КАМЕНИОТ СЛОН КАЈ ПРИЛЕП – СПОМЕНИК ОД ПРАИСТОРИЈАТА

Еден од најинтересните експонати на прилепскиот релјеф – објект во камен кој, веројатно, илјадници години го фасцинира човекот од неговата поблиска околина, но и од поширокиот свет, е т.н. „Камен Слон“ или (за некои) „Камен Штрк“ или друг вид птица. Во Прилеп, главно, е познат како „Слонот“. Што, всушност, претставува овој објект?

Северозападен профил
Северозападен профил

Целиот локалитет Маркови Кули кај Прилеп, всушност, претставува комплекс од голем број карпи со разновидни големини и разновидни форми кои, заедно, се дел од исклучителниот прилепски релјеф од вулканско потекло, чија старост се мери со повеќе стотици милиони години.1 Карпите со исклучителни форми, кои градат импозантна конфигурацијата на целиот рид Маркови Кули, започнуваат уште од самото подножје со една од најфасцинантните и најпопуларни карпи, наречена и позната, главно, како „Слонот“. Таа со својата специфична форма и денес претставува вистинска атракција за луѓето кои ја посетуваат и посебно обележје за прилепската околина. Слонот од камен над Прилеп е познат и пошироко во светот преку енциклопедијата „Верувале или не“ на светски познатиот истражувач Роберт Рипли, за кого оваа карпа претставува чудо на природата. Дали е само чудона природата? „Камениот слон“, кој се наоѓа на највисокиот дел од помало ритче во источното подножје на Маркови Кули, е висок околу седум метри2 и, по некоја чудна случајност, е поставен на природен постамент со кого не е во компактност, туку претставува засебен монолит, одвоен од подлогата со ерозија, но сепак стабилно поставен на неа. На тој начин тој претставува своевидна камена скулптура, поставена на сопствен постамент кој, од своја страна е, речиси, со хоризонтална површина. Самиот монолит на својата површина имазабалежливи делови со специфични интервенции и обработени делови, дело начовечка рака.3 Тоа упатува на фактот дека оваа фасцинантна карпа имала особено значење во духовниот и материјалниот живот на жителите на древната населба расположена на ридот Маркови Кули, Варош и Заград.

Југоисточен профил
Југоисточен профил

Во постарите културни периоди, како што се неолитот, енеолитот и бронзеното време, оваа исклучителна карпа, веројатно била објект на нагласено обожување, како објект со божествено потекло, дом на моќни божества, околу која се одигрувале разновидни процесии и ритуали за придобивање на милоста на натприродните суштества, кои владееле со природните сили и духовниот свет. Дел од големиот број издлабени правоаголни и трапезоидни објекти, веројатно претставувале своевидни садови (реципиенти), кои служеле за дамнешните култно-религиски активности. Ова, особено, важи за трите такви садови од северната страна на објектот, кои биле изработени во негова непосредна близина, а до нив води карпеста патека, која тргнува од самото подножје на ритчето на кое се наоѓа „Слонот“. Дека околу оваа карпа се развила населба во бронзеното време потврдуваат и археолозите, но присуството на разновидни археолошки материјали, меѓу кои и такви кои потекнуваат од постарите периоди, може да се констатира дека карпата има многу старо култно потекло.

Северозападниот профил со фрескоживопис
Северозападниот профил со фрескоживопис
Живописот - остатоци
Живописот – остатоци

Фактот дека планинските врвови, особено оние со нагласена природна естетика и фасцинантна форма, како и карпите со фасцинантни форми и специфични естетски особини, биле третирани како места на божествено присуство, како „домови“ на божествата,4 потврдено е од античките автори, како и од научното истражување во областа на археологијата, историјата и етнологијата. Камениот слон кај Прилеп, совршено се вклопува во оваа божествена естетика, а култните белези, кои можат да се проследат и денес, го потврдуваат таквиот третман на овој објект. Неговата зооморфна форма, како и разновидните интервенции од различни времиња не упатуваат на ваква констатација. Тоа се неколку своевидни ниши, разни обработени форми во неговата непосредна карпеста околина, па дури и извесна симболика со врежување.5

Камена патека до објектот
Камена патека до објектот
Три издлабени садови од источната страна
Три издлабени садови од источната страна

Имајќи предвид дека околу карпата „Слон“, која неретко е нарекувана и штрк, се наоѓа цела некропола од гробови од древни времиња правени во карпестите површини околу неа,6 заклучокот дека таа била своевиден култен објект околу кој се случувале бројни култни процесии од различна природа го прави сосема природен. Такви гробови се наоѓаат, речиси на целата карпеста површина околу менхирот, иако голем број биле уништени со експлотација на камен од ритчето на кое тој е поставен. Освен уништувањето на изработени објекти од блиската околина на овој праисториски споменик, забележливи се груби интервенции и на самиот менхир, особено од јужната страна, од која насилно бил одземен поголем дел од него и со тоа е изменета и неговата форма, како и автентичните профили од таа страна. Токму затоа, забележливи се неправилните и груби профили од југ и од исток, во споредба со рамните, па и измазнети профили од запад и север. Од северната страна, иако делумно оштетени, има појава на профили со вертикални линии и прави агли, а најсочуван е профилот од западната страна, кој му дава на објектот вистинска естетика на менхир со зооморфна форма, надополнета со своевидна симболика, природна ликовност и фрескоживопис од подалечното минато. И од оваа страна, при основата, во висина од околу 2 м се забележува интервенција од погруб карактер, која потекнува од поновите векови.

