ПО МИТОЛОШКИТЕ ТРАГИ НА МАКЕДОНИЈА – „МИЛОШОВА ТУМБА“ КАЈ СЕЛОТО ДУЊЕ, ПРИЛЕПСКО, ТВРДИНА ОД БРОНЗЕНОТО ВРЕМЕ, БИЛА ВО ВРСКА СО КУЛТЕН ОБЈЕКТ ОД „ТРИДАБИЦИ“, С. КРУШЕВИЦА

Еден објект со кружна форма од камен на локалитетот „Тридабици“ во атарот на селото Крушевица и остатоците од тврдина од бронзениот период на локалитетот „Милошова Тумба“ во атарот на селото Дуње се во меѓусебна врска, која не наведува на интересно размислување. Имено, „Милошова Тумба“ се наоѓа на пониска надморска височина, но располага со интересна куполеста форма со плато, кое било обѕидано со заштитен ѕид, а „Тридабици“ претставува долг рид на позиција која доминира над претходниот, но и над голем простор од околината, а кружниот објект на него се наоѓа на највисоката точка и е во визуелна и физичка врска со просторот на утврдувањето. Ваквата позиционираност со меѓусебно поврзување не упатува на извесен далечен жив контакт меѓу двата локалитети, односно двата објекта. Додека во тврдината имало престој на луѓе во праисторијата – бронзениот период, што го потврдуваат и белезите на ретките наоди фрагменти од керамички садови, кружниот објект од „Тридабици“ можел да биде само извесен култен објект кој им користел на жителите од „Милошова Тумба“ за вршење на религиски активности, односно, процесии и обреди поврзани со извесен култ, кој веројатно е поврзан со богот на сонцето, односно култот кон сонцето.

„Милошова Тумба“ од југозапад 2

Една карпа на северната страна на утврдувањето, со своевиден реципиент со правогола форма, на извесен начин, не упатува на слична активност во самото утврдување, односно на култно-религиски активности, кои можеби биле во заемна врска со сличните активности, кои се вршеле во објектот од повисокиот рид, односно, објектот на „Тридабици“.

Од истражувањето на тумулот од „Тридабици“

На локалитетот „Тридабици“, кој се наоѓа на околу 2 км северозападно од селото и лево од асфалтниот пат кој доаѓа од Прилеп, на ридот од кој се гледа и селото Дуње, се наоѓаат три тумула. Двата од нив кои се со релативно помали димензии (едниот со пречник од околу 8 м, а другиот околу 6 м) се расположени на една рамнина на овој рид, северно од највисокиот дел на ридот, а еден тумул со поголеми димензии, со пречник од околу 12 м се наоѓа јужно од карпестата тумба на доминантно место од кое може да се набљудуваат атарите на селата Дуње и Крушевица. Последниот тумул беше ископуван од страна на Заводот и Музеј од Прилеп, под раководство на археологот Александар Миткоски, во текот на 2002 година.1 Интересно е дека при ископувањето не се пронајдени гробови, туку само ѕид од камења кој е спирално оформен, а во средината е пронајден зарамнет дел на камена плоча, што укажува на некаква култна практика. Археологот Миткоски, во недостаток на дополнителни материјали за потврда на функцијата на овој објект не упатува мислењето на познатиот археолог Алојз Бенац, кој ваквите тумули во кои не се вршело погребување ги смета за кенотафи или „почесни ритуални тумули во чест на умрените родовски првенци или култни објекти.“2

Култната карпа со реципиент на „Милошова Тумба“

На тој начин, нашето размислување за активната врска меѓу малото утврдување од „Милошова Тумба“ и овој објект од „Тридабици“ добива извесна поткрепа. На овој начин, денешната меѓусебна визуелна и физичка комуникација меѓу овие два објекта добива вистинска жива слика за времето во кое тие биле во активна состојба. Уште повеќе – тешко е дека ќе се пронајде подобро објаснување во ситуација кога е извршено археолошко ископување само на тумулот од „локалитетот „Тридабици“ и располагаме со сосема малку податоци.   

