ХЕРОЈСКАТА СМРТ НА НА ВОЈВОДАТА ДИМЕ ЧАКРЕ И НЕГОВИТЕ КОМИТИ

ПРИЛЕПСКИТЕ СВЕТЦИ

Диме Чакре, заедно со неговиот брат Мијајле Чакре, познат и како Прце, долго време се движел по Прилепско, Крушевско и Демирхисарско и ликвидирал поголем број силници и злосторници во овие области. Токму поради ваквата активност, тој постојано бил изложен на опасност од потерите на турската власт, па често морал и да се засолни и притаи. Во почетните месеци на 1881 година Диме Чакре се нашол во Битола, каде подолго време се криел во куќата на Диме Лозанчев, татко на Анастас Лозанчев, долгогодишен член на Окружниот комитет на Револуционерната организација во Битола, како и негов претседател. Куќата на Лозанчев се наоѓала во Ени маало. Како што пишува Анастас Лозанчев во своите спомени, по некое време од доаѓањето на Диме Чакре, во нивната куќа дошол и брат му Мијајле Чакре и жена му Ана, која била покрстена Турчинка од Ќустендил.1

Анастас Лозанчев

Веројатно е дека Диме Чакре се засолнал во Битола по големата акција, која во ја извршил со својата чета и го ликвидирал еден од најголемите силници во Прилепско, познатиот Јашар – бег, кој имал кула во селото Мало Рувци.

За Велики петок 1881 година, мајката на браќата Чакревци отишла кај Никола Крапчев да бара мала помош за празникот. Наместо услуга, тој на најгруб начин ја избркал жената од неговата куќа. За тоа разбрал војводата Диме Чакре и решил да ја провери оваа работа.2

Симболот на заклетвата на Организацијата

Заедно со брат му Миајле и двајцата комити од неговата чета Илија Радобилецот и Тоде Бочварчето, првиот ден на Вели­г­ден 1881 година дошле во градот и влегле во куќата на Јован Кондов со намера да ги расчистат сметките поврзани со документите кои ги поништиле кај убиениот Јашар – бег, а меѓу кои имало и задолженија на двајцата при­леп­чани Никола Крапче и Јован Кондов. Тогаш, наместо награда тие биле предадени и опколени од турска војска и башубозук. Во куќата во моментот на нивното доаѓање имало голем број гости. Преку еден прозорец, тие успеале да го напуштат местото на битката, освен двајца, Јован Сарџов и Алекса Кепев, кои биле убиени. Битката траела цели два дена и за тоа време биле убиени 5-6 Турци 3 . Битката, како дете од 5-6 години, од скришно место ја набљудувал и подоцнежниот учител и војвода од Прилеп, Никола Каранџулов, заедно со уште неколку похрабри де­ца од негова возраст 4 . Всушност, случувајќи се во градот, оваа битка била буд­но следена од целиот град.

Кула од турскиот период во с. Прилепец, Прилепско

ВО ЗАПАЛЕНАТА КУЌА

Вториот ден Турците ја запалиле куќата и, при горењето на горниот кат,  низ портата прво излегол Тоде Бочварчето, пукајќи на сите страни. Турците кои биле поставени на разни позиции по куќите, дворовите и улиците стрелале од сите страни во него и Бочварчето паднал погоден на ули­цата. „…коа догоре горнио кат, излезе прво од порта надвор Тоде Бочвар­че­то, со пушката в раце да бегат, и триста пушки му удрија в гради Турците од метерис, и си падна, јуначки умрен наземи“ 5 – пишува Марко Цeпенков. По него излегол братот на војводата Чакре, Миајле Чакрев кој, исто така, пукал, но стрелан од сите страни брзо бил убиен. „По него излезе Мијајле Чакре, и тој со пушката в раце, и едно рипнуање од порта надвор, стапи на едни греди праени од Турците на скондалец и падна на колено, гр-р-р пушки­те во него, и веднаш Мијајле врли со бердано на едно Турче лажанче и го уби наместо. Мијајле падна, удрен од триста солдачки и башибозучки куршу­ми, настреде сокако, машки и јуначки, а Турчето падна покрај ѕидо, кај што стоеше да држи метерис, за коа ќе излезат од порта кумитите да и удри.

