ОД КУЛТУРНИТЕ СОДРЖИНИ НА СВЕТАТА ПЛАНИНА „ЗЛАТОВРВ – „ДУПЕН КАМЕН“, ЛОКАЛИТЕТ СО КУЛТНА КАРПА И ОСТАТОЦИ ОД ГРАДБИ И НЕКРОПОЛА
Патот, кој води од Маркови Кули кон манастирот Трескавец кај Прилеп, може да се помине само пеш и со добиток. Тој зрачи со мистика од митските карпи распоредени од двете страни на патот кои го следат по целата должина. Дека овој пат го минувале безброј одочасници од праисторијата до денес со молитви упатени кон боговите, може да се забележи и од трагите оставени овде-онде по безбројните карпи. Многу од карпите силно го привлекуваат вниманието со своите сосема чудни форми кои воодушевуваат. Меѓу нив често се забележуваат и траги од стара керамика кои упатуваат на постоење на места со древни населби и на овој простор меѓу двата главни локалитети на Маркови Кули и Трескавец. Можеби тоа се трагите на сосема древниот живот и културата која постојано е присутна на поширокиот простор со митско и мистично во себе кој, во определени периоди, се концентрирал во поголемите населби чии остатоци ги среќаваме и денес.

Комуникацијата меѓу Маркови Кули и Трескавец била блиска и посебно активна од древнина, пред се poради нивната визуелна и просторна неодвоивост, како и поради фактот што Златоврв од многу далечни времиња бил сметан за Света планина. Тоа го покажува и самиот простор од двете страни на патот кој е преполн со траги од древните времиња, продукти на човечко присуство и експлоатација, разновидна симболика по карпите и сл.. Тие се присутни по површините на карпите, меѓу нив, како и на земните површини кои на некои места зафаќаат значителен дел од планината. Некои од карпите вниманието посебно го привлекуваат со своите форми кои потсетуваат на предмети од човековата практика или на човечки или други живи суштества. Една од карпите која се наоѓа на патчето кое води кон манастирот по ридот наречен Зеленик, се чини, од многу одамна е позната како Наковална1 зашто беспоговорно потсетува на овој ковачки алат. Таа се наоѓа на првиот превој на кој се наидува на патот што ги поврзува Заград и делот откај локалитетот Баба кој е исто така древно населуван простор.

Источно од каменот кој личи на вистинска наковална од огромни размери, само на педесетина метри се наоѓа уште една голема карпа која со еден откршен и навален дел го надополнува амбиентот на ковачка работилница со својата форма на менгеме. На тој начин местото заличува на природно светилиште посветено на богот на ковачкиот занает, Хефајст21. Имајќи го предвид и фактот дека во околниот простор се среќава и керамика од постарите периоди на цивилизацијата анализата добива поцврста основа.

Керамиката е поприсутна во делот на ридот кој се протега десно од патчето за манастирот Трескавец. Тој е исполент со грамадни карпи кои меѓусебно градат помали и поглеми шуплини и пештери во кои исто така се наоѓаат фрагменти од керамика која потсетува на постарите периоди, односно праисторијата.3 Во отсуство на научни потврди за тоа не може да се каже ништо поконкретно. Во секој случај и ваквите наоди покажуваат дека тука имало некое многу старо присуство на луѓе.

Во повисокиот дел на планината, на околу 4 km, патчето кон манастирот води преку една поголема зелена тераса, која се протега под карпестот рид. На неа се среќаваат многу јасни траги на стар живот. Тука постоела некоја помала населба или друг вид културно присуство, а тоа се забележува по некои остатоци од стари градби, фрагменти од керамички садови, тегули и сл. Една карпа во близина на патот, на јужниот дел на терасата, посебно го привлекува вниманието и претставува своевидна атракција за посетителите и патниците. Таа располага со една поголема шуплина во неа со отвор, кој има неправилна елипсовидна форма и личи на вистински прозорец со поглед кон југозапад, според кој карпата и локалитетот го добиле името – Дупен Камен.4

Околу овој камен се забележуваат остатоци од ѕидови на стара градба, расфрлан градежен камен, фрагменти од керамички садови и сличен археолошки материјал. Гледана од југ, карпата потсетува на заспан зајак. Во внатрешниот дел на карпата – во шуплината – има простор во кој можат да се сместат две до три лица и височина, која одговара на просечната височина на човек. Во близина на отворот се забалежуваат и траги од интервенции со алат.

На просторот северно од карпата, на повеќе места, се гледаат грамади од камен, како и долги прави линии од реден камен, односно, остатоци од старите градби. Некои од градбите биле слепени со околните карпи, кои ја заградуваат терасата, особено од западната страна. Терасата, која е со релативно рамна хоризонтална површина, зафаќа простор од 1 до 2 ha. На околу 50-60 m северно од карпата со шуплина и „прозорец“, на работ на терасата, во рамките на еден комплекс од неколку поголеми карпи се среќаваат видни траги од интервенција по нивните површини, како зарамнети форми, долги канали по рабовите на карпите и сл. Во рамките на овој комплекс има и поголеми шуплини, кои можат да послужат заштита од дожд и слично невреме. На северниот дел од терасата, на помала карпа се среќава издлабено корито со помала димензија – 1,2х0,35-0,70х0,40 m – со насока југозапад – североисток, откршено на југозападната страна. Дали се работи за гроб во карпа или некое корито кое служело за некаква друга намена тешко е да се каже.