Издлабените садови од источната страна
Издлабените садови од источната страна
Правоаголна форма на објектот од северозапад
Правоаголна форма на објектот од северозапад

Освен наведените елементи по површината на малата тумба на која се наоѓа карпата „Слон“ се наоѓаат и остатоци од керамички садови од различни времиња од праисторијата до денес, како и траги од друг градежен материјал што упатува на евентуални остатоци од некакви стари градби во близина на оваа култна карпа.7 Посебно е впечатлива површината од околу половина м на повисокиот дел од објектот, во близина на „вратот“, на која има остатоци од фреско живопис. Од таа страна води и пат кон северните делови на кулите и продолжува кон манастирот Трескавец. Фреската е на височина од околу 3,5 м. Постарите жители на Варош истакнуваат дека пред извесно време нејзиниот лик добро се познавал и дека тој ја претставувал св. Богородица.8

Не треба воопшто да се сомневаме дека „Слонот“ претставува еден од најимпресивните менхири намакедонскиот простор, а фактот што се наоѓа на локалитет со остатоци од населба од бронзеното време, во близина на локалитети со остатоци и од постара култура (неолитот) не упатува на исклучителната потреба од негова заштита од каква било узурпација и оштетување. Оттука, сметаме дека некои поголеми зафати и интервенции на просторот на кој се наоѓа се направени без соодветна нализа и соодветно научно и стручно промислување.

Грубо изработена вертикала на северозападниот профил
Грубо изработена вертикала на северозападниот профил
Обработени форми на објектот
Обработени форми на објектот

На крајот мораме да заклучиме дека овој објект не треба да се третира само како споменик на природата или своевидно природно чудо, туку и како вистински културен објект, кој имал исклучително култно, културно и општествено заначење во постарите периоди на културата на овој простор. Сите досегашни сознанија и постоечката симболика, како и другите елементи поврзани со објектот упатуваат на неговото култно значење, со различен култно-религиски третман, се до средниот век, кога околу него, како на карпестиот дел, така и во поодалечените земни тераси се развила голема некропола, од гробови издлабени во карпестите површини и гробови од типот циста (од камени плочи). Значи овој објект, во подлабокото минато бил своевиден свет објект, посветен на некое од праисториските и античките божества и служел како центар на општествено живеење, а во средниот век, повторно со култна димензија, надополнета со христијански живопис, бил средиште на голема некропола од градот Прилеп. На своевиден начин, овој објект, не престанува да ги привлекува и возбудува духовите и на денешните луѓе, не само од неговата најблиска околина туку и пошироко во светот.

Извесна врежана симболика од источната страна
Извесна врежана симболика од источната страна
Главата на објектот од југоисток
Главата на објектот од југоисток

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Димензии:

висина: 7 м

ширина во подножјето:

– западната страна 4,50 м

– северната страна 2,50 м

карпа постамент

– висина: од 0,90 до 1,22 м

живопис:

– висина на куполестата форма 0,80 м

– ширина во долниот дел 0,60 м

 

Археолошки материјал од непосредна близина на Камениот слон:

 

Камени орудија - фрагменти
Камени орудија – фрагменти
Орудија од кремен - фрагменти
Орудија од кремен – фрагменти
Фрагменти од бронзениот период
Фрагменти од бронзениот период
Од античкиот период и средниот век
Од античкиот период и средниот век
Разновиден археолошки материјал
Разновиден археолошки материјал

 

Поглед на камениот објект од разни страни:

1 Проф. д-р Симеон Јанчев,Анализа на физичко-географските карактеристики на споменикот на природата, „Маркови Кули“,Варош, Прилеп, ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, Скопје 2008, 13 и 14.

2 Тренчо Димитриоски,Камени богови, Ризница – Прилеп, Прилеп 2013, 162.

3 Исто. Тренчо Димитриоски,Древна цивилизацијаI– археологија, преданија, митологија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 31 и 32.

4 Види: Роберт Гревс,Грчки митови. Павзанија,Водич по Елада. Херодот,Историјаи др.

5 Тренчо Димитриоски,Древна цивилизацијаI…, 31 и 32.Тренчо Димитриоски,Камени богови, 160 – 162.

6 Тренчо Димитриоски,Древна цивилизацијаI…, 31 и 32.

7 Исто.

8 Исто.

9 Тренчо Димитриоски,Камени богови, 160 – 162.