ТВРДИНАТА НА ВРВОТ „КОЊАРНИК“ МЕЃУ СЕЛАТА КОКРЕ И ПРИЛЕПЕЦ, ПРИЛЕПСКО – НАЈВИСОКА АНТИЧКА ТВРДИНА ВО МАКЕДОНИЈА

На врвот „Коњарник“ на Дренска Планина, западно од селото Коре, а источно од селото Прилепец, Прилепско  се среќаваат остатоци од дебели и цврсти ѕидови кои, според нивните димензии, упатуваат на уште едно силно утврду­ва­ње од древните времиња на овој простор. Врвот се наоѓа на 1538 m над морето, североисточно од манастирот „Св. Никола“, кај Прилепец, а на околу 0,5 km југо­источно од тврдината на „Марков Ѕид“, која се наоѓа во понискиот дел на истата планина, во исклучителен амбиент од високо исправени карпи, познати како „Стоговите“. Тврдината на „Коњарник“ била расположена на поголема површина, на, најмалку, две највисоки тумби со рамни површини на горниот дел, кои биле заштитени со дебел и цврст ѕид. Тие се наоѓаат по должината на планината, раздвоени межусобно со природно седло, а на растојание една од друга од околу 100 м. Според она што може да се забележи на теренот, се чини дека целиот простор – горните површини на тумбите, седлото меѓу нив, како и некои земни тераси на нивните падини, биле дел од интересно утврдување, кое располагало и со други содржини во внатрешниот простор, како и во продолжение на планината во правец на север.

„Коњарник“ со стоговите на „Марков Ѕид“
„Коњарник“ со стоговите на „Марков Ѕид“

Првиот дел од утврдувањето се наоѓа на јужниот дел на “Коњарник“ и претставува исклучително доминантен врв, со вдлабната дел меѓу карпите, кои заобиколуваат површина од неколку стотици m2. На зарамнетите површини меѓу карпите и пространите падини, од северната стра­на на врвот се наоѓаат значителни остатоци од едно цврсто обѕидие, кое заштитувало еден простор меѓу карпите на врвот. Освен заштитниот ѕид, јасно се забележува и една од кулите, кои биле изградени од источната страна на овој дел од тврдината.

Ѕидот бил навистина цврст, граден со камен и малтер, со дебелина и до 1,8 m. Поголемиот дел на јужната тумба е заграден со стрмни карпи од западната и јужната страна, а вистинки отворен е делот од северната страна, односно страната која гравитира во правецот на втората тумба, која исто така, била дел од тврдината.

„Коњарник“ од југоисток
„Коњарник“ од југоисток

Втората тумба, која е од северната страна и, исто така, зафаќа исклучително доминантен простор, со широк поглед кон областите Пелагонија и Мариово, располага со остатоци заштитните ѕидови, како и со засечени делови од карпите на повисокиот дел, кои биле прилагодувани за ѕидот на тврдината и на другите градби во неа. Освен на двете споменати тумби на „Коњарник“, археолошки оистатоци се среќаваат и во пра­ве­цот кон север, по карпестиот срт на планината каде се забележуваат остатоци од некога­шен ѕид и значителни количества керамика, глав­но, пок­рив­на и градежна, но и фрагменти од керамички садови. Што се одне­су­ва до кера­миката, според раскажувањето на жителите на соседното село Кок­ре, во чиј атар е и локалитетот за кој овде станува збор, на локалитетот „Коњарник“ имало големи коли­чества кера­ми­ка, која постарите жители од Кокре ја пренесувале во своето село за изработка на фурните во селото. Тоа укажува на постоењето на поголем број градби на „Коњарник“ кои биле покри­ени со керамички покрив. За каков вид на градби се работи е тешко да се каже, но според квалитетот на керамиката може да се претпостави дека во изве­сен период од анти­ка­та овде опстојувала фортификација со посебна фун­кци­ја. Имај­ќи ги пред­вид големите количества керамика таа била со по­сто­јано при­сус­тво на луѓе, можеби војска или сл.

Посебно внимание привлекуваат значителните количества керамика која се сре­ќава по сртот кој води од споменатото утврдување во правец на север. Имено, во должина од околу 1 километар по неговата површина можат да се сретнат значи­телни количества керамика, особено градежна, но исто така и ретки фрагменти од керамички садови. Очигледно е дека овој простор на Дренска Планина, во извесен период, имал посебно значење. Претпоставуваме дека тоа е времето на развиениот период на македоското кралство, кога тоа е често напаѓано од северните и запад­ни­те племиња. Исто така, не е исклучено дека на овој простор, како и на просторите на тој дел на планината блиски на „Коњарник“ се кријат и други содржини, посебно објекти од култно–религиски карактер. Во тој контекст, не треба да се заборават кружните форми од камени плочи на локалитетот „Шаторите“, кој е расположен на околу 1 километар северно од „Коњарник“, а кои заслужуваат посебно внимание.

