВО БИТКАТА НА МЕЧКИН КАМЕН
За време на одбраната на Крушево единицата на Питу Гули, која броела околу 370 борци, била распоредена на приодите кон градот околу месноста „Црн Врв“. Милан Ѓурлуков со своите 120 борци бил распореден во селото Трстеник, Блаже Биринчето со своите 40 четници во селото Бирино, Нечо Трифунов над селото Журче, а Нове Јанкулов над селото Острилци. Еве што вели Никола Киров Мајски за распоредот на четите на Милан Ѓурлуков и Блаже Биринчето: „Војводите Блаже Крстев со 40 души и Милан Ѓурлукот со 120 души имаа за задача да ги пресретнат турските војски од кај селата Бирино-Трстеник, а останатите војводи требаше да внимаваат на патот кон Журечко-Острилечкиот приод“.4 Останатите стотина борци од одредот останале на самиот „Црн Врв“, на „Мечкин Камен“ со главниот војвода Питу Гули. При нападот од Турците први биле нападнати Милан Ѓурлуков и неговата милиција. Бидејќи аскерот бил во далеку поголем број од нив тие брзо се повлекле кон главнината на одредот на „Црн Врв“. Слично постапил и Блаже Крстев Биринчето со своите четници кои биле нападнати, речиси во исто време, а подоцна кон главнината се приклучиле и другите две групи од единицата на Питу Гули.5

На 13 август, околу 10 часот многубројната турска војска започнала полека да го стега обрачот околу „Мечкин Камен“. Напред оделе башибозуците кои се обиделе да ги залажат комитите дека им доаѓаат на помош викајќи „Ура!“, „Долу Турција!“ и сл. Овој обид за да ги залажат комитите да ги напуштат своите позиции во шумскиот предел не им успеал на Турците бидејќи комитите ја забележале подготвуваната стапица и со масовна стрелба башибозуците биле принудени на панично бегство.6 Следниот атак на Турците, кои решиле по секоја цена да го освојат врвот и да ги уништат бранителите на ослободеното Крушево, сепак, не бил отфрлен. Турците биле во преголем број за малубројниот одред на Питу Гули. Меѓу првите од одредот на Питу Гули паднал знаменосецот Ѓорѓи Димов, а веднаш по него загинал и неговиот заменик Нове Смугрев од селото Обршани. Меѓу првите борци бил погоден и Питу Гули, а битката завршила со ужасна борба гради вгради, при што еден дел од борците успеале да се спасат. Милан Ѓурлуков и Блаже Биринчето со дел од востаниците успеале да се пробијат и да се засолнат во шумите на Длабока Река.7 На тој начин Милан Ѓурлуков го преживеал овој крвав, но славен миг од македонската историја и борба за слобода и независност. Неговата борба продолжила и во следниот период.
ВО ЧЕТИТЕ НА ТОЛЕ ПАША И ПЕТРЕ АЦЕВ
По востанието Милан Ѓурлуков се нашол во четата на Толе Паша.8 По амнестијата која следела по востанието тој се враќа дома, но не бил оставен на мир и повторно бил затворен во битолскиот затвор каде поминал 4 месеци. По ослободувањето од затворот тој повторно станал учител во Кривогаштани, но Турците му забраниле да се занимава со учителска дејност како неподобен. Бидејќи бил во врска со крушевските чети на Блаже Биринчето и Георги тој со нив ги обиколува околните села за да го развива револуционерното расположение.9 Турците брзо му влегле во трагата и морал да го напушти селото и да замине во Прилеп. Таму се запознал со познатиот револуционер Никола Каранџулов и станал негов верен пријател.10 Во 1904 година Милан Ѓурлуков, по налог на Прилепскиот комитет, е ангажиран за извршување атентат над извесен поп Спасе кого комитетот го осудил на смрт.11 Повторно се повлекол во илегална дејност и влегол во четата на Петар Ацев во која престојувал кратко време. Во периодот кој следел Окружниот горски комитет на чело со Ѓорѓи Сугарев го поставил за секретар на крушевската чета на војводата Ванчо Србаков. Пролетта 1905 година војводата Ванчо Србаков паднал убиен во една битка кај селото Цер, Демирхисарско и Милан Ѓурлуков станал војвода на четата. Летото истата година паднал болен и отишол на лекување во Бугарија. По два месеци тој повторно бил ангажиран, сега од страна на Даме Груев, кој го испратил за војвода на Овчеполието кај Св. Николе каде останал скоро до Уриетот.12
