„ЕРЕКОВСКО КАЛЕ“ – ТВРДИНА СО КОРЕНИ ВО ПРАИСТОРИСКОТО ВРЕМЕ ВО АТАРОТ НА СЕЛОТО ЕРЕКОВЦИ, ПРИЛЕПСКО СО СТРАТЕШКО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ДЕЛ ОД ПЕЛАГОНИЈА

Јужно од селото Мало Рувци е расположен поголем рид на кој највисокиот врв со 924 m н.в. е познат како Каракамен. Освен овој врв, на ридот се расположени уште неколку пониски врвови. На еден од нив, кој е расположен од југоисточната страна на ридот, истурен кон југоисточниот дел на Пелагонија, од северната страна на селото Ерековци и од источната на селото Шелеверци, се наоѓа поголемо рамно платó, на кое се среќаваат остатоци од помало, но силно утврдување. Наместа јасно се забележуваат остатоците од стариот ѕид, но голем дел од нив биле уништени за време на Првата светска војна, кога по целата површина на утврдениот простор биле раскопани ровови, а градежниот камен бил разместен за потребите на рововите. За жителите на блиските села овој рид со рамно платó е познат со звучното име Ерековско Кале.

Ерековско Кале – поглед север 3

Тврдината била расположена на две нивоа, при што еден дел се наоѓал на пониска тераса од источната, а другиот, које е со поголема површина се наоѓал на највиоскиот дел од ридот на плато од околу 0,3 ha.

Освен остатоците од ѕидот кој го утврдувал платóто на ридот, по површината на теренот можат да се пронајдат и, наместа поголемо количество, фрагменти од керамички садови, кои според белезите потекнуваат од праисториксиот период, односно, бронзеното и железното време. Овој дел од ридот е издвоен и вовлечен кон југоисточниот дел на Пелагонија, над кој доминира и има добра прегледност над прос­то­рот. Веројатно, од ваквата негова позиција произлегувала и намената на старото утвр­ду­вање, во кое се влегувало од североисточната страна, а другите делови на овој врв паѓаат стрмно надолу и се тешки за освојување. Во атарот на селото Шелеверци, во под­ножјето на споменатото кале, исто така се среќаваат остатоци од археолошки материјал. Се споемнуваат наоди на гробови, како и остатоци од градби. Веројатно на ова место, во времето на царот Стефан Душан (1333 – 1355), постоело селиште со име Комарчане. Ова селиште се споменува во повеќе грамоти од вој цар издадени на манастирот „Св. Успение Богородичино“ – Трескавец кај Прилеп. Со овие грамоти имотот на селиштето му е доде­лен на манастирот. Во третата грамота на цар Душан се споменува само селиштето Комарчане,1 а во четвртата се споменува и дарителот на имотот извесен Драгоман, со служ­ба кастрофилак.2  Интересно е тоа дека денес е познато дека локалитетот „Комарчани“ крие остатоци од праисториска населба, односно, населба од неолитското време, како и следните праисториски периоди. Можеме само да претпоставуваме дека оваа населба имала културна врска со тврдината на Ерековско Кале која, според, керамиката, но и извесни остатоци од ѕид граден со големи камени блокови, исто така се датира во праисториските периоди, особено во бронзеното и железното време.

Поглед од североисток 2

 

Во подножјето на Ерековско Кале се наоѓа  е познат еден локалитет „Клеко­пер­ци“ со кој е поврзано старо предание за постоење на населба (село) со истото име.3 Тоа упатува на претпоставката дека оваа населба била во тесна врска со споме­натото утврдување кое, веројатно, служело за заштита на населението од оваа населба, како и другите блиски населби, за време на бурните времиња проследени со напади на воинствените племиња, кои често им се случувале на овој простор во древните времиња. Според преданието селото Клекоперци било испустено за време на турското освојување на овој простор.4

Ерековско Кале со повисокиот врв Каракамен над селото Мало Рувци

Сосема е веројатно дека ова утврдување има временска комуникација и со претходноопшаниот локалитет „Ушите“, особено со оглед на сличноста на кера­ми­ката и блиското растојание меѓу нив. Локалитетот Ерековско Кале се наоѓа на околу 1 km западно од „Ушите“. Неговата географска местоположба укажува и на извесна спрега со многу повисокиот локалитет со тврдина „Веслец“, кој се наоѓа на околу 3 km североисточно од него. Всушност, и двете тврдини служеле како појас на одбра­ната на Пелагонија во антиката, посебно за време на раноантичките напади на север­ните и западните племиња, како што се Дарданците, Илирите и други воинствени племиња. Овој локалитет има одлична визуелна комуникација и со подалечните места со помали и поголеми антички населби, како со големата античка населба на висо­киот врв Висока меѓу селата Бонче и Крушевица, на источната страна, како и со лока­ли­тетот „Еленик“ кај селото Мојно, на кој постоела голема античка населба со тврдина во истиот период.

Еерековско Кале со поширокиот простор

Кога се работи за културните остатоци на Ерековско Кале од праисторијата интересно е да се направи анализа на поширокиот простор од околината, па да се согледа дел од населбинската структура на тој простор во тие периоди. Од североисточната страна, во близина на селото Штавица се наоѓа, исклучително, интересниот локалитет „Палатица“, од исток доминира со просторот, веќе, споменатиот „Веслец“, на кој, исто така, има траги од слични периоди, а малку подалеку, североисточно е локалитетот „Казан“ кој се наоѓа, исто така, на висока позиција. Од западната страна, во близина на селото Шелеверци, повторно се среќаваме со малку познатиот, но иклучително интересен локалитет „Каракамен – Шелеверски Камен“, како и многу други локалитети со култура блиска на онаа од Ерековско Кале.

Ерековско Кале – поглед од исток

За подоцнежните периоди, особено римскиот, веројатно е дека ова Кале имало важна улога за населбата, која се наоѓала на локалитетот „Оградите“, малку подалеку од северната периферија на селото Канатларци, кое е соседно село на Ерековци.

1 Лидија Славева, Владимир Мошин, Третата Душанова грамота за манастирот Трескавец од околу 1344 – 1345 година, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 146.

2 Лидија Славева, Владимир Мошин, Увод кон четвртата грамота на Стефан Душан за манас­тирот Трескавец, Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 184.

3 Томе Велјановски, Жива историја, раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места, КИДЦМ “Калеш Анѓа”, с. Крушевица 2004, 362, 363.      

4 Исто – Според запишаното предание, селото било сосема запустено, “населението истепано, доби­то­кот земен, а успеало да преживее само едно семејство. Тоа се поделило на три дела, еден дел од семеј­ството дошол во нашето село Марул, вториот дел во Штавица, а третиот дел отишле во Чумово”.

– Во кодикот на манастирот Трескавец, кој потекнува од 16 до 18 век се среќава селото Кракопетци, од кое во кодикот се запишани 24 имиња на лица со потекло од ова село, но тешко е да се каже дали ова село има каква било врска со испустеното Клекоперци. (Види: Славица Николовска, Кодик на манастирот Трескавец, Споменици од средновековната и поновата историја на Македонија, том IV, Институт за истражување на старословенската култура – Прилеп, Скопје 1981, 229.)