Дека овој локалитет крие културно присуство во постар период, потврдува еден наш поскорешен наод на помала некропола во карпи, од која се зачувале два убаво оформени гробови со правоаголна форма. Тие се наоѓаат на крајната североисточна страна на големата тераса, на повисоко ниво каде започнуваат карпести површини, а погоре од нив просторот продолжува со грамадни карпи. Гробовите имаат профилирани рабови, со задлабен дел за поставување надгробна конструкција или покривна плоча, односно, капак. Тие се со нагласени димензии, со должина околу 1,8 m, ширина до 0,5 m и длабочина и до 0,60 m. Двата, од едната страна, добро сочувани гробови упатуваат на изработка од вешт мајстор со камен, со правите линии и мазните форми. Нивната насока е приближно исток-запад, а од источната страна, делот од карпата на која се изработени се откршил и на тој начин гробовите ос таа страна се оштетени. Има индиции дека во нивна близина се кријат уште неколку такви гробови, кои денес се покриени со земјен нанос. Овде е неопходно да се потенцира дека овој тип гробови во карпа е масовна културна појава, карактеристична за овој дел од Македонија, особено областите Пелагонија и Мариово, а кој се среќава и пошироко во Медитеранот, особено во Мала Азија. Нам ни е позната појавата на ваков тип гробови во градот Мугла во истоимената област во Турција, каде тие претставуваат и дел од туристичката атракција во оваа земја.5

Во поблиската околина на локалитетот „Дупен Камен“ слични гробови и цели некрополи се среќаваат на целиот простор на локалитетот „Маркови Кули“6 кај Прилеп, на л. „Трескавец“,7 л. „Баба“8 и на многу други локалитети. Бројот на ваквите гробни објекти, кој го среќаваме на локалитетот „Маркови Кули“ кај Прилеп е своевиден рекорд на вакви погребни објекти во светот.

Делот со гробовите во карпа се наоѓа на границата меѓу опишаната земна рамна тераса и една друга релативно рамна тераса, но главно со карпеата површина, која зафаќа простор од околу 0,5 ha. На делот од втората тераса, во карпест простор се среќава и извор на кој е изградена мала чешма. Водата од изворот најпрво се собира во една природно издлабена поголема јама со неправилна форма, а потоа продолжува надолу. Околу јамата со водата има и мал дела со земја на кој се среќаваат и голем број камени блокови, кои упатуваат на извесна помала градба токму крај изворот. Освен овој извор со вода, со мала но стабилна издашност, во поблиската и подалечната околина се среќаваат уште неколку слични извори. Тоа упатува на фактот дека местото е добро снабдено со вода, која како основен елемент ги привлекло луѓето да го експлоатираат овој простор. Според нашите согледувања, овој локалитет крие и други културни остатоци, кои можат да бидат откриени во иднина. Според нашите првични согледувања сметаме дека овој локалитет содржи култура од раната антика. За правилно датирање, сепак, е потребно опстојно археолошко истражување.
Поглед од „прозорчето“ на „Дупен Камен“ „Прозорчето“ на „Дупен Камен“ Дупен Камен“ во форма на заспан зајак 3 Наковална (Наколна) „Менгемето“ од „Наколна“ Чешмата во карпи од „Дупен Камен“ Чешмата во карпи од „Дупен Камен“ со остатоци од градежен камен Чешмата во карпи од „Дупен Камен“ 2 Два сочувани гробови во камен од некрополата Два сочувани гробови во камен од некрополата 3 Два сочувани гробови во камен од некрополата 4 Два сочувани гробови во камен од некрополата 5 Два сочувани гробови во камен од некрополата 6 Еден од гробовите Некрополата од југ Еден од гробовите – внатре Двата гроба – внатрешен дел Дел од земната тераса со култната карпа и други карпи Поглед на земната тераса од малата некропола Карпа зарежана со канал по рабовите Карпа зарежана со канал по рабовите 2 Шуплина во карпа на работ на земната тераса Карпа зарежана со канал по рабовите 3 Карпа зарежана со канал по рабовите – со карпеста површина пред неа Од амбиентот на локалитетот Помало корито во карпа со рамна карпеста површина во близина Помало корито во карпа 2 Издлабен дел во мала карпа со остатоци од ѕид во продолжение Остатоци од градешен камен и траги од ѕид Остатоци од граддба Остатоци од граддба пред голема карпа Карпа во до која била залепена стара градба Остатоци од стара градба Остатоци од стара градба со карпа во позадина Обработен дел во близина на „прозорчето“ „Прозорчето“ – поширок агол – внатре Природна ниша на североисточната страна
1 Тренчп Димитриоски. Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2002,
2 Хефајст (Хефест) бил еден од дванаесетте антички богови со седиште на планината Олимп меѓу Макдонија и Грција. Тој е бог на ковачкиот занает, бил кривоног и го ковал најдоброто оружје кое го користеле митолошките херои, меѓу кои и самиот Ахил, најголемиот јунак под Троја.
3 Тренчп Димитриоски. Древна цивилизација I …
4 Исто
5 www.defilegizemi.com
6 Бошко Бабиќ, Материјалната култура на Македонските словени …, ИСК, Прилеп, 1986.
7 Иван Микулчиќ, Пелагонија усветлости археолошких налаза од Егејскесеобе до Аугуста, Скопје – Београд 1966.
8 Александар Миткоски, Објекти длабени во карпа од Прилепско, Macedoniae acta arheologica, br 14, Скопје 1996, 137 – 147.