БИБЛИОТЕКА ОД ДЕСЕТИЦИ ТОВАРИ КНИГИ ОД ТРЕСКАВЕЦ ИСЧЕЗНАТА ВО НЕПОЗНАТ ПРАВЕЦ

Нема сомневање дека манастирот Трескавец со црквата „Успение на Пресвета Богородица“ кој се наоѓа на 8 km. северозападно од Прилеп претставува едно од најзначајните светилишта во Македонија. Според некои преданија, но и научни сознанија имотот на овој манастир во минатото се протегал надалеку и нашироко низ Македонија, а под негова хиерархија биле повеќе други манастири. Дел од таквите манастири и имот стигнувале дури до Охрид. Нему му биле потчинети манастирот во Зрзе, а свој имот имал во блискиот Заград, во атарот на селата Дабница, Горно Село, Небрегово, Присад, како и во атарите на некои подалечни села како што е Чепигово. Според предание, на овој манастир извесно време му бил потчинет дури манастирот „Св. Наум Охридски“. Сето тоа има асоцијација на големото значење на овој манастир кое, веројатно, произлегува од древните корени на светост кои не водат дури до антиката кога на ова место, исто така, имало светилишта што од своја страна повторно предизвикува на анализа, размислување и истражување на неговите уште постари култни корени.

Црквата – од друг агол

Преданијата посебно говорат за богатството од книги со кои распо­ла­гал манастирот. Тие, веројатно, потекнуваат од неговата долга тради­ци­ја на постоење со развиена калуѓерска и свештеничка христијанска деј­ност која претпоставува и собирање црковна литература, како и препи­шу­вање на слична литература, па дури и автентични творечки активности областа на христијанството. Така, веќе споменавме дека според едни кои го пренесуваат преданието, во манастирот имало дури 300, а според други и 700 калуѓери кои се неверојатни бројки, но во секој случај се работело за значајни бројки на присуство на христијански посветеници во минатите векови. Според податоците од еден минеј (месечник во кој се запишувале црковните богослужби) во крајот на XVI век се вршела и препишувачка дејност во манастирот. 1 Во него се наоѓа името на препишувачот Јоаникиј. Во 1712 година јеромонахот Захарија пишува, исто така минеј 2 , а јеромонахот Гаврил во 1720 година пишува „чудеса на Богородица“ 3 . Во 1780 година како и во почетоот на XIX век во манастирот веќе има училиште. Како што споменува Георги Трајчев последниот учител во ова црковно училиште на Трескавец бил поп Ангеле Смичков од Варош кој таму бил до 1870 год 4 . Дека во манастирот престојувале лица со висока христијанска свест говорат и спомените за голем број игумени, јеромонаси и други свештени лица чија дејност е поврзана со манастирот и манстирската црква. Во Поменикот на манастирот кој денес се чува во библиотката во Ленинград (Санкт Петербург) се споменуваат неколку игумени од XVIII и почетокот на XIX век и тоа Јосиф, Исаија и Тимотеј 5 . На дел од живописот на јужниот ѕид на црквата однадвор се насликани игуменот Васарион и монахот Амврозиј, претставени како ктитори со моделот на црквата во рацете. Од зографот Дичо од селото Тресонче е насликан јеромонахот Самоил 6 , а слични податоци за голем број црковни лица од манастирот кои зад себе оставиле траги на сопствена дејност се среќаваат и на други документи и споменици од црквата и манастирот. Посебен сегмент од големиот број културни споменици претставува и големата убаво изработена крстил­ни­ца од мермер која потекнува од XIV век и на која на посебен натпис се споменуваат две имиња: на Гервасиј и јеромонахот Герасим.

Јордан Хаџиконстатнтинов – Џинот

Од пишаните текстови се дознава дека не сите црковни лица поста­пу­вале цивилизи­рано со пишаните докуманти и книгите во манастирот. Кај наши­те пишувачи од XIX и почетокот на XX век останале некои по­да­то­ци за уништувачки однос кон книгите од богатата библиотека на ма­нас­­тирот. Кај Јордан Хаџиконстантинов–Џинот и Георги Трајчев сре­ќа­ваме интересни тврдења за такви уништувачки активности на книжните потенцијали во манастирот. Според нив, битолскиот владика Венедикт и неговиот наследник Герасим изразиле крајно варварски однос кон кни­гите од богатата библиотека во манастирот. Имено, според пишу­ва­њето, тие наредиле да се горат книгите и да му се даваат на секој кој ќе покаже желба за нив. „Владиката Турко Герасимо заповедал големиот број црковни книги да се запалат и со нив околу две недели се палела манас­тирската фурна, а секој намерник можел да земе од книгите колку што сака. Јордан Хаџиконстантинов–Џинот зел неколку товари и ги испратил некаде во Србија“ – вели Трајчев во своите пишувања за овој настан. 7

