БЛАГОДАРНОСТ ЗА УБИЕЦОТ

(Расказ)

Јасно ми е дека тешко ќе поверувате во ова што ќе ви го раскажам. Вистината е она по што цело време трагав и морам да го опишам настанот токму така како што ми се случи. Вие не морате ниту да го прочитате напишаното, а сепак ќе ја доживеете истата судбина. Можеби се поинакви надворешни визуелности, но суштината на доживеаното ќе биде идентична на моето.

            Се до моментот кога непознат сторител не ми направи отвор во черепот со Ц3 9 мм не знаев за лебдечката состојба на духот. Прекинувањето на врската со физичката егзистенција ме  одведе во сферата на неограничена слобода на движење за која дотогаш можев само да сонувам. Сфатив дека најголемиот товар на мислата е трупот на кој толку многу му се угодува со залудно потрошена енергија и духовна посветеност. Единствено не можев така лесно да се ослободам од фактот што моето тело остана фрлено во темната калдрмосана улица полна со продукти на човечка лесноумност. Можеби ќе запрашате како се случи тоа?

            Мене во овој момент ми е совршено сеедно. Всушност неизмерна е мојата радост што поради таа среќна околност неочекувано се ослободив од баластот на непотребната мрша. Мојата заблуда и довчерашен затвор. Ме ослободи мојата желба за непоматена вистина која не прифаќаше никаков компромис со суровата реалност. Слепа и самобендисана желба која ровареше по гнилото како кртица, трагајќи по здравите и чистите нешта во животот, влечкајќи го со себе мојот убаво обликуван затвор до темната уличка, во пресрет на вжарениот куршум. Низ стручно погодениот отвор во черепот излегов и полетав во бескрајниот простор на универзумот, пронижен со божественото сознание за неограничената егзистенција. Без пречки, затвори и баласти. Ја открив вистината на едноставен и случаен начин. Всушност, таа е непостоечка категорија, измислена за ретките примери на човечка заблуда. Творба на универзумскиот господар за потребите на природната селекција во ништожниот материјален свет.

            Мојот материјален живот беше потрага по недопирливиот плетач на мрежи во кои се фаќаа обичните егзистенции, без совршен ум. Тој постоеше некаде, но никој немаше јасна престава за него, а уште помалку некој лично го познаваше. Тоа беше уште поголем предизвик за мене и бев убеден дека ќе го пронајдам големиот ум, кој се обидуваше да владее со останатите, немилосрдно користејќи ја туѓата енергија за својата незаситна желба за богаство и моќ. Таквата желба ме понесе и се почуствував поудобно во телото на мојот затвор. Да бидам искрен, тогаш сметав дека јас со моето тело сум совршена целина. Знам, се кршев во себе раскинувајќи со застарени сфаќања и предрасуди, но тоа го сфаќав како нормална појава на мојот растеж и приближување кон совршенството. Фактот  дека ЈАС сум духот, а телото е обичен физички товар кој ме измачува, не можев да го согледам во тој занес од желби, нагони и страст.

            Еден ден до мене стигна порака преку поштата.

„Ти си едно ситно и ништожно човече кое си замислува во својот едноставен ум дека може да допре до совршените форми на егзистенција кои му се достапни само на избраните. Твојата самоувереност те води кон сопствената пропаст која ќе ја доживееш во моментот на слепа желба за посегнување кон највисокото блаженство овде на земјата. Најдобро ќе ти биде да се соочиш со реалноста на твојата слаба психофизичка конституција и да продолжиш по патот на малите и просечните како би почуствувал барем нешто од естетските вредности на физичката благодет. Сите напори да стигнеш до највисоките божествени дарби, не само што залудно ја трошат твојата енергија, туку ќе те доведат до некоја темна улица со продупчен череп. Никој не посакува таква слика за себе,  па не гледам од каде толку енергија во твојата животна заблуда.“

            П.С.

            „Не знам зошто покажувам сентименталност спрема тебе, но уште еднаш те предупредувам, за твое лично добро, да ги заборавиш високопоставените цели со кои го измачуваш својот несовршен ум.