Од истражувањето на тумулот од „Тридабици“ 3

Дали овој кружен објект изграден од камен не бил извесна претстава на сонцето, односно, негово култно претставување, ќе покажат натамошните анализи. Според археологот Александар Миткоски, слични култни објекти се констатирани во текот на бронзеното време и на други локалитети, но за конкретната форма „нема соодветни аналогии на потесното подрачје“ и „недостасуваат хронолошки осетливи наоди“.3 Значи, што се однесува до датирањето на двата споменати објекта, тоа се совпаѓа и реално е да се претпостави дека тие заемно функционирале и коегзистирале за определена намена, односно за извесна потреба на некогашните жители на овој простор.

Од горната површина на „Милошова Тумба“ – јужна половина

Кога се поставува прашањето за жителите на населбата, која веројатно се наоѓала во близина на тумулот, кои го изградиле и користеле овој култен објект, може да се претпостави дека се работи, токму, за локалитетот „Милошова Тумба“, кој се наоѓа на околу 500 м подолу од тумулот, кон северозапад и претставува една куполеста тумба со рамнина на горниот дел. На тумбата и околу неа се среќаваат значителни количества керамика, а на одредени нејзини делови јасно се гледа дека била оградена и со дебел ѕид. Освен керамиката од садови, има и печен куќен лепеж, кој е карактеристичен за бронзениот период. Поради сите овие траги овој локалитет би можел да има директна врска со тумулите од локалитетот „Тридабици“. Имајќи предвид дека „Милошова Тумба“ се наоѓа на понискиот дел од ридот кон селото Дуње, може да се претпостави дека на ископуваниот тумул, кој се наоѓа на повисоко место, биле изведувани култни процесии посветени на некој од боговите, можеби на сонцето.

Тумул 1 – истражуваниот објект – Тридабици – цртеж: А. Миткоски

Според археологот Митковски, постои и влез за пристап до централниот дел на камената конструкција, кој се наоѓа на западната страна. Имено, тој вели: „Во западниот дел од тумулот недостасува еден дел од ѕидот во ширина од околу 1 м (1,20 м). Од овој дел кон внатрешноста на тумулот продолжува тесна патека (шир. Од 0,25 м до 0,60 м), која ја опкружува централната камена конструкција. Од ова може да се заклучи дека во случајов се работи за влез.“4 Во централниот дел на тумулот е формиран извесен „сценски“ простор со приближно елипсовидна фрома и со димензии 2,80 м во правецот север – југ и 2,35 м во правецот исток – запад.5 Овој простор се наоѓа на израмнет дел од карпата на која била изградена целата конструкција на градбата и веројатно, имал централно значење во изведувањето на некогашните култно-религиски активности на жителите од овој простор.

Тумул 1 – фрагменти од керамички садови – Тридабици – цртеж: А. Миткоски

На околу 300 м северно од истражуваниот тумул, на еден понизок и рамен дел од ридот, се наоѓаат уште два други тумули, кои погоре ги споменавме, со помала форма од првиот. Нивната комуникација со локалитетот со тврдина, „Милошова Тумба“ е, исто, така визуелно и физички отворена и блиска и сосема е веројатно дека се работи за објекти од истиот временски и културен круг. Интересно е дали тие поседуваат погребување на жители од населбата со тврдина на локалитетот „Милошова Тумба“ или претставуваат објекти слични на истражуваниот. Во прилог на ова ќе додадеме дека во атарот на селата Чаниште и Крушевица, како и во атарите на селата Дуње и Вепрчани и пошироко во Мариово, тумулите се посебен културен феномен, кој и натаму ќе го привлекува вниманието на археолозите, односно на научната и културната јавност. Заради доближување до поширокиот културен амбиент на овој простор, овде ќе упатиме и на локалитетите со слични содржини од поблиската околина. Двата локалитети – „Милошова Тумба“ и „Тридабици“ се во „блиска“ комуникација со локалитетот „Маркови Кули“ кај селото Кален, „Градиште“ кај селото Вепрчани, „Црна Тумба“ и „Трештена Стена“ во атарот на селото Манстир и други локалитети со слична култура, распоредени во извесен полукруг во долината со центар во селото Дуње. Од другата страна, во атарите на селата Крушевица и Чаниште, во сличен полукруг се наредени голем број локалитети со тумули, но и локалитетите со богата култура од енеолитот, бронзеното и железното време – „Ковчезите“, „Богданова Нива“, „Ѓерамиди“, како и највисокиот локалитет во овој простор – населба со тврдина од раната антика, но и со постари културни траги, доминантниот врв „Висока“ над селото Крушевица, кој доминира над целиот околен простор.

