ИЗВОРИ И ИСТРАЖУВАЧИ НА ИСТОРИЈАТА И КУЛТУРАТА НА МАКЕДОНИЈА
Има еден момент од проучувањето на македонската историја и култура од предантичкиот и античкиот период на Македонија кој во најмала рака звучи симптоматично. Значителен дел од писателите од антиката кои пишувале за македонската историја и култура, за големите и помалите македонски градови, како и за митологијата на овој простор за нас се загубени1 веројатно засекогаш бидејќи нема никаква трага од нив или има мали остатоци пренесени преку делата на подоцнежните автори. Голем дел од нив се однесувале на македонската историја и култура пред времето на Александар III Македонски и неговиот период, периодот на македонската независност и развиена државност и култура во кој таа одиграла голема улога на Балканот и целиот свет. Значителен дел од старите дела за Македонија се насловени како „Македоника“, а македонскиот истражувач на културните остатоци од древноста на Македонија од Охрид М. Димица наведува 14 автори2 кои пишувале исклучиво дела за древниот период на Македонија.


Всушност, самиот наслов на овие дела укажува на фактот дека тие имале нагласен етнографски каракатер, а веројатно, содржеле големо богатство од податоци за древната историја и култура на Македонија, за животот на Македонците, за нивната држава и нејзиното уредување. Меѓу писателите имало и голем број Македонци што е посебно значајно. Од нив, меѓу најпознатите се смета Теаген3 кој е споменуван од подоцнежните истражувачи на македонската култура и историја, посебно од Стефан Византиски. Се смета дека делото на Теаген се однесувало на најстариот период на Македонија се до IV век, но не е познато кога живеел. Дела со наслов „Македоника“ напишале и двајца автори со име Марсие, од кои едниот бил врсник на Александар III Македонски, потекнувал од македонската престолнина Пела и бил пријател на самиот Александар. За другиот писател со име Марсие не е познато кога живеел, но се знае дека потекнувал од градот Филипи. Следуват неколку други автори од најстарите периоди на антиката кои пишувале исклучиво за Македонија чии дела не се зачувани. Меѓу нив се Балагро, Лукил од Tap на Крит, Христодор од Копт во Египет и др. Балагро напишал Македонска историја, додека Лукил од Tap кој живеел во I–II век на нашата ера, според информациите, нашироко пишувал за Тесалоника (Солун). Од Христодор е познато како наслов делото „Патриа Тесалоника“, а времето во кое живеел е периодот на владеењето на императорот Атанасие (491–518 н.е.)4.
Сите споменати дела како и многу други се познати само како наслови, а нивните драгоцени содржини се одамна загубени за нас.
За македонската историска топографија, етничкиот состав на населението кое живеело на денешната територија на Македонија податоци се среќаваат уште во најстарите дела од Балканот, како што се делата на Хомер, Хесиод, мудрецот Солон, трагичкиот поет Ион, историчарот Тукидид, големиот атински говорник Демостен, поетите Терпандар, Алкман, Пиндар и други кои во своите дела споменуваат области, места и настани од просторот на Македонија. Во нив посебно место има областа Пиерија5 која се наоѓа веднаш под Олимп, планината која се сметала за седиште на боговите на чие чело бил врховниот бог Ѕевс (Зевс). Тука се и реките Аксиј (Вардар), Стримон (Струма), Халиакмон (Бистрица), Лидијас и др. Податоци за постоењето на Македонија уште во најстарите векови на античка цивилизација се среќаваат и кај големите антички трагичари Еврипид, Софокле и др.
