„ПАЛАТИЦА“ – ФАСЦИНАНТЕН ЛОКАЛИТЕТ СО НАСЕЛБА ОД ПРАИСТОРИЈАТА И РАНАТА АНТИКА КАЈ СЕЛОТО ШТАВИЦА
Овој локалитет крие неисцрпно богатство археолошки предмети и симболика од пелагонската култура

Еден од највпечатливите локалитети во атарот на селото Штавица, со значајни културни содржини, специфично име и импозантен објект во карпа, е локалитетот „Палатица“, кој се наоѓа на околу 200 m западно од селото. Во неговиот центар се наоѓа една фасцинантна тумба со огромна гранитна карпа на врвот, која има фасцинантни профили, особено од југоисточната страна. Со своите димензии, со специфичните бои на предниот профил, како и необичната форма која ја гради заедно со неколкуте земни тераси од северната страна, карпата претставува вистинско обележје на тој дел од просторот.


На површината на карпата можат да се видат голем број интервенции од човек, во разни форми и разни димензии. Нив најмногу ги има на југоисточниот профил, кој во основата има една голема закосена карпеста тераса со најмалку 12 длабени јами во форма на обратен конус и со исклучително мазна обработка. Слични конусоидни јами со мазни ѕидови се среќаваат и на други локалитети, во сличен сооднос со одредени објекти во карпа и други содржини од културен карактер. На вертикалниот профил на карпата можат да се видат голем број канелурести форми, поголем број правоаголни задлабувања кои укажуваат на древна конструкција поврзана со карпата, како и две квалитетно издлабени алки на височина од околу 2,5 m, кои служеле за врзување или обесување на некакви предмети или слично.
Во подножјето на карпата има слој на набиена глинеста земја низ која можат да се сретнат бројни фрагменти од керамички садови, антропоморфни фигури и сл. Еден фрагмент од мала женска фигура од печена земја е пронајден во самото подножје на карпата, а уште еден таков фрагмент, со малку поинаква форма, е пронајден нешто понастрана од карпата, но во нејзина близина. Покрај карпата, често се појавуваат фрагменти од садови – жртвеници од керамика со специфични украсувања, како и други видови керамика. Овие културно–цивилизациски траги, како и другите археолошки остатоци од минатото, кои се среќаваат во непосредна близина на карпата и во пошироката околина, даваат силни индиции дека се работи за исклучително значаен објект во минатото, кој служел за извесни култно–религиски и оштествени активности. Од долгиот културно–цивилизациски третман на карпата останале голем број траги, како на нејзиниот преден, југоисточен дел, така и на нејзината задна страна, североисточната. На оваа страна можат да се видат голем број правоаголни и кружни форми со разни димензии. Додека на повисокиот дел се среќаваат длабени форми со помали димензии, во подножјето на карпата има правоаголно обработени делови со ширина поголема и од 1 m и длабочина од 0,5 m. Тие, веројатно, се извесни ниши, резервоари и форми за поставување дополнителни конструкции од градби кои се наоѓале до самата карпа.


Може да се констатира дека керамиката што се наоѓа на површините, во непосредна близина до карпата е претежно праисториска, односно од енеолитот и бронзената ера, а во пониските површини околу карпата, во нивите од северната и западната страна, како и на падините од југоисточната страна, се среќаваат големи количества, главно, фрагменти од керамички садови, покривна и градежна керамика од раната антика и подоцнежните периоди. Освен керамиката не се исклучени ниту предмети од метал, бронза, железо и сл. Локалитетот е многу често посетуван од трагачи по археолошко богатство, особено трагачи по монети, кои тврдат дека на површината на локалитетот се наоѓаат и монети на македонските кралеви од раноантичкиот период. Монети од македонските кралеви се констатирани и од официјалната археологија. Констатирани се наоди на македонски и грчки монети од бронза.34


Едно предание кое се раскажува од страна на месните жители дека, погореспоменатите длабени алки на лицето на карпата, биле дел од некаква стара кланица во која се колеле волови и друг вид добиток, потсетува на ритуалното колење бикови во праисторијата и антиката за што говорат археолозите, историчарите, етнолозите и антрополозите. Оваа фасцинантна карпа располага со голем број белези на својата површина, како и голем број аргументи од нејзината околина, што укажува на тоа дека таа е објект кој во некое далечно минато имал особено религиско, но и општестевно значење на населбата чии остатоци ги среќаваме во нејзината околина. Всушност, карпата е средиште на жива култно–религиска и општествена активност во праисторијата и раната антика и со знаците и според симболиката на самата карпа, по површините на карпите од нејзината непосредна околина, како и според симболиката на керамиката од непосредниот простор таа претставувала своевидно светилиште во споменатите периоди.


Тумбата „Палатица“, која со своето име упатува на постоењето на некоја стара „палата”, на ова место, и денес има „култен” изглед. Со својата форма и доминантноста над околниот простор таа го привлекува вниманието, речиси, на секој минувач. Во нивите околу тумбата се наоѓаат и антички монети, што го привлекува вниманието на дивите копачи, кои често се присутни на овој локалитет. Според археолозите, од овој локалитет потекнуваат неколку раноантички, македонски и грчки монети од бронза.35
ОБРАБОТЕНИ ФОРМИ НА ЈУЖНИОТ ПРОФИЛ НА „ПАЛАТИЦА“
СИМБОЛИКА НА ЈУЖНИОТ ПРОФИЛ
КУЛТНАТА ТЕРАСА
АРХЕОЛОШКИ МАТЕРИЈАЛ
1. Праисториска керамика и камени орудија:
ФРАГМЕНТИ ОД ЖРТВЕНИЦИ:
ФИГУРИНИ:
КАМЕНИ ОРУДИЈА И ОРУДИЈА ОД КРЕМЕН:
Керамика со украсување и без украсување:
АНТИЧКА КЕРАМИКА:
ТЕГОВИ ОД КЕРАМИКА:
34 Археолошка карта на Република Македонија
35 Исто.
