120 ГОДИНИ ОД ХЕРОЈСКАТА СМРТ НА ПРИЛЕПСКИОТ РЕВОЛУЦИОНЕР СТОЈАН ЛАЗОВ

Настанот се случил на 23 јануари (стар стил) 1899 година, ние го одбележуваме со задоцнување од повеќе месеци, но сепак, Стојан Лазов е еден од борците за Македонија, кој го дал својот живот за слободата на македонскиот народ и сметаме дека неговото споменување, и со вакво задоцнување, не е промашување.

Народна песна за Стојан Лазов:

Решив да станам

Достојно чедо

На Македонија,

Мајката наша. 

Во првите години по формирањето на Македонската револуционерна организација во Солун од страна на македонските револуционери, Даме Груев, Петар поп Арсов, Христо Батанџиев, Христо Татарчев, Иван Хаџи Николов и Антон Димитров, во Прилеп се случиле неколку поголеми афери поврзани со борбата против поробителите. Тие биле во рамките на акциите за организирање на борбата за создавање на автономна држава Македонија од страна на МРО, посебно на Комитетот на Организацијата во Прилеп, кој бил формиран од страна на Даме Груев во 1894 година. На 23 јануари (стар стил) 1899 година во Прилеп се случила и херојската смрт во името на слободата на македонскиот народ на револуционерно настроениот Стојан Лазов од Прилеп, кого го среќаваме во групата уапсени и затворени прилепчани за време на Дреновската афера заедно со таткото и синот; Ицо (Христо) и Јордан Гавазови.1

Стојан Лазов
Стојан Лазов

Стојан Лазов се родил во 1874 година во Прилеп, каде по завршувањето на прогимназијата, на осумнаесет години заминал во Белград, каде останал да работи една и половина година. Потоа заминал за Софија каде работел како чирак во книжарница. Таму се сретнал со Коце Илиев Симоновски, кој избегал со Мирче Ацев и други лица организирани во Револуционерната организација во Бугарија.2 Во контактот со нив Стојан Лазов се оддал на револуционерна активност за организацијата. Како книжар можел да прочита разна литература за сопствена надградба и освестување. Лазов бил ангажиран како терорист на Организацијата, во групата за ликвидирање на насилници. Од Софија Стојан Лазов заминал за Солун заедно со Иван Браилов, носејќи книги како книжари. Централниот комитет на Организацијата му порачал да убие еден бегкликчија во Солунско, тој ја извршил задачата успешно, но поради тоа бил затворен во анот на Илија Рошков. Анџијата сведочел дека Лазов е невин, но сепак бил осуден на 3 години затвор кои ги одлежал во Битола. По издржувањето на казната тој две години работел како учител во Битолско. Потоа се вратил во Прилеп каде, од Организацијата, бил назначен за терорист.3

Мостот „Кемерлија“ 2
Мостот „Кемерлија“ 2

Заедно со Никола Мрсев кој, исто така, бил во терористичката група, комитетот ги одредил да го убијат србоманот Тоде Поп Антов, српски книжар во Прилеп, кого Прилепскиот револуционерен комитет го осудил на смрт поради неговата отворена служба на великосрпската пропаганда.4 Тие долго го следеле во Прилеп и на 23 јануари (ст. стил) 1899 година го пречекале во турскиот кварт на Прилеп кај мостот Кемерлија“, го нападнале со секирчиња и го убиле.5 Настанот го забележал еден Турчин алваџија и почнал да вика. Лазов го извадил револверот, пукнал во него и го убил. Во тоа време бил муслиманскиот празникот Рамазан и од малото излегле голем број Турци, кои почнале да ги гонат двајцата терористи. Настанала трка и пукотници во градот. Стојан Лазов се скрил во некој таксим, објект од градскиот водовод, и од таму почнал да пука на Турците. Убил уште двајца и ранил неколку Турци, а потоа и сам паднал мртов. Разбеснетите Турци, кои го гонеле, со ножеви го искасапиле неговото тело.6 Неговиот другар Никола Мрсев, кој исто така бил тешко ранет, бил фатен и затворен. Во затворот бил немилосрдно измачуван за да ги открие членовите на комитетот, но тој се покажал исклучително цврста личност и ништо не открил. Осуден на 15 години затвор, тој казната ја издржувал на островот Родос.7 Турците во битката со Стојан Лазов имале еден мртов и тројца ранети.8

Местото на битката - „Кемерлија“ денес
Местото на битката – „Кемерлија“ денес

Стојан Лазов е погребан во Прилеп со сите почести, а го испратил скоро целиот град.9 Воопшто како и претходните двајца херои и Лазов со своето херојско дело значел силен поттик за отпор и за освестување на поробениот народ во прилепскиот крај. Настанот со Стојан Лазов и Никола Мрсев силно ги возбудил и Турците и Македонците во градот. Муслиманската гордост била толку многу повредена што можело да дојде до колеж на христијаните. Исплашена од можни немири и несакани последици, локалната власт од градот го повикала битолскиот валија Абдул Керим паша. Тој дошол во Прилеп и ги смирил муслиманите дека с# уште не е време да се убиваат христијаните, а „кога тој момент ќе дојде, тој самиот, како правоверен, ќе застане на чело на уништувањето на ѓаурите.“ 10 Српската пропаганда само за процесот на судењето на Никола Мрсев потрошила, скоро, 2.000 динари.11