Во своето пишување за истиот настан Џинот не споменува дека тој испратил неколку товари книги од Трескавец во Србија, но пишува дека во манастирот имало околу дваесет товари книги, односно ракописи. „Ту (во манастирот Трескавец, з.м.) е имало двјадесет товари рукописи, и сега има, но жал нам Славјаните зашто добрите букви и букваро на Кирила, Механович, Григорович и други таквија ни го земале од скопски Марков манастир и од Трескавец. Герасим игумено сам ми казва за букваро на свјатаго Кирила да му го земале и му се обештале да му дадат сто хилјади гроша. Букваро е бил колко един псалтир и длг три педи, на заечки кожи писан. И други 17 книги земале“ – пишува Џинот. 8

Како што може да се види од пишувањето на Џинот освен дваесетте товари книги во манастирот тој споменува и една книга од исклучително значење како што бил букварот од самиот св. Кирил кој го зеле странски собирачи на културни вредности од нашиот простор. Колку слични документи и споменици се однесени од манастирот Трескавец тешко е да се каже. Дел од таквото богатство создавано во цветниот период на манастирот е во познати културни институции низ светот како што е примерот со претходно споменатиот Поменик од манастирот кој се наоѓа во Санкт Петербург. Веројатно голем дел од манастирското богатство создавано низ вековите денес се наоѓа во непознати институции и збирки. Некои непотврдени информации упатуваат на постоење документи и книги од Трескавец во библиотечните или архивските фондови на некои градови од Балканот, северно и јужно од Македонија, а Боро Мокров во врска со исчезнатата библиотека пишува: 9 – „Некои велат дека подоцна ги подариле (книгите, з.м.) на училишната архива во Солун“. Ваквите траги вреди да се испитаат, пред се, заради тоа што меѓу книгите и ракописите може да има и интересни документи поврзани со дејноста на манастирот во минатото, со црковната активност во Македонија низ вековите воопшто и со македонската историја и култура во која овој манастир зазема значајно место.

Манастирот „Трескавец“

Интересни се и извештаите за собрана литература и документи кои од Македонија ги собирал и Апостол П. Стоилов, кој тврди дека таква литература и документи собрал и од манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец при неговата собирачка мисија во време на Првата светска војна. Притоа тој нашол 9 такви материјали во манастирот, со потекло од 15 до 17 век, и уште 8 во Прилеп, со потекло од 14 до 16 век, како во разни агли и на црковните и учлишните тавани, така и во куќите на некои прилепчани, меѓу кои Кочо Небреклиев, Тасо Хр. Думбалов, Ицко Х. Попов и Ацо Хр. Јанев. Материјалите, Стоилов, ги складирал во штабот на Втората Армија во Велес, каде собрал 16 сандаци. 10

Во запишаните материјали на Стоилов наоѓаме уште еден интересн податок за манастирот Трескавец, во кој тој потврдува дека три документи – грамоти, од кои една пишувана на пергамент (кожа) и два на хартија. биле испратени во Србија, по барање за „испитание на старините“. Во документот е запишано дека „кога ќе станат нужни“ да се вратат во манастирот, а на документот е потпишан старешината (игуменот) папа Христо папа Трајков од село Долгавец. 11

1 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, ИСК–Прилеп, Прилеп 1981.

2 Исто.

3 Исто.

4 Г. Трајчев, Град Прилеп …, стр. 59. Марко Цепенков за поп Ангеле Смичков вели дека напишал и некаква книшка.

5 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец

6 Исто.

7 Г. Трајчев, Град Прилеп

8 Б. Конески, Ј. Х. – Џинот…

9 Боро Мокров, Прилеп и Прилепско 1893–1918, Друштво за наука и уметност–Прилеп, Прилеп 1991.

10 А. П. Стоиловъ, До господина Началника на Щаба на II армия, (ЦВА, ф. 40, оп. II, а.е. 935, л. 38)

11 А. П. Стоиловъ, Въ Трѣскавския манастиръ, Сборникъ, Народни умотворения и книжнина, София 1900.