БОГОЈАВЛЕНИЕ ВО СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ НА СТАР, ТРАДИЦИОНАЛЕН, НАЧИН ИСПОЛНЕТ СО ДУХОВЕН НАБОЈ И ИСКРЕНА РАДОСТ
Празникот Богојавление – Водици во селото Витолиште продолжува да се празнува со мошне масовно присуство на поранешни и сегашни жители на селото и на други присутни гости. Целата церемонија зрачи со радост и вистинска посветеност во празнувањето. Настанот се подготвува уште во текот на претходните денови, со доаѓање во селото, чистење на црковните простории, подготовка на потребните предмети за празничните манифестации, како и подготовка на намирници за свечениот празничен ручек, пијалокот и сите други потрепштини. Започнува рано наутро со црковна служба во црквата „Св. Атанасиј“, а потоа следуваат традиционалните верски манифестации, кои по многу нешта се одликуваат од празнувањето на други места во Македонија. Всушност, во селото Витолиште се практикува стариот традиционален начин на празнување кој е, особено, продуховен и исполнет со искрени чувства и радост на празничната атмосфера.

И оваа година, како и во многу ретходни, до длабоката дамнина, по црковната служба, од црквата беа извадени иконите и, на чело со свештеникот, Кирил Јованоски, придружени од ѕвонливиот звук на камбаната, клепање на клепалото и со пеење на песната Војордане, упатена со Господ со молба за богат род во годината која ја живееме, трипати беа завртени околу самата црква, заедно со поголемиот број верници. Потоа, поворката продолжи кон реката, до вирот подготвен за фрлање на крстот. Во водата, по крстот се фрлија 6 млади момчиња, а најголема среќа имаше Петар Чакрески. Откако на учесниците во фаќање на крстот им беа врачени подароци и пари од страна на присутните, поворката се упати кон селото.

Носејќи ги иконите во рацете или на рамо, на чело со свештеникот Кирил беа посетени поголем број куќи во селото, каде пред портите беа пречекувани од страна на домаќините со топла ракија, бело и биено сирење, мед и разновидни благи работи – колачиња, бомбони, локум и сл. Меѓу другото, беше посетена и црквата со гробиштата, „Св. Илија“, околу која, повторно, поворката со иконите заврти трипати и се врати кон селото поминувајќи го остатокот од портите во селото и разменувајќи честитки, верниците се собраа во дворот на црквата „Св. Атанасиј“. Песната Војордане се пееше за време на целата церемонија со поворката со иконите. На крајот, иконите и крстот беа вратени на своето место на иконостасот, а верниците се прибраа во трпезаријата на црквата.

Во трпезаријата следеше уште една церемонија, делење парчиња леб од порано подготвената погача со скриен крст во неа. Радоста кај лицето што му се падна парчето со крстот беше голема до солзи радосници. Во Витолиште од одамна е воведен обичај, лицето на кое ќе му се падне крвчето од погачата да биде домаќин на настанот за идната година, а откако ќе биде откриен крстот кај него, го земаат неколкумина од младите на рамо и го носат до блиската река каде го фрлат во реката за да го искапат и го враќаат назад на подготвениот ручек во трпезаријата. Иако годинашниот верник на кој му се падна честа да го добие парчето од погачата со крвчето беше со нагласена физичка големина ритуалот беше изведен на сличен начин.

Во трпезаријата, атмосферата беше исклучително празнична и весела. Сите присутни беа послужени со ручек, подготвен во чест на празникот Водици. Во трпезаријата, цело време имаше весела атмосфера, со песна и оро во реќија на младата музичка група, кој беше поканета, специјално, за празничниот настан.

Нам ќе ни остане впечатокот за вистинско славење на празникот Водици со нагласен духовен набој, полн со високо расположение и радост до восклик кај сите верници. Таквото искрено славење, во атмосфера на високо расположенеи, полно со чувства и радост, е својствено за Македонците од оваа област, како и за сите Македонци, од далечни времиња. Ние немаме дилема дека тоа ќе продолжи и во длабоката иднина и дека ведриот дух и искрените чувства и намери ќе ни обезбедат иднина со многу поголемо достоинство и напредок. Всушност, овој празник поврзан со појавувањето на Исус Христос на реката Јордан и неговото крштевање од страна на св. Јован Крстител и оваа година го поткрена духот кај присутните, односно, ја подигна нивната вера на високо ниво, не само во единствениот бог, туку и во својот опстанок во ова област, за која тие ги употребуваат сите свои средства и сили да продолжи со својот долговековен живот. За тоа, секако, треба многу посериозно да се замислат и нашите политичари и институциите на системот во државата Македонија, кои често ги забораваат областите како Мариово и ги оставаат без да си ги извршуваат обврските, кои им се наложени со закон.





























