ПО МИТОЛОШКОТО ВРЕМЕ НА МАКЕДОНИЈА: ОСТАТОЦИ ОД НАСЕЛБА ОД ХОМЕРОВОТО ВРЕМЕ КАЈ СЕЛОТО МРАМОРАНИ, ПРИЛЕПСКО
– Според археолозите наодите на населби од бронзеното време не се многу чести. Една таква населба егзистирала на околу 8 km западно од Прилеп, во близина на селота Мало Мраморани и испустеното Големо Мраморани. Целата населба била расположена околу една голема гранитна, култна карпа, која древните жители ги привлекла со својата импозантност и мазните заоблени форми. Денес на површина од 3–4 ha се наоѓаат керамички остатоци од бронзеното време, па дури и предмети од бронза, како и траги по површините на карпите кои укажуваат на постоењето на древната населба. Целиот овој простор е деструиран со отворање рудник за гранит со што, речиси, целосно е уништен културниот слој.

Просторот околу Прилеп изобилува со карпести предели во кои поединечните карпи често претставуваат вистински споменици на природата со своите фасцинантни форми. Такви споменици на природата се и цели комплекси од карпи, како и карпести планини и врвови. Северно од Прилеп се наоѓа високиот Златоврв кој, според археолошките траги, претставувал култна планина со прастари светилишта посветени на античките богови1 на кои се надоврзало христијанското светилиште со познатиот манастир „Св. Успение Богородичино“, денес познат како Трескавец. Во неговата поблиска и подалечна околина се наодврзуваат голем број слични карпести комплекси и поединечни карпи со знаци на извесна култност во минатото. Култното третирање на некои од карпите со фасцинантни форми има автентичен континуитет и во христијанскиот период.

Интересно е дека меѓу самите карпи и околу нив често се среќаваат остатоци од древни населби, посебно од праисторијата, што укажува на фактот дека токму карпите и нивните необични форми предизвикувале фасцинација кај древните жители на овој простор и поради тоа своите живеалишта ги вклопувале во нив градејќи ги своите населби во „култен“ амбиент, околу централната култна карпа. Со тоа овие неповторливи природни споменици добиваат култни димензии и треба да се третираат и како своевидни културни споменици од особено значење за човековата култура. За жал, уште во неколкуте претходни децении голем број од карпите околу кои биле формирани праисториски населби, чии траги во разни форми можат да се констатираат и денес, се уништени со експлоатација на гранитниот камен за градба и со тоа се деструирани културните слоеви. Такви примери во околината на Прилеп има со десетици, а ваквата состојба може да се следи и на пошироката територија на Македонија. Колку културни траги се сосема избришани, уништени цели културни слоеви и значајни археолошки содржини – остатоци од соодветни ентитети од културното живеење на нашиот простор, може да биде тема за специјална анализа.

Последниве десетина години владее вистинска експанзија на уништување на компактни карпи со необични природни форми околу кои, како по некое правило, речиси, секогаш има траги и од древни културни содржини кои, со експлоатацијата на гранитот, неповратно се уништуваат, а културните институции или малку се ангажираат околу овој проблем или се немоќни било што да направат.
ТРАГИ ОД ХОМЕРОВОТО ВРЕМЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „САМОВИЛЕЦ“
На околу 8 km западно од Прилеп, десно од патот кој води за селата Мало Мраморани, Забрчани, Дупјачани и другите села од работ на Пелагонија во овој дел, во непосредна близина на запустеното село Големо Мраморани, во подножјето на малата планина „Негрее“ од јужната страна на високиот Златоврв, се наоѓа локалитетот „Самовилец“ со впечатливи остатоци од праисториска населба.2 Населбата била расположена во подножјето на долг рид, како и по неговите падини, околу една голема гранитна карпа со цврста конструкција. Карпата има издолжена елипсовидна форма и заедно со грамадноста и мазните профили го привлекува вниманието од далеку. Всушност, таа се наоѓала во центарот на бронзеновременската населба и била нејзино главно обележје.

