ЛОКАЛИТЕТОТ „ГРАДИШТЕ“ КАЈ СЕЛОТО ВЕПРЧАНИ, ПРИЛЕПСКО, СО КУЛТУРАТА КОЈА ЈА ПОСЕДУВА НЕ ВРАЌА ВО МИТОЛОШКОТО ВРЕМЕ НА МАКЕДОНИЈА

„… подеднакво ќе се насочам и на големите и на малите човечки населби, бидејќи многу, некогаш, големи градови го изгубиле своето значење а, пак, многу кои во мое време се големи, некогаш биле безначајни. Знаејќи дека човечката среќа е непостојана подеднакво ќе ги споменам во своето раскажување и едните и другите.“1

Херодот

           Нема сомневање дека остатоците од тврдината на локалитетот „Градиште“, кој се наоѓа меѓу селата Дуње и Вепрчани во Мариово, Прилепско е остаток од значајна населба од бронзениот и железниот период. Големата површина, која била заградена со висок и дебел ѕид од големи камени блокови и помали форми градежен камен, како и разновидните археолошки остатоци во самата тврдина и во околниот простор тоа недвосмислено го потврдуваат. Дали овој локалитет имал централно место во пошироката област во овие праисториски периоди? Дали на него се крие извесна населба, можеби град, па и престолнина на некој крал од тоа време? Со оглед на периодот од кој потекнува материјалната култура на локалитетот, дали од оваа населба, која располагала со тврдина од неколку хектари површина и исклучително цврсти и дебели ѕидишта, не потекнува воена формација, која во времето на Тројанската војна отишла да им помогне на Тројанците во одбрана на градот? Конечно, потекнува ли од неа некој познат јунак од тоа време, извесен крал на помало кралство или сличен лик како оние опишани во епот „Илијада“ од Хомер или во Историја од Херодот?

Остатоците од ѕид висок неколку метри од североисточната страна, купишта градежен камен од ѕидот на тврдината растурен по падините, како и видните остатоци од поголема градба на самиот врв на локалитетот и големиот број други градби распоредени на највисокиот дел и по големиот број зарамнети тераси, особено од источната и јужната страна, поттикнуваат на поставувањето на вакви прашања. Расположен на крајот на Вепрчки Рид, меѓу двете помали реки – Ореовска Река и Вепрчка Река кои, заедно со уште еден поток, Радин Дол, се спојуваат токму под него, од неговата југозападна страна, локалитетот „Градиште“ има исклучителна положба, која им овозможила на старите жители да формираат значајна населба, токму овде. Во прилог на ова се и другите услови во кои се наоѓа локалитетот, односно природно-географските вредности во кои се наоѓа. Локалитетот „Градиште“ се наоѓа и на релативно блиско растојание со култната Црна Река, која во антиката била позната како Еригон и која низ длабоката клисура протекува од јужната и југоисточната страна на само неколку километри од него. Освен тоа, локалитетот е опкружен со високи планини, речиси од сите страни, освен од онаа страна каде се наоѓа долината на Црна Река. Сите овие услови се во прилог на развојот на богата населба на ова место. Условите за сточарство, лов и риболов, заштитен од северниот и источниот ветар, изложен на сонце,  опкружен со неколку помали реки, кои претекуваат во подножјето на Вепрчки Рид, му обезбедуваат привилегирана положба на локалитетот за стационирање на значајна населба во која престојувале значајни и богати личности со власт над населението од поширокиот простор.

            Следејќи ги денес остатоците од култура на локалитетот „Градиште“, но и на долгиот Вепрчки Рид, кој се протега на 2-3 км од вливот на Вепрчка, Ореовска Река и Радин Дол во близина на селото Дуње до подножјето на ридот Крајни Стени, може да се констатира дека овој простор изобилува со значајни културни остатоци од бронзеното и железното време, како и од подоцнежните времиња. Овде посебно ќе нагласиме дека тргнувајќи од локалитетот „Градиште“ по сртот на Вепрчки Рид, на линија од само 1 км се среќаваат дури три некрополи од гробови од типот циста, кои се раскопани од трагачи по скриени богатства и археолошки предмети, а за кои можеме да изнесеме извесни констатации.

