КОРЕНИТЕ HA ЧОВЕЧКАТА ЕГЗИСТЕНЦИЈА, ЛОКАЛИТЕТОТ МАРКОВИ КУЛИ КАЈ ПРИЛЕП И ПЕЛАГОНИЈА
Археолошките наоди од просторот на Маркови Кули и селото Варош заедно со остатоците на човековиот престој низ милениумите се навистина во таков број и квалитет така што, се чини дека науката е сосема на почетокот на нивното вредување во посебните епохи на населување на овој комплексен локалитет. Континуитетот на населување, според досегашните сознанија, е сосема длабоко закоренет во самите почетоци на човечката егзистенција. Колку е долг тој континуитет на непрекинато создавање разновидни творби на човековата имагинација, креативност и мајсторство? Големиот број видливи интервенции по вулканските карпи на Маркови Кули од различни времиња силно ја поткреваат возбудата кај љубопитниот набљудувач. Самите огромни монолити често со своите иритирачки форми предизвикуваат восхит или чудење со својот митски изглед надополнет со помали или поголеми интервенции низ времето на нивно активно користење во животна неопходност или култно третирање. Голем број од овие големи гранитни монолити ја будат асоцијацијата за исконот на постанокот на природата во својата мртва и жива форма во која со ум и со тело се вклучил и човекот во некое сосема далечно време. Затоа прашањето дали токму овде, меѓу овие карпи и во падините околу нив не егзистирале уште најстарите предци на човекот не треба да биде отфрлено како неоправдано. Всушност, тоа треба да се однесува на целиот период на постоење на човекот во сите фази на неговиот развој пред преминот во homo sapiens и потоа. Тој период се однесува на последните 2 милиона години.

Непостоењето систематско археолошко истражување со следење и анализирање на археолошките остатоци од сите времиња не само во прилепскиот крај, туку помалку или повеќе во цела Македонија, претставува вистински хендикеп при секој обид да се каже нешто повеќе, посебно за најстариот археолошки период во кој е присутен човекот, палеолитот. Нешто повеќе истражувања има на просторот на Егејска Македонија кој е во непосредна комуникација и со денешниот простор на Република Македонија и е подрачје кое ги поврзува Европа, Азија и Африка што од своја страна значи дека овде неминовно егзистирал најстариот предок на човекот кој е познат за денешната наука. Тоа на свој начин го потврдуваат и наодите од пештерата Петралона на полуостровот Халкидик. Таму е пронајден череп на човек1 со прастаро потекло кој денес е предмет на различни толкувања со одредени заклучоци дека му припаѓал на неандерталскиот тип човек, машка индивидуа. Палеолитски наоди има и во Јужна Македонија во подрачјето северозападно од планината седиште на боговите Олимп на локалитетот Палеокастрон2. Овде е пронајдена камена секира од т.н. ашелски тип која се појавува пред околу 100 000 години.

Во поблискиот простор на Прилеп се пронајдени сосема ретки наоди од палеолитскиот период во околината на Битола. Се споменуваат два камени предмета пронајдени за време на Првата светска војна од страна на францускиот археолог Етиен Пат. Едниот од двата предмета од камен е пронајден во околината на селото Христифорово, а другиот кај селото Буково3. Двата палеолитски наоди од Битолско се чуваат во Франција каде што ги однел пронаоѓачот. Како што пишува археологот Паско Кузман палеолитскиот човек, според пронајдените орудија кај Битола, е можно да егзистирал во Пелагонискиот реон и на источните падини на планината Баба. Во својот труд тој додава дека за периодот од 100 000 до 35 000 год. пред нас кога егзистирала неандерталската група луѓе во Македонија се значајни уште неколку наоди од околината на Велес, а посебно од околината на планината Бабуна и Осоговските Планини. На овие простори се пронајдени неколку значајни артефакти кои укажуваат на присуството на палеолитскиот ловец. На Марковите Кули за кои овде станува збор, како и нивната околина која е преполна со археолошки наоди од каменото време до денес не се познати наоди од палеолитот, пред сè заради непостоењето слични истражувања од страна на соодветни стручњаци.

Затоа, пак, познати се наодите на археолошки остатоци од следниот археолошки период, новото камено време (неолитот) датирани со потекло од пред околу 7–8000 години4. Ваквите наоди можат да бидат само претпоставка за можно постоење на наоди од постариот период палеолитот (старото камено време). Тоа значи дека на овој простор е можно да се кријат пронајдоци од самите корени на човечкатата култура, од нејзиниот зачеток од елементарна биолошка егзистенција кон култивирана форма на постоење.