РАСКОШОТ И ПУСТОШОТ НА ЦРКВАТА „СВ. БОГОРОДИЦА“ ВО СЕЛО ФАРИШ, КАВАДАРЕЧКО

(Пример за нашата неспособност или малодушност)

Селото Фариш
Селото Фариш

Селото Фариш се наоѓа на околу 35 км североисточно од Прилеп, околу 20 км западо од Кавадарци, десно од патот Прилеп – Скопје и припаѓа во општина Кавадарци. Сместено меѓу ридовите кои се спуштаат од планината Бабуна кон југ, во областа Раец, од патот Прилеп – Скопје, до него се доаѓа по, релативно одржан земен пат. Се работи за, скоро, испустено село, во кое живее уште некое семејство, кое се занимава со сточарство и по некој повратник, кои на ваков или таков начин, барем засега, успеваат да одржуваат определена културна димензија на ова населено место. Некогаш селото броело и до 500 жители (околу 1900 година) и токму со тоа време е поврзана и изградбата на замашната градба на црквата „Св. Богородица“ , која се наоѓа во рамките на гробиштата, на околу 300 м југозападно од селото.

Црквата и камбанаријата од источната страна
Црквата и камбанаријата од источната страна

Вистинско изненадување е средбата со овој христијански храм, обраснат во пониска и повисока дабова шума, разновидни џбунови, чалии, капини, шипје и високи треви.  Соочувајќи се со големиот број разрушени градби на стрмната падина на Фаришка Река, на нејзиниот лев брег, на кој е сместено селото и со големата камена, еднокорабна градба на црквата, со насликан западен ѕид од надворешната страна и со преполните со слики внатрешни ѕидови, ќе бидете вистински ставени во недоумица од таквиот раскош и културна полнотија. Во исто време, ќе се соочите со чувство на длабоко разочарување, на немоќ до револт, од пустошот и распадот на толкаво богатство создавано со невидена љубов и верба, со невидена внимателност и трпение, но и вложување на вистинско богатство од страна на жителите на ова село, само пред век и неполна половина – црквата, според извесни натписи во неа потекнува најмалку од 1873 година. Ќе се запрашате, дали сме денес толку немоќни, без материјален капацитет, без системски издржан концепт, без духовна сила и верба, но и без соодветна свесност да зачуваме дела во кои своја пот и крв вложиле, не толку дамнешни наши претци и своја умешност и љубов вложиле драгоцени мајстори и уметници на едно минато време.

Црквата од северната страна
Црквата од северната страна

Освен комплетно исликаните ѕидови во наосот и олтарот,  украсени се и столбовите, капителите, прозорците и целата внатрешност, секој дел од внатрешните површини, без да биде оставено и мало делче од внатрешната фасада без украсување, а големиот иконостас е полн ос икони од поголем или помал формат. И …, за жал, сето тоа во катаклизмична состојба, со распаднати делови од сводот, кој бил направен од ламперија, со откорнати делови од живописот, со голем број други внатрешни делови во распад, тука, пред вашите вџашени очи и пред вашиот збунет ум од контраверзната глетка.

ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИСУСТВО НА ПОЗНАТИ ЗОГРАФСКИ ТАЈФИ

Од неколку мали натписи на иконите и на живописот од повисокиот дел на ѕидовите, се забележуваат најмалку две имиња на македонското фрескосликарство од деветнаесетиот век, од познатата Дебарска или Мијачка школа. На левиот влез во олтарот, на вратничаката на која е наслика св. Архангел Михаил, во концептот на раскошниот иконостас, се среќава името на Никола Крстев од Лазарополе и годината на неговиот престој во црквата, 1880. Натписот се наоѓа во долниот дел на вратничката, во висина на нејзината втора четвртина, во нејзиниот средишен дел, и во него се вели:

Оваа икона ја приложи Јован, Неда, Силјан, Стојанка, Ангеле да им е напомош.

1880: Април = 18 г, Зуграф Никола Крстев од Лазарополе.

Иконата со св. Архангел Михаил од Никола Крстев
Иконата со св. Архангел Михаил од Никола Крстев
Натпоисот со името на Никола Крстев од Лазарополе
Натпоисот со името на Никола Крстев од Лазарополе

Веројатно е дека Никола Крстев бил еден од тајфата, која работела на иконопиството, но и живописувањето и уредувањето на внатрешниот дел на црквата. Малку знаеме за овој живописец и црковен уметник, но се знае дека се родил во Лазарополе, мијачко село во Дебарско и има претпоставки дека е син на Крсте Лазарополски, кој еден од преродбенските градители и архитекти, претставник на Дебарската уметничка школа. Дело на Никола Крстев, според документиран натпис, е фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Лазарополе. Во подоцнежниот период, среќаваме и еден живописец Крсте Николов, кој заедно со неговиот син Рафаил и Димитар Донев, околу 1919 година, работат во црквата „Св. Атанасиј“ во селото Радиовце. Веројатно е дека се работи за потомок на Никола Крстев, кој го носи името на нивниот најстар предок, Крсте Лазарополски.

Второто име се споменува на еден помал натпис од повисоките делови на живописот во црквата „Св. Богородица“ во Фариш, на северниот дел блиску до сводот, на една интересна претстава составена од два дела – едниот „Христос ги буди апостолите од сон“ и другиот, „Молитва Христова“. Во левиот агол на оваа слика стои натпис:

Из руки Петре Дебранец

От село Тресоче

                                                                              1873.

Фрескоживопис со натпис на кој се споменува Петре Дебранец
Фрескоживопис со натпис на кој се споменува Петре Дебранец

 

Натписот со името на Петре Дебранец и година
Натписот со името на Петре Дебранец и година

         

Зографот Петре од Дебар, исто така, е малку познат од литаратурата. Веројатно е дека се работи за зографот Петар, кој потекнува од родот на семејството Ангелковци од село Гари, Дебарско. Значи, уште еден претставник на Дебарската, односно Мијачката школа, која е една од најпознатите во Македонија и нашироко позната на Балканот. Семејството Ангелковци со зографство се занимавало во 18 и почетокот на 19 век. Нивниот родоначалник е Ангелко, кој имал син Петар. Двајца синови на Петар, Спас и Доне (Андон) Петрови им го пренесле своето знаење и дарба на нивните потомци, кои работеле во Струмичко, Кавадаречко, Прилепско, во Мариово и на други места. Веројатно е дека, токму, од оваа тајфа потекнува и Петре Дебранецот, кој работел на фрескоживописот и се потпишал во црквата „Св. Богородица“ во селото Фариш, Кавадаречко. Сосема е веројатно дека тој тука работел заедно со претходно споменатиот Никола Крстев од Лазарополе, кое е соседно село на Гари, но ваквата констатација треба да се земе со резерва, бидејќи македонската зографска слика е преполна со претставници, особено од времето на преродбата.

На разни места на живописот, како и на големиот број икони во црквата во Фариш, се среќаваат голем број натписи, па можно е да се сретне и уште некој потпис од зографите и резбарите кои работеле на нејзиното уметничко украсување. Инаку, особено е голем бројот на натписи кои упатуваат на жители на селото, кои донирале во уредувањето на црквата, како на ѕидното сликарство, така и на иконите.

КОМПЛЕТНО НАСЛИКАН И УКРАСЕН ЕНТЕРИЕР

                Уште при првиот пристап до црквата, се забележува дека бил насликан и западниот надворешен ѕид, каде е претставено Второто доаѓање Христово, односно, Страшниот суд, но денешната состојба на овој дел од фрескоживописот е многу лоша и можат да се забележат само неколку избледени слики и композиции. Не е многу подобра и положбата во внатрешниот дел на црквата. Распаднат таван, распаднати делови од иконостасот, распаднати фрагменти од живописот по подот, како и оштетени и избледени цели композиции. Тоа е резултат на долга запоставеност на црквата, како на нејзиниот внатрешен дел, така и на нејзината архитектура, особено покривот. Пред неколку години, жителите на селото и оние по потекло од него, успеале да го обноват покривот со салонитни табли, па со тоа е направена извесна заштита и зачуван дел од сликарството и резбарството. Така, некои композиции успеале да се одржат до денес во, релативно, добра состојба. Таква среќа имале Раѓањето Христово, Сретението Христово, Враќањето на Лазар од мртвите, Свето преображение, Ангел му се јави на Захарија во олтарот, Вознесението Христово,  композицијата Христос ги буди апостолите од сон и Молитвата Христова, Цветоносната недела, Тајната вечера и некои други помали делови. Некои од помалите слики, во определени заштитени места на ѕидовите, исто така, се зачувани и даваат можност за анализа и вреднување на живописот. Особено е избледен живописот од пониските делови на ѕидовите, како на јужниот, така и на северниот ѕид. Таванот е во сосема лоша состојба, речиси, половина пропаднат и пред целсот распаѓање, на него е претставено ѕвезденото небо, со вообичаенте претстави, како што е Христос седржител и Богородица ширшаја, комбинирано со разновидни украсни елементи. За жал, токму сводот на ентериерот е во полуразрушена состојба и многу негови ликовни претстави се уништени.

Оштетен (избледен) живопис 2
Оштетен (избледен) живопис 2
Оштетен (избледен) живопис
Оштетен (избледен) живопис

Квалитетот на живописот е вообичаен и карактеристичен, по ликовниот израз и естетиката, за втората половина на деветнаесетиот век. Биле употребувани бои, кои и денес се одликуваат со свежина, но без особено нагласена драматика и психолошка димензија на ликовите, а особено е забележливо едноставното, но издржано и сразмерно прикажување на фигурите на светците, без многу украсувања и детали на облеката. Впечатокот го зголемува големиот број содржини во внатрешниот дел на црквата, како раскошниот простор по ѕидовите, кој е комплетно исполнет со фрескоживопис, така и големиот број разновидни прикази и украсувања на деловите од архитектурата, украсувањето на столбовите, капителите, разновитните предмети и реквизити, кои, за жал, се наоѓаат во голем неред, по аглите на просторијата или расфрлени во некои нејзини делови.

РАСКОШНИОТ ИКОНОСТАС  И НАШАТА МАЛОДУШНОСТ

                Посебно внимание привлекува раскошниот иконостас, редок по димензии, комплетно опремен со икони, и тоа, еден ред во основата и уште два реда помали формати во повисокиот дел. За нивниот квалитет е потребен посебен ангажман, особено на соодветни стручни лица. За разлика од ѕидното сликарство, за кое рековме дека не изобилува со особен детализам, иконостасот како да го добил комплетниот третман и остава силен впечаток со комплетниот ликовен израз. Може да се каже дека на него е прикажано поголемо мајсторство и покомплетна обработка на секој детал, заедно со големиот крст со Христовото распетие на наговиот највисок дел, кој е поставен на основа од два змеја, поставени на нозе, свртени еден кон друг и допрени со главите, а уште по еден од двете страни во продолжение, поставени на грб и со по една икона во устата. Ликовниот израз на иконите е на повисоко ниво од оној на ѕидното сликарство и забележливо е дека при нивната изработка мајсторите посветувале поголемо внимание, како на психолошкиот израз, така и на деталите при украсувањето. Наш впечаток е дека сличен иконостас поретко може да се сретне, дури и во населени места кои располагале со многу поголемо жителство.

Во вкупниот ентериер, посебно естетско место имаат столбовите, кои ги има по два реда од двете страни на наосот, целосно украсени со флорални мотиви, а посебно внимание му било посветено на капителите и елементите над нив, кои силно го привлекуваат вниманието, украсени со листовидни, грановидни и цветни форми со бои со нагласена живост и веселост, кои не доближуваат до рајскиот амбиент.

Од еден натпис на јужниот ѕид се забележува дека оваа црква била под извесен надзор на надлежните институции во државата. Таму, десно од јужниот влез има натпис со црвена боја, кој упатува на извесна посета на стручна екипа во 1972 година. Тогаш се правело регистрирање на овој споменик на култура и, веројатно, регистрирање на големиот број икони. Веројатно е и дека црквата тогаш била во многу подобра форма. Оттогаш до денес наближува половина век и, слободно можеме да се запрашаме, има ли надеж за ваквите објекти, кои ја изгубиле некогашната активна димензија и останале ретко посетувани и без можност за соодветен третман за заштита на нивните непобитни културни, уметнички и верски вредности. Црквата „Св. Богородица“ во селото Фариш е вистински споменик на едно време, преполна со вредности, но изложена на распад и пустош. Јасно е дека во селото нема потенцијал за нејзиното зачувување, иако желбата за нејзино враќање во полна форма и отргнување од „челуста“ на ништавилото е нивна голема желба. Да се надеваме дека еден ден таа тоа и ќе го доживее, бидејќи со ликовното, архитектонското, историското и документарното богатство кое го поседува, тоа и го заслужува. Немаме ли способност за таков третман или малодушноста зафатила длабок корен во нас?