ТРАГЕДИЈАТА ВО СЕЛОТО САРАНДИНОВО
Во полските села од прилепскиот крај биле силно разгорени српската и бугарската пропаганда на што се должеле и голем број трагични настани, при кои жртви биле самите Македонци. Во делбите кои се правеле со дејноста на овие пропаганди посебно биле погодени жителите на Кривогаштани меѓу кои имало поклоненици на двете страни. Всушност и ова село е дел од општата македонска трагедија на вечни делби поттикнати од различните странски амбиции за асимилирање на Македонците. Во вакви услови, во 1907 година се случила ужасна трагедија во која настрадале дури 9 души од Кривогаштани.13 Настанот се случил кога семејството Павлевци од Кривогаштани биле поканети на првиче во селото Сарандиново од каде бил женет синот на Никола Павлев, Аце. Првичарите биле нападнати од една чета на српската пропаганда при што се убиени дури 9 души. Биле убиени, речиси сите првичари, а останале живи само зетот Аце, невестата и золвата. Меѓу убиените биле: Никола и Ордан Павлески, Јанкула Смуткоски, Јанкула Чамески, Ристе Ѓурлуков (таткото на војводата Милан Ѓурлуков), Јанкула Мулоски, Коте Коруноски, Павле Житошански и чичкото на невестата од Сарандиново. Како водачи на српската чета се споменуваат имињата на Јосиф Војводата од Бела Црква и Андон Парталко.14 Според раскажувачи од селото Сарандиново и околните села, првичарите не биле веднаш убиени, туку заробени и потерани преку селата Рилево и Зрзе кон Крапа. Некои од раскажувачите тврдат дека првичарите биле држани како заробеници во селото Зрзе од кадешто многу посвесни жители на околните села се обиделе да ги ослободат со убедување и молби упатени до српската чета, но на крајот заробениците биле спроведени до местото Манкоец(?) кај селото Крапа и таму биле убиени и фрлени во тамошната пропаст. Според денешните раскажувачи, убиените првичари биле многу повеќе, а уште при нападот во Сарандиново биле пуштени зетот, невестата, золвата и свекрвата. Трагедијата силно оддекнала и го потресла населението во овој крај, но во исто време се зголемила и омразата меѓу различно наклонетите жители. Токму на ваквата поделеност и омраза се должат и некои подоцнежни крвави настани во селата Кривогаштани и Долгавец. Во Кривогаштани и денес се памети ужасното убиство на едно семејство во 1915 година. Грозниот чин го извршил извесен Коце Николески од селото Вранче, Прилепско, кој со чета дошол на гости кај својот сват Димко Попоски во Кривогаштани. Тие биле во роднинска врска преку нивните деца (синот на Коце Милан бил женет за ќерка на Димко), но тоа не го спречило Коце во крвавата намера. Кога дошол на гости кај својот сват Димко, Коце ги затекнал дома Димковата жена со едногодишно дете и свекорот, поп Коте. Коце барал пари и почнал да ги навредува и да ги малтретира, а потоа сите ги убил. Истиот ден бил убиен и Васил Багушоски кај анот на Пашовци во селото.15 Споменатото убиство се смета како одмазда за убиството на првичарите, но тоа не било доволно, туку на одмаздата за овој настан му се припишува и грозоморното убиство кое го направиле бугарските војски за време на Првата светска војна кај селото Долгавец, кога се исклани, според едни записи 180, според други над 300 Македонци од селата на овој дел на Пелагонија. Ова е уште една грозоморна приказна од трагичната судбина на Македонците во овој крај.