Дел од горната површина на јужната тумба
Дел од горната површина на јужната тумба

ВРСКАТА МЕЃУ АНТИЧКИТЕ НАСЕЛБИ КАЈ ПРИЛЕПЕЦ, КОКРЕ И ПЕШТАНИ

Локалитетот „Коњарник“ со долината на Прилепец го поврзу­вал стар и рела­тив­но широк пат чии остатоци се забележуваат и денес. Патот бил направен со потѕи­до­ци и калдрма од камења и камени плочи, а на некои делови на кои му се испре­чи­ле карпи тие биле пробиени и тој минува во издалабените премини.  Може да се прет­пос­тави, дека овој пат продол­жу­вал и од другата страна кон селото Кокре во Мари­ово, каде големиот број мермерни споменици укажува на постоење значајни градби во анти­ка­та. Иако пла­ни­ната што ги дели долините на Прилепец и Кокре е мошне висока, присуството на архео­лошки содржини и остатоците од стар пат на оваа релација, укажува на извесна заем­ност меѓу двата простора. Сето ова упатува на големата населба која на овие простори опс­тојувала во анти­ката во долината меѓу селата Прилепец, Волково и Чумово. Може, дури, и да се претпостави дека за време на постоењето на населбата кај Прилепец, постоела значајна населба од помал обем и во доли­­ната на село­то Кокре од другата страна на планината, а двете биле во блиска општествена поврза­ност. Фактот што на натпис од селото Кокре, кој е испишан на еден жртвеник во чест на божицата на ловот и заш­тит­­нич­ка на бракот, Артемида се споменува град1 чие име не е наведено упату­ва на тоа дека градот на кој се мислело во натписот, бил на местото на при­несувањето на споменикот–жртва. Дали може да се претпостави дека и двете насел­би биле дел од населба со исто име? Можеби градот Пелаго­ни­ја кој е познат и како Пе­ла­го­нија–Триполис. Третиот дел од овој центар на Пелагонија во римско време би можел да биде населбата кај селото Пеш­тани која од селото Кокре е одделена со, исто така, висок крак на Селеч­ка Планина кој се протега паралелно на Коњарник и на неговиот нај­ви­сок дел „Градиште“ се наоѓаат остатоци од друга тврдина. Античката населба кај Пеш­тани е позната како Достонеј, што е утврдено од пронај­де­ни мер­мер­ни споменици со натписи2 на кои се споменува ова име. Архео­ло­зите би требало сериозно да се позани­ма­ваат со овој комплекс од архео­лош­ки ло­ка­­литети кои, на разни начини, се меѓусебно поврзани.

Северната утврдена тумба
Северната утврдена тумба

За локалитетот „Коњарник“ и неговите соседни места се споменуваат не­кол­ку преданија. Едно од нив говори дека на овој локалитет имало изгра­дено градби за чување на коњи, и токму заради тоа тој е наречен „Коњарник“. Кога сме кај ова пре­дание треба да се нагласи дека површините на пла­­нината околу овој локалитет се пространи и богати со трева, како и со извори на вода, што упатува на добрите ус­ло­ви за чување на коњи на што укажува и преданието. Северниот дел на „Коњарник“ е богат со пространи ли­вади кои продолжуваат неколку километри во тој правец. Фактот што во постарите периоди коњот бил многу значаен за транспорт, војување и сл. оди во прилог на преданието.

Освен преданието кое говори за местото каде се одгледувале коњи, жителите на селото Прилепец пренесуваат и предание дека на „Коњарник“ постоело старо све­­тилиште, манастир со црква или сл.

Дел од утврдениот простор
Дел од утврдениот простор

НАЈВИСОКА ТВРДИНА ВО МАКЕДОНИЈА, А МОЖЕБИ И ПОШИРОКО

            Самиот факт што врвот „Коњарник“ е еден од повисоките врвови на овој дел од планината и е висок 1538 m, упатува на помисла дека тврдината која била изградена на него е една од највисоките тврдини во Македонија, а веројатно и на Балканот, а можеби и на поширокиот простор. Јужно од овој врв се расположени и други врвови, кои биле утврдени, но нивната височина е значително помала. Врвот „Висока“, која располага со силно утврдување е висок 1472 m, „Веслец“, меѓу селата Шатвица, Бонче и Марул е уште понизок, односно, 1344 m, додека врвот „Градиште“, меѓу селата Кокре и пештани во Мариово само 1322 м.

Значи, „Коњарник“, односно тврдината на овој врв зафаќа највисока позиција во овој дел од Македонија и, барем ние, не знаеме за повисоко поставена тврдина во Македонија. Заедно со значителните и впешатливи археолошки остатоци со кои располага овој локалитет, неговата атрактивност станува уште поголема.