АктуелноАрхеологијаДревни траги

ЕКСКЛУЗИВЕН СЛУЧАЕН НАОД – СЛОН ИЗРАБОТЕН ВО РЕЛЈЕФ НА КЕРАМИКА ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „СТАРО СЕЛО“, ЧАНИШТЕ, МАРИОВО, ПРИЛЕПСКО

Еден случајно пронајден, редок, фрагмент од керамички предмет од локалитетот „Старо Село“ кај селото Чаниште во Мариово не поттикна на размислување и мала анализа. Се работи за дел од извесен предмет од керамика на кој среќаваме убаво оформена фигурка на слон во релјеф. Фрагментот има мал зачуван раб само на горната страна, додека од другите страни е со неправилно откршени рабови, кои укажуваат дека тој е дел од поголем предмет, можеби своевидна лентеста форма на која биле изработени поголем број слични релјефни форми во низа, а целиот предмет бил дел од извесен поголем предмет или објект и служел како украсен дел. Веројатно е дека украсните форми биле изработувани во соодветни калапи и биле користени за соодветна намена. Фактот што фрагментот е со прави, односно, хоризонтални и вертикални форми, речиси, е сигурно дека не бил дел од керамички сад, туку од извесен предмет со посена намена. Прашањето е што бара предмет со вакви украсни форми и симболика на локалитетот.

Фрагментот од керамика од локалитетот „Старо Село“

            Културните остатоци на локалитетот, „Старо Село“, во Археолошката карта на Република Македонија се карактеризирани како остатоци од средниот век,1 но неколку културни остатоци од него упатуваат и на постари периоди. Веќе пишувавме за една стела од камен со антропоморфна фигура врежана на една од нејзините страни, која упатува на традицијата на обележување на гробните места со потекло од праисторијата,која во ридско-планинските места продолжила се до првите векови на новата ера, односно, и во римскиот период. Освен тоа, дел од керамиката, која се среќава на локалитетот упатува на римскиот период, особено на доцната антика.2 Сето ова дава индиции дека населбата на локалитетот, „Старо Село“, имала многу подолг временски континуитет, најмалку од првите векови на Новата ера, па до средниот век кога, според преданието,3 селото Чаниште се преместило неколку стотици метри северно и било расположено на двете страни од Крушевичка Река.

Керамика од локалитетот „Старо Село“ 2

            Наодот на мал фрагмент со слон изработен во релјеф наметнува многу прашања и размислување. Кој и зошто би имал идеја да изработи или да донесе предмет со такво украсување во старата населба на споменатиот локалитет? За што служел таквиот украс и на какво место или објект стоел? Прашање е и тоа, дали украсувал поголем предмет или објект или служел за поинаква намена, од културен, религиски и култен карактер. Се разбира, прашањата е тешко да се одговорат, зашто имаме само случаен наод на фрагмент од таков предмет и немаме никакви конкретни сознанија за тоа каков однос и сфаќање имале жителите на оваа населба со конкретното животно, претставено на фрагментот, дали тоа значело нешто посебно за нив или се работи за случајно донесен предмет.

Фрагментот со слонче од „Старо Село“

            Фигурата ретставена на фрагментот од керамика е изработена во, речиси, совршени пропорции, со добро оформени екстремитети на животното. Добро се изразени деловите, како главата, ушите, сурлата, чифтот заби, кои излегуваат од неговата уста, наречени бивни, нозете и опашката, а целата негова форма остава впечатлив естетски изглед и, речиси, е импресивна. Тоа упатува на вештината на авторот, кој добро ја познавал анатомијата на слонот, и добро владеел со формите и ликовноста, односно, имал знаење и вештина за пропорциите, естетското обликување и ликовното изразување. Фигурата на слонот е претставена во форма на мирно движење, со спуштена сурла вертикално надолу, малку свиткана на крајниот дел, како и опашка спуштена надолу, крај телото.  За среќа, претставата е, речиси, целосно сочувана, со мали оштетувања на крајните делови на екстремитетите и едно поголемо оштетување на главата, вратот и дел од грбот. Се чини како авторот да сакал да пренесе идеална форма на слон, кој предизвикува пријатни чувства и смиреност кај набљудувачот.

Малата црква „Св. Петка“ во истоимениот манастир кај селото Чаниште

            Што се однесува до слонот како симбол, тој отсекогаш бил импресивен за луѓето, со неговата големина, со силата, со мудроста за опстанок во заедница и бил симбол на сила, стабилност, мудрост и сл. Особено во местата во кои живеел, како Африка и Индија. За нас е познато дека Македонците се соочиле со силата на ова исклучително животно во Индија, каде наишле на слонови, кои се употребувале во битките и, секако, таквата средба претставувала фасцинација со несразмерна енергија и продлабочени чувства. Дали релјефот од „Старо Село“ кај Чаниште има врска со тие времиња, односно, дали неговото присуство на ова место во Македонија е своевидна реминисценција на славните времиња на Македонската империја, тешко е да се каже. Сепак, присуството на предмет со таков симбол упатува на извесно почитување на слонот во Македонија како симбол на сила, стабилност, сигурност, мудрост, долговечност, среќа и благородност – особини, кои му се припишуваат на ова благородно животно.

Монета со претстава на Александар Македонски со Букефал во борба со слон
Монета со претстава на Александар Македонски со Букефал во борба со слон 2
Монета со претстава на Александар Македонски со Букефал во борба со слон 3
Керамика од локалитетот „Старо Село“

   

1 Археолошка карта на Република Македонија, МАНУ, Музеј на Македонија, Скопје 1994, 315. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизција II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 126, 127.

2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизција II – Мариово, 127. Тренчо Димитриоски, Интересен споменик со врежан антропоморен лик од локалитетот „Старо Село“ со манастирот „Св. Петка“ кај селото Чаниште, Прилепско (pelagon.mk/2020/03/09/)

3 Исто.