Некропола бр. 1

Некрополата бр. 1 се наоѓа на околу 300-400 м од локалитетот, на на почетокот на ридот од таа страна, кој од „Градиште“ е одделен со долг превој со поголеми рамнини на кој, исто така, се среќаваат културни остатоци. Некрополата денес е во делумно уништена состојба со поголем број гробови од типот циста со различна ориентација, но јасно се забележува дека се работи за цисти со поголема должина, но со мала ширина, што не упатува на тоа да констатираме дека се работи за некропола од постар датум, односно од бронзениот или железниот период. Одејќи погоре од некрополата, на ридот се забележуваат бројни грамади од камења, кои веројатно се дел од старата некропола. Не изостануваат ниту градби од поново време, односно од времето кога жителите на селото Вепрчани овој простор го користеле за сточарски и земјоделски активности.

Некропла бр. 2

Некрополата бр. 2 се наоѓа на околу 200-300 м подалеку од претходната, одејќи, по сртот на ридот кон североисток и претставува помала тумба со неколку видливи гробови од типот циста, од кои има такви, кои се со поголеми димензии, како и слични на оние од некрополата бр. 1, односно со мала ширина на цистите. Со оглед на конструкцијата на тумбата со гробовите, сметаме дека се работи за тумул, па според тоа се работи за погребување од железното време, во кое, главно, се датираат ваквите видови на погребувања.

 

Некропола бр. 3

Некрополата бр. 3 се наоѓа на околу 150 м подалеку од претходната каде на извесна површина од неколку десетици м2 се забележуваат гробови од типот циста со нагласени димензии, особено, нагласена ширина на гробовите. Повеќето од нив се раскопани и ни даваат можност да ја видиме и измериме нивната димензија и, со оглед на нагласените димензии, сосема е веројатно дека се работи за некропола од архајскиот период (6-5 век п.н.е.).

 

На тој начин, преку трите некрополи, добиваме своевидна слика на континуирана култура во бронзениот период, железното време и архајскиот период. Анализирајќи ги претходно изнесените информации и констатации, може да се извлече една главна констатација дека населбата на „Градиште“ има долг континуитет на живеење, започнувајќи од бронзениот, па сѐ до архајскиот период. Сите три периоди носат специфични културни, историски и митолошки специфичности. За нашиот простор се важни неколку настани кои ги одбележале овие периоди.

Бронзениот период е време на големи и турболентни движења на народите од Медитеранот, години на војни и преселби на линијата Балкан – Мала Азија и слични движења, кога некои ентитети и кралства се оформиле со посебни културни обележја и идентитет, но и воспоставиле меѓусебни односи на соработка и пријателство, на економско и политичко поврзување или отворено непријателство и меѓусебно завладување. Најизразен настан од тоа време е легендарната битка за градот Троја во Мала Азија во која зеле учество најголемиот број кралства и етникуми од Медитеранот, војувајќи на едната или на другата страна.2

Железното време е поврзано токму со создавањето на Македонското кралство, односно со појавата и доминацијата на Македонците со добар дел од Балканот. Токму со вој период се поврзани две главни преданија за создавањето на ова кралство, кои се ширеле меѓу Македонците. Едното е поврзано со кралот Пердика I, а другото со Каран, и двајцата потомци на Темен, чие потекло се поврзува со легендарниот јунак Херакле. За локиалитетот, кој е овде предмет на анализа, особено е интересно преданието за кралот Пердика I, бидејќи во него се говори за престој на овој крал, заедно со неговите двајца браќа Гаван и Аероп (Европ) во извесно кралство Лебеја во Горна Македонија, каде работеле како слуги кај тамошниот крал.3 Токму во овој дел од Македонија се наоѓа и локалитетот „Градиште“ во атарот на селото Вепрчани, Прилепско. Фактот што до денес не е идентификуван локалитет, кој би бил место на кое се наоѓал споменатиот град или област со име Лебеја или Лебаја ни дава право да помислиме дека „Градиште“, според неговата местоположба, како и според обемот на културни остатоци и периодот од кој на неговата површина е застапена култура би можел да биде еден од локалитетите на кој треба да се бара споменатата населба во преданието. Секако, јасно е дека преданието не смее да се земе како веродостоен документ, но споменувањето на име на населба, односно, кралство од тој период, сепак може да биде извесен показател.

