ЃАВОЛО ГО ОСВОЈУВА ЧОВЕКО
(Од книгата, „Народни умотворби од Пелагонија и Мариово“
Автор: Томе Велјаноски
Подготвил: Тренчо Димитриоски)
Со изградбата на телото на првата жена Ева, Адамовата жена, од ѓаволовата опашка, ѓаволо веќе продрел во душата на човековото тело и се појавила правината и кривината кај луѓето. Во које, човеко што се бори за правдина е на страна на Госпо а, додека, човеко што се бори за кривина е на страна на ѓаволо. Со това ѓаволо уште детално не бил задоволен со неговата неправда, навлегување во душата на човеко, и барал начин да, тотално, го освој.
Еден ден, ѓаволо одеќи по патот и нашол еден железен предмет со броеви и слики, ама не знаел како се вика и зошто служи, тој железен предмет. Врти, сучи, не можи да открие зошто служи и како се вика.
Ѓаволо се преправил во питач, просјак, и отишол кај една стара баба со предмето в раце и рекол:
– Бабо, на пато најдов нешто железно, не знам како се вика и зошто е – и ѝ го покажал на бабата.
Бабата го видела и му рекла:
– Ова, детуле, се вика пара и, со него, можеш сè да си купиш и продадеш. Ако имаш многи пари не треба да работиш, можиш да живееш – му рекла бабата на ѓаволо.
Кога ги слушнал ѓаволо од бабата овие зборови од радос, ѓаволо, рипнал високо три стажни и рекол:
– До сега потешко се пробивав кај човеко, штом можам да купувам и продавам со ов1 пара, ќе измислам многу работи, во кој ќе го замешам и човеко, да можам пазар да си правам со него.
Мислел ѓаволо и измислил. Ги створил невистините, лагите, курварлако, проституцијата, завидо, кодошењето, војните и тн., за кој се употребуват големи пари и се пролева човечка крв и жртви. Ете, така, ѓаволо си нашол лесен начин да си живее меѓу луѓето.
Затова велат: – Парата е ѓаволска, тој пазари со незе.
Кажувана од Мурџески Јованче од с. Марул кога ги пасевме овците