Мостот „Кемерлија“
Мостот „Кемерлија“

Според една белешка кај Д. Димески, на 10 март (ст. стил) 1900 година (петок) бил убиен и братот на Никола Мрсев, Ѓорѓи Мрсев. Убиството било извршено на нива близу до Варош, каде што работел, од „тројца облечени во бели бечви“. Има претпоставки дека убиството го извршиле Турци поради одмазда на убиените и ранетите од Стојан Лазов и Никола Мрсев при атентатот на Тоде Поп Антов. Поради убиството на Ѓорѓи Мрсев бил уапсен Гиго Поп Антов, брат на Тоде.12

Местото на битката - „Кемерлија“ денес со Маркови Кули
Местото на битката – „Кемерлија“ денес со Маркови Кули

За тројцата прилепски херои, Јордан Гавазов, Христо Чемков и Стојан Лазов, се испеани повеќе песни во кои се опеани нивните херојски подвизи. Песните долго време потоа се пееле во поширокиот крај.

1 Д. Димески, Аферите …, 13.

2 Г. Трајчев, Град Прилеп, 289.

3 Исто, 290, 291.

4 Исто, 289. Д. Димески, Македонското…, 304. За Тоде Поп Антов, Христо Силјанов вели: ‡ Првиот пионер на србизмот во Прилеп е Тодор Поп Антов, платен со месечна плата. Проследен со презирот и одбивноста на целото граѓанство, поп Антов се одмаздува со предавства. На 6 јануари вечерта 1899 година (датумот не е точен, з. м.), шпионот паѓа мртов пред мостот од ударите на секирата на организацискиот активист Стојан Лазов. Гонет од Турците, младиот прилепчанец сам издржува цела битка и откако убива неколку Турци со револверот се самоубива, а потоа го касапат со ножеви. Прилеп на храброто момче му приреди општонароден погреб кој ги збуни месните Турци и уќуматот. Долго време потоа се пееше за Стојан:

Решив да станам

Достојно чедо

На Македонија,

Мајката наша.

Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, Култура, Скопје 2003, 97, 98.

5 Г. Трајчев, Град Прилеп, 289. Д. Димески, Македонското…, 304, 305.

6 Според Ѓорче Петров, на убиениот шпион му притекнал на помош некој циган, минувач, кој бил убиен со еден куршум од револверот на Лазов. (Види: Ѓ. Петров, Прилепска случка, 61.) Г. Трајчев, Град Прилеп, 289. Д. Димески, Македонското …, 304, 305.

Според Светозар Тошев, Стојан Лазов со последниот куршум од својот револвер самиот се застрелал, а Турците потоа се нафрлиле на неговото мртво тело касапејќ и го. (Види: С. Тошев, По крвав пат, 78.)

7 Г. Трајчев, Град Прилеп, 289. Д. Димески, Македонското…, 305.

Кај Д. Димески е наведено дека на судскиот процес кој се оддржал во мај‡јуни 1899 година Никола Мрсев бил осуден на 101 година робија, а поп Спасе Игуменов и Никола Крапчев, кои, исто така, биле приведени поради настанот со убиството на Тоде Поп Антов, биле ослободени од обвинението. Валијата сепак ги испратил сургун во Елбасан, каде останале 7 месеци, до март 1900 година.

8 Г. Трајчев, Град Прилеп, 289. Д. Димески, Македонското…, 305.

Според Георги Трајчев, Стојан Лазов убил тројца Турци и уште неколку ранил со својот револвер. (Види: Г. Трајчев, Град Прилеп, 289.)

Во белешките Димески наведува цитати од повеќе автори, кои пишуваат за настанот, а кај нив се среќаваат различни бројки на загинати Турци.

Ѓорче Петров пишува дека Лазов убил шестмина Турци. Откако убил по тој начин уште шесмина Турци со својот револвер и со оној што го зграпчил од еден убиен Турчин, тој се запрел на улицата во една поза, која изразувала еднаков презир кон животот и кон куршумите на неговите врагови. Таму јунакот бил ранет од еден турски куршум испразнет од соседните куќи. За да го направи херојството полно и за да не попадне во турски раце, Стојан го испразнил последниот куршум од револверот во својата уста и паднал на улицата мртов. Турците кои дотогаш се криеле по куќите, сега излегле на улицата и со куршуми го престориле на решето мртвото тело на Стојана, а главата му ја престориле пестил. (Види: Ѓ. Петров, Прилепска случка, 61 и 62)

9 Г. Трајчев, Град Прилеп, 289. Д. Димески, Македонското…, 306.

10 Д. Димески, Македонското…, 307.

11 Исто, 306, 307, белешка: 559.

12 Исто, 307.