            На задната страна на ковертот стоеше: „Моќта по која трагаш.“

            Морам да признам дека пораката влијаеше необично силно на мене. Ме исфрли од нормалниот колосек на мислите и ме присили да се почуствувам загрозен, слаб и осамен. Дури и сериозно исплашен од заканата на непознатиот. Беше ли тоа човекот со совршен ум и неограничена моќ кој владееше со целокупната ситуација, од сенка или дилетантска постапка на некој недораснат, можеби ситен манипулант кој се почуствувал загрозен од мојата потрага по вистината? Не. Нема тој лесно да се ослободи од мене. Стравот е само привремена состојба додека ги средам мислите и додека соберам доволно аргументи против сериозната закана.

            Мојот следен потег беше да пуштам глас дека веќе ги дофатив сите нишки на убаво сплетената мрежа на совршениот мајстор на животната игра и размислувам за крајната постапка до мојата цел. Се разбира, јас дури бев и убеден во она што го изнесов пред јавноста во која имаше и примери кои ме силеа во намерата. Мене посебно ми годеше сознанието дека големиот плетач на мрежи не успева во својата намера да ме вброи во масата лесни жртви за лов.

            Следната порака стигна многу брзо и беше сосема кратка.

            „Твојата тврдоглавост е твојата доблест. Нема место за уште едно предупредување..“

                                    „Моќта по која трагаш.“

            Овојпат сериозно ме потресе таинствената закана. Завлегов во мистериозни сфери на постоењето, со халуцинации и илузорни состојби. Моите блиски ме тешеа дека се работи за лесно психолошко потресување, но тоа само ме потсетуваше на мојата немоќ во осаменоста на моето духовно патешествие и физички подвиг. Во ноќите доживував трансмисии во недопирливи сфери на универзумот, често губејќи ја контролата над сопствениот сон за неограничено движење во просторот. Сонував некои паралелни светови во кои совршенството беше одлика на живеењето. Често се будев несигурен за локацијата и времето во кое сум се разбудил. Возбуден од богаството на доживеани светови и поминати простори, почнував да ги средувам мислите. Тврдоглавоста, која јас ја нарекував упорност за постигнување на високите цели, повторно надвладеа со мене и ме понесе во височините на блаженството кое го доживуваат само избраните „среќници“ на универзумскиот господар. Мојот вознес ме носеше на крила, невидливи за обично човечко око. Со разденувањето повторно се враќав во суровата реалност решен да се посветам на мојата цел во името на повисоките форми на постоењето.

            Не знам што ме натера да ја довлечкам мојата природна, материјална заблуда во темната улица, поплочена со стара калдрма, поцрнета од нечиста капаница. Бев сосема внесен во беспрекорен склад на своите желби, чуството за правда и суровите услови во реалноста. Одеднаш силен блесок сосема ме заслепе и за момент се почуствував изгубен, засекогаш. Крај? Не. Слобода! Неограничени сфери на духот за кои сонував во суровата реалност на вечна природна борба и селекција. Тоа го почуствував само што се повратив одд силниот удар на светлината и ги забележав зраците светлина кои се пробиваа од надворешноста, во мојот затвор. Полека се провлеков низ отворите на черепот и се најдов во совршено блаженство на надматеријална егзистенција. Просторот ми изгледаше сосема прилагоден на моите потреби, а времето? Времето од тој момент за мене е неважечка категорија. Категорија на суровоста која потсетува на минливоста на материјалните нешта. На лажната егзистенција и заблудата за постигнување на физичка екстаза. Всушност материјалноста на мојот затвор ме држеше со привлечноста на својот природен изглед и можноста за ситни доживувања. Чудно! Се чудев на неограничените можности за остварување на моите неограничени желби. Го следев манипулативното отсранување на мојот затвор од валканиот плочник и во исто време бев присутен во бескрајот на вселената. Имав чуство дека секое катче на бесконечноста е дел од мене и во моја контрола. Згрижувањето на мојот некогашен затвор, сепак, не ме остави рамнодушен, но не почуствував носталгија. Се вивнав во, за вас, недостижното за да ги испитам сите можности на новопостигнатата состојба. Нема никаква смисла да му се заблагодарувам на убиецот, но горе напишаните редови, сепак, звучат така. Се разбира убиецот не е ни оддалеку во состојба да го прифати таквиот начин на одговор на суровоста. Јас веќе го забележувам неговото присилно смеење со кое се обидува да го сокрие стравот од непознатото утре. Од навидум недофатливата вечност.