„Милошова Тумба“ од југозапад

Во периодот во кој се датира ископуваниот тумул, односно култниот објект, просторот на Мариово, веројатно, бил населен од Бригите или Пајонците, кои како племе припаѓаат на бригиската група.6 Бригите според историските и археолошките податоци се иселиле со втората индоевропска преселба во текот на доцното бронзено време или почетокот на раното железно време, кога на сцена почнуваат да се појавуваат Македонците, чиј крал Каран, потомок на Темен, а овој на Херакле, владеел на крајот на IX или почетокот на VIII век пред н.е., а токму овој век се смета за граница на етничкото населување на просторот на Македонија меѓу Бригите и Македонците.7 Имајќи предвид дека за Пајонците е карактеристично негувањето на култот на сонцето, градењето своевидни светилишта со соларни форми не треба да зачудува. Соларни претстави со спирални форми се среќаваат на повеќе места, меѓу другото и во Мариово.

Висока карпа – „менхир“ од југозападната страна на „Милошова Тумба“

КУЛТЕН ОБЈЕКТ ВО КАРПА НА ПЕРИФЕРИЈАТА НА УТВРДУВАЊЕТО НА ЛОКАЛИТЕТОТ „МИЛОШОВА ТУМБА“

Локалитетот „Милошова Тумба“ се наоѓа на околу 5 км југозападно од селото Дуње, а на околу 3 км северозападно од селото Крушевица. Тој располага со јасно видливи траги од населба со мало утврдување од бронзеното време. На една поголема карпа од северозападната страна на рамното плато се наоѓа реципиент со правоаголна форма на горната површина на карпата.

 Димензии

карпа

должина:                    4,00 м

висина:              1,90 м

реципиент

должина:                    0,54 м

ширина:            0,18 м

длабочина:       – јужна страна           0,06 – 0,08 м

                            – северна страна     0,10 – 0,15 м

 Датирање: Од 2500 до 1200 г. пр. н.е.8

Од култниот објект на „Милошова Тумба“ – реципиент и помала јама 3

 Белешка: На 2 м од јужната страна на карпата со реципиент, на ниска карпа со површина од неколку м2 се наоѓаат две издлабени јами со неправилна кружна форма, помалата со пречник од 0,15 м, поголемата со пречник од 0,30 м. На околу 500 м западно, во атарот на селото Крушевица, на ридот „Тридабици“ се наоѓа археолошки истражуваниот тумул, за кој погоре стана збор.

 

[1] Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, МАА бр. 19, 2004 – 2006, Скопје 2010, 57 и 58. Извештај од ископувањето на тумул од железното време на локалитетот „Тридабици“, село Крушевица, Мариово, Завод и Музеј – Прилеп, 2002 година.

2 Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, …, 58.

3 Исто.

4 Исто.

5 Исто.

6 Елеонора Петрова, Бриги, 145, 146. Наде Проева, Студии за античките Македонци, 10.

7 Елеонора Петрова, Бриги, 170, 171. Како центар на бригиската моќ се наведува просторот на Воден (Едеса), каде во Кутлеш (Вергина) се откриени тумули со бригиски културни содржини. Како што е познато, овој простор е центар и на македонската моќ во вековите кои следуваат. Во Вергина се откриени македонските кралски гробници.

8 Тренчо Димитриоски, Камени богови, Ризница, Прилеп 2013, 174.