Следниот застапен период на локалитетот „Градиште“, архајскиот, е период на посебен културен развој, но и период на јакнење и проширување на Македонското кралство.4 Тој, всушност е период близок на појавата на Македонците и формирањето на нивното кралство, како и на нивната експанзија на Балканот. Близок е и со настаните поврзани со познатото племе Бриги, чија култура доминира на поширокиот простор пред појавата на Македонците, а енклави од Бригите се задржале и во римскиот период.5 Токму затоа интересен е и моментот на зачувани имиња од такво потекло, како и воопшто имиња со потекло токму од периодите за кои погоре стана збор или, поточно, имиња што ги среќаваме во еповите на Хомер, како и во други дела на антички автори кои обработувале теми со митолошко потекло.6 Поврзувајќи го локалитетот „Градиште“ кај селото Вепрчани и материјалната култура со која располага со претходно споменатата ономастика на теренот од неговата блиска околина, како и од поширокиот простор на областа Мариово наведува на продлабочување на темата со континуитетот на култура на овој простор и со спецификите на културата на Мариово во постарите периоди. Во услови кога науката многу малку се произнесла за културната слика на ова област, навистина е тешко да се излезе со поконкретни заклучоци и констатации, но погоренаведеното, сепак прикажува извесна културна слика. Затоа сметаме дека истражувањата на локалитетот „Градиште“, кој со својата обемност и богатство од културни содржини наведува на помисла дека бил извесен културен центар во бронзеното и железното време, па и архајскиот период, би расветлиле дел од нафрлените прашања за поширокиот простор во тие периоди.

Во прилог на културната слика на овој дел од Мариово во чиј центар се наоѓа селото Дуње ќе наведеме само уште тоа дека во поблискиот и подалечниот простор се наоѓаат уште голем број локалитет, од кои многу по долината на Црна Река – лево и десно од неа, но и во другиот простор од долината, кои располагаат со слична култура како оваа на „Градиште“ – Вепрчки Рид. Овде само ќе ги наброиме локалитетите, „Пештера“ кај селото Пештани, „Момирица“ и „Казан“ кај селото Кален, „Сламите“ кај Вепрчани (локалитет кој се наоѓа на почетокот на Вепрчки Рид во близина на Вепрчани), „Ќулавите“, „Градиште – Мал и Голем Град“, „Плевење“, „Трештена Стена“, „Црна Тумба“ во атарот на селото Манастир, „Богданова Нива“ кај селото Чаниште и други локалитети во поширокиот простор.7 При анализата на културата од споменатите периоди за овој дел од Мариово, неопходно е да се споменат и големиот број тумули во атарите на селата Крушевица и Чаниште, кои се значаен културен феномен од железното време.8

Засега, може да се констатира само тоа дека при секоја нова посета на локалитетот забележуваме се повеќе нови интервенции од неконтролирано потекло и можеме само да претпоставуваме какви материјали се однесени од него. При последната посета констатиравме дека непознати лица извршиле вистински напад на највисокиот дел од тврдината, во градби за кои може да се претпостави дека биле од најголемо значење во старата населба. Тука, во една од градбите, е ископана огромна јама, при што се растурени големо количество камени блокови со различни димензии. Имајќи предвид дека веднаш до оваа градба, од нејзината источна страна, ѕидот од тврдината и денес е сочуван до неколку метри височина, несомнето е дека тука се кријат најголемите градби од утврдениот дел од населбата, па можеби престижни градби од нејзините старешини или владетели на извесен дел од областа. На вакви претпоставки не наведуваат и зачуваните преданија во околните села за кралеви, кралици и слични личности и настани поврзани со нив за кои жителите и денес раскажуваат. Дали народното сеќавање во определена форма, сепак, го чува споменот на толку далечните случувања и вредности кои ги крие овој простор?