ЦРКВАТА „СВ. ДИМИТРИЈА“ ВО БИТОЛА СО ИСКЛУЧИТЕЛНИ РЕЗБАРСКИ ВРЕДНОСТИ И КОЛОНАДА ОД МЕРМЕРНИ СТОЛБОВИ СО КАПИТЕЛИ СО ХРИСТИЈАНСКА СИМБОЛИКА И МАКЕДОНСКОТО СОНЦЕ

Храмовите отсекогаш биле предизвик за архитектонски подвиг и уметничко достигнување. Тие се своевидни центри на светот, центри на собирање на луѓето, како и на нивно активно произнесување, како кон божеството, така и кон општеството. Затоа секоја црква во себе содржи културни вредности – уметнички, архитектонски, религиозни, морални, етнографски, етнолошки и сл. Во тој контекст, секој храм има и свои специфики, зависно од местото во кое е изграден, односот на најблиското жителство, нивото на културно живеење, како и присуството на личности со повисоко или пониско достигнување во определени области, како и познавањето на општите вредности.

Црквата „Св. Димитрија“ во Битола
Црквата „Св. Димитрија“ во Битола

Црквата „Св. Димитрија“ во централниот дел на Битола е еден впечатлив архитектонски и уметнички експонат на христијанската религија и архитектура. Таа е изградена 1830 година, а нејзината, исто така, впечатлива камбанарија, била подигната 1836 година и била дело на Александар Дероко, српски архитект од Белград, професор на универзитетот во родниот град и автор на повеќе книги.

Плоча со крст и година на изградба на црквата
Плоча со крст и година на изградба на црквата

Некои особености во неа заслужуваат посебно внимание, зашто се дела на вредни мајстори и резултат на исклучителен труд. Тоа особено се однесува на иконостасот, кој претставува „најголем по површина во храмовите низ Македонија“ –  (Ристо Палигора – историчар на уметност). Тој потекнува од средината на деветнаесетти век, бил изработен во плитка резба, а во подоцнежниот период бил дообработен – гипсиран и позлатен.

Иконостасот со резба и позлата
Иконостасот со резба и позлата

            Според Ристо Палигора, иконостасот во „Св. Димитрија“, како и иконостасите во црквите во селата, Трново, Магарево и Маловишта, се дела на т.н. Епирска резба, а Јане и Злате Крстевски, во својата книга „Симболи на македонското копаничарство“ додаваат дека иконостасот е дело на „епирски резбари од Мецовската школа“, како и тоа дека, според д-р Димитар Ќорнаков, бил откриен и извесен натпис на кој се среќавало името на главниот мајстор, Константин.

Светиот престол и уште еден помал престол со резба и позлата
Светиот престол и уште еден помал престол со резба и позлата

            Освен иконостасот, посебно внимание привлекуваат и светиот престол и уште еден помал престол, кои исто така се со слична резбарска обработка и со позлата. Внимание заслужуваат и неколку експонати на живопис, како и други елемнти во вкупниот аранжман на храмот. Еден мермерен блок, кој се наоѓа на прагот од западниот влез на црквата е со интересна претстава на влезот во рајот.

Престол со позлата
Престол со позлата

            Вниманието го привлекуваат и двете колонади од мермер во наосот, на чии столбови биле изработени посебни капители, кои ретко можат да се видат на друго место. Овие капители се украсени со повеќе симболи од христијанството во медитеранот, но и симболот – македонско сонце со 16 краци, кое е изработено по 8 примероци, во долниот дел на секој капител, на секоја страна по два вакви симболи. Во средишниот дел на секоја од страните е изработен голем рамнокрак крст, а на највиоскиот дел, од левата страна, е изработен симболот на Цариградската патријаршија, двоглавиот орел, додека на десната е изработен лебед.

Певница со резба и позлата 2
Певница со резба и позлата 2

            Кога се работи за изработување на капител со ваква комбинација од симболи, а имајќи ја предвид годината на изградба на црквата – 1830, инетресно е одлуката за изработка на ваков капител. Приказот на ваквиот симбол го среќаваме на подови, во рамките на иконостасните украсувања или во живописите, а овде и на капител. Не навлегувајќи во општата пракса во архитектонското украсување на црквите и симболите во христијанството, примената на овој симбол поттикнува на размислување. Особено денес, кога овој симбол им „ги боде“ очите на извесни политички сили и се преземаат дури и чекори за елиминација на симболот.             Ако се обидеме да коментираме за примената на овој симбол во последниве два века, неговата афирмација, освен последниве децении, нагласено ќе ја забележиме во времето на Преродбата и националното освестување. Пример: на ковани порти во Прилеп, особено на стари камени згради со маази – трговски дуќани, но и на семејни куќи, среќаваме апликација со овој симбол – сонце со шеснаесет или со дванаесет краци (http://www.pelagon.mk/2018/08/15/). Фактот, што црквата „Св. Димитрија“ во Битола е изградена во 1830 година не упатува на употреба, односно афирмација на овој симбол на архитектонски елементи во периодот пред Преродбата, односно, во перидот пред нејзината нагласена појава, што може да значи дека се работи за извесни почетоци на национално освестување или изразување на националната свест преку симболи и слични содржини, односно почетоци на преродбенскиот период.