Трагите од праисторискиот престој на жителите на населбата се забележуваат и на самата карпа, во форма на разни длабени форми по нејзината површина. Можат да се видат помали и поголеми јами за столбови и греди, форми на помали и поголеми каналчиња и сл., а вниманието посебно го привлекува една поголема ниша (камара) во самото подножје на карпата во повисокиот западен дел каде се наоѓа и поголема зарамнета земна површина на која се среќава и керамика. Керамиката е присутна на површина од неколку ха. во околината на карпата, по падините, меѓу другите карпи од околината, во некои пештерски простории и во долчињата од двете страни на карпата.

Според белезите кои можат да се сретнат на присутната керамика, односно фрагменти од керамички садови како рачки, устинки и сл. може да се констатира дека населбата на овој простор егзистирала во праисторијата, поточно во енеолитот (3500 до 2600/500 година пред н.е.) и бронзеното време (2600/500 до 1200/1100 година пред н.е.) Токму во овој период спаѓаат и настаните опишани во делата на Хомер, Илијада и Одисеја. Имено, според историчарите десетгодишната Тројанска војна се случила во XII век п.н.е., односно на самиот негов почеток (1193–1183). Тоа значи во доцниот бронзен период. Меѓу керамиката има и фрагменти со белези од постарата праисториска култура, односно енеолитот (бакарното време), а доказ за тоа можат да бидат и ретките фрагменти од орудија од камен кои, исто така, се присутни на овој простор. Сето ова укажува на фактот дека населбата егзистирала во подолг период, можеби со почеток од енеолитот, односно времето на бакарот (3500 г. п.н.е – 2600/500 г. п.н.е.) и продолжила да егзистира и во бронзеното време. На локалитетот се можни наоди и на метални предмети, пред се предмети од бронза, како игли и сл.

Населбата од локалитетот „Самовилец“ кај испустеното село Големо Мраморани, била расположена на површина од неколку хектари, како околу спомената централна карпа, така и на падините од двете нејзини страни. Остатоци од населбата, особено се присутни во близина на смата централна карпа, како и на површините северно од неа, на повеќе тераси на ридот, кои денес се, речиси, комплетно разорани од тешката машинерија при експлоатацијата на гранит. На тие делови е нагласено присуството на фрагменти од керамички садови, камени орудија, па дури и метал, а некои од карпите располагаат со помали и поголеми обработени површини, прилагодувани за градбите од праисториската населба. На повисокиот дел, на западната периферија на препоставениот простор на населбата се среќаваат и карпи со извесна симболика, која упатува на култно третирање. На ваква констатција не наведе еден од таквите објекти – подкарпа со помал кружно издлабен сад при влезот, како и нагласеното присуство на фрагменти од керамички садови во близина на влезот и во внатрешниот дел.
Населбата се простирала и на падините југозападно од централната карпа, каде денес поминува пат пробиен за пристап до повисоките делови на локалитетот. Тој дел е отворен кон југоисток, со помалку карпи во неговата околина и располага со голем број наоди на праисториска керамика, од поголеми и помали керамички садови.

Познато е дека токму од просторот на денешна Македонија во праисториските периоди имало движење на населението кон Мала Азија, и обратно. Историските податоци, но и археолошките наоди често ги потврдуваат преселбите и експанзијата на населението од овој простор,3 а кај Хомер се набележани голем број племиња кои живееле на овој дел од Балканот и кои учествувале во Тројанската војна, главно, на страната на Тројанците4 при одбраната на градот од Ахајците предводени од кралот Агамемнон. Меѓу големиот број племиња кои имале своја војска на страната на Тројанците биле и Пајонците, предводени од Пирајхме и Астеропај, а и двајцата убиени од ахајските јунаци. Прво е убиен Пирајхме од најверниот другар на Ахил, Патрокло,5 а подоцна Астеропај од самиот Ахил.6 Меѓу Пајонците кај Хомер се споменуваат и други имиња, како: Терсилох, Астипил, Мидон, Трасиј, Мнес, Ајниј, Офелест и др., сите убиени од силниот јунак Ахил.7 Пајонците, како племе познато уште од праисториските периоди живеело во долниот тек на реката Вардар и имале свои водачи и кралеви.8 Токму со ова време, можеби со споменатите Пајонци, но особено со ним сродните Пелагонци, треба да се поврзе и населбата од бронзениот период, која егзистирала на локалитетот „Самовилец“ кај селото Мраморани.
ВИНАРНИЦИ ВО КАМЕН И ДРУГИ АРХЕОЛОШКИ ТРАГИ ВО ОКОЛИНАТА НА „САМОВИЛЕЦ“

Кога сме кај бронзениот период треба да се спомене дека од овој период во Прилепско се пронајдени два праисториски мечеви. Еден во близина на денешниот рудник за мермер „Сивец“ кај селото Присад9 и еден кај старата болница во Прилеп. И двата мечеви заедно со други наоди потекнуваат од гробови – цисти. На локалитетот „Сивец“ се истражени 4 случајно пронајдени гробови од праисториска некропола, од кои само во еден се пронајдени археолошки наоди, меѓу кои, еден меч, датиран во XII век пред н.е., долг 57 cm, еден бронзен прстен и предмети од коска.10 Кај старата болница во Прилеп во 4 гроба од типот циста (градени со камени плочи) се пронајдени повеќе археолошки предмети датирани, исто така, во бронзениот период. Меѓу нив се наоѓал и еден меч од типот Erbenhajm, но за жал сите предмети се исчезнати во непознат правец, а покрај мечот се споменуваат две грниња, една бронзена фибула и железно копје.11 Археолозите ваквите археолошки наоди ги поврзуваат со периодот на т.н. Критски преселби кои се случиле околу 1400 година п.н.е., кога по пропаѓањето на критската култура со центар во Кнос, Критјаните морале да го напуштат својот остров и да се преселат. Притоа, една група Критјани под водството на извесен водач Ботон дошла во Ематија, простор кој подоцна го носи името Ботиаја и се наоѓа во околината на денешниот град Костур.12 Во бронзениот период се датираат и една урна пронајдена во рамките на стара некропола над Варош,13 едно депó со керамички садови во Варош,14 како и некои наоди околу познатиот менхир во подножјето на Маркови Кули „Слонот“, кои укажуваат на населба од бронзениот период околу оваа зооморфна карпа.

Околината на локалитетот „Самовилец“ има траги и од подоцнежните периоди од постоењето на човекот. Посебно место заземаат големиот број двојни корита во камен, кои се среќаваат на повеќе места во близина на овој локалитет. Познато е дека овие корита се користеле за гмечење на грозје што укажува на развиено лозарство во овој дел. Еден винарник, со исклучително нагласени димензии, се наоѓа на неколку десетици метри од големата карпа околу која била расположена населбата од бронзениот период, источно од неа, во близина на долчето од таа страна. Такви корита за гмечење на грозје има и на јужната страна на карпата, речиси, на самиот локалитет, а малку подалеку југоисточно од „Самовилец“ се среќаваат, исто така, корита–винарници, од кои две во близина на разрушената црква на запустеното село Големо Мраморани. Едното корито–винарник е со ретка големина, само првиот дел од него, коритото во кое се гмечело грозјето, е со должина од 4 m и ширина од 1 m. Може да се земе дека овој винарник во карпа е еден од најголемите по должина во Пелагонија и Мариово, каде што имаме добар увид на нивното присуство. Долниот дел на винарникот, односно малото корито во кое се цедел сокот од грозјето е значително оштетен, а големото корито е „пресечено” со патека по која поминувале луѓето и добитокот од околните села. Другиот винарник се наоѓа на педесетина метри југоисточно од остатоците на црквата од Големо Мраморани која, според мермерните споменици кои можат да се видат и денес, потекнува од доцната антика, односно од раното христијанство.15 На ваквите наоди се надоврзуваат и фрагментите од керамика од доцната антика, со што се потврдува дека на овој простор егзистирала населба и во тој период, а веќе е познато дека во турскиот период овде егзистирало селото Големо Мраморани, чии жители се преселиле, најголемиот број, во селото Бело Поле, на околу 10 km јужно одовде, а имотот од старото село го поседуваат жителите на с. Сенокос.

Винарници длабени во карпа има како југозападно, така и североисточно од локалитетот „Самовилец“, по падините на ридот Негрее. Два од нив се наоѓаат во потегот кон селото Мало Мраморани, на околу 50 – 100 m од централната карпа на локалитетот Самовилец, а повеќе од 5 винарници во карпа се распоредени по падините североисточно од него. Може да се констатира дека на овој простор се концентрирани исклучително голем број винарници во карпа, што укажува на развиено лозарство во овој дел од Пелагонија во некој од старите периоди на човештвото. Имајќи ја предвид праисториската населба на Самовилец, која егзистирала пред повеќе од 3 000 години, односно во бронзеното време, може да се претпостави дека дел од овие камени објекти – винарници потекнуваат од тоа време, кога лозарството била развиена гранка во овој дел од областа и им припаѓале на жителите од оваа населба.
ЛОКАЛИТЕТОТ „САМОВИЛЕЦ“ ЦЕЛОСНО УНИШТЕН СО ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА ГРАНИТ
Во последните години со сè почестото експлоатирање на гранит во импозантниот магматски релјеф околу Прилеп, се нападнати повеќе локалитети со наоди од праисторијата и подоцнежните периоди. На ваков начин е нападнат и локалитетот „Самовилец“ и, речиси, целосно е уништен, со тоа што е раскопан целиот простор околу карпата во средиштето на локалитетот, а искршен е значителен дел и од самата карпа. Притоа, во опасност се доведени и разните форми работени во карпите во старите времиња. Во раскопаниот дел меѓу карпите, со правењето на пристапни патишта до карпите за нивно експлоатирање раскопан е, речиси, целиот културен слој на локалитетот, при што на површината се извадени голем број фрагменти од керамика и друг вид културен материјал. Денес локалитетот е разроварен од тешката машинерија, деструиран со грубо пробиени и извртени патишта и исечени камени блокови од карпите. Во слична положба се наоѓаат уште голем број локалитети во Прилепско, а нивното уништување е направено во различни периоди. „Самовилец“ е само еден од големиот број локалитети кои се уништени во текот на последната деценија.
ФРАГМЕНТИ ОД АРХЕОЛОШКИ ПРЕДМЕТИ:
1 Никола Вулиќ, Прилеп, СПОМЕНИК, Српска краљевска академија, Београд 1931, 182 и 183 сл. бр. 489,490,491. Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК–Прилеп, 1981.
2 Овој локалитет не е регистриран од официјалната археолошка наука.
3 Херодот, Историја. Елеонора Петрова, Бриги и др.
4 Хомер, Илијада.
5 Исто, Рапсодија П, Патроклово одликување, 281, стихови 284 – 291.
Патрокло замафна прв со своето блескаво копје
………………………………………………………………………………………………………………………………..
та што го згодил Пирајхма, што Пајонци, коњици добри
од Амидон беше довел од широкострујниот Аксиј;
г’ удри во десното рамо та на теме овој офкајќи
падна во праот, а дружбата пајонска за него стрпна:
Патрокло заре на сите им спотерал страф, штом го убил
нихниот војвода прв, што бил најарен јунак во бојот;
6 Исто, Рапсодија Ф, Бој покрај реката, 358, стихови 140 – 183
7 Исто, стихови 209 – 211.
8 Хомер, Илијада. Херодот, Историја. Елеонора Петрова, Пајонските племиња и пајонското кралство во II и I милениум пред н.е. и др.
9 Благоја Китаноски, Прилеп и прилепско низ историјата, 28.
10 Исто.
11 Исто, 27,28.
12 Викторија Соколовска, Етничките носители на требенишката некропола, Музеј на Македонија – Скопје, Македонија Прима – Охрид, Скопје – Охрид 1997, 65.
13 Благоја Китаноски, Еден прилог за бронзеното време на Пелагонија, МАА, 1987, 31.
14 Благоја Китаноски, Праисториско керамичко депó во Варош, МАА, бр. 6, 21.
15 Блага Алексова, Виктор Лилчиќ, Ранохристијанските цркви во Македонија, Македонско наследство, бр. 5, Скопје 1997.