УБАВАТА ДОСТА ОД КОПАЧКОВО МААЛО И НЕЈЗИНИТЕ СМЕЛИ БРАЌА ОД СЕЛОТО ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО, ВО ВРЕМЕ НА ТУРСКОТО РОПСТВО

По кажувањето на постарите жители на Чаниште, во ова село свој чифлиг имал извесен бег, кој направил три бунари на имотот што го владеел во селото. Ова предание, сепак, тешко е да се потврди, зашто во селото не е познато дека постоела градба од типот турска кула, какви што граделе беговите, кои имале имот по селата. Од друга страна, сигурно е дека во селото Чаниште доаѓале Турци, бегови со придружба, војски (аскер), полиција, даночници и сл. Некои од нив правеле зулуми над мирните жители, грабале имот, измачувале жители од селото, грабале девојки и сл. Според предание, токму, од ова село била грабната и легендарната Калеш Анѓа од селото Старавина, кога била дојдена на гости во Чаниште со своето семејство за празникот „Св. Петка“ (Петковден).

Селото Чаниште со славниот врв Маргара

            За тоа дека биле измачувани и тепани жители на селото, посебно, се раскажува меѓу постарите жители, кои пренесуваа за големото малтретирање пред битката на врвот Маргара, од 2 октомври 1903 година. Тоагаш биле фатени и врзани некои од повидните селани, како кметот и други, биле обесувани за нозете, со главата надолу, на некое од дрвјата во центарот на селото и биле тепани со камшици од Турците за да кажат каде се комитите, кои поминале низ селото и биле нахранети и облечени од Чанивци, летото 1903 година. За да им биде болката посилна, а маките понеиздржливи, на раскрвавените рани по телата на тепаните, Турците им ставале сол и повторно ги камшикувале.

Градба од турскиот период во селото Крушевица – кула

            Според раскажувањето, селото често го посетувале бегови од соседното Крушевица каде, пак, свои чифлизи имале 7-8 турски големци, а местата на кои се наоѓале нивните кули, жителите на селото Крушевица, ги покажуваат и денес. Две од нив, на извесен начин, можат да се посетат и видат и сега. Крушевичките бегови, освен што го посетувале соседното село Чаниште, знаеле да им направат и по некој зулум на неговите жители. За еден таков зулум, кој завршил со среќен крај, ни раскажа Трајанка Делоска од селото Прилепец, која потекнува од селото Чаниште од семејството Пашовци, чија куќа се наоѓа во маалото познато како Копачково Маало.

Копачково Маало во с.Чаниште

            Според Трајанка Делоска, еден од беговите од селото Крушевица ја грабнал нејзината баба која, како девојка, својот живот го живеела во турскиот период. Таа се викала Доста и била многу убава. Тоа го забележал еден од беговите од соседното село Крушевица, дошол еден ден во Чаниште, кога Доста била сама и немало кој да ја заштити, ја грабнал со помош на неговите слуги и ја одвел во неговата кула во Крушевица. Таму ја затворил во една од одаите од неговата кула и решил да ја задржи во својот харем. Доста имала татко и деветмина браќа, кои дента на грабнувањето биле по некоја работа во околината на селото. Кога, вечерта, се прибрале дома нејзиниот татко и петтемина браќа, та кога не ја нашле Доста во куќата, се распрашале и разбрале што се случило со нивната сестра, односно, дека била грабната од еден од крушевичките бегови. Браќата на Доста биле смели луѓе и, без многу да се мислат, веднаш се упатиле во Крушевица кај кулата на бегот.

Кула од турскиот период изградена од плитар
Кула од турскиот период во селото Крушевица изградена од плитар

            Кога дошле до кулата, бегот не го нашле дома, а сите врати на кулата биле заклучени и не можеле да влезат и да ја ослободат сестра си. Биле силни мажи и, за да ја спасат својата сестра од одајата во која била заклучена, се договориле најсилниот да застане прв, потпрен до ѕидот на кулата, а другите браќа се качиле еден над друга над него и, така потпрени на ѕидот од кулата, стигнале до прозорецот на одајата во која се наоѓала Доста. Целата оваа ситуација, браќата ја предвиделе уште со тргнувањето од Чаниште, па со себе понесле и јаже (ортома) и, со него, ја симнале Доста преку прозорецот и ја вратиле назад во нивната куќа во Чаниште.

Копачково Маало во с.Чаниште 2

            По некој ден, бегот, кој бил надвор од селото, по некоја работа, се вратил во кулата и кога видел дека Доста избегала, се распрашал што се случило и од кого е девојката. Му кажале дека е таа ќерка на Копачка од Чаниште, силен домаќин во селото, со пет синови, зафатен со голем имот, имал стадо овци, кози, говеда, пчели и друг имот. Бегот знаел за него и не му било лагодно што фатил расправија со таков човек, рекол: „Штом девојката е од тој Копачка, нема да го правам зулум, а кога ќе одам во Чаниште, ќе го одам на гости кај него, ќе го пијам едно кафе и ќе каснам мед.“ Така, оваа приказна, со грабнувањето на Доста од Чаниште, среќно завршила.