ЗАБОРАВЕНА И ЗАПУСТЕНА МОГИЛА НА ПЕТМИНА КРУШЕВЧАНИ ОД ВРЕМЕТО НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ ПРЕД ЦРКВАТА СВ. АТАНАС ВО ВАРОШ КАЈ ПРИЛЕП

Чудно изгледа како некои трауматични настани од историјата се, речиси, заборавени, „зафрлени“ и оставени на случајноста – за да бидат забележани од некого или не. Ќе бидат некаде заведени и ставени на местото на кое им прилега или не. Не навлегуваме во тоа дали е тоа намерно или ненамерно но, колку тоа и да изгледа грубо, можеме да констатираме дека нешто не е во ред со систематиката на следење на историското течение, на историските настани и историските личности во Македонија. Дали нашиот систем, независно од политичките превирања и промени, постојано има „празнини“, неекипирани структури и недоофромени иснтитуции или се работи за неажурност и ноншалатност кон севкупните вредности на кои се базира и нашето денешно постоење?

Остатоци од могилата денес 5
Остатоци од могилата денес 5

            На ваква размисла не предизвика еден заборавен и запуштен споменик во Варош кај Прилеп, пред црквата „Св. Атанас “, која исто така, е „заборавена“ и запуштена, иако со децении е еден од спомениците на културата заштитени со закон. Се работи  за помал објект – могила на петмина крушевчани, кои тука биле погребани откако биле убиени по паѓањето на Крушевската Република и задушувањето на Илинденското востание. Могилата не била многу голема, но била културно изградена од камен и малтер, мала градба со, речиси, квадратна форма и сводест покрив, како и со спомен плоча со имињата на убиените Македонци од Крушево, осомничени за учество во востанието.

Фотографија на могилата на крушевчаните, пред околу еден век.
Фотографија на могилата на крушевчаните, пред околу еден век.

По завршувањето на борбите околу Крушево и повторното завладување, Турците собрале поголема група од градот, осомничени за учество во востанието и врзани ги потерале со војска за да ги спроведат до затворот во Битола.1 Патот ги водел преку селата Норово и Алданци, па низ Пелагонија, до Прилеп. Еве како го опишува овој настан Никола Киров Мајски, кој е современик на Илинденското востание и настаните поврзани со него:

„На 1 август утрината (датумот е по стар стил, з.м.) задржаните 156 луѓе, откако беа преместени од ’Љазевата чешма’ на приодот ’Липа’ и откако им дадоа да поткаснат и да се напијат вода, изврзани со јажиња ги потераа преку селата Норово и Алданци за Прилеп. По патот војниците ги тепаа, им се потсмеваа и ги тормозеа. Меѓу сите најизмачен беше поп Никола, свештеникот од село Селце: страдањата му беа ужасни, а положбата му беше неподнослива. Беа тепани со кундаци сите оние граѓани кои ќе си дозволеа да го замолат офицерот за милост.

            Кога ги поминаа селата Големо и Мало Коњари и почнаа да се приближуваат кон селото Варош, офицерот застана, слезе од коњот и нареди одмор. За време на одморот се изврши прегрупирање на затворениците и ново распоредување по места во колоните. Точно крај селото Варош во темнината, последната група која се состоеше од петмина затвореници, беше откината од колоната. Загрмеа пушки. Затворениците во колоната се стресоа, инстинктивно се стуткаа еден до друг. Офицерот ја обиколи колоната и им рече:

– Не плашете се, ништо нема!

Кога вечерта ги сместија во касарната, заробениците се преброија и се покажа дека петмина недостигаат. А тоа беа убиените крај Варош Турчу и Ѓорѓи Лозанов (синовите на Лозан Самарџијата кој беше попрскан со газија и жив запален), Трајче Нешков, Веле Стефанов и Андон Кузманов.“2

Остатоци од могилата пред црквата „Св. Атанас“, денес 2
Остатоци од могилата пред црквата „Св. Атанас“, денес 2

Ете, мајски убаво ги забележал убиените лица, со име и презиме. Само не објаснува зошто биле убиени и токму овие лица, без да доживеат било какво судење. Се обиделе ли да избегаат во темницата, па биле убиени или однапред биле избрани за таква судбина? Како што вели Мајски и таткото на двајцата браќа, Тирчу и Ѓирѓи, Лозан, бил убиен на многу грозен начин, со полевање со газија и запален жив да изгори во Крушево. Има ли врска неговото дело, односно, неговата активност во востанието со случајот кај Варош. Тешко е да се каже.