МИЛАН ЃУРЛУКОВ ВО БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ И ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА
Милан Ѓурлуков за време на Уриетот се нашол како војвода во Велешко каде и се легализирал. Набрзо по уриетот повторно бил ангажиран во Св. Николе и Овчеполието, сега по директива на Тодор Александров. Турците не можеле да замижат пред неговата организациона и борбено поттикнувачка дејност и тој бил затворен во затворот во Куманово од каде по 4 месеци бил преместен во Скопје. Тука останал 2 месеци, по што бил ослободен и интерниран во Прилеп.16

Во почетокот на 1910 година Милан Ѓурлуков бил испратен од Централниот комитет на Револуционерната организација со специјална задача во Македонија. Со организирана чета тој требало да изврши атентат врз турскиот султан Мехмед Решад. Атентатот требало да биде извршен во близина на Скопје. Четата пристигнала на левиот брег на реката Вардар, но Турците ја насетиле намерата за вршење на атентат и презеле решителни мерки. Четата на чело со Ѓурлуков не можела да ја премине реката и долго време се криела од левата страна на Вардар. Планот за атаентатот бил откриен со фаќање на еден четник-курир, биле запленети материјалите и се кренала голема афера при која се затворени околу 400 лица. Прогонетата чета дошла во Прилепско каде, преку селото Кокре во Мариово, фатила врска со градот. Првиот контакт со градот бил остварен преку Милан Ѕвездов, кој ги собрал и Иван Смичков и Даме Попов. Било направено преорганизирање на четата и била започната широка дејност за вооружување, која е прекината со акцијата за обезоружување на населението (македонското) спроведувана преку Тургут-паша.17 При оваа акција, Милан Ѓурлуков повторно бил затворен во битолскиот затвор каде поминал 4 месеци.18
За време на Балканските војни, при прогонот на Турците од Балканот, прилепската чета имала наредба да изврши мобилизација на населението и притоа биле мобилизирани 500-1000 души кои мавнале на Турците в грб. Во тоа време од Бугарија во Македонија пристигнале и четите на Мирче Најденов и Аргир (Крсте Гермов Шакир), кои се присоединиле кон прилепската чета и така, здружено, дејствувале во припомош на српските сили, кои настапувале од север. Четата напаѓала од кон Селечка Планина в грб на Турците, при што тие отстапувале и оставале складови со оружје и храна. Со тоа на Србите им било олеснето преминувањето преку планината Бабуна. Заради ваквата помош српскиот принц Павле кој командувал со коњаницата го повикал кај себе Милан Ѓурлуков искажувајќи му благодарност од името на српската армија и притоа му подарил еден убав коњ.19 Милан Ѓурлуков бил повикан од Штабот на српската армија за да содејствува со српските војски. Прилепската чета, која се покажала добро орагнизирана и оспособена за борба, заедно со собраната милиција од народот била вклучена во заедничките акции за гонење на турската војска. Добрата соработка е разнишана со сè почестите изјави на Србите дека овој крај е дел од Србија. По тој повод Милан Ѓурлуков имал средба дури и со српскиот престолонаследник, која му ја овозможил српскиот генерал Бошковиќ.20 Средбата протекла со изјави на престолонаследникот дека овој крај е многу значаен за општото српство и сл. Подоцна се случила и една мамка при што македонските борци биле повикани во Битола од името на престолонаследникот, а намерата била да бидат затворени. Набрзо српскиот режим се покажал во вистинската светлина и соработката била прекината. Поради нагласените гонења и притисоци кои ги вршела српската власт Милан Ѓурлуков повторно се нашол во Бугарија.21 Подоцна Милан Ѓурлуков го среќаваме како војвода на чета од 40 души која, заедно со четите на Петар Чаулев, Милан Матов и Марко Иванов, вршела разузнавачка дејност за Четвртата армија на бугарската војска под команда на генералот Ковачев. Организирани, четите ја поминале реката Вардар и ја зазеле станицата во Демир Капија. Исто така, тие заробиле и еден дел од српската војска од 417 души со 100 коњи. Интересно е дека четите стигнале до Кавадаречко, кога бугарската армија се повлекувала од Криволак и ги повикувала да се вратат назад. На ваквата наредба четите не се потчиниле, заминале кон западна Македонија и продолжиле да си пробиваат пат кон внатрешноста. Букурешкиот мир четата на Милан Ѓурлуков, заедно со четите на Петар Чаулев, Милан Матов и Марко Иванов, ја затекнал во Мариово. Прекалениот војвода не прекинал со својата борба. Повторно се судрил со српскиот режим во Македонија и, по неколку престрелки со Србите, неговата чета била разбиена. Милан Ѓурлуков, заедно со еден стар четник Никола Долненчето, заминал во Албанија, од каде повторно се прибрал во Бугарија.22
