ЗЛОДЕЛАТА НА КРИМСКИТЕ ТАТАРИ – ЧЕРКЕЗИ (КРЧАЛИ) ВО ПРИЛЕПСКО

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)

По завршувањето на тригодишната т.н. Кримска војна (1853–1856), која се водела меѓу Турција и Русија, кога руската флота ја победила турската и ја истерала турската војска од островот Крим, поразената турска војска при повлекувањето од Крим на Балканскиот Полуостров довела илјадници т.н. исламизирани кримски Татари. Голем број од овие Татари познати и како Черкези и Крчали,1 дошле и во Македонија и се населиле, речиси, во сите градови од нашата земја. Тие добиле неограничени права од власта во Цариград и можеле да прават, речиси, сè што ќе посакаат. Каде ќе поминеле Черкезите, било град или село, правеле пустош. Ограбувале, силувале и правеле разни други злодела сè со цел за застрашување на мирното христијанско население. Турската власт ги користела за таква намена сè додека не најдела погодна личност за да држи ред во одреденото место. Черкезите скитале во големи групи по селата и ограбувале, силувале и сл. секаде каде што ќе стигнат. Христијанскиот народот во Македонија бил предупреден да се чува од овие татарски орди зашто во нивната душа немало место за грев.

Превојот „Ушите“ води кон селата Марул и Канатларци

Еден мајски ден на 1857 година кога десетгодишниот Митре Јованов Грујоски од Марул ги пасел овците покрај реката Лазница, под патот за селото Подмол, во местото викано Бучалото забележал како откај Чешмурче доаѓа група Кримски Татари – Черкези, по патот од селото Мало Рувци кон селото Марул. Од страв Митре ги собрал овците да пасат во речното корито и ако некоја од овците тргнела да излегува нагоре по брегот велел „не ја гледав ниту за грош“ ќе мавнел силно со стапот и чинел скрши ѝ ги нозете. – „Подобро на една овца да ѝ ги скршам нозете отколку да дојдат Черкезите и сите да ми ги земат, а можеби и да ме отепаат, тоа беше лудост“ – велел Митре. Така, за да не биде забележан, тој на шест овци им ги искршил нозете. Квечерината кримските Татари дошле во селото Марул и се растовариле во шатори зад оградата, денес Колеска. Групата Черкези броела 70 души и носела разна стока ограбувана од селата по кои поминувале товарена на коњи, а секој од нив имал и посебен коњ за јавање. Откако завршиле со растоварувањето и поставувањето на шаторите го повикале селскиот кмет (коџобашија). Тогаш во Марул селски коџобашија бил Наумче Танески. Тие го прашале Наумчета што има ново во селото. Тој им рекол: „Ништо ново нема, Ефенди, сè е мирно и убаво“. На коџобашијата му порачале за вечера да им се испечат во селото 7 брави (овни). Се собрале селаните, ги испекле седумте брави и им ги донесле за вечера на Черкезите. Откако се навечерале Черкезите побарале и ноќна друшка (жена) за спиење. Предупредени за доаѓањето на оваа насилничка орда селаните сè што било младо од женски пол скриле во местата Орев и Здрело. Арамиите лути, дотука било. Следниот ден утрото станале, поручале и зеле да се подготвуваат да одат во селото Бонче. Повторно го викнале кметот Наумче и му рекле: „Збери селаните бе пеземак (пезевенк)!“ Наумче ги собрал селаните преку протуѓерот Ристе Дамјаноски – Патрун за да видат и слушнат што е викањето. Се јавил поглаварот на арамиите Мустафа Али Ахман Хаџи ефенди и прашал по турски чии биле бравите што биле испечени за гостите.

