ПРЕДАНИЕ ЗА СЕЛОТО МАЛЕШЕВО СО СЕДУМДЕСЕЕТ МААЛА НА ЛОКАЛИТЕТОТ „СТАРИ ЛОЗЈА“, КАЈ СЕЛОТО НОВОСЕЛАНИ, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Според преданието што го раскажува Владо Николоски, како и други жители од селото Новоселани, Прилепско, порано селото се наоѓало на еден локалитет, кој се наоѓа на околу 1 км југозападно од Новоселани, покрај патот за селото Заполжани, но таму фатила голема чума и жителите го направиле денешното село Новоселани, кое токму поради тоа го носи ова име. Старото село се викало Малешево, а локалитетот на кој се наоѓало тоа денес се вика „Стари Лозја“,а е расположен во една долина во подножјето на Ридот, заштитена со помал крак од Ридот од север. На површина од неколку ха тука излегуваат фрагменти од керамички садови, градежна керамика и сл. При орањето на нивите биле наоѓани и разни камени блокови и плочи. Според податоците од Археолошката карта на Република Македонија, на овој локалитет биле откриени и остатоци од ѕидови градени од кршен камен и варов малтер.1

Новоселани - поглед од Ридот
Новоселани – поглед од Ридот

Во соседното село Заполжани го раскажуваат следното предание:

„Мале­шево било многу големо село. Тоа имало, дури, 70 маала. Еден ден се задал некој силен и темен облак откај Ридот, вртел над него и над селото Кутле­ше­во, но се свртел накај Малешево и тогаш се слушнал некој глас, кој викал  „Врти, врти Кутлешево – удри, удри Малешево”. Така, со силни грмотевици и град мавал на селото и така го столчил со град и молњи. Така се запустило големото село Малешево, кое било многу големо, дури со седумдесет маала.“

Селото Кутлешево со дел од Ридот
Селото Кутлешево со дел од Ридот

Преданието буди асоцијација дека насел­бата од „Стари Лозја“ меѓу селата Новоселани и Заполжани била со нагласени ди­мен­зии и со особено значење.

Во Новоселани може да се слушне и една пониаква верзија за настанокот на името на нивното село. Еве што вели тоа:

„Некогаш одамна селото Новоселани се наоѓало во местото „Стари Лозја“ и се викало Малешево, но било уништено од некое силно невреме со молњи, грмотевици и град. Целосно изгорело и жителите решиле да направат куќи на друго место, односно, на местото на кое денес се наоѓа Новоселни. Новото село си останало со истото име Малешево, но по извесно време, селото повторно изгорело. Жителите, пак го обновиле на истото место, но му го смениле името и го нарекле Новоселани.“

Локалитетот „Стари Лозја“ - испустеното село Малешево
Локалитетот „Стари Лозја“ – испустеното село Малешево

Еден момент во врска со преданието во Новоселани, дека нив­ното село порано се наоѓало на денешниот локалитет „Стари Лозја“, покрај патот за селото Запол­жани, не може да не биде забележан. Факт е дека на овој локалитет има траги од населување, односно тука имало извесна населба која го зафаќала просторот во подножјето на Ридот од југоисточната страна. Белезите на фрагментите од керами­ка­та кои може да се пронајдат по површината на локалитетот укажуваат на периодот на римското владеење во Македонија,2 што значи дека населбата егзистирала во еден подалечен период. Доколку се земе дека преданието претставува извесно колективно сеќавање на населе­нието од овој дел на Пелагонија на некогашната егзистенција на насел­бата од „Стари Лозја“, тоа значи дека народното паметење про­дира мошне длабоко во минатото и тоа заслужува посебно внимание и анализа од аспект на континуитетот на народното сеќавање и континуитетот на културното живеење.

ФРАГМЕНТИ ОД АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД „СТАРИ ЛОЗЈА“