За време на Првата светска војна Милан Ѓурлуков дејствувал со чета во бугарската војска со коњаницата раководена од генерал Танев. Во 1915 година во селото Никодин, Прекурид, четата на Милан Ѓурлуков затекнала една српска единица од 150 души, со која започнала битка. Во битката биле заробени 40 српски војници со еден потпоручник, еден капетан е убиен, а другиот дел од војниците бил потиснат кон местото „Белото“ кај селото Крстец.23 При заземањето на селото Никодин, новопоставениот кмет од Милан Ѓурлуков, Спирко Мирчески, на бугарската команда ѝ предал 40 жители на селото како србомани. Тие биле собрани од бугарската војска и одведени во местото „Пропрадница“ за да им суди бугарската команда. Пред да биде извршено судењето за судените бил ископан заеднички гроб, биле поставени крај него и им ја читале пресудата. Поголемиот дел од нив биле осудени на смрт, но во тоа време пристигнал војводата Милан Ѓурлуков, кој не дозволил тие да бидат стрелани.24 По заземањето на Никодин една чета на чело со Милан Ѓурлуков и Даме Попов била испратена по реката Бабуна, во областа Азот. По заземањето на Прилеп од страна на бугарската војска, на 3 ноемврии 1915 година, Даме Попов со своја чета се присоединил кон 4 македонски полк, а Милан Ѓурлуков со својата чета продолжил за Битола. По заземањето на Битола, Крушево и Македонски Брод, Милан Ѓурлуков бил прекомандуван во штабот на партизанските одреди на Александар Протуѓеров.25
Според воените извештаи на српските воени власти во Македонија од Прилепско, по Првата светска војна, поточно од 1919 година, Милан Ѓурлуков и Крсте Гермов Шакир биле забележани во Мариово, каде предводеле комити.26 Според еден документ на Военото министерство на Кралството СХС, од 20 октомври 1919 година, Милан Ѓурлуков бил во групата македонски револуционери, во која се Ѓорче Петров, Петар Чаулев и Павел Христов, која стапила во контакт со претставникот на Кралството во Софија и “барале состанок со членовите на делегацијата”. Целта на ваквиот контакт била да издејствуваат амнестија и сигурност за животот, со тоа што ќе влијаат на Македонците по мирен пат да станат рамноправни членови на “Велика Југославија”.27
На тој начин целото паташествие на овој војвода се совпаѓа со судбината на Македонецот кој без своја држава, со нелегална организација, која се бори за ослободување на Македонија, постојано разнебитувана од странски влијанија, е приморан на разни начини да го искажува своето несложување со ропството и, притоа, со ризик да биде искористуван за туѓи цели.
Немирен, бурен и трагичен е животот на уште еден член на семејството Ѓурлуковци од Кривогаштани. Тоа е Јован (некаде Јонче или Иван) Ѓурлуков, внук на Милан Ѓурлуков,28 кој бил член на ВМРО и учествувал во неколку терористички акции. Во 1912 година тој поставил бомба во една ламарина со трици и ја оставил кај „Шарена Чешма“ во Прилеп, близу до чаршијата. При експлодирањето бомбата не предизвикала посебна штета, но силно ги вознемирила Турците, кои се собрале и биле готови да направат колеж меѓу христијанското население, но поумните од нив сметале дека експлозијата е резултат на моторот на гас каков што имало во една мелница која се наоѓала во близина. Во меѓувреме стигнала турска коњица и колежот бил спречен. Притоа биле уапсени и затворени голем број дуќанџии и брашнари од соседството, меѓу кои Јордан и Милан Трајчеви (Ѓорѓимајкови).29 Подоцна, атентаторот Јован Ѓурлуков бил откриен и затворен.
Јован Ѓурлуков повторно го среќаваме во 1920 година, за време на српскиот режим во Македонија. Оваа година, на 7 октомври тој е убиен од српските власти како комита во селото Обршани.30 За неговото дејствување во Македонија, односно во Прилепско, постојат и официјални документи од тогашната српска власт. Во 1920 година Јован Ѓурлуков самоиницијативно дошол во Прилеп и притоа движејќи се полулегално, контактирал со повеќе лица од градот и селата. Истата година бил предаден на власта од еден член на Социјалистичката работничка партија на Југославија, професорот во гимназијата во Прилеп, Драгутин Симоновиќ, кој извесно време бил во раководството на партијата, но се издвоил како „центрумаш“. Јован (Јонче) Ѓурлуков бил откриен и фатен во селото Обршани.31
Во врска со откривањето и убиството на Јован Ѓурлукот во Прилепскиот суд биле поднесени обвиненија против 37 лица од градот и околните села. Тие биле обвинети зашто во септември 1920 година го примиле, го криеле, хранеле, наоружале и помагале „бугарскиот комита Јован Ѓурлукот“ дојден од Бугарија поради формирање комитска чета со цел да се поведе вооружена борба за одделување на Македонија од Кралството на СХС.32 Според судските документи од тоа време, Јован Ѓурлуков во Македонија дошол со група за да им помогне на комунистите и да работи за Автономна Македонија.33 Српските власти го фатиле жив, а потоа го ликвидирале на незаконски начин во затворот во Прилеп. На сличен начин биле ликвидирани и неговите придружници.34 На тој начин, македонската историја се здобива со уште еден трагичен пример, кој е само капка во морето на трагични судбини во долговековната борба за слобода и независност на македонскиот народ, кој со векови се бори против ропскиот живот, постојано изложен на бескрупулозни притисоци за бришење на македонскиот идентитет.
