„КАПИТАЛЕЦ“

Повод – патот за Мариово


Мариово вакво пустење не видело досега. Некаде во 16 век се среќава извесна статистика за драстично намалување на населението, дури на околу 3000 жители, но за многу кратко време, зашто за неколку десетици години статистиката значително се поправила. Не е познато што била причината за таквото намалување на населението, но факт е дека потоа многу брзо повторно се зголемил бројот на жителите на оваа интересна, но крајно занемарена област.
После, многу подоцна, во 20 век се случија „големи“ проекти во областа. Најпрво, во периодот од 1946 до 1948 година, како големи уништувачи на шумите и шумското богатство, беа уништени козите (одгледувањето кози овци и друг крупен добиток отсекогаш биле основна стопанска гранка и извор за преживување на населението). Мариово беше формирано во посебна територијална единица – општина со седиште во селото Манастир. Следеше социјалистичкиот развој со формирање на Социјалистичките селски задруги, прогонството на сите кои не сакаа својот имот да го вложат во нив, кодошењето кој е за Лондон, кој за Москва и прогонствата. Па се укина општината со објаснување дека нема ресурси за опстанок (!??) и областа беше поделена меѓу големите општини, Битола, Прилеп и Кавадарци. Мариово стана вистинско суровинско подрачје од кое се изнесуваше се што е вредно, а не добиваше ништо за возврат на изнесеното.

Се поретка слика во Мариово

Уништувањето на козите, формирањето на селските задруги, укинувањето на општината, како главни „капиталци“ на тогашната власт, веројатно беа основен фактор за брзото иселување на Мариово и заминување на населението на разни страни во Македонија и подалеку во светот. Потоа следеа крупни стопански зафати во шумското стопанство, рударството, па дури и текстилната индустрија. Еден голем проект, тогашната СРМ и пошироката СФРЈ, веројатно, дебело ги чинеше – жичарницата за транспорт на рудата од Мариово, која според некои познавачи била трипати поскап зафат од изградба на пат или железница, а ваму, сепак не го решаваше проблемот со транспортот на луѓе и стоки, освен рудата. Мариово доби пат, дури, во втората половина на сеумдесеттите години со младинска работна акција. Но, населението од областа веќе беше иселено, младата популација исчезна и се сведе на многу мала бројка.
Во деведесеттите повторно беа формирани општини во Мариово, дури 2 (Витолиште и Старавина), па за неколку години укинати, повторно со објаснување дека нема ресурси за нивниот опстанок. Мариово, повторно, беше поделено во големите општини, Битола, Прилеп и Кавадарци, односно, делот од Битола влезе во новоформираната општина Новаци. Исцрпувањето на ресурсите продолжи, по патот Прилеп – Витолиште секојдневно поминуваат тешки возила со по неколку десетици тони и патот се распадна, стана нефункционален, па дури и опасен по живот.

Од некогашната општина во селото Манастир

Некогаш доволно е да видиш еден потег, една постапка, еден проект, па да знаеш што се случува во поширокиот простор, односно како (не)функционира системот и како си ги извршуваат (неизвршуваат) своите обврски институциите во државата. По повеќе од четириесет години, по еден поголем протест и блокада на патот во ноември минатата година, институците во Македонија решија да го реконструираат крајно руинираниот пат Прилеп – Витолиште. Проектот за реконструкцијта на патот беше карактеризиран како „Капиталец“!? Замислете, 7-8 километри гребење со прескокнување и поставување на нов асфалт и крпење на оштетувања капитален проект!!? Многупати слушнавме до функционери во системот и институциите како интензивно се работи (Таков помпезен наслов беше објавен во весникот Нова Македонија и во други медиуми), па дури и дека „Капиталецот“ е реализиран!?? За жал,не е така. „Капиталецот“ и денес чека на реализација, а особено жителите на Мариово и сите кои имаат насушна потреба од него.

Од погонот на шумското претпријатие во Прилеп во Витолиште

Но, да не ја изгубиме поентата! Значи, започна гребење со прескокнување на цели партии од патот, де се работи, де не се работи, де се селат машините на разни места во општината и другите општини, па се враќаат и се подработува, навистина „домаќински“. Мене, како на лаик во градежништвото на памет ми паѓа само едно: колку средства од проектот и другите проекти се трошат на ваков транспорт на повеќетонски машини на помали и поголеми (некои со десетици километри) растојанија, и тоа, средства од државниот буџет, кој всушност е народен буџет? Или, можеби кога се трошат средства од народниот буџет така се постапува? Прекините на работа беа на неколку дена, неколку седмици, но и во текот на денот. Транспортот на машините постојано се случуваше и се случува, те некаде било приоритет, те имало притисок од некој, те од жителите на некое место, те од некоја општина, партија, функционер и сл. „Капиталецот“ чека, ама ќе го направеле! Добро, можеби и треба да веруваме, но повторно го поставуваме прашањето, колку средства се потрошени на транспорт и слични активности од кои ваквите „капиталци“ само трпат и чекаат на завршница. Трпат и чекаат и оние на кои тој им е од основна важност. Всушност, оние кои ги даваат парите, на сметка која ја користат оние кои се сликаат пред камери, на телевизии и во весници и портали.

Напуштено окно од рудник за јаглен

Во меѓувреме слушаме шпекулации од типот, „Ги креваат машините, патот нема да го завршат, завршија изборите, заврши и работата“, „Работат бавно, но ќе си ја завршат работата“, „Парите за проектот се потрошени и тој ќе чека следна можност“, „Со честото преместување на машините, всушност, некој ги полни сопствените џебови“ и слично на тоа. Ние знаеме само тоа дека патот е изгребен околу 7 км, околу еден км е асфалтиран со прескокнување и деновиве нема никаква активност на патот. Активностите се замрени. Знаеме уште дека во исклучително лоша состојба е патот пред селото Витолиште, во должина од еколку километри, патот за селата Крушевица и Дуње, за Полчиште и Бешиште, за Беловодица, за Вранче и уште многу други места каде жителите маки мачат со превозот и плаќат многу скапо за тоа.
Мариово, исто така, чека! Чека на објективен однос од страна на „моќните стратези“ на развојот. Некои велат било доцна!!? Незнам за што е доцна. Дали е доцна да се започне вистински да се работи и да се заземе вистински став?

Од едно минато време