ДУЊЕ – СЕЛОТО НА КРАЛИЦАТА ДЕНКА, НА ЧУЧУК МИТРА, НА ДВАЈЦА ПОДЗАБОРАВЕНИ ВОЈВОДИ И КАПКА НЕЗАБОРАВ
Според една зачувана легенда во околината на селото Дуње, прилепско, живеела една древна кралица со име Денка. Легендата вели дека таа била сестра на еден крал, чие кралство било во овој дел на Мариово, односно, имал свој дворец во околината на денешното село Дуње. Неговата сестра Денка се заљубила во некој крал или принц од соседното кралство и воспоставила љубовна врска со него. Братот на Денка, чие име не се споменува во легендата, бил против ваквата врска на неговата сестра и ѝ забранил да се среќава со нејзината љубов – кралот од соседството. Таа, сепак, не го послушала својот брат и избегала со кралот во кој била вљубена. Нејзиниот брат, многу се налутил и, во својот бес, ги убил и двајцата – сестрата и нејзиниот избраник, кралот од соседството. Според преданието братот, сепак, на својата сестра и организирал свечен погреб и ја погребал во достојна гробница со сите почести и дарови. Во гробницата закопал цело богатство, а по него, денес, трагаат разновидни трагачи и авантуристи, барајќи го гробот и богатството на кралицата Денка во околината на селото Дуње.

Според песната, „По пат одам за пат прашам“, легендарната Чучук Митра живеела во селото Дуње, Мариово, Прилепско. Некои постари жители на селото раскажуваа, повторно, по кажување на постари од нив, дека Чучук Митра живеела во семејството на Торневци, чија куќа е сосема разрушена. За Чучук Митра се раскажува дека била многу убава девојка (и невеста), дека била итра и вешта жена и дека нејзе и била доделена задачата да го извезе борбеното знаме за комитите, односно, знамето на востанието. Песната за неа била испеана како лозинка со која на Митровден, на селската слава на селото Дуње, кога ќе дојдат нарачателите на знамето, доколку се запее таа песна, тие ќе знаеле дека знамето е готово, извезено. Според некои од селото, името Чучкук Митра било псевдоним за да се скрие вистинската личност од властите, кои можеле да ја уапсат и затворат. Името на жената, која го извезила знамето, според нив, било Грозда. Токму со тоа име постои и верзија на споменатата песна, „По пат одам, за пат прашам…“. За оваа легендарна личност постои и едно дополнително раскажување дека таа, всушност, потекнувала од селото Пештани, кое се наоѓа на неколку километри северозападно од Дуње. Нам тоа ни го раскажа, сега покојниот, Ѓорѓија Стеваноски – Горупан, кој тврдеше и тоа дека таа живеела во една, сега разрушена, куќа во неговото соседство, на чии ѕидови има извесни бележити украсувања и камари. Таа куќа, според архитектурата, упатува на турскиот период, односно на традиционални градби од тој период. Според Ѓорѓија, Чучук Митра растела во семејство, кое имало блиски врски со одметниците, ајдуците и комитите, па таа рано научила како да се однесува во услови кога членови од семејството биле следени и прогонувани од турската власт. Нејзиниот татко се дружел со ајдуци и комити, а нејзиниот брат бил војвода на чета. Тие ја научиле како да ги прикрива пред турските потери, а подоцна, откако се омажила во селото Дуње, според Ѓорѓија Стеваноски, таа била приморана дури и да убива Турци, кои многупати ѝ досадувале и ја напаѓале.

Ете, токму поради преданијата како погореизнесените, посетата на селото Дуње, како и на околните села и на целата област Мариово ја прават, особено, возбудлива и поттикнувачка, а престојот пријатен и исполнувачки. Слични преданија и приказни има голем број во овој крај, само треба да го отвориме умот и срцето и да ги „наслушнеме“ во природната и традиционална атмосфера на оваа област, во која и денес, иако се наоѓа во демографски колапс, и натаму зрачат со својата вообичаена мистика и енергија. Само нашата несовршеност, неангажираност и малодушност фрла сенка над вистинските вредности на овој крај. Токму тие слабости се причина, таквите вредности да останат незабележани, да бидат потскриени или да им се нанесува непотребна штета, па дури и да бидат незаслужено уништувани.

Меѓу задскриените и заборавени вредности поврзани со селото Дуње се и двајца војводи, кои имале особено значење во илинденскиот и поилинденскиот период, Анте (Василев или Волкановски) Дунски, како и Трајко Волчев – Зојката, чии гробови се наоѓаат во селските гробишта, но денес тешко да најдете човек што може да ви ги покаже, зашто се запоставени и, речиси, заборавени, сосема незаслужено и сосема непотребно, оставени на општата немарност, општата непочит кон претците, која зафатила корен во нашето општество. Овој „пропуст“ и непростлива немарност, секако, ќе треба да бидат поправени во иднина, зашто двата споменати лика, како и многу други заслужни ликови се дел од темелот на кој треба да ја градиме иднината. Зашто со непочитување, немарност и уништување тешко дека може да се гради вистинска иднина.

При нашата скорешна посета на селото наидовме и на извесни „зраци светлина“, како што е расчистувањето и делумното уредување на старата селска чешма, која е редок споменик на културата стар неколку века, со специфични остатоци од архитектонски и колорни украсувања. Друг пример е и стариот селски бунар среде селото, кој неодамна, група ентузијасти, подржани од свој сонародник од Австралија, го обновија изведувајќи определена реконструкција на оградниот ѕид, дрвената конструкција и покривот. Симболиката на чешмата и бунарот, како објекти за течноста која е основна за опстанок на животот, внесува свежина во депресивната и застојана атмосфера на овој крај, која е резултат на повеќедециниско занемарување и запоставување. Позитивно зрачат и неколкуте обновени куќи во селото, како и комплетно реконструираните градби, со традиционални белези и пријатен изглед.

Слична мисла за позитивно поттикнување на енергијата ни пробуди и една мала средба со еден жител на селото, Спасе Илиоски, кој останал во куќата на своето семејство, поткрепен од своите помлади потомци, особено од еден свој внук, со чија помош ја закрепуваат семејната куќа и ги враќаат спомените за своите претци, од времето на бујниот живот во селото. Ги обновуваат и урамуваат фотографиите, ги обновуваат и „урамуваат“ сеќавањата на дедовците, прадедовците, на бабите и прабабите, како и на своите поблиски претци и, на тој начин, упатуваат на потребата да не се забораваат оние, кои се најзаслужни за нашето постоење. Нека биде мала капка за незаборавот, за почитта и потребата од неа, зашто личностите и вредностите од минатото се она што го поседуваме, а иднината е она што треба да го градиме и да го исполниме со нови вредности. Тоа можеме да го направиме само со „материјалот“ кој го поседуваме.

До некое средно навраќање во ова, некогаш, големо село, кое крие многу познати и непознати содржини, безброј ликови, настани и приказни, ве оставаме на продлабочената мисла за животните вредности, кои треба да бидат дел од нашата иднина.
Еден од симболите на куќата од Чучук Митра во селото Пештани Антички споменик со натпис од црквата во селото Дуње Спасе Илиоски со фотографиите од своите претци Татко му на Спасе Мајка му на Спасе Татко му, мајка му и сестрите (во средината) на Спасе Мајка му на Спасе во вообичаена селска носија Мајка му на Спасе во празнична селска носија Мајка му на Спасе со свои врснички Дедо му на Спасе и мајка му со врснички Неколку фотографии од домот на Спасе Илиоски Неколку фотографии од домот на Спасе Илиоски 2 Куќата на Иловци