ДАЛИ МИЛАН ЃУРЛУКОТ БИЛ ВОЈВОДА КОЈ СЕ БОРЕЛ ЗА БУГАРСКАТА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА
Во официјалната македонска историографија името на војводата Милан Ѓурлуков се поврзува со врховизмот и бугарската пропаганда во Македонија. Од друга страна, неговото исклучително долго патешествие на војвода и борец, поврзан со Македонската револуционерна организација и сложеноста на општественополитичките услови во кои се водела борбата за слобода и назависност на Македонија заслужува многу поопстојна анализа. Фактот што македонскиот борец немал конзистентна институција на која можел да се потпре во својата борба, често го доведувал во разни искушенија и заведувачки позиции кои му ги наметнувале странските пропаганди. Поради тоа македонската историја е преполна со братоубиствени настани и, како ретко која историја на друг народ во светот, е исполнета со меѓусебно пролевање крв. Тоа е судбината која го стигнала Македонецот растргнат од немилосрдните притисоци на српската, бугарската и грчката пропганда, кои најчесто биле пресудни фактори за слабеење на Револуционерната организација, при што многу од македонските борци за слобода ја губеле ориентацијата во својата револуционерна активност.
На Милан Ѓурлуков му се припишува наредбата за убиството на кавадаречкиот борец за слобода Добри Даскалов кое се случило во јули 1912 година. Убиството го извршил Крсто Ристов Кимов од селото Грбавец, кој бил поранешен четник во четата на Добри Даскалов. На убиството му претходеле три писма на група кавадарчани, кои ги испратиле до војводата Милан Ѓурлуков и барале да се ликвидира Добри Даскалов. При убиството на Даскалов, извршителот Крсто Ристов му фрлил и еден плик во кој била запечатена пресудата, која според него, била донесена од Околискиот или Централниот комитет. Групата кавадарчани, која барала убиство на Добри Даскалов, се сметале за приврзаници на Сарафов, а во тоа време во Кавадарци постоела и друга група, која се нарекувала Чернопеевци или Санданисти.35 Во секој случај, ова е уште еден пример на меѓусебно пролевање крв кај Македонците во меѓусебната поделеност предизвикана од надворешното мешање во ослободителната борба.
Истата година, 1912, со започнувањето на Балканските војни и повлекувањето на Турската војска од Балканот, посебно е забележано дејствувањето на четата на Милан Ѓурлуков, заедно со четите на Крсте Гермов Шакир во реонот на селата Царевиќ и Топлица, Прилепско. Овие чети воспоставиле врски со српската претходница, која се движела од Кавадарци кон Прилеп и заедно со неа, по напуштањето на Прилеп од Турската војска влегле во градот.36
Во својата подоцнежна активност Милан Ѓурлуков бил приврзаник на организацијата ВМРО на Ванчо Михајлов и како таков дејствувал и за време на Втората светска војна.37 Завршил на трагичен начин на 9 септември 1944 година. Неговото семејство, исто така, е изложено на прогонство. Во 1949 година, на неговата сопруга и неговата ќерка им е нардено за три дена да ја напуштат Софија, каде што живееле, бидејќи им било земено жителството, домот им бил конфискуван од тогашните бугарски власти и им било издадено решение дека имаат право да се населат само во Централна Северна Бугарија.
1 Георги Трајчев, Град Прилеп, Софија 1925, 313.
2 Никола Киров – Мајски, Крушево и Крушевската република, приредил Никола Јованоски, Историски музеј – Крушево, Крушево 2003, 34. Кочо Топузоски, Питу Гули, Историски музеј – Крушево.