Остатоци од могилата денес 6
Остатоци од могилата денес 6

Околу црквата, во периодот пред деведесеттите години на дваесеттиот век, долго време се вршени археолошки истражувања,3 токму од страна на иснтитуциите, кои би требало да се грижат и за заштитата на спомениците на културата, барем за оние, кои самите ги избрале и ги ставиле во регистар на споменици заштитени со закон. Истражувањата беа правени од страна на Народниот музеј од Прилеп, кој подоцна го сменил името во Завод за заштита на спомениците на културата и природните реткоси и Музеј – Прилеп. Чудно е како, при толку голем број археолошки активности околу споменатата црква не се појавил никаков интерес за могилата на крушевчаните, која била пред очите на учесниците во истражувањето. Каде е плочата со имињата на застреланите,4 која стоела на западниот ѕид на могилата? Всушност, не е јасно што се случувало при ископувањето и каков третман имал овој погребен објект, чии остатоци и денес можат да се забележат на дваесетина метри пред црквата „Св. Атанас“.

Остатоци од могилата денес 2
Остатоци од могилата денес 2

По убиството на петтемина крушевчани, тогаш, во трауматичниот период за македонскиот народ, кога турските војски биле насекаде прогонувајќи ги комитските чети и учесниците во Илинденското востание, била изградена гробница и застреланите биле погребани во неа со поставување обележје – плоча со нивните имиња5 и сл. Подоцна, таа пропаднала во заборавеност и негрижа, пред очите на системот, институциите и целото општество.

Денес е во состојба како на фотографиите, кои ќе ги приложиме кон овој текст.

Остатоци од могилата пред црквата „Св. Атанас“, денес
Остатоци од могилата пред црквата „Св. Атанас“, денес

Иако постојат повеќе неразјаснети прашања поврзани со причините за постапката на тогашната турска војска со овие петмина крушевчани, како и со тоа какво било нивното учество во тогашните трауматични настани, сепак, како споменик од времето на таков крупен настан и со такво значење за Македонија и Македонците, каков што е Илинденското востание, сосема е јасно дека заслужува и многу посоодветен третман. Зашто во состојбата во која што се наоѓа денес, тој може и сосема да исчезне.

Остатоци од могилата денес 3
Остатоци од могилата денес 3

Пред повеќе од десетина години се појави извесна инцијатива од Историскиот музеј во Крушево за обновување на могилката пред црквата „Св. Атанас“ во Варош, но остана само на обид. Оттогаш во јавноста не сме слушнале ништо за неа. Таа, денес, претставува своевиден археолошки и културен остаток од македонското минато, кој чека на преоткривање и вистински однос, каков што доликува на културниот свет. Заборавајќи ги страдањата и траумите на нашите претци, само ја покажуваме нашата недостојност на нивното дело и, воопшто, нашата несоодветна културна надградба.

1 Никола Киров Мајски, Епопејата на Крушево, приредил Никола Јованоски, НУ Историски музеј – Крушево, Крушево 2009, 431 и 432. Никола Киров-Майски от Крушево, Вардарска Македония – “Крушово и борбите му за свобода”, София, 1935 и Крушево и неговите борби за слобода – НУ Историски музеј – Крушево.

2 Исто.

3 Бошко Бабиќ, Материјалната култура на македонските Словени во светлината на археолошките истражувања во Прилеп, Институт за истражување на старословенската култура, Прилеп 1986.

4 Албум „Македонија“, Софија 1931.

5. Исто. (Според извесни постари автори, плочата била уништена во времето нс српското владеење со Македонија).