СВЕСНО ИЛИ НЕСВЕСНО, ЕДНИ ГО ОТПЛАЌАМЕ РОПСТВОТО, А ДРУГИ СЛОБОДАТА

Коментар:

Во овој свет се е взаемно, едно во врска со друго, едно зависно од друго – систем. Во системот нема слобода, има обврски, одговорности, функции и ангажмани. Секој што влегува во системот станува дел од него и со тоа добива одреден статус. Со други зборови, влегувањето во систем или група со одредени интереси, значи влегување во своевидно, доброволно „ропство“ од обврски и одговорности, кои се иманентни на интересите. Таквиот однос, дава подобра можност за остварување на одредени привилегии, кои полесно се остваруваат во системот или групата. За да се одржи статусот мора постојано да се исполнуваваат обврските, да се биде постојано одговорен пред поставените задачи и, сето тоа, да се надградува поради потребата од докажување за одржување во системот и зајакнување на статусот. На тој начин, сите кои се со таков статус, „отплаќаат“ за останување во привилегираното „ропство“.

Она (или оној) што е надвор од системот, дејствува паралелно, надвор од него – неприфатено, отфрлено. Со тоа тешко доаѓа до можност за сопствено вреднување, постојано е на работ на егзистенцијата, но ослободено од голем број обврски кои се неминовни внатре во системот. На тој начин, оние кои се „надвор“, условно земено, се слободни, но фактот што се соочуваат со голем број ограничувања, повторно ја доведува слободата во прашање. Всушност, ја „нагризува“, ја стеснува. На тој начин, сите кои се со таков статус, со тие ограничувања, „отплаќаат“ за својата слобода.