„ТРПЧЕВА ЦРКВА“ КАЈ СЕЛОТО ДУЊЕ, ПРИЛЕПСКО – МУЗЕЈ ПОД ВЕДРО НЕБО СО ТРИКОРАБНА РАНОХРИСТИЈАНСКА ЦРКВА

Еден од ретките локалитети во Мариово на кој археолозите му посветиле внимание е локалитетот „Трпчева Црква“, кој се наоѓа на околу 2 км југозападно од селото Дуње, а речиси на исто растојание југоисточно од селото Кален, од левата страна на патот Прилеп–Витолиште. Овој локалитет е расположен на еден рид кој се спушта кон Свинска Река во правецот југозапад–североисток. Локалитетот го обележува скромна современа градба од камен, која претставува сеуште неосветена црква. Таа е поставена на местото на кое археолозите од Заводот и Музеј од Прилеп при археолошките истражувања вршени последниве години пронајдоа темели од трикорабна ранохристијанска базилика. Со тоа присуството на овие археолошки значајни објекти на овој простор се зголемува, упатувајќи на фактот дека во раното христијанство тој бил богат со христијански објекти, меѓу кои и такви кои имале пораскошна архитектура. Со пронаоѓањето на темелите на оваа градба, овој локалитет доби и постаро датирање, односно V–VI век од н.е. наместо средниот век од кој се констатирани голем број гробови, во кои се пронајдени предмети од тој период1. Имајќи предвид дека ранохристијанските базилики биле градени од 4 до 6 век од н.е. сосема е веројатно дека населбата на „Трпчева Црква“ егзистирала и во доцната антика. Последните археолошки истражувања на Заводот и Музеј од Прилеп го покажуваат токму тоа. Оваа година се вршеа ископувања на дел од населбата и се констатирани остатоци од градба за поширока употреба на жителите од населбата која археологот Лилјана Кепеска ја датира во крајот на петтиот и почетокот на шестиот век. Таа смета дека овде егзистирала една од помалите населби кои биле дел од споменатата населба – центар Достонеј кај селото Пештани,2 кое се наоѓа на околу 5–6 км северно од „Трпчева Црква“, околу која имало повеќе помали населби. Ние би рекле дека, всушност, се работи само за уште една населба со забележлива култура, која била дел од овој проистор со споменатиот центар кај селото Пештани.

Денешниот манастир на л. „Трпчева Црква“
Денешниот манастир на л. „Трпчева Црква“

ГРОБОВИ ИЗДЛАБЕНИ ВО КАРПА – ВПЕЧАТЛИВИ КУЛТУРНИ СПОМЕНИЦИ

Освен гробовите градени со плочи и кршен камен, во долниот дел на некрополата се пронајдени и гробови длабени во карпа кои се мајсторски изработени. Традицијата на погребување во гробови „корита“ издлабени во карпа е присутна на поголемиот дел од Мариово, како и во Прилепско и Битолско, особено на локалитетот „Маркови Кули“ кај Прилеп. Ваквите погребни објекти на локалитетот „Трпчева Црква“ се одликуваат со особено мајсторство во обработката, а карактеристично е и тоа дека на најмалку две места се среќаваат парови од такви објекти со сличлна димензија, како и еден специфично обработен објект во карпа, со соодветна патека околу него, па по малку потсетува на своевиден фиксиран саркофаг. Може да се каже дека по големиот број слични погребни објекти, кои сме ги сретнале, овој во „Трпчева Црква“ претставува своевидна реткост. На тој начин, овој објект, како и големиот број други објекти изработени во карпа се впечатливи културни споменици од овој локалитет.

Пар гробови во карпа 1-1
Пар гробови во карпа 1-1

 

Остатоците од населбата и денес се забележуваат преку бројните траги од разурнати градби. Меѓу наодите има голем број фрагменти од мермерни блокови, столбови и елементи од старата ранохристијанска црква, како и разни други камени блокови и плочи, кои на локалитетот создаваат амбиент како „Музеј под ведро небо“. Посебно внимание привлекуваат фрагменти од парапетни плочи со естетиката и содржината на украсување, како и други фрагменти од плочести споменици со натписи и разновидна симболика. Кога се работи за појавата на споменици со натписи, мораме да го истакнеме впечатокот дека според некои од нив, може да се претпостави поголема старост на населбата, однсоно неколку века поназад, најмалку римскиот период, во првите векови на првиот милениум. На најмалку еден од натписите може да се прочитаат и цели имиња. На еден таков фрагмент од мермерна плоча се среѓава името Александро, како и два термини, кои укажуваат на надгробен споменик. Интересно е што споменатото име, во слична форма – машки или женски род – се среќава на многу места во Мариово, како Пештани, Вепрчани, Живово и на дури места на кои среќаваме споменици со натпис – главно датирани во римскиот период. Значи ли тоа дека традицијата на ова име, како и на многу други имиња кои упатуваат на нивна примена уште во далеку постарите периоди, во Мариово е посебно зачувана? Знаеме дека името Александар го среќаваме уште во најстарите пишани документи на Балканот и Мала Азија. Такво име се среќава и во „Илијада“ од Хомер, односно тоа име го носи Парис, синот на тројанскиот крал Пријам,3 односно, грабнувачот на жената на кралот на Спарта, Елена, позната и како Елена Тројанска.