– Кривогаштанецот Крсте Чавкоски му бил личен курир на Питу Гули, а кривогаштанците Милан Ѓурлуков, Боце Рикалоски, Тодор Станчески и др. Имале директни врски со Питу Гули. (Види: Спасе Вртески, Кривогаштани и околните села низ историските настани од 1893 до 1918 година, Прилеп и Прилепско (1893-1918), Друштво за наука и уметност – Прилеп, Прилеп 1991, 70.)
Г. Трајчев пишува дека Милан Ѓурлуков во Крушево ја водел селската милиција од Кривогаштани од 80 души. (Г. Трајчев, Град Прилеп, 313.)
3 Кочо Топузоски, Питу Гули… .
4 Никола Киров – Мајски, Крушево, 68.
5 Кочо Топузоски, Питу Гули… . Никола Киров – Мајски, Крушево, 68. (Н. К. – Мајски пишува дека Блаже Крстев и Ѓурлукот биле нападнати кај селото Бирино).
6 Кочо Топузоски, Питу Гули… . Никола Киров – Мајски, Крушево, 69, 70.
7 Кочо Топузоски, Питу Гули… . Никола Киров – Мајски, Крушево, 71.
8 Г. Трајчев, Град Прилеп, 313.
9 Исто, 313, 314.
10 Исто, 314.
11 Исто. (На друго место Г. Трајчев споменува убиство на свештеникот Спасе Игуменов, „кој со својот неморален живот и големата интимност со Турците станал опасен“. Но не може да се утврди дали овде мисли на истиот свештеник, зашто на второто место има наведено дека атентатот бил извршен во октомври 1906 година. Види: Г. Трајчев, Град Прилеп, 264.)
12 Исто.
13 Спасе Вртески, Кривогаштани и околните села низ историските настани од 1893 до 1918 година, Прилеп и Прилепско (1893-1918), Друштво за наука и уметност – Прилеп, Прилеп 1991, 78.
14 Исто.
15 Исто, 78, 79.
16 Г. Трајчев, Град Прилеп, 314.
17 Исто, 282, 283.
18 Исто, 314.
19 Исто, 327
20 Исто.
21 Исто, 330.
22 Исто, 332.
23 Исто, 335.
24 Александар Иваноски – Глоговичанец, Селото Никодин во времето на Балканските војни и Првата светска војна, Прилеп и Прилепско (1893 – 1918), 114.
25 Г. Трајчев, Град Прилеп, 336.
26 Д-р Михајло Миноски, Автономистичките стремежи и пројави во реокупираниот вардарски дел на Македонија, со посебен осврт на Прилеп и Прилепско до есента 1919 година, Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни 1918 – 1941, Материјали од Научниот собир одржан на 1,2 и 3 јуни 1988 година, Книга I, Општински одобр на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ – Прилеп 1991, 103.
27 Исто, 109.
28 Стеван Тинтоски, Политичките убиства во Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни, Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни …, Книга I, 464.
29 Г. Трајчев, Град Прилеп, 284, 285.
30 Исто, 285.
31 Стеван Тинтоски, Политичките убиства …, 464.
32 Доне Илиески, Политичките процеси во Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни, Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни 1918 – 1941, книга I, 470, 471.
33 Исто, 477.
34 Бранко Кавкалески, Изборите за Уставотворното собрание во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците – 1920 година во Прилеп и Прилепско, Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни 1918 – 1941, книга I, 385.
35 Петре камчески, Револуционерното движење во Тиквешијата до Балканските војни, Музеј – галерија – Кавадарци, Кавадарци 1995, 231 – 233. 36 Д-р Петар Стојанов, D-r Petar Stojanov, Прилеп и Прилепско во Балканските војни и Првата светска војна (1912 – 1918), Прилеп и Прилепско меѓу двете светски војни 1918 – 1941, книга I, 26, 27.
37 Растислав Терзиоски, мерките на Вториот областен комитет на КПМ во откривањето и спречувањето на ВМРО – михајловистичката активност на теренот на своето дејствување, Прилеп и Прилепско во НОВ 1944-45, I/2, Општински одобр на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ – Прилеп, Скопје 1985, 280. Галена Куцуловска, Колаборационистичките групи и нивната дејност во Прилеп и Прилепско за време на НОВ и револуцијата, во истиот зборник, 300, 302 и 304.
Прилог од Милан Ѓурлуков објавен во весникот „Илинден“ – орган на бившите Македоно-одрински револуционери, година II, бр. 46, Софија, 19 ноември 1922 година
КАКО САМИ СЕ ЛАЖАТ ИЛИ КОЈ КОГО ЛАЖЕ
Одењето на господин Стамболиски во Белград предизвика различни коментари во бугарскиот и српскиот печат.
Не сум дипломат за да ги коментирам изјавите кои ги направи Стамболиски, како пред српските државни мажи, така и пред Југословенскиот печат. Политиката е лага: едно се зборува, друго се разбира. Политиката и не е моја работа, па за неа нека говорат други Македонци.
Но за она што ги засега Македонија и Македонците јас сакам да си го кажам лафот (зборот, з.м.).
Г-н Стамболиски им кажа на белграѓаните: Јас кревам раце од Македонија и Македонците. Не ми се потребни, скапо не чинат, та аир од нив не сме виделе, евтино ги продавам, алав нека ви се, земете си ги, се откажуваме од Македонија и од сите Македонци кои живеат во Бугарија.
Тоа е многу правилно, г-н Стамболиски. Како гостин на многу гостопримливите Срби, од почит кон домаќинот, така треба да се говори.
Можеби тоа го разбира и првиот бугарски министер (премиер, з.м.).
Но, како и да е. Ние сме чуле изјави на многу бугарски дипломати по македонските работи и секогаш е исто.
Но едно не треба да го заборава г-н Стамболиски, па ни Србите: Историјата не може да се фалсификува според желбите на личностите.
Бугарското племе е поврзано со Македонија со нераскинливи врски, кои не можат да се прекинат сѐ додека суштествува бугарскиот род.
Слушајте Бугари каде и да сте и со какви политички убедувања да сте:
Татковците на бугарската азбука се Бугари од Македонија, тие се и патрон празник на целото бугарско племе.
Свети Климент, таткото на бугарската литература и патрон на нашата највисока образовна институција, Универзитетот, е Македонец од Охрид.
Таткото на новата бугарска историја, отец Пајсиј, и тој е Бугарин од Македнија.
Тие столбови се родени таму кадешто извира Дрим, кадешто течат Вардар и Струма.
Србите се големи патриоти. Јас сум уверен дека тие, додека знаат дека во нас има бугарско сознание, чувство и мисла, нема да му поверуваат на никој Бугарин, па макар и искрено да им се колне дека се откажува од Македонија, Добруџа, Тракија и Царибродско. Мислата на крадецот секогаш е тревожна, ако се има предвид дека туѓото се зема и на Великден.
Србите се такви националисти што веруваат дека и на Марс, и на месечината има вистински Срби, дека и ангелите околу Господ и тие се Срби. Колку за Македонија „таму и камењата зборуват по српски“. Што се однесува до Бугарија, тие немаат големи претензии, сметаат дека е српско само до Трново, па како изгледа, многу лесно ќе се погодите.
Во право е г-н Стамболиски дека Македонците се вистински Ирци, многу ми се допаѓа како тој тоа добро го разбрал.
Но мене повеќе ми се допаѓа во идејата за славјанска федерација на Балканот. Вие, толку долго време говорите, ја проповедате таа идеја и пак, за голема жал, никој не Ве слушна. Ете зошто, веќе, е лудост да се говори, кога нема кој да ве слушне.
Колку за вашето откажување од Македонија и Македонците, јас сум восхитен и од денес станувам најзапален приврзаник на таа идеја.
Сега останува уште една мала работа од ваша страна: да го убедите и г. Пашич да се откаже од Македонија и, тогаш, работата е завршена. Тогаш веќе ќе нема тревоги, ни во Бугарија, ни во Србија од чети и комити.
Јас сум уверен дека Пашич брзо ќе се согласи, зашто Македонија е подалечна роднина на Пашича отколку Вам.
Јас ви препорачувам да се заземете и поскоро да го убедите г. Пашича во таа идеја „вер куртул“, и без многу, многу, одлагања, зашто местото кадешто стоите, собата во која љубезно се надитрувате, е изложена на течението на црвениот ветар.
И еднаш, постигнатото согласување за откажување од Македонија, за нас ќе остане да ги приложиме мислите на прилепчани, скоро кажани на Прилепскиот српски началник: „Автономија се вика, г-н началник, вие да си одите одовде, та ние да си ја редиме како што сакаме“.