ТВРДИНА ОД МАКЕДОНСКИОТ ПЕРИОД ВО ПОДНОЖЈЕТО НА ЗЛАТОВРВ ВО АТАРОТ НА ГОРНО СЕЛО, ПРИЛЕПСКО

Високиот Златоврв со древното светилиште под него од секогаш го привлекувал вниманието на луѓето со својата магиска моќ и близината до небото кое како да го прободува со својата форма на голем заб или големо копје. Некаде во неговото подножје од јужната страна на едно помало ритче се наоѓала и една од тврдините од антиката чии оста­то­ци можат да се забележат и денес. Таа се наоѓа во близина на превојот Преслап крај стариот пат кој го поврзува Горно Село со Прилеп. Твр­ди­ната се наоѓала на околу 1,5 km пред денешното Горно Село, а само на околу 700 m од споменатиот превој. На малото ритче на кое е распо­ло­жена и денес се забележуваат остатоци од ѕидови од утврдувањето, како и од голем број градби расположени на површината на ритчето од неговата горна страна на една поголема рамнина. На целиот простор на ритчето се среќаваат фрагменти од керамички садови и покривен материјал.

Делот со тврдината на л. „Грамаѓе“
Делот со тврдината на л. „Грамаѓе“

Освен тоа на карпите на ритчето има траги и од различни делкани форми, како што се скали, ниши и др. Околу некои од поголемите карпи се забеле­жуваат траги од ѕидови што укажува на нивното вкло­пу­ва­ње во самите градби. Траги од стари остатоци има и на пошироката око­лина на локалитетот, како керамика, остатоци од преработувани руди и сл. Тоа укажува на постоење град­би и надвор од утврдениот простор, односно, на поголема површина која ја зафаќала пошироката населба. Под ритчето на кое се наоѓала тврдината се простира широка долина со зелени површини на која, според некои случајни или намерни раскопу­вања, може да се заклучи дека се кријат темели на стари градби. На некои места со раскопувањето на површина се покажале помали или поголеми камени блокови, кои, веројатно биле дел од градби во минатото. На овој простор за официјалната археологија се познати неколку пронајдени монети на антички кралеви на Македонија. Тука се монетите на Филип II (359–336 г. пр. н.е.), на Антигон Гонат (227–239 г. пр. н.е.), на Филип V (220–179 г. пр. н.е.), тетрадрахма на Персеј (178–168 г. пр. н.е.)1 и др., a ce пронај­дени и монети на посебните македонски градови како оние на градот Солун и др. Освен монетите пронајдени се и други археолошки податоци кои укажу­ва­ат на постоењето античка населба на овој простор во подолг период почнувај­ќи од античкот период на Македонија во старата ера. За жал, до денес не може да стане збор за поопстојни археолошки истражувања на локалитетот познат како „Грамаѓе“.

Интересно е дека, токму, во близина на „Грамаѓе“ се наоѓаат и неколку гробници од македонски тип изработени во карпа кои се уште една потвр­да за присуството на македонскиот период на тврдината и населбата воопшто. Некои од овие гробници се ограбени и раскопани и во поново време и на тој начин официјалната наука е лишена од можноста за продлабочени сознанија за културата на населбата и на погребувањето во ваквите гробници.

Вакви гробници, за кои археологот А. Миткоски смета дека и припа­ѓале на оваa населба, има на помалите локалитети „Грло“, „Големи Камења“ и „Тумба“2. Во близина на гробниците по околните карпи се среќаваат и други траги од длабени форми, како што се некои основи за столбови и греди, но и кружни длабнатини со мали димензии кои градат извесни форми и личат на некакви планови или древни пораки. Интересно е што слични траги се среќаваат на голем број други локалитети од пошироката прилепска околина.

Култниот Златоврв - поглед од „Грамаѓе“
Култниот Златоврв – поглед од „Грамаѓе“

Треба да се спомене и стариот пат кој доаѓа откај Прилеп и кој, веројат­но бил присутен уште во најстарите времиња поврзувајќи ја оваа населба со останатите делови на Македонија преку познатиот пат кој доаѓал преку Плет­вар и кој ги поврзувал Стоби и Хераклеја и другите населби на тој пат како што се античката населба Еуристон кај селото Дреново и Керамиа кај Прилеп. Друг пат водел преку превојот Барбарас со кој оваа населба, веро­јатно, била поврзана бидејќи просторот од таа страна е сосема отворен преку кој доаѓа еден крак од Пелаго­нис­ката рамнина. Кога сме кај меѓусебната комуникација на населбите, интересен е фактот дека на само неполни 2 км од тврдината на локалитетот „Грамаѓе“, на локалитет „Ридот“ кај селото Мажучиште се наоѓаат остатоци од уште една тврдина која содржи културни остатоци од сличен период, a има наоди и од праисторијата.3 Дали и двете населби со тврдини егзистирале во исто време? Според керами­ката и другите наоди, тоа е можно, како што е можно во исто време да егзис­ти­рала и античката населба Колобаиса на Трескавец, која се наоѓала на само 1,5 км над, овде опишуваниот локалитет, „Грамаѓе“. Сето ова оди во прилог на тезата дека во развиениот период на цивилизацијата во антиката на овој простор населбите биле во тесна меѓусебна комуникација, на многу тесен простор, и функцио­ни­рале како своевидна метропола. Можеби токму зачестените напади од север предизвикале ваква концентрација на населби и тврдини кои подразбираат и голем број жители кои ги исполнувале и ги снабдувале со војска за одбрана.

АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ И АМБИЕНТ