Пар гробови во карпа 2
Пар гробови во карпа 2

НАГЛАСЕН БРОЈ НА ЖИТЕЛИ СО РАЗВИЕНА КУЛТУРА

На овој локалитет, вниманието посебно го привлекува една голема камена крстилница, која е откриена со последните археолошки истражувања. Таа упатува на поголемо жителство во населбата во близина, односно во овој простор на Мариово. Всушност, самата појава на религиски објект со ваква форма и димензија, исто така, упатува на нагласена демографска состојба, но и на развиена култура во тој простор. Со преглед на просторот на кој била расположена населбата на овој локалитет може да се констатира дека таа располагала и со соодветна заштита со ѕид, односно дека била и утврдена. Траги од такви ѕидови се зачувале во источниот дел, на пшериферијата на фолгото рамно плато на кое се среќаваат остатоци од населување и погребување. Таму се насетува и еден дел со широк ѕид, кој упатува на форма на ѕид од заштитен карактер.

Ранохристијански капител од надворешната страна на апсидата
Ранохристијански капител од надворешната страна на апсидата

Трагите од активностите на некогашните жители на древната населба на „Трпчева Црква“ се забележуваат и на поширокиот простор околу овој локалитет. Некои специфични форми на карпи со делови кои се очигледно обработувани од човек, посебно го привлекуваат вниманието. Додека некои од нив биле приспособувани за извесни намени во просториите за живеење, други упатуваат на извесна специфична намена, односно за извесни културни и религиски потреби. Во околината се нагласено присутни двојните корита кои служеле за правење вино, односно за гмечење на грозјето. Тие се посебно присутни во пространата долина од јужната страна на локалитетот, но и на другите околни места. Нивниот број е доста голем. На овој простор и денес егзистираат поголем број лозја како показатели за континуитетот на одгледувањето винова лоза, кој на овој простор може да се мери со илјади години, ние би рекле најмалку две илјади години. Интересно е дека на само неколку стотици метри северозападно од „Трпчева Црква“ се наоѓа локалитетот „Бутим“, на кој исто така има траги од стара населба, а во негова близина се наоѓа една интересна форма на карпа – цилиндер на која има индиции за култно третирање во минатото.

Фрагмент од плоча со натпис со името „Александро“
Фрагмент од плоча со натпис со името „Александро“

РАНОХРИСТИЈАНСКАТА БАЗИЛИКА ОД „ТРПЧЕВА ЦРКВА“ – ДЕЛ ОД РАНОХРИСТИЈАНСКАТА СЛИКА ВО ОБЛАСТА

На околу 2 км јужно од „Трпчева Црква“, на едно ритче десно од патот за Витолиште, се наоѓа манастирот „Св. Ѓорѓија“, кој е изграден во поново време, исто така на темели од стара градба на црква која веројатно, води потекло од раното христијанство. На тоа упатуваат поголем број камени елементи од архитектурата на старата градба, меѓу кои и мермерни и гранитни столбови и др. Со последните градежни активности на овој простор се откриени и цели садови од керамика со старо потекло, од кои еден питос со средна големина може да се види во просториите на новата зграда на манастирот. На околу 2 км источно од манастирот „Св. Ѓорѓија“ се наоѓаат уште две ранохристијански цркви, чии остатоци се сосема видливи во рамките на веќе опишаниот локалитет „Маркови Кули – Градок“. Сето тоа е показател дека христијанството во Мариово било прифатено како религија уште во првите векови на неговиот развој, по доаѓањето на апостол Павле во Македонија, а посебно по издадените наредби од страна на царот Константин (313 година во Милано) и од Теодосиј (380 година), кога оваа вера е прифатена како државна религија. Уште повеќе, може да се каже дека овде во раното христијанство цветала вистинска христијанска култура и ранохристијанската базилика од локалитетот „Трпчева Црква“ е само дел од развиената ранохристијанска култура во областа. Во котлината во која е сместено селото Дуње со соседните села, има уште голем број места на кои се среќаваат остатоци од градби од раното христијанство. Тоа, се разбира бара многу поангажирано истражување и анализа од страна на стручњаците за оваа проблематика.

Фрагмент од мермерен споменик со украсување и натпис
Фрагмент од мермерен споменик со украсување и натпис

Јужно од „Трпчева Црква“, на растојание помало од 1 км, десно од патот кој се издвојува за селото Дуње, се наоѓа една тумба на која има траги од помала населба, повторно од доцната антика. На тумбата се среќаваат фрагменти од керамички садови и градежна керамика, но и траги по карпите кои биле приспособувани за одредена намена. Локалитетот е познат како „Димов Гроб“. Името го носи по некој стар жител на Дуње, кој за време на празникот Василица шетал заедно со бабарите (василичарите). На ова место се сретнале две групи бабари и, по обичајот, се степале. Борбата прекинала со загинувањето на Димо, кој бил погребан на самото место и оттогаш тоа е нарекувано по неговото име.