Селото Марул денес

„Ами, ефеиди, Али – ага тие се наши селски, ги чуваме за гости како вас.“
„Колку ќе барате да ви платиме?“
„Ага, за царски луѓе е беспари.“
„А, беспари а? Е арно вие што спиете со жените, за вас е беспари, ами овчаро што паси бравите, ваш робјаш, кој ќе го плати него?“
„Овчарите ага се наши, тие ги пасат овците, ние работиме по нивјето и така заедно живееме.“
„Кажете цена, мора да се плати.“
Селаните не знаеле што да кажат. Ако кажат висока цена им било страв дека ќе изедат голем ќотек.
„Ами, кога вие велите ефенди Али, иека биде секој брав по една лира.“
„Не – рекол поглаварот – тоа е малку, ние, царски луѓе, не сакаме да јадеме за џабе.“
Селаните не сакале да ја покачат цената и кога го слушнал тоа поглаварот на арамиите им рекол:
„Јас ќе кажам цената. Сите брави ќе чинат сто лири.“
„Не ага – рекле селаните – тоа се многу пари.“
„Како многу пари да ви е..м верата. За еден село 100 лири многу, ајде збирајте парите инаку сите жив ќе горам во огнот, ќе палам цело село!“
Што да прават сиромаси селани, зеле да собираат пари, кој имал, кој позајмил од тие што имаат, ги собрале парите, му ги однесле и му ги дале. Потоа арамиите му наредиле на кметот да им одреди еден добар човек, домаќин да им го покаже патот за селото Бонче. Кој ќе биди, што ќе биди, го одредиле селскиот полјак Јован Плитаро.
Откако ја средиле работата со водачот за селото Бонче, повторно му се обратил водачот Мустафа Али Ахман Хаџи ефенди на кметот Наумче Танески и го прашал дали низ селото има некоја ливада за да се одморат.
„Има ага, тоа е ливадата на ефенди Ќазим, оџата од Битола.“
Откако ги товариле пљачките (стоката и предметите што ги носеле) на коњите му наредиле на кметот Наумче повторно да ги собере селаните, старо и младо, во ливадата на оџата под бресјето. Свикал протуѓерот Ристе Дамјаноски и се собрале селаните во ливадата под бресјето. Ги погледал водачот на арамиите Мустафа и им рекол:
„Сите вие сте против царштината.“
И ги фатиле сите селани ги врзале со нозете нагоре, со главата надолу на гранките од бресјето, им ги соблекле чорапите, та зеле да ги тепаат со зелени стапчиња по стапалата.
„Ај, анасана, сите вие сте за Русија“ – им развикувал поглаварот.
„Не ефенди, ние сме сите луѓе што работиме кај агите“ – се правдале селаните.
„Дење работите, а ноќе се организирате“ – им велеле арамите и туку удри по стапалата, та пискотници било околу и крв им течело од нозете, а петиците им испукале од тепањето на кутрите селани. Черкезите биле лути оти не добиле тоа што барале и затоа им се изнамавале на селаните, си го направиле ќефот, та го зеле водачот со себе и заминале. Селаните останале така да се лелекаат во ливадата со искрвавени стапала и преку летото не можеле да појдат на работа во полето. Ги лекувале нозете со завиткување во овчки кожи, а имало некои кои не успеале да ги излекуваат раните по нозете и умреле од таквото тепање.
Арамиите – Черкези со Јован Плитаро заминале за селото Бонче. Јован напред, тие по него, по Крушка, по патче за Бонче, до Редови Камења. Јован не знаел што да прави. Да продолжи по патот за Бонче или да се врати. Сметал дека секако ќе биде тепан, та се решил и застанал на патот кај Редови Камења пред Черкезите и им рекол:
„Ефенди Мустафа, за многу години да ви е денов, да си здрав и жив и пак повелете да дојдите во нашето село, да е здрав и жив царо, сега овој е патот за селото Бонче.“
„А, ти нè остави овде некој да нè отепа – му рекол главниот арамија – е нема правдање, не поможува.“
Го фатиле Јован Плитаро и му удриле еден ќотек, та го фатиле за појасот од половината, појасот одмотувај се, Јован бегај по удолницата, тие пукај по Јована. Среќа го служела Јована, та од толку многу пушки и пиштоли испукани по него само еден куршум му го продупчил увото и кога вечерта Јован Плитаро си дошол дома бил со дупено уво. Плитаро на Јован му бил само прекар, а тој потекнувал од сојот на Дуцановци, подоцна преселени во градот Битола. Што направиле кримските Татари во селото Бонче не е познато, но за арно сигурно не оделе.

Селото Мало Рувци денес

Раскажувано од:
1. Митре Јованов Грујоски (1847–1929) од Марул
2. Јоваи Анѓелев Павлески (Агата) (1870–1953) Марул Прераскажано од дедо ми Ристе Јовчески (1888–1962)

1 Како последица на Кримската војна, во 60-тите години настапило масовно преселување на Татари и Черкези од Крим и од оној дел на Кавказ што го зазеле руските војски. Околу 26.000 од овие Татари се населиле во најјужните области на Македонија (10.000 во Воденско, а 8.000 во Берско и Ениџевардарско). Во помали групи од Татарите почнувајќи од 1864 година, се населиле и Черкези скоро во сите краишта на Македонија. Черкезите биле страв и трепет за македонското селско население. (Историја на македонскиот народ, Книга втора, 48, 49.)