АктуелноСостојби

ПРИЛЕП ЈА БРИШЕ СВОЈАТА ИСТОРИЈА – ГИ „КОРНЕ“ СОПСТВЕНИТЕ КОРЕНИ (6)

ГРАДСКИТЕ БАЊИ ВО ПРИЛЕП И ПРИЛЕПСКО – Мала историја на прилепските бањи и нивното доуништување:

БАЊИ ОД РИМСКИОТ ПЕРИОД

            Прилеп и неговата поблиска околина располагал со остатоци од стари населби со градски карактер уште од подлабоката историја. Нивниот градски карактер, меѓу другото, го потврдуваат и наодите на стари бањи со помал или поголем ексклузивитет. Самото пронаоѓање на ваквите објекти не значи ништо ако не резултира со успех во нивното реконструирање и заштита, односно, зачувување за новите генерации, како показ на културното ниво на нашите претци. За жал, она што го гледаме до денес, како заштита на спомениците на културата на Прилеп, меѓу кои и старите бањи, може само да не разочара и загрижи.

            Уште во шеесеттите години на дваесеттиот век, археолозите откриле бања во рамките на голем имот кај денешната вештачка акумулација – Прилепско Езеро. Таа била дел од големиот и комплексен објект Вила Рустика, сопственост на некој богат прилепчанец од римскиот период, која била истражувана пред да се изгради браната за вештачкото езеро.1

Објектот Вила рустика од запад
Објектот Вила рустика кај Прилепското Езеро

            Една бања од римскиот период на локалитетот, „Ташачица“, кој е дел од стариот град Прилеп, била археолошки истражена и делумно реконструирана но, денес, е збришана од лицето на земјата,2 а институциите, колку што нѝ е познато, немаат направено, ниту увид со скромен извештај за уништувањето, па еве, и одовде ги повикуваме да си ја исполнат таа законска обврска и да преземат соодветни мерки во врска со тоа!

Бањата по извршеното истражување и конзервацијата
Уништената бања од „Ташачица“ по извршеното истражување и конзервацијата

            Уште една бања од античкиот период, односно, од римскиот период е откриена на локалитетот „Долиште“, меѓу селата, Прилепец и Волкосело и, првично, е датирана 3-4 век наша ера.3

ПРИЛЕПСКИТЕ БАЊИ ОД ТУРСКИОТ ПЕРИОД

  1. ГРАДСКА БАЊА – ЧИФТЕ АМАМ

            Една од градските бањи, сепак, се сочувала до денес во самиот центар на Прилеп, иако е сосема неугледна, со руиниран покрив обраснат со дрвја, треви и разни други растенија. Покривот се распаѓа и претставува опасност за околината, посебно од страната на булеварот, бидејќи движењето по неговиот тротоар е фреквентно, а на минувачите им се закануваат разместени и надвиснати камени плочи, цигли и ќерамиди по стреите на градбата. Освен тоа, овој споменик на култура „заштитен“ со закон, често е напаѓан од страна на разновидни „бизнис“ менаџери во обид да изградат уште некој објект за својот бизнис или да го зголемат својот капитал со изградба на објект за издавање под наем.

Обид за прилепување на градба до Чифте – амамот во Прилеп

            Според слабите информаци, кои можат да се сретнат за оваа бања, таа била во сопственост на некои од турските бегови, но во 1921 година старите сопственици им ја продале на тројца прилепчани, Илија и Крсте Арсоски и на Методија Ристески со прекар, Бањарот. Во периодот на социјализмот, бањата им била одземена на сопствениците и беше користена од градското комунално претпријатеие, но повторно им е вратена на приватните сопственици со Законот за денационализација по деведесеттите години на дваесеттиот век. Сега е, сосема, запоставена и, се чини, никој не се интересира за судбината на градбата. Околу неа, посебно, од страната на чаршијата е „забарикадирана“ со разни дуќани и ресторани, а една од нејзините куполи со разместените елементи од покривот, која ги надвишува дуќаните и кафулињата, не потсетува на негрижата и ништавилото. Единствено во пролетните месеци покривот на бањата доживува посебна „живост“ сообразувајќи се со околните планини, полни со зеленило, расцутени дрвја, треви и цветни растенија.  Тогаш бањата претставува посебна глетка, со покрив украсен со разни растенија, треви, цветни едногодишни растенија и раззеленети стебла од големи дрвја. Од друга страна, токму оваа природна бујност го забрзува разместувањето на елементите  од покривот, кои стануваат опасност за минувачите по тротоарот на булеварот. Ним им се закануваат тешки камени плочи и ќерамиди, кои опасно висат на стреите на градбата и секој момент можат да се најдат на тротоарот, кој е еден од најфреквентните во градот. Чија е одговорноста за евентулното рушење врз нечија глава нема да коментираме.

Чифте-амам од Прилеп – пред неколку години

            Оваа бања е позната како Чифте амам поради фактот што во неа имало дел во кој можеле да се бањаат мажи и посебен дел во кој се бањале жени, а во нејзиниот двор поседувала и шадрван, кој бил објект за освежување, но и украс во кругот на јавната бања. Оваа јавна бања, беше на услуга на граѓаните се до седумдесеттите години на дваесеттиот век, а подоцна му беше отстапена како помошен простор на јавното претпријатие, „Комуналец“.