Мијајле Чакре се прекаруаше и Прце. Падна пред Кондоската порта на вторио ден на Велигден, на паметен ден, така и Тоде Бочварчето“ 6 – запишано е кај Цепенков. Војводата Диме Чакре и неговиот соборец Илија Радобилецот останале во куќата и се бореле до последниот куршум. Откако им останале само уште по еден куршум тие слегле во подрумот на куќата и се обиделе со вино од бочвите да го гасат пожарот, но кога виделе дека тоа не е можно се убиле еден со друг. Нивните тела, речиси целосно биле опфа­те­ни од пламените јазици. 7

Местото на кулата на Јашар бег во Мало Рувци

ПРЕДАВСТВО

Според запишаните аргументи кај српскиот пропагандист Милош Милоевиќ, во неговите извештаи до српската влада, четворицата комити уби­е­ни во куќата на Кондовци во Прилеп биле предадени од некој прилепча­нец кој отишол кај кајмакамот да го извести за нивното доаѓање во градот. Предавникот кај кајмакамот прво го испратил својот слуга, а кога кајма­ка­мот на слугата му рекол дека не е добро да се прави „зулум“ на Велигден и дека е подобро да му дадат леб и пари на ајдуците и да ги пуштат, зашто не­ма каде да бегаат. Кога-тогаш ќе бидат убиени од некој друг Турчин, а сега и самите нека го прослават празникот. По ваквиот одговор на кајмакамот, кај него дошол самиот газда и се зака­нувал дека ќе го извести валијата во Битола, а и од Цариград ќе бара заштита од разбојниците. Така кајмакамот морал да испрати потера 8 по Диме Чакре и неговите четворица другари кои се наоѓале во куќата на Кон­дов­ци во Прилеп.

По славното загинување на четворицата комити народот од Прилеп со голема почит им приредил погреб кој долго се памтел, а гробовите на комитите им биле направени на крајот од гробиштата, бидејќи така запове­да­ла турската власт. Настанот длабоко се отпечатил во срцата на прилепчани и долго време по него се уште се плетеле разни приказни полни со херои­зи­рање, но и мистични доживувања. Така, низ градот се ширеле приказни дека на гробовите на комитите убиени на сам ден Велигден се случувале разни чудни случки преку ноќите, како појава на оган на гробовите, паѓање на кандилата од ништо, светење без кандило и сл. 9

Местото на битката

ПАДНАТИТЕ КОМИТИ ПРОГЛАСЕНИ ЗА СВЕТЦИ

За ваквите мистични случу­ва­ња на гробовите на овде споменатите прилепски јунаци А. Страшимиров пишува: – Господата Поменов (учител во прилепската гимназија, з.м.) и Це­пен­ков не уверуваат дека во создаденото верување биле вовлечени да пове­ру­ваат и тие во станатото чудо, а имено: Јунаците биле погребани крај градот, крај еден јаз. Не по многу време почнало да се зборува дека секоја вечер слегувала од небото ѕвезда над јуначките гробови. Се вознемирило насе­лението далеку по околината, особено во Сувогорјето и во Мариово. Без­броен свет болни и неволни тргнале кон гробиштата на излекување. Тур­ци­те се возбудиле и решиле да го забранат тоа религиозно натрупување над јуначките гробови. Но – немало што, чудото станувало секоја вечер и така очевидно што најпосле поверувале и самите Турци, па го решиле прашањето по своему, а имено – во претсмртниот час покојните го споменале името на Муха­мед – па и тие ги прогласиле за светии, та местото се претворило во еден вид теќе-црквиште, посетувано за излекување и од Бугари и од Тур­ци. 10

По завршувањето на овој настан турската власт во Прилеп им предлага на рисјаните да престанат убиствата. Веројатно од грозниот настан сите биле, помалку или повеќе, потресени. За таа цел со еден од градските авторитети на рисјаните, хаџи Здраве, разговарал Кајмакамот од градот. Биле ангажирани дури и попот и оџите во градот преку црквата и џамиите да го повикуваат народот на смирување и воздржување од насилство. За жал насилствата многу брзо потоа почнале да се случуваат повторно и тоа од страна Турците. 11

Никола Каранџулов

Битката во која загинале четворицата во куќата на Кондовци во Прилеп силно оддекнала во градот и споменот за неа и денес е жив кај некои постари Прилепчани, кои за неа слушале од своите предци. Така, за неа рас­ка­жува и Ѓоре Кондоски кој потекнува од семејството во чија куќа се оди­гра­ла споменатата битка:

– По кажување знам дека било Велигден или некој таков празник. Кај Кондовци имало гости и токму тогаш дошол Чакре да бара пари. Дома­ќи­нот му рекол „немам пари одете си, не расипувајте ми го празникот и гос­ти­те“. Не сакале да си заминат и тој отишол кај кајмакамот и му кажал. Тој рекол нека си одат, а патот ќе им биде пуштен. Кога и при ваквата опомена не сакале да си заминат, настанала битката. На местото каде што изгорела куќата денес има друга куќа на улицата „Борка Талески(Според истражувањето на авторот, битката се одвивала во куќата на Кондовци на улица „Пере Темелкоски“ во Прилеп).

Народот и овие комити на чело со војводата Диме Чакрев не ги забо­ра­вил и ги опеал во песната „Четворица комити, која и денес неретко се пее на веселбите. А. Страшимиров за опевањето на војводите од народот пишу­ва: – Комитството на војводите Црне, Чакре и Стефо во првите години на новото турско владеење во Македонија ги исплашило и ги омрлушило сите лоши Турци. Македонскиот роб не можел да не биде благодарен и оттаму се оние триумфални народни песни… 12 Баладична­та форма на песната „Четворица комити, во која е опишана битката и заги­ну­вањето на четворицата комити, ја запишал Марко Цепенков. Јунаш­тва­та на Диме Чакре и неговата дружина, како и оние на Спиро Црне, зна­че­ле пот­тик за идни јунаштва на Македонците.

Марко Цепенков

1 Анастас Лозанчев, Илинденското востание, Култура, Скопје 2003, 13.

2 Исто.

3 Исто. Според еден опширен извештај на познатиот српски пропагандист Милош С. Милоевиќ, во бит­ка­та биле убиени 7-8 Турци. (Блаже Ристовски, Марко Цепенков за подвизите на Диме Чакре, Спиро Црне и Ѓорѓија Лажот во драмите „Прилепски светци“ и „Црне Војвода“, Мариово и Меглен низ историјата, зборник, Друштво за организирање на Мариовско-мегленски културни средби, Прилеп – Скопје 2000, 230.

          Еден од двајцата убиени прилепчани во куќата на Кондовци, Алекса Кепев му бил вујко на големиот македонски револуционер и борец за слобода, Пере Тошев. Тошев за време на битката се наоѓал во куќата на поп Аврамија, за кого била мажена неговата постара сестра Анастасија. Куќата на поп Аврамија била во близина на куќата на Кондовци и Тошев ја следел крвавата битка. (Види: Светозар Тошев, По крвав пат, 18 – 21.)

4  Ради Каранџулов, Никола Каранџулов, Коста Црнушанов, Ради Каранџулов, Никола Каранџу­лов, ЗЛАТОВРХ, Софија 1993, 16.

5 Марко Цепенков, Народни песни, 142.

6 Исто, 142, 143. Според Светозар Тошев, Миајле Чакре по излегувањето од куќата бил брзо погоден од истрел и паднал близу до својот другар Тоде Бочварчето. Со последните сили тој погодил еден од напаѓачите, се довлечкал до Бочварчето и го прегрнал пред смртта. (Види: С. Тошев, По крвав пат, 18.)

7 Георги Трајчев, “Град Прилеп”, 212. Марко Цепенков, Народни песни, 143. (кај Цепенков е запи­ша­но: “Дури беа затворени Диме и Илија во килеро, се скинаа Турците молејќим и лажејќим да се предаат. Арно ама, Диме и Илија беа заколнати да не се предаат и за вистина не се преда­доа”.)

          Додека давале отпор, пред да се самоубијат во запалената куќа на Кондовци, Диме Чакре и Илија Радобилецот убиле 15 Турци. (Види: Албум – алманах “Македонија”, Уредува редакционен комитет, Софија 1931, Објаснителен текст на илустрациите, Оддел IX, 61.)

8 Блаже Ристовски, Марко Цепенков за подвизите …, 232.

9  Г, Трајчев, Град Прилеп, 212.

10 Блаже Ристовски, Марко Цепенков за подвизите …, белешка 40, 236.

11 Г. Трајчев, Град Прилеп, 213.

12 Блаже Ристовски, Марко Цепенков за подвизите …, белешка 40, 236.