ПРИЛЕП ЈА БРИШЕ СВОЈАТА ИСТОРИЈА – ГИ „КОРНЕ“ СОПСТВЕНИТЕ КОРЕНИ (3)
СЕМЕЈНА КУЌА НА УЛИЦАТА „АНДОН СЛАБЕЈКО“ СО СИМБОЛОТ МАКЕДОНСКО СОНЦЕ ВО КОЈА СЕ СОСТАНУВАЛЕ, ПЕРЕ ТОШЕВ, ДАМЕ ГРУЕВ, ЃОРЧЕ ПЕТРОВ И ДРУГИ МАКЕДОНСКИ РЕВОЛУЦИОНЕРИ
Една семејна куќа на улицата „Андон Слабејко“ со железна порта со апликација на ѕвезда со 12 краци на двете крила опстојуваше до скоро, но денес е во фаза на уривање, а со неа, веројатно ќе исчезне и споменатата порта со двата симболи на ѕвездата слична на онаа, која потекнува од гробницата во Ајга, која се смета за гробница на Филип II. Еден од нејзините сопственици пренесуваше дека негов постар предок му раскажувал дека железните врати ги донесол постар предок од семејството од градот Солун во втората половина на 19 век, на сопствена „дилижанса“1, односно, на пајтон, кој бил едно од главните средства за превоз на стока и патници во тоа време. Нашиот, денес покоен раскажувач, изнесе и година на транспортот на железните врати од Солун до Прилеп, односно, 1878 година. Еве како се произнесува нашиот соговрник, Александар Тодорчевски во врска со тоа: – „Кочијата била со двајца кочијаши и во придружба на уште двајца заптии, заедно со дедо ми, сите со кубури во појасите, вооружени патувале за Солун. По 28 години од населувањето во куќата во Долно Маало, откако дедо ми Аце Тодорче станал имотен, од македонски мајстори во Солун порачал порта од ковано железо и побарал на неа да биде исковано македонското сонце од Кутлеш. Во 1978 година, железната порта (со македонскиот симбол, з.м.), товарена на дилижансата, на местото на кое се носеле куфери и други предмети, ја донесол во Прилеп и ја поставил на влезот на нашата куќа на кој стои и ден-денес“2

Времето во кое била донесена споменатата врата си симболи соодветствува на времето на Преродбенскиот период, кога се буди македонскиот дух и свеста за сопствената припадност и идентитет, па некои преродбенски настроени и освестени Македонци од Прилеп и на овој начин го изразувале своето национално и идентитетско чувство, односно, со истакнување на основните македонски симболи, кои го „врзуваат“ милениумскиот континуитет на македонската култура и историја.

Доколку оваа информација може да се земе за веродостојна, можеме да претпоставиме дека и другите слични метални врати, кои стоеле на портите на разни објекти во Прилеп, како на семејни, така и на стопански, трговски и други јавни згради, биле донесени од споменатиот град. Секако, не треба да се исклучи и можноста дека некои од нив биле изработени од прилепските железари, кои во тоа време биле меѓу најистакнатите занаетчии и мајстори. За жал, не грижата за ваквите симболи доведе до состојба на нивно, речиси, целосно исчезнување во градот (Според нашите сознанија, ваквите симболи стојат уште на неколку врати во градот, но и тие се под постојана опасност од исчезнување).

Интересно е тоа дека еден од покојните сопственици на куќата од „Андон Слабејко“, Александар Тодорчески, пренесуваше информации од неговите постари претци дека, токму, во нивната куќа се состанувале некои од најистакнатите македонски револуционери, како што се Пере Тошев, Ѓорче Петров, Даме Груев и други и тука ги договарале своите револуционерни активности,3 под „закрила“ на железните порти и македонскиот симбол, кој зрачел македонски преродбенски дух. Всушност, Тодорчевци биле и во роднинска врска со еден од споменатите револуционери, односно, сестрата на Пере Тошев, Анастазија, била мажена за член на семејството Тодорчевци, Василе, па и тоа е една од причините поради која споменатите револуционери се состанувале во оваа куќа и, во неа, ги договарале своите револуционерни активности. Од друга страна, токму во тоа време почнале револуционерни активности на прилепски борци против ропството, се појавиле првите чети, кои се спротиставувале на долговековното владеење на Османлиите и на злосторствата кои биле правени над невиното македонско население.

Со уривањето на споменатиот објект и портата со врати од ковано железо со македонскиот симбол, Прилеп губи уште еден споменик на културата и место на историски случувања од особено значење, без да се остави, какво било, обележје и да биде документирано на соодветен начин.

1 Тренчо Димитриоски, Прилепското – македонско сонце од времето на преродбата (https://www.pelagon.mk/2018/08/15/)
2 Исто.
3 Исто