Чифте-Амам со тараби од обид за градба

            Еве и еден цитат за Чифте-Амам од интернет-страницата на Завод и Музеј – Прилеп: „Турскиот амам е изграден во XIX век, но постојат извесни индиции дека делови од објектот се постари. Амамот претставува интересен пример на чифте амам, кој што до пред дваесеттина години функционираше со својата автентична функција. Објектот во моментов се наоѓа во многу лоша состојба. Со деталниот урбанистички план на централното градско јадро се предвидува турскиот амам да се пренамени во модерен галериски простор.4

Чифте-Амам со пролетни растителни „украсувања“
  1. УШТЕ ЕДНА СОЧУВАНА, НО ЗАПОСТАВЕНА БАЊА – АМАМ ОД ТУРСКИОТ ПЕРИОД ВО РАМКИТЕ НА ИМОТОТ НА ПОЗНАТОТО СЕМЕЈСТВО, ТЕМЕМЕЛЕВЦИ

            На малкумина во Прилеп им е познато дека во градот има сочувано уште еден објект од типот, амам – бања од турскиот период. Објектот е скриен во круг од голем број други градби од северната страна на зградата на старата општина, во близина на Јавното претпријатие, Комуналец – Прилеп. Оваа мала бања, со две помали куполи се наоѓа во рамките на имотот на познатото семејство, Темемелевци, на југоисточната периферија, зачувана е како објект, но во запоставена состојба, бидејќи никој, со децении, не направил никаква интервенција врз неа, освен посебен покрив, кој над целиот објект и кој е причина за нејзиното зачувување во ваква состојба. Покривот го направил еден од петтемина браќа, Темемелевци, Киро Темелкоски, сакајќи да ја заштити градбата од распаѓање. Од Музеј и Завод од Прилеп му било пренесено дека градбата е заштитена со закон и дека не смее да се вршат никакви интервенции врз неа, па затоа, Киро направил посебен покрив над целата градба, кој и денес ја заштитува од атмосферски влијанија.

Амамот кај Темемелевци од север

            Според она што нѝ го пренесе Иванка Темелкоска, сопруга на Киро Темелкоски, претходно, бањата била во рамките на имотот на некој богат Турчин – бег. Од него, целиот имот го купиле Темемелевци, заедно со бањата, стар бунар и стара чешма. Во делот од имотот, кој е на поголемо растојание од бањата, подоцна биле изградени нови градби, но на делот, кој е блиску до бањата, не смеело да се вршат поголеми градбени зафати, а врз градбата на бањата, воопшто, да не се интервенира, бидејќи е под заштита на Заводот и Музеј од Прилеп. За жал, освен решението за заштита, врз градбата не е преземен никаков конкретен чекор за заштита или реконструкција и, таа, некоку децении се наоѓа во запоставена положба.

Објект од стара чешма во дворот кај Темемелевци 2

            Според Иванка Темелкоска, бањата имала дел за мажи и дел за жени, во внатрешните простории, и денес, можело да се забележат делови од елементите од бањата, како огниште за загревање на водата, цевководи (ќунци) за движење на топлата вода и некои делови од системот на бањата изработени во мермер. Семејството Темелкоски, внатрешните простории ги користело како магацински простор или слична намена. Во постариот период, за влез во целиот имот на бегот, имало посебна порта, двор пред бањата и сл.

            Имотот од Турчинот го купил свекорот на Иванка кој, за тоа, морал да оди дури во Турција за да ја договори купопродажбата. Турчинот имал и некоја сестра, која била со посебен карактер (била многу „лоша“) и имала своевиден спор со семејството па, во тој контекст, се споменува и некое злато кое таа, наводно, го скрила во бањата. Свекорот на Иванка имал петмина синови и, имотот, бил поделен меѓу нив, а бањата останала во рамките на делот од имотот, кој му припаднал на Киро Темелкоски.

Објект од стара чешма во дворот кај Темемелевци

            Денес, бањата може да се посети со влегување на имотот на Темемелевци по уличката, која е обичен земен пат, од западната страна. Објектот се наоѓа под старата покривна конструкција, изградена од, денес покојниот, Киро Темелкоски, (Ние, долго време, сметавме дека таа е дело на градскиот Завод и Музеј), со две куполи во оштетена состојба, расположени по должина на градбата со правоаголна основа, со насока, приближно, исток – запад. Влезната врата во објектот е со рамка од камени блокови, со сводест горен дел.

            Во поново време, односно, пред десетина години, бањата неслужбено, односно, приватно ја посетило службено лице од Завод и Музеј – Прилеп (директор) и, притоа, на прашањето што се презема за заштита на овој објект, следел одговор дека, всушност, овој споменик на културата е во положба на „дете без мајка“. Дали некој денес, од споменатата институција, е одговорен за објектот и дали презема потребни активности, не ни е познато.

            Меѓу постарите граѓани на Прилеп, може да се добие информација и за остатоци од бањи од турскиот период и на други места од градот. Една таква бања имало и во кругот на тн. „Скршена џамија“ која се наоѓа на левиот кеј на Градската Река, западно од улицата „Димо Наредникот“. За „Скршена џамија“ се знае дека била една од најстарите џамии, кои биле изградни во Прилеп, по заземањето од страна на Турците. 

        

1 Костадин Кепески, Villa Rustica во Пештерица кај Прилеп, МАА бр. 2, 1976, 143. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп 2000, 165.

2 Тренчо Димитриоски, Уништена античка бања на локалитетот Ташачица, градба од стариот град Прилеп (https://www.pelagon.mk/2018/09/23/).

3 https://sitel.com.mk/arheolozite-otkrija-rimska-banja-vo-prilep.

4 (https://web.archive.org/web/20150227023631/http://www.muzejprilep.org.mk/zastitna-dejnost/oddelenie-za-arhitektura/74-islamska-arhitektura).