АХ, КОЛКУ НЕМИРНО ВРЕМЕ

(Од необјавената збирка „Кучешко време“ – прв дел, „Во канџите на стравот“)

Звуците на ноќта

го убиваат сонот,

лелек по денот

се пробива со крик

на препотени суштества

во напор

да го изживеат стравот

од ѕверот на осамата.

Ххх

Трагични суштества

од сурова планета

ја следат својата судбина,

нема милост за нив,

ни мисла,

ни збор.

Подмолно тече

студена вода под ридот,

чека миг,

да бликне,

да рикне,

да потопи.

Стравот е шега,

вистината сурова

и неумолива како смрт.