МЕРМЕРНИ ЕЛЕМЕНТИ ОД ПРЕСТИЖНА АНТИЧКА ГРАДБА ВО ЦРКВАТА „СВ. СПАС“ ВО СЕЛОТО МАЛО РУВЦИ, ПРИЛЕПСКО И ЕДНО ИНТЕРЕСНО ПРЕДАНИЕ

Селото Мало Рувци се наоѓа на средината на еден рид со благи падини југоис­точно од Прилеп и југозападно од претходно спомена­то­то село  Штавица. Просторот кој го зафаќа ова село е дел од поширо­ката област на некогашната голема античка населба кај селото При­лепец. Од Мало Рувци потекнуваат голем број мермерни споме­ници со непознати градби од античкиот период. Иако не е познато од кој локалитет нивниот нагласен број упатува на постоење на извесни значајни градби од антиката, односно на населба која била лоцирана на просторот кој денес се наоѓа во атарот на ова село. Археолозите споменуваат само два локалитета од околината на ова село. Првиот е локалитетот „Друм“, кој се наоѓа источно од современиот пат Прилеп – Битола. На овој локалитет е регистриран еден наод на голем питос кој го откопале работниците од старото стопанско претпријатие „Мирче Ацев“, а кој се датира во римскиот период.1 Од римското време се смета и еден наод на дел од мермерен столб кој служи како основа за чесната трпеза во олтарот на црквата „Св. Спас” во Мало Рувци. На едната страна на столбот има релјеф со претстава на коњаник, а на спротивната фигура на жена во стоечка положба.2 Околу црквата е регистриран и фрагмент од плоча од бел мермер со розета изработена во релјеф, како и една мермерна ара која на челната страна во релјеф има изработено гирланда (украсен венец од цветови и лисја) и две бисти.3

Црквата „Св. Спас“ од југозапад 2

ПРЕДАНИЕТО ЗА УБАВАТА ГРАДБА НА ЦРКВАТА „СВ. СПАС“

Црквата „Св. Спас“ во Мало Рувци, која се наоѓа северно од селото, се забеле­жу­ва уште од далеку. На неа силно „зрачат“ неколку мермерни блокови, вградени во нејзи­­ниот ѕид, посебно на нејзината предна страна (при западниот влез) и на јужниот ѕид. Некои од мермерните блокови се навистина големи, поради што било посебно тешко да се вградат во нејзиниот ѕид. Еден голем мермерен блок се наоѓа на левиот агол на црк­вата на нејзината предна страна. Тој, веројатно, бил надвратна греда или праг на некоја античка градба од која првобитно потекнувал. Под него се наоѓа уште еден мермерен блок, а на левата страна од влезната врата се наоѓа голем мермерен блок со груба фрактура и без релјеф. Тој е долг 1,5 m, а широк околу 0,9 m. Десно од вратата има и еден долг мермерен блок, убаво обработен и украсен со две каналчиња. Според архе­ологот Виктор Лилчиќ, тој претставува архитравен елемент сочуван во полна должина, а се гледа само неговата долна плафонска страна. Должината на овој мермерен блок е со димензии 1,84 х 0,37 m.4 На десниот агол на црквата се вградени повеќе мермерни блокови. Пред црквата се наоѓа и едно парче од мермерен столб. На јужната фасада, на десниот агол во близина на апсидата (олтарниот дел од црквата) се наоѓаат неколку исклучително големи мермерни блокови. На некои од нив има и остатоци од релјеф, за жал, уништени со кршење. На еден голем мермерен блок од задната страна на црквата, лево од апсидата, има еден мермерен блок на кој се забележува остаток од релјеф во кружна форма, веројатно, венец (гирланда).

Голем мермерен блок со гирланда уништена со чекан – црква „Св. Спас“ 2

Еден голем и квалитетно обработен мермерен блок е поставен на висина од околу еден метар во ѕидот. Неговото вѕидување во градбата е поврзано со мистика. За него постои предание кое се раскажува меѓу малоброј­ни­те жители на Мало Рувци. При градењето на црквата градителите, повеќемина мажи, се обиделе да го кренат овој мермерен блок и да го вградат во ѕидот. Иако биле многумина не успеале да го помрднат големиот мермерен блок. Следниот ден кога се врати­ле да работат на градбата, каменот се обиделе да го кренат само четворица мажи фаќајќи по еден агол. Се случило чудо и тие лесно го наместиле на местото во ѕидот на кое и денес ја краси убавата камена градба. Ова „чудо“ жителите го поврзу­в­ат со празникот св. Спас (Спасовден), како што се вика и самата црква.

 

1 Археолошка карта на Република Македонија, 303.

2 Исто.

3 Исто.

4 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, том I, Македонска цивилизација, Скопје 2001, 418, 419.