За просторот и остатоците на културата за кои овде станува збор податоците кај старите антички писатели се доста оскудни. Сепак, кај некој антички иисатели меѓу кои и Страбон, Ливиј, Полибиј, Аријан и др. се среќаваат некои податоци за населбите и комуникациите од околината на Прилеп. Од подоцнежните автори познати се Хиерокле6, Стефан Византиски и др. Посебно значајни се т.н. итинерарии на кои се опишани важечките патишта и магистрали, како и станиците преку кои поминувале. Од нив најпозната е т.н. Табула Поитингериана која ги содржи сите поголеми патишта кои воделе низ Македонија и поврзувале различни помали и поголеми населби низ неа во античкиот период. Низ Македонија поминувала и една од главните антички сообраќајници на античкиот свет Via egnatia која е забележана во сите итинерарии од тоа време. Од забележаните станици на античките итинерарии позната е и станицата со име Керамиа која археолозите, главно, ја идентификуваат со античкиот град на просторот на Маркови Кули со Варош и Заград7 каде што се среќаваат голем број остатоци од античко време.
Од XI и XII век значајни се повеќе автори во чии дела се среќаваат податоци за Македонија меѓу кои Јован Скилица и Јован Зонара, а од XIII и XIV век Грегор Кантакузен, Константин Порфирогенит и др. Во современиот период почнувајќи од XIX век во Македонија истражувале поголем број странски археолози и научници, како што се Леон Хејзи8
, П. Пердризе, Кун, Хан и др., а за македонската географија и спомениците од антиката посебно е значаен охриѓанецот Димица9 кој целиот свој живот ја истражувал македонската историја и култура. Во своите новинарски и истражувачки текстови голем број податоци оставил и Јордан Хаџиконстантинов–Џинот кој на својствен начин се осврнува на сегменти од минатото на Прилеп, манастирот Трескавец и Варош. Голем број од културните остатоци на прилепскиот простор регистрирал и Георги Трајчев во почетокот на минатиот век во своите дела за прилепскиот крај во кој долго време работел на полето на образованието. Значјни се и пишувањата на македонскиот револуционер Ѓорче Петров објавени во неговата книга „Материјали по изучуванието на историјата на Македониа“.
Истражувањата вршени од археолозите на просторот на Прилеп и неговата околина започнале уште во првата половина на минатиот век, а од истражувачите посебно се познати и цитирани од авторите Никола Вулиќ, Александар Дероко10 и други. За културата на овој простор пишувале и повеќе други автори од Србија, Бугарија и други места. Co развојот на институциите од областа на музеологијата и заштитата на спомениците на културата во Македонија интензивирани се и археолошките истражувања на дел од локалитетите од околината на Прилеп. Овде треба да се споменат Народниот музеј на Прилеп, како и Институтот за истражување на старословенската култура. Поголеми археолошки зафати се направени посебно на локалитетот Маркови Кули и во Варош, на локалитетот кај селото Дебреште, на Трескавец и на некои други места. Локалитетот Маркови Кули, речиси континуирано се истражува во периодот од 1959 до 1990 година со што се постигнати забележителни резултати посебно во расветлувањето на средновековниот период на овој простор. Истражувачите од Прилеп и Полска констатираат дека Маркови Кули претставува комплексен локалитет со остатоци на култура која започнува уште во каменото време11. Сепак, целта на истражувањето е главно расветлувањето на средновековниот период што веројатно има одраз на третирањето на културните остатоци од другите периоди кои опфаќаат повеќе милениуми време. Наодите од постарите периоди се повеќе случајни и останале, главно, без заслужената анализа. На тој начин можноста да се дојде до големото богатство на материјалната и духовната култура која овој простор ја крие од постарите периоди е пропуштена, а овој локалитет и понатаму останува предизвик за идните археолози.
За убикацијата на многу градови од минатото и регистрирањето на остатоците на населбите посебна заслуга имаат археолозите Иван Микулчиќ и Виктор Лилчиќ со своето неуморно работење на теренот дополнето со мерење и цртање на планови на тврдините на просторот на Македонија. Објавувајќи ги своите трудови тие зад себе оставаат голем број сознанија за културните остатоци од минатото на Македонија кои, меѓу другото